Менаџерите одлучуваат кој ќе игра … од играчите што им ги избираат супер-агентите
Објавено на од во lifestyle

Предаторите во фудбалскиот бизнис

Супер-агентите што ги застапуваат најголемите фудбалски ѕвезди се на врвот на синџирот на исхрана во фудбалскиот бизнис. Тие „за појадок ги јадат“ не само менаџерите на најголемите клубови, туку и нивните сопственици и претседатели – во неодамна завршениот летен преоден рок најголема жртва беше сопственикот на Монако, рускиот милјардер Дмитриј Риболовлев, но забите на најмоќниот агент, Хорхе Мендес, ги почувствува и претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез

Неодамна завршениот летен фудбалски трансфер период, особено во Англија, каде што се потрошија рекордни суми, дефинитивно потврди дека сме длабоко навлезени во четвртата ера од „најважната споредна работа на светот“, во која владеат не фудбалерите, не менаџерите, не дури ниту сопствениците на клубовите, туку супер-агентите. Хроничарите на фудбалската игра сметаат дека може да се разликуваат четири ери во нејзиниот развој. Првата, најромантичната, кога фудбал се играло без пари, а од задоволство, траела додека бизнисот не го видел својот интерес во денес најпопуларниот светски спорт чии правила првпат се формулирани во Англија, во далечната 1863 година. Во втората ера која според хроничарите почнала пред Втората светска војна, а особено се засилила по нејзиното завршување, работите во свои раце ги земале клубовите. Добрата заработка на сопствениците на клубовите не се одразила многу на платите на фудбалерите.

Од денешна перспектива изгледа дека така било неопходно за да се постават темелите за создавањето на големите Реал Мадрид, Манчестер Јунајтед, Милан … Е, веќе во третата ера на фудбалот „на власт“ доаѓаат директните актери, чија пролеана пот на зелените терени дотогаш им се исплатела само на клубовите. Фудбалските ѕвезди почнаа да чинат толку што дури и фановите се прашуваа кому се исплати да им дава толку пари. Но, сопствениците на клубовите чии супер-ѕвезди стануваа поголеми брендови од целиот тим за кој играа, знаеја дека во одредени случаи само од продажба на дресовите со „ѕвездениот“ број ќе ја оправдаат својата инвестиција во играчи како Марадона, Роналдо, Меси …

Во четвртата, актуелна фудбалска ера, клубовите сѐ почесто се предмет на уцени и се ставени пред свршен чин кога е во прашање изборот на играчкиот кадар. Фудбалерите уште помалку одлучуваат за нивните професионални судбини. Главни се вистинските продавачи на „робата“, односно на фудбалерите (од спортските вести може да се добие погрешен впечаток дека одлучувачка улога при трансферите имаат клубовите), што ја купуваат милионите фудбалски потрошувачи во форма на сезонски билети, нови дресови секоја година, претплати на спортски канали … Станува збор за агентите на големите играчки и тренерски фудбалски ѕвезди, меѓу кои парадигмата на ерата на нивното владеење најдобро ја олицетворува супер-агентот Хорхе Мендес. Пред да навлеземе во претрес на неговиот лик и дело, со еден свеж пример веднаш ќе ставиме до знаење за што станува збор. Имено, лично од претседателот на „кралскиот клуб“, на големиот Реал Мадрид, Флорентино Перез, неодамна дојде ваква изјава: „Ако го донесев и Фалкао (во Реал, н.з.), тогаш Мендес без никакви проблеми можеше да ја преземе мојата функција во клубот“. Изјавата беше дадена во контекст на трансферот на врвниот колумбиски напаѓач, Радамел Фалкао (чии права ги штити токму Мендес), кој наместо во Манчестер Јунајтед можеше да заврши во Реал, што, според Перез, ќе значеше преопасно зголемување на влијанието на односниот агент во мадридскиот клуб. Зашто тој ги застапува и Кристијано Роналдо, и Хамес Родригес, и Фабио Коентрао, и Пепе – сите четворица играчи на Реал.

Главоболките во клубската управа што може да ги причини Мендес потекнуваат од неговиот интерес (како и на секој друг агент) играчите кои ги застапува да му прават нови пари, со нови трансфери. За да ја расипе атмосферата во клубската соблекувална, доволно е да успее (а тој очигледно успева) на своите штитеници да им го уфрли бацилот на сомнежот дека во тимот не им се даваат соодветните пари или статус. Оттука се и шпекулациите дека одлуката на Перез да го продаде одличниот Анхел ди Марија е резултат токму на намерата да го намали бројот на играчи кои заштитата на своите права му ја довериле на Мендес.

Трансфер-тангото и го помага, и го одмага третата страна

Тоа што освен клубовите и играчите во трансферите е вклучена и трета страна, најчесто инвестициска групација, е резултат на постојаниот раст на цените на професионалните договори. И најголемите клубови финансиски не можат да ги издржат своите незаситни апетити за засилувања – кој би рекол дека на Реал покрај Роналдо, Герет Бејл, Карим Бензема … и за најамбициозната трка по титули му беа неопходни и Хамес Родригез, и Тони Крос, и Хавиер Чикарито; или на Барселона Суарез, а веќе ги има Меси, Чави, Иниеста, Неимар …

Третата страна најчесто е надворешен инвеститор кој склучувајќи договори со клубовите плаќа одреден износ за да си обезбеди процент од економските права на играчите, односно за да може да смета на соодветен дел од парите од следниот реализиран трансфер. „Приказната за третите страни е меч со две острици. Со нивна помош клубовите можат да доведат играчи кои поинаку би им биле недостапни, но така судбината на некои фудбалери е оставена во рацете на агентите или на инвеститорите. Штом дојде добра понуда за ваков играч, без разлика дали клубот се сложува, тој ќе биде продаден“, пишува бразилски „Гол“. На темата проговори и претседателот на УЕФА, Мишел Платини:

„Сѐ повеќе играчи се во сопственост на некакви компании, кои, секако, се лоцирани во земји каде не се плаќа данок, и се под контрола на агенти, понекогаш и анонимни, кои само сакаат да извлечат пари од фудбалот“. Со Платини не се сложува претседателот на шпанската лига, Хавиер Тебас, кој смета дека инвестициските фондови се вид на алтернативно финансирање кое ја поттикнува конкурентноста на клубовите и ја намалува можноста некои од нив да пропаднат поради финансиски проблеми. Најдобра илустрација за функционирањето на третите страни можеби даде неодамнешниот трансфер на аргентинскиот дефанзивец, Маркос Рохо, од лисабонски Спортинг во Манчестер Јунајтед, со што повторно му се враќаме на Хорхе Мендес.

Спортинг имаше само 25% од правата на Рохо, а останатите 75% се на агенцијата Дојен Спортс, преку која оперира супер-агентот Мендес. На последниов, секако, во интерес му беше играчот да го пресели од „сиромашната“ португалска лига, во некој богат клуб. А на Рохо, кој на Светското првенство во Бразил му остави впечаток на холандскиот селектор, а сега менаџер на „црвените ѓаволи“, Луј ван Гал, не му требаше многу за сонот да заигра на Олд Трафорд толку да го обземе, што дури и одби да тренира во екипата на Спортинг. Лисабонскиот клуб немаше изгледни опции – Мендес во договорот на Рохо со Спортинг внел клаузула која го обврзува клубот, во случај да одбие понуда што ги задоволува барањата на Дојен Спортс, во рок од две недели на компанијата да ѝ ги исплати нејзините 75%. Инаку, и самиот Мендес е роден во ист град со Спортинг, во 1966 година, и до своите рани дваесетти години сонувал за блескава кариера како фудбалер, но немал талент. Иако, барем во однос на заработувачката, денес од фудбалот прави пари како најголемите светски фудбалери. До својата треиесетта година се обидел во бизнисот со изнајмување филмови, па станал ди-џеј и отворил ноќен клуб. Токму тука, а во 1996 година, го запознал првиот фудбалер чиј трансфер ќе го одработи – Нуњо Еспирито Санто, денешниот менаџер на Валенсија.

Мендес го уверил голманот Нуњо дека неговата класа е над нивото на Виторија Гимараис (клуб од Португалија), и му обезбедил преместување во посилната шпанска екипа, Депортиво ла Коруња. Јасно е како одела понатомошната кариера на Меднес во трансфер-бизнисот, штом во 2004 година му стана агент и на најпознатиот денешен фудбалски менаџер, Жозе Мурињо. Последниот, односно „специјалниот“, дури и го „откачи“ својот претходен агент (кој веќе му беше договорил трансфер во Ливерпул по освојувањето на Лигата на шампионите како менаџер на Порто) за Мендес да може да го доведе на Стенфорд Бриџ, каде што Роман Абрамович претходно дојде како сопственик, со намера (и со доволно пари да ја реализира) од Челзи да направи голем клуб. Мендес ја уживаше дури и довербата на легендарниот сер Алекс Фергусон кому успеа да му го продаде Бебе – трансфер промашувањето на Манчестер Јунајтед – фудбалерот за кој тогашниот менаџер (Фергусон) призна дека воопшто го немал гледано претходно, а го купил верувајќи му на Мендес на зборот. Како и да не му верува, кога тој претходно му ги продал Роналдо, Нани и Андерсон. Примери за тоа колку Мендес владее со својот занает можеме да набројуваме во недоглед, но последниот, со трансферите на двајцата најсилни донеодамнешни играчи на Монако – Радамел Фалкао и Хамес Родригес – и двајцата штитеници на Мендес, можеби зборува најмногу. Планот на супер-агентот со овие двајца денес супер-скапи фудбалери очигледно бил направен уште во фазата кога тие почнаа да блескаат во своите стари тимови – Атлетико Мадрид и Порто. Мендес знаел дека ако Колумбијците ги продаде во некој од европските гиганти, таму може да „заглават“ 4-5 години, што би го потрошило нивниот трансфер потенцијал. Затоа тој лани му ги продаде на Монако, односно на рускиот милјардер Дмитриј Риболовлев (кој сака(ше) да ја повтори успешната фудбалска приказна на Абрамович), извлекувајќи му 100 милиони евра.

Летниот трансфер рок покажа дека Мендес бил во право – Монако сепак е премал за да може да им каже „не“ на еден Манчестер Јунајтед и на еден Реал Мадрид. По неочекуваните трансфери на Фалкао и на Родригес се случи несаканата последица на ваквата бизнис-фудбалска филозофија – навивачите на францускиот клуб побараа од управата да им ги врати парите вложени во сезонски влезници.Инаку, во ова исклучително профитабилното лето за него, Мендес заработи дури 32 милиони евра, меѓу другото успевајќи да издејствува промена на средините и за Диего Коста (од Атлетико Мадрид во Челзи) и за Анхел ди Мариа, чиј рекорден трансфер за Премиер лигата од Реал Мадрид во Манчестер Јунајтед вреди 59,7 милиони фунти.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×