Место арбитража сè уште се претпочита судски начин за решавање на стопанските спорови
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА
И покрај тоа што арбитражата е еден од најдобрите и најбрзи начини за решавање на стопанските спорови во нашата држава компаниите сè уште недоволно ја користат како можност, бидејќи го претпочитаат судскиот начин за решавање, велат од Постојаниот суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија.
цоурт хаммерОттаму посочуваат дека оваа практика полека се менува во позитивна насока, а тоа го покажува и бројот на предмети заведени пред Арбитража, кој бележи тренд на пораст во последните години. Додаваат дека оваа институција има кадровски капацитет и техничка опременост да опслужи и до 10 отсто од вкупниот број трговски спорови.
Статистичките податоци од работењето на Арбитража покажуваат дека во земјата речиси еднакво се поведуваат арбитражни постапки со и без меѓународен елемент. Во изминатите две години 54 отсто од постапките поведени пред Постојаниот избран суд – Арбитража биле спорови со меѓународен елемент, додека, пак, 46 отсто биле внатрешни спорови.
Една од главните предности на арбитражната постапка е ефикасноста, бидејќи во просек трае од шест до девет месеци.
„Во последните години има тенденција на скратување на времетраењето на арбитражните постапки заведени пред Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија, при што ако во 2017 година просечното времетраење на арбитражните постапки изнесувало 208 дена, во 2018 година просечното времетраење на постапките изнесувало 186 дена или приближно шест месеци“, посочуваат оттаму.
Домашна фирма успеа да наплати побарување во вредност од речиси осум милиони евра од австриска компанија
Домашна фирма пред неколку години успеала да наплати побарување во вредност од речиси осум милиони евра од австриска компанија, по арбитражна постапка што се водела пред Постојаниот суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија и што заврши за помалку од девет месеци.
Специфичноста на случајот, како што велат од Арбитражниот суд, е што непосредно откако компанијата го намирила своето побарување, над австриската компанија била отворена стечајна постапка, при што најголем дел од останатите домашни компании што соработувале со австриската компанија и што воделе судски постапки за намирување на нивните побарувања (затоа што немале предвидено арбитража како начин на решавање на нивните спорови), поради отворањето на стечајната постапка, во најголем дел останале ненамирени.
„Примерот само ја покажува важноста на соодветното уредување на начинот на решавање на споровите и како арбитражата со својата ефикасност може да придонесе за унапредување на деловното опкружување“, истакнуваат од Арбитражниот суд.
Арбитражна одлука по своето правно дејство e изедначена со правосилна и извршна судска одлука
„Споровите заведени пред Арбитража завршуваат со одлука, која е обврзувачка за странките и во отсуство на доброволно исполнување на обврските може да се извршува по присилен пат, односно одлуката донесена во арбитражната постапка се изедначува со правосилна судска одлука и претставува основа за присилно извршување. Во арбитражната постапка нема можност за поднесување жалба како правен лек“, велат од Арбитражниот суд.
Ваквиот едностепен режим на арбитражата, како што посочуваат, се оправдува со фактот што Арбитражниот суд се конструира како резултат на волјата на странките кои самостојно ги именуваат арбитрите во спорот, поради што арбитражата ужива доверба.
Воедно арбитражното право предвидува поедноставен режим за признавање и извршување и на странските арбитражни одлуки во странство. Притоа, ова се однесува на државите договорнички на Конвенцијата за признавање и извршување на странските арбитражни одлуки (Њујоршка конвенција), при што станува збор за голем број (околу 150) држави договрнички.
Арбитражната постапка е значително поекономична од судската
Трошоците во арбитражната постапка се определуваат во согласност со Правилата за трошоците во постапката пред Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија во зависност од вредноста на предметот на спорот, составот на арбитражниот суд, бројот на странките во постапката, како и дали станува збор за спор со или без меѓународен елемент.
Арбитражата се разликува од редовната судска постапка по тоа што трошоците се плаќаат авансно однапред од страна на тужителот, при што висината на авансот на трошоците на постапката, врз основа на Правилата за трошоците во постапката, ја одредува претседателот на Арбитражата.
На чиј товар ќе бидат трошоците на арбитражата се одлучува во конечната одлука, при што ако странките не договориле поинаку, трошоците на постапката ќе биде должна да ги поднесе странката која го изгубила спорот, а во случај тужбеното барање да е делумно усвоено, трошоците ги плаќаат двете странки, сразмерно усвоениот, односно одбиениот дел од тужбата.
Ако се земат предвид едностепеноста и концентрацијата на арбитражната постапка, таа може да се покаже како значително поекономична од судската постапка.
Во светот арбитражата сè уште има неприкосновено место кај бизнис-заедницата како најпрефериран метод за решавање на деловните спорови
Светските трендови покажуваат дека Лондон, Париз, Женева, Сингапур и Хонг Конг се на врвот на листата на арбитражните центри, како и дека во следните години се очекува значително зголемување на користењето на арбитражата како метод за решавање на споровите и надвор од традиционалните трговски спорови, во области како енергетиката, градежништвото, информатичките технологии, банкарството и финансиите. Дополнително, трендовите покажуваат дека дигиталните технологии ќе добиваат сè поголемо значење во постапките за решавање на споровите.
Регионалните настани – меѓународни конференции, состаноци на Групата на арбитражни институции од Централна и Источна Европа, организиран од страна на ИЦЦ и други настани од областа на арбитражното право покажуваат дека регионот се соочува со слични состојби и арбитражни практики, при што во земјите континуирано се преземаат заложби за развој и достигнување на светските трендови од областа на арбитражата каде таа има неприкосновено место кај бизнис-заедницата како најпрефериран метод за решавање на деловните спорови.
Тоа го потврдуваат и податоците од арбитражното истражување спроведено од страна на Универзитетот „Квин Мери“ Лондон и Адвокатското друштво „Вајт енд Кејс“ минатата година помеѓу претставници на правните служби на компаниите, арбитри и адвокати.
Податоците од истражувањето несомнено покажуваат дека во однос на споровите со меѓународен елемент арбитражата е префериран метод за нивно решавање за речиси 97 отсто од субјектите. Што е уште поважно, 99 отсто од субјектите кои некогаш користеле арбитража за решавање на нивните спорови или биле вклучени на некој начин во арбитражна постапка, повторно би избрале арбитража за решавање на нивните спорови и би ја препорачале како поефикасен начин на решавање на споровите со меѓународен елемент.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×