„Во последните неколку години инвестиравме систематски, дури и во години на финансиската криза, а преку нашите најсовремени мрежи, технолошки решенија за малите и средни претпријатија, ИКТ-проектите и решенија што ги спроведуваме во јавниот и во приватниот сектор, го поттикнуваме дигиталниот раст и ја внесуваме дигитализацијата во Македонија. Со силен бизнис-план и издржана стратегија, градиме супериорно корисничко искуство според европски стандарди. Компанијата постигна извонредни резултати и нашата визија се остварува.“
Деновиве не може а да не ја приметите кампањата низ македонските медиуми за одбележување на пет години од претставување на А1 брендот во телекомуникацискиот бизнис во земјава – атрактивниот рекламен спот со поп-ѕвездата Каролина Гочева и останатите протагонисти наидува на извонреден прием кај јавноста, а нејзиниот подзаборавен хит „Сакај ме“ што А1 Македонија го оживеа повторно во кампањата руши рекорди во споделувања и преслушувања на социјалните мрежи и стриминг платформите за музика.
Со главниот извршен директор на А1 Македонија, Методија Мирчев, разговаравме за тоа каква е улогата и позиционирањето на компанијата на домашниот телеком пазар во моментов, како и за трансформацијата што ја бележи брендот изминативе пет години и неговиот придонес во дигитализацијата на македонската економија и општество.
Г. Мирчев, за почеток, ако го дефинираме македонскиот телекомуникациски пазар како високо конкурентен, како А1 Македонија се рангира во овие рамки?
Гледано од аспект на А1 Македонија, горд сум што ја носиме лидерската позиција во мобилната телефонија со повеќе од 930 илјади корисници, за што потврда се 48 % удел во вкупниот број активни претплатници регистрирани во четвртиот квартал на 2023 година. Во однос на количината на дата-сообраќај остварен преку мобилна мрежа, уделот на А1 е повторно најголем и изнесува 53 %. Заедно со корисниците на нашите фиксни услуги, големото А1 семејство надминува милион корисници што претставува потврда за довербата што ја уживаме кај корисниците во поглед на достапност и квалитет.
Гледано, пак, од аспект на интерното работење на компанијата и како членка на А1 Групацијата, која е присутна на седум пазари, финансиските резултати на нашата компанија се континуирано позитивни и успеавме нашата стратегија да ја реализираме онака како што ја поставивме.
Оттука, одговорноста што ја имаме кон корисниците, ја докажуваме со постојани инвестиции во најнови технологии и усовршување на мрежата, кои во минатите години надминаа 80 милиони евра. Инвестираме во најмодерната 5G мрежа и како резултат на ефикасната изградба, 99,5 % од населението веќе ужива во беспрекорен пренос, комуникација во реално време и моментален пристап до потребните содржини. Сега сме фокусирани на дополнителни инвестиции во нова оптичка инфраструктура што овозможува неспоредливо поголеми брзини и уште подобри и поквалитетни услови за корисниците. Во овој домен, се движиме во одличен правец и планираме да го задржиме и да го унапредиме темпото и во скоро време, според проекциите, да овозможиме пристап на супериорна оптичка мрежа до секое домаќинство во земјата.

Можете ли да ни дадете преглед на А1, на неговата улога, позиционирање и придонес во македонската телеком индустрија и на извонредната трансформација на брендот што е веќе 5 години присутен на македонскиот пазар?
A1 Македонија е еден од најголемите инвеститори во телекомуникациите во земјава. Во последните неколку години инвестиравме систематски, дури и во години на финансиската криза, а преку нашите најсовремени мрежи, технолошки решенија за малите и средни претпријатија, ИКТ-проектите и решенија што ги спроведуваме во јавниот и во приватниот сектор, го поттикнуваме дигиталниот раст и ја внесуваме дигитализацијата во Македонија.
Тоа и беше нашата заложба и визија што си ја зададовме пред 5 години кога и го претставивме новиот А1 бренд. Можам слободно да кажам дека изминатите неколку години не беа ништо помалку од извонредни. Со силен бизнис-план и издржана стратегија, градиме супериорно корисничко искуство според европски стандарди. Компанијата постигна извонредни резултати и нашата визија се остварува.
Во овој период во кој дигитализацијата длабоко навлезе во секојдневниот живот, константно, покрај вложувањата во нови технологии, интензивно го збогатуваме нашето конвергентно портфолио, кое е совршен спој на мобилни, фиксни услуги и многу ТВ-содржини. Минатата година го одбележа стратегиското партнерство со Нетфликс (Netflix), преку кое станавме првата телекомуникациска компанија на домашниот пазар што ја понуди оваа водечка стриминг-услуга за нашите корисници. Постојано додаваме уште повеќе вредност и преземавме пионерски чекор и во нашето портфолио вклучивме осигурителни услуги што стануваат неопходни за модерно секојдневие за нашите корисници и ја дополнивме понудата со можност за набавка на дополнителни уреди по најповолни услови и тоа да го направат кога и да посакаат во времетраењето на нивниот договор.
Како провајдер и на ИКТ-решенија, помагаме на јавниот, на приватниот сектор и на сите корисници успешно да се движат кон новата дигитална ера преку приспособени технолошки решенија. Успешно имплементиравме смарт-сити решенија во неколку општини, ја надградивме апликацијата Мојот А1, воведовме А1 Live Shop и го усовршуваме виртуелниот асистент заснован на вештачка интелигенција.
Пасионирано и активно работиме и на креирање и збогатување на продуктното портфолио за деловните корисници, кое не само што нуди непречена комуникација, туку и ги пресретнува потребите на новото време и овозможува многубројни дигитални алатки и решенија, особено кога станува збор за сајбербезбедност.
Се позиционирате како провајдер на ИКТ-услуги што овозможуваат безбедност во сајберпросторот, а со големата конференција SecuriThink го привлековте вниманието на деловната заедница. Зошто ставате акцент токму на оваа област?
Давањето приоритет на сајбербезбедноста е од суштинско значење за компаниите да ги заштитат чувствителните податоци, да обезбедат континуитет на бизнисот, да ја задржат својата репутација, да се усогласат со законските и со регулаторните барања, да ги минимизираат финансиските загуби и да стекнат конкурентска предност. Со тоа што ќе останат свесни и ќе инвестираат во мерките за сајбербезбедност, бизнисите можат да ги заштитат своите средства и да градат доверба со клиентите и со засегнатите страни. Контактите со компаниите на дневна основа ни дозволуваат непосредно да бидеме информирани за нивните потреби, од аспект на дигитални алатки, што нè доведе до заклучокот дека независно од големината на компаниите, сите се ранливи во сајберпросторот, а тие немаа доволно информации за „невидливите“ закани.
Нашата процена е дека многу компании сè уште не се свесни, а уште помалку подготвени за сајбернапади. Ако страдаат од тежок сајбернапад, тешко дека ќе можат да се справат со делумно или со целосно прекинување на ИТ-системите, како што никој не мислеше дека тоа некогаш може да се случи.
Нашата цел е да предочиме дека најголемата закана е да се биде неподготвен. Оттука и следуваше логичниот чекор, да работиме на подигнување на свесноста на оваа тема и, следствено на тоа, потребата од заштита како превенција за да се чувствуваат безбедно посветувајќи се на развој на своите бизниси. Постојано ја збогатуваме понудата со нови дополнителни елементи, пред сè во делот на дигитални услуги, апликации и ИТ-безбедност, и за тоа, покрај високо стручниот локален тим, знаењето и ресурсите ги црпиме и од нашата матична А1 Групација и A1 Digital каде што се развиени и имплементирани голем број продукти.
Навистина сум задоволен од високата свесност со која е прифатена оваа тема, размислувањата и акцијата што компаниите ја преземаат за заштита. Тие сакаат да бидат во тек со најновите технологии и да имплементираат најнови ИКТ-продукти. Тоа е нашата задача. Да им го овозможиме ова на корисниците и да им дадеме уште повеќе вредност и, пред сè, сигурност во дигиталните алатки што ги обезбедуваме за нив.

Кампањата по повод 5 години А1 веќе е активна. Локални протагонисти и македонска поп-ѕвезда се впечатливи, со што отскокнува од комерцијалните видеа во минатиот период. Дали ова е новиот правец на А1 и која е придобивката за корисниците од најновата понуда?
Низ кампањата под мото „Животот е прекрасен“ внесуваме свежина, позитивен дух и сакаме да ја пренесеме пораката за заедничко креирање нови дигитални светови, кои се неопходни за секој член на семејството, за секој деловен ентитет независно од неговата големина.
Сите ние живееме многу брзо и затоа сакаме да потсетиме дека животот е прекрасен со луѓето што се околу нас и со сè она што нè опкружува, а ние сме тука токму за тоа – да им овозможиме на сите наши корисници да ги споделат и да ги слават своите најважни моменти. Затоа велиме, ајде сите заедно да ги поместиме границите и да направиме живот прекрасен за сите.
Спотот што е домашна продукција, снимен на препознатливи локации и со локални протагонисти, предизвика навистина енормно позитивни реакции кај публиката, што нè прави многу среќни, но и не сме изненадени имајќи го предвид префинетиот вкус на македонската публика. Дополнителна вредност додава нашата поп-дива Каролина Гочева, со која го оживеавме подзаборавениот и мегапопуларен музички хит „Сакај ме“. Дека песната е повторно омилена кај публиката, говорат големиот број споделувања и преслушувања на платформите Spotify, YouTube, Deezer, Apple music и тоа нè прави исклучително задоволни.
Годинава заокруживме 5 години од моментот на претставување на А1 брендот пред македонската јавност и, како и секогаш, прославуваме заедно со корисниците. Се потрудивме да обезбедиме навистина атрактивен бенефит за нив и од интересот што го покажуваат навистина сме успеале и сме ги задоволиле нивните очекувања и комуникациски желби.
Какви напори прави А1 Македонија да воведе повеќе зелена технологија и циркуларна економија во своето работење?
Одржливоста е клучен приоритет за нас и таа е цврсто интегрирана во деловната стратегија и во работењето на Групацијата заедно со критериумите за ESG. Ние работиме одговорно низ нашиот синџир на вредности, со цел да застанеме како пример за целата заедница. Што и да правиме, или планираме да направиме, гледаме низ призмата на одржливиот развој, од нашите инвестиции во мрежите на новата генерација и нашите услуги, до ИКТ-проектите што ги спроведуваме, партнерите што ги избираме и развојот на нашите луѓе.
Тргнувајќи од овие заложби, 50 % од снабдувањето со електрична енергија го обезбедуваме од обновливи извори на енергија, напојувањето на базните станици континуирано го приспособуваме на алтернативни извори на енергија, а преку познатата A1 Green Call, платформа за рециклирање стари мобилни уреди, ги охрабруваме корисниците да ги рециклираат старите мобилни уреди, сè со цел да бидат рециклирани или уништени на најбезбеден еколошки начин.
Активно работиме на едукација и преку проектот „Кликај безбедно, интернетот не е само игра“. Нашите волонтери во минатите години одржаа обуки на повеќе од 4.500 четвртоодделенци за безбедно користење интернет, а додека преку специјално креираната А1 Academy вложуваме во младите од 18 до 25-годишна возраст за стекнување дигитални вештини што веќе стануваат предуслов за градење успешна професионална иднина.
Особено важно за нас е и создавањето работна средина во која се почитуваат различностите и во таа насока ја стимулираме родовата еднаквост на работното место, за што говорат и 52 % жени во компанијата и 48 % жени на раководните позиции.
Во делот одговорно корпоративно управување, огромен напор вложуваме во развој на одржливо партнерство со нашите добавувачи во „синџирот на вредности“, односно да се осигуриме дека начинот на кој нашите производи се изработени и испорачани, се одвива на декарбонизиран, етички начин.
Продолжуваме интензивно да работиме во овој дел со цел да направиме позитивен и одржлив импакт на заедницата во целост.
Кога ќе погледнете низ сите овие успеси и позиционирање на брендот на пазарот, која е вашата движечка сила или мото за иднината?
Движечка сила се нашите корисници и нивната желба за модерна и напредна технологија, нашата визија за креирање нови дигитални светови, поддршката од сите наши соработници и секако од нашата мајка компанија, А1 Групација.
Лично, сметам дека сум привилегиран што имам можност да го водам големото А1 семејство и да ја имам континуираната поддршка и доверба од колегите и од над милион корисници на македонскиот пазар.



















