Меѓународните институции прогнозираат рецесија, домашните депресија
Објавено на од во Економија
Меѓународните финансиски институции веќе почнаа да ги објавуваат своите најнови пролетни прогнози, па иако потврдија дека рецесијата ќе ни биде опсесија годинава, сепак, нивните проценки се посмирувачки отколку домашните и влеваат оптимизам. Светската банка го објави својот најнов извештај според кој доколку пандемијата се смири до јуни, економската активност во земјава годинава ќе се намали за -0,4% споредено со лани. Но, ако коронавирусот се шири цела година падот на БДП ќе достигне -2%. Домашните власти пак, излегоа со проценки кои се поблиску до економска депресија – намалување на приходите во буџетот од 20% до 40% што аналогно би значело дека падот на БДП би бил од -10,6% до -22,7%.

Stock Markets plunge from novel COVID-19 virus fear, world investment price fall down or collapse from outbreak of Coronavirus, stock market graph and chart equity price fall down from Virus pathogen impact

Рецесијата годинава е факт, а не само предвидување на песимистичките економисти кои веќе неколку недели откако се „замрзнаа“ општествата за да се запре ширењето на коронавирусот лицитираат со бројки кои многу брзо може да ве фрлат и во депресија. Меѓународните финансиски институции веќе почнаа да ги објавуваат своите најнови пролетни прогнози, па иако потврдија дека рецесијата ќе ни биде опсесија годинава, сепак, нивните проценки се посмирувачки и влеваат оптимизам.

Светската банка во пресрет на одржувањето на виртуелните Пролетни средби заедно со ММФ, го објави својот најнов извештај според кој економската активност во земјава годинава ќе се намали за -0,4% споредено со лани. Ова е прогноза според оптимистичното сценарио кое претпоставува дека пандемијата со коронавирусот ќе се смири до јуни. Но доколку трае цела година, тогаш Светска банка проценува дека падот на бруто домашниот производ (БДП) годинава ќе надмине -2%.

Сепак, без оглед кое било од овие две сценарија да се оствари, економистите на оваа меѓународна финансиска институција имаат значително поразлични гледишта отколку домашните власти.

Поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека економската криза предизвикана од панедмијата со коронавирусот може да ги скрати јавните приходи во буџетот за дури 60% од планираните 3,6 милијарди евра, што во апсолутен износ значи дека приходите од даноци, придонеси и царини би биле помали за околу 2,2 милијарди евра годинава. А за да се случи тоа, падот на БДП би требало да достигне дури -35%, што навистина делува катаклизмично.

Потоа и Министерството за финансии излезе со три сценарија за приходите во буџетот, според кои во зависност од времетраењето на пандемијата, тие би се намалиле за 20% во најдобар случај, потоа за 30% во некое понеповолно сценарио, па до 40% во најлошото сценарио.

Соодветно на ова, за да секнат јавните приходи колку што предвидува Министерството, бруто домашниот производ би требало да падне околу -10,6% во првото сценарио, -16,7% во второто, и дури -22,7% во третото и најпесимистичко сценарио.

Овие споредби покажуваат дека домашните власти се драстично поголеми скептици и песмисти за економијата отколку меѓународните финансиски институции.

„Краткорочната перспектива – слично на другите земји во регионот – е негативна поради кризата поврзана со КОВИД-19, која ќе предизвика рецесија во 2020 година. Пандемијата и мерките за ограничување на дрижењето ќе влијаат врз економијата како на страна на побарувачката така и на страната на понудата. Ако епидемијата и рестриктивните мерки на национално и глобално ниво продолжат и во вториот квартал, рецесијата ќе биде потешка и ќе ги елиминира подобрувањата на пазарот на трудот од последните години и ќе ја продлабочи фискалната ранливост“, пишува во најновиот пролетен економски извештај на Светската банка.

Споредено со земјите од регионот, прогнозата за македонската економија е најоптимистичка. Првото сценарио кое засега го зема предвид Светската банка, превдидува пад на економијата во Хрватска од дури -6,2%, Бугарија -3,7%, Босна и Херцеговина -1,9%, Косово -1,6%, Црна Гора -1,5%, Албанија -1,3%, Србија -0,5%.

-world-bankОд Светската банка анализираат дека економските и социјалните мерки за ублажување на влијанието од кризата ќе бидат приоритетни додека пандемијата не се стави под контрола, но во периодот на закрепнување по рецесијата ќе бидат потребни дополнителни фискални реформи, реформи во конкурентноста и во управувањето со јавните политики за одржливо забрзување на економскиот раст.

Од оваа меѓународна финансиска институција најавија и финансиска помош за земјата.

„Светската банка ја финализира програмата на активности за да и помогне на Северна Македонија да се справи и да го намали влијанието од кризата, што вклучува и нов брз проект како одговор на итните приоритети во здравствениот сектор, но и за заштита на приходите на домаќинствата, како и реструктуирање на веќе одобрени проекти за мобилизирање на средства за поддршка на малите и средни претпријатија. Се очекува овие програми да изнесуваат околу 140 милиони евра“, велат од оваа меѓународна финансиска институција.

Покрај тоа, од Светска банка сугерираат земјите во регионот да помогнат во одржувањето на економската активност преку поддршка на приватниот сектор со поволни деловни кредити, намалување на даноците или одложувања за плаќањето на некои даноци. Малите и средни претпријатија кои се погодени, би можеле да имаат значителна корист од таргетирани владини субвенции.

„За време на овој исклучително тежок период, од особено значење е креаторите на политики да постапуваат решително“, вели Сирил Мулер, потпретседател на Светска банка за регионот на Европа и Централна Азија. „Ова значи одлучни мерки за зајакнување на здравствените системи и системот на социјална заштита, поддршка на приватниот сектор и зачувување на финансиската стабилност и доверба – аспекти кои се клучни за животот на луѓето“.

Проекциите за економските последици од Ковид-19 се проследени со значителна неизвесност. Затоа, извештајот вклучува повеќе симулации за да се претстават различните сценарија во поглед на растот на економијата кои би можеле да се случат како резултат на пандемијата. Сценаријата сугерираат дека регионот на Западен Балкан ќе западне во рецесија во 2020 година, со пад на економската активност од -1,1% за потоа следната година да има раст од 4,4% и ова се оптимистичните прогнози според кои пандемијата ќе се смири до крајот на јуни. Другото сценарио кое предвидува коронавирусот да се шири цела година а со тоа и ограничувачките мерки да бидат на сила до крајот на 2020, вели дека падот на економијата во Западен Балкан би бил -3,8%, но во 2021 растот би достигнал 4,5%.

„Социјално дистанцирање и привременото затворање на бизнисите кои не се есенцијални како и на училиштата, се потребни мерки за да се спречи ширењето на пандемијата и да се спасат што повеќе животи”, вели Асли Демиргуч-Кунт, главен економист за регионот на Европа и Централна Азија при Светска банка. „Во исто време, треба да се спроведуваат и политики за да се минимизираат економските трошоци на овие мерки и да се создадат услови за побрзо закрепнување, а не негово пролонгирање, штом пандемијата ќе заврши“.

Мерките за поддршка, како што се директни трансфери на средства или субвенции за здравствена заштита, наменети за помош на ранливите граѓани и нивните семејствата, како и поволни деловен кредити и даночните олеснувања, ќе бидат клучни за ублажување на падот и зачувување на работните места, се вели во извештајот.

ММФ очекува најголема криза по Големата депресија

Глобалната пандемија на коронавирус предизвикува економска криза поголема од која било во минатиот век и ќе бара масовен одговор за да се обезбеди закрепнување, истакна шефицата на ММФ, Кристалина Георгиева.

Таа предупреди дека „глобалниот раст ќе се претвори во остро негативен во 2020 година“, при што 170 од 180 земји членки на Меѓународниот монетарен фонд се соочиле со пад на приходот по глава на жител.

„Всушност, ние ја очекуваме најтешката економска криза од Големата депресија“, рече Георгиева во говорот, во пресрет на идната недела на пролетните состаноци на ММФ и Светската банка, кои ќе се одржат виртуелно.

mmfДури и во најдобар случај, ММФ очекува само „делумно закрепнување“ следната година, под претпоставка дека вирусот ќе згаснува подоцна годинава, дозволувајќи му на нормалниот бизнис да продолжи да работи со укинување на мерките што се наметнати да го запрат неговото ширење.

Но, „може да се влоши и „има огромна неизвесност околу перспективата и времетраењето на пандемијата“, истакна Георгиева.

Земјите веќе презедоа чекори во вредност од 8 илјади милијарди долари, но Георгиева ги повика владите да направат повеќе за да обезбедат „животен век“ за бизнисите и домаќинствата „да избегнат лузни на економијата што ќе го отежнат закрепнувањето“.

Во вторник ММФ ќе го објави својот Светски економски изглед со нови понегативни прогнози за економиите на земјите за оваа и следната година. Во јануари, ММФ предвиде глобален раст од 3,3% оваа година и 3,4% во 2021 година. Но, тие прогнози беа објавени во еден поинаков свет.

„Последиците се силни и во развиените земји и во економиите во развој. Оваа криза не знае за граници. Сите страдаа “, рече Георгиева и истакна дека околу 100 милијарди долари инвестиции веќе се одлеале од пазарите во развој, што е три пати повеќе од капиталниот егзодус забележан во светската финансиска криза во 2008 година.

ММФ во вторник ќе ја објави својата прогноза и за нашата земја.

Задолжувањето станува предизвик

Откако стана јасно дека намалувањето на економската активност ќе ги секне приходите во државната каса, економските власти се фокусираа како да обезбедат пари за да ги надоместат загубените приливи.

Министерката за финансии, Нина Ангеловска, првично најави дека државата ќе позајми околу 600 милиони евра, и тоа 87 милиони евра од ММФ, 100 милиони евра од Светската банка и околу 400 милиони евра од комерцијални банки од странство.

Меѓутоа, оваа операција е голем предизвик бидејќи пазарите на капитал последните недели изреагираа бурно, побарувачката за пари нагло се зголеми, а во услови на зголемен ризик пораснаа и каматите.

Професорот Марјан Петрески, вели дека државата мора итно да ја обезбеди неопходната ликвидност од околу 500-700 милиони евра, но и тој изрази загриженост околу пристапот до капитал.

„Министерството за финансии излезе со план за задолжување и тој е коректен, но морам да го изразам својот песимизам дека од ден на ден, можноста за позајмување на приватните финансиски пазари станува се` поневозможна. Имено, приватните пазари замрзнаа. Оттука, моето стравување е дека потрагата по приватно финансирање надвор може да заврши неуспешно и да значи изгубено време, но да се надеваме дека нема да бидам во право. Затоа, мојата сугестија беше веднаш да се пристапи кон концесионалните кредитори и со нив веднаш да се отпочне со преговори за рамката за позајмување која ќе овозможи непречено снабдување на економијата со ликвидност. Да нагласам дека постоеше можност централната банка да ја олабави ликвидноста преку значајно намалување на базната каматна стапка, така овозможувајќи му на Министерството за финансии веднаш да се задолжи кај банкарскиот систем, но во моментов сметам дека и таа опција стана „тешка“, бидејќи и домашниот банкарски пазар ќе биде воздржан во однос на позајмување на државата“, смета Петрески.

Тоа се покажа и на последната аукција на државни хартии од вредност, на кој што после долг период, прв пат домашните финансиски институции не одговорија целосно на понудата од страна на Министерството за финансии. Односно, домашните финансиски институции купија купија 15 годишни државни обврзници во износ од 58% понизок од оној што сакаше да го прибере Министерството за финансии.

Но, добри вест стигнаа од концесиналните кредитори. Најпрво ММФ потврди дека не само што го одобрува бараниот заем, туку и го дуплира. Од Владата информираа дека ММФ ни одобри 175,2 милиони евра. Денеска и Светската банка најави дека работи на програма за земјава во вредност од 140 милиони евра.

Министерската Ангеловска, вели дека се преговара да се обезбедат и други извори на пари, околу 100 милиони евра од Европската Унија и од неколку банки.

„На дневна основа го следиме пазарот на капитал и се обидуваме да обезбедиме пари однадвор за финансирање на сите потреби од буџетот. Банките на последната аукција на државни хартии од вредност беа повоздржани но таа аукција се совпадна и со одлуката за одложување на ратите на кредитите па верувам дека оттука и таа воздржаност. Мислам дека е и дорбо дел од ликвидноста да остане кај банките за да може тие да ги пласираат парите како кредити и за фирмите и за граѓаните. Верувам дека ќе успееме да ги добиеме бараните износи и сакам да ги уверам граѓаните дека буџетот ќе има капацитет да ги финансира сите свои потреби“, истакна министерката Ангеловска.

Според последните проценки на Министерството, годинава ќе бидат потребни дополнителни 700 милиони до најмногу 1,3 милијарди евра во буџетот, во зависност од развојот на кризата.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×