Во интервју за „Капитал“, главниот извршен директор на A1 Македонија, Методија Мирчев, зборува за вредноста на брендот, резултатите и лекциите од изминатите седум години, за очекувањата на новата генерација корисници, за местото на човекот во светот на вештачката интелигенција и за A1 што сака да го изгради во следната фаза.
Капитал: A1 одбележува седум години од воведувањето на брендот на македонскиот пазар. Ако треба овој период да го претставите преку најважните резултати, каде се наоѓа компанијата денес?
Методија Мирчев: Седум години A1 во Македонија се седум години на континуиран раст, храбри деловни одлуки, значајни инвестиции и постојана трансформација. За релативно краток период изградивме силен, модерен и препознатлив бренд, кој денес има значајно место на македонскиот телекомуникациски пазар и, уште поважно, ја има довербата на повеќе од 1 милиони корисници.
Денес А1 Македонија е една од водечките телекомуникациски компании во земјата, со стабилни деловни резултати и јасна долгорочна стратегија. Во 2025 година остваривме приходи од 178 милиони евра, што претставува раст од 8,8 проценти, како и EBITDA од 62 милиони евра. Овие резултати ја потврдуваат силата на нашиот деловен модел и способноста да растеме во динамична и конкурентна индустријa.
Во изминатите седум години значително инвестиравме во развојот и модернизацијата на мобилната и фиксната мрежа, во оптичката инфраструктура, 5G-технологијата, дигитализацијата и унапредувањето на корисничкото искуство. Истовремено, го проширивме портфолиото и од класичен телекомуникациски оператор прераснавме во компанија што поврзува услуги, содржини, уреди, заштита и дигитални решенија во едно целосно искуство.
Но, вредноста на брендот A1 не ја мериме само преку финансиските резултати, бројот на корисници или големината на инфраструктурата. Таа се гради преку довербата што ја заслужуваме секој ден, преку квалитетот што го испорачуваме и преку начинот на кој се однесуваме кон корисниците, вработените, партнерите и заедницата.
Особено сум горд што A1 денес е многу повеќе од препознатлив телекомуникациски бренд. Тој е присутен во секојдневието на луѓето, во нивните домови, во начинот на кој работат, се информираат, создаваат, се забавуваат и комуницираат.
Затоа, кога зборуваме за седум години A1, не зборуваме само за промена на визуелниот идентитет. Зборуваме за градење на компанија и бренд со јасен карактер, силни вредности и амбиција да создава реална вредност за македонската економија и општество.

Капитал: Велите дека вредноста на A1 не се мери само преку финансиските резултати. Што претставува вистинската вредност на еден бренд во телекомуникациска индустрија во која понудите и технологиите брзо се менуваат?
Методија Мирчев: Производите можат да се променат, технологијата може да се надгради, а понудите можат релативно брзо да бидат следени од конкуренцијата. Она што не се создава преку ноќ е довербата. Таа се гради со години, преку илјадници одлуки, и преку секое поединечно искуство што корисникот го има со компанијата.
Во телекомуникациската индустрија вредноста на брендот има најмалку три димензии.
Првата е функционална која значи квалитетна и стабилна мрежа, сигурна услуга и понуда што одговара на реалните потреби.
Втората е искуствена, односно, колку е едноставно да станете корисник, да управувате со услугите, да добиете информација или да решите одредено барање.
Третата, можеби и најважна, е емоционална и таа е одговор на прашњето дали верувате дека компанијата ќе биде присутна, одговорна и достапна кога навистина ќе ви биде потребна.
Вистинската вредност на брендот се гледа во тоа што луѓето очекуваат од него и како се чувствуваат кога го избираат. Дали веруваат дека услугата ќе биде стабилна? Дали знаат дека компанијата ќе ја преземе одговорноста ако се појави проблем? Дали препознаваат дека зад понудата стојат систем, знаење, инфраструктура и тим што секојдневно работи за нив?
A1 денес обезбедува услуги за повеќе од милион корисници. Тоа значи дека значителен дел од населението секојдневно ни доверува нешто што е многу повеќе од телефонски повик или интернет-конекција. Преку нашата мрежа луѓето комуницираат со своите семејства, работат, учат, плаќаат, управуваат со компании, пристапуваат до информации и гледаат содржини. За деловните корисници, нашата инфраструктура е дел од основата врз која функционираат нивните процеси, комуникацијата со клиентите и секојдневното работење.
Тоа ја прави телекомуникациската услуга специфична. Кога функционира беспрекорно, корисникот речиси и не размислува за комплексноста што стои зад неа. Но, кога ќе се појави проблем, веднаш станува јасно колку важна улога има поврзаноста во современиот живот. Токму во тие моменти најсилно се тестира вредноста на брендот – не само преку технологијата, туку и преку брзината на реакцијата, квалитетот на поддршката и подготвеноста на компанијата да ја преземе одговорноста.
Од деловна перспектива, довербата има и конкретна економска вредност. Таа влијае врз изборот на корисниците, нивната лојалност, подготвеноста да користат нови услуги и веројатноста да го препорачаат брендот. На пазар на кој разликите меѓу понудите понекогаш можат да изгледаат мали, токму довербата и целокупното искуство стануваат најсилната и најодржлива конкурентска предност.
Силата на брендот не се состои во тоа постојано да зборува за себе, туку доследно да го исполнува ветувањето што им го дава на луѓето. Не е доволно еднаш да понудите одлично искуство. Корисникот очекува истиот квалитет секогаш, преку секој канал и во секој контакт со компанијата. Во таа конзистентност се создава вистинската вредност.
За нас, A1 е поврзаност со човечка вредност. Технологијата е основата, но довербата, едноставноста и релевантноста се она што ја претвора во бренд. Затоа нашата амбиција не е само A1 да биде препознаен како силна телекомуникациска компанија, туку како бренд што има позитивна и значајна улога во животот на луѓето.
По седум години, токму тоа го сметам за еден од нашите најголеми успеси, A1 не е само име што корисниците го препознаваат, туку бренд од кој очекуваат квалитет, сигурност, иновација и одговорност. А тие очекувања се најдобрата потврда за вредност.
Капитал: Ако погледнете наназад, која одлука или промена најмногу го обликуваше A1 каков што го познаваме денес?
Методија Мирчев: Најважната промена беше одлуката да не се дефинираме само преку услугите што ги продаваме, туку преку искуството што го создаваме. Од компанија што обезбедува мобилна телефонија, интернет и телевизија, почнавме да се развиваме во бренд што треба да го разбере целокупното дигитално секојдневие на корисникот.
Тоа можеби звучи едноставно, но подразбира суштинска трансформација на целата организација. Не е доволно да имате квалитетна мрежа или конкурентна понуда. Треба да ги поврзете технологијата, процесите, продажните канали, корисничката поддршка, комуникацијата и луѓето околу една иста цел. Секој од овие елементи може одделно да функционира добро, но корисникот ја оценува компанијата преку нивниот вкупен ефект.
Да земеме еден едноставен пример од секојдневието. Едно семејство не размислува за мобилната телефонија, домашниот интернет, телевизијата, стриминг-платформите и дигиталната заштита како за пет одделни индустрии. За нив тоа е едно искуство. Родителите работат од дома, детето следи онлајн содржина или учи, некој друг гледа филм, а сите истовремено ги користат мобилните уреди. Нив не ги интересира колку системи, сектори и технологии стојат зад сето тоа. Очекуваат сè да функционира стабилно, едноставно и без прекин.
Доколку интернетот е брз, но активирањето на услугата е комплицирано, искуството не е добро. Ако понудата е одлична, но сметката не е доволно разбирлива, корисникот нема да биде задоволен. Ако мобилната апликација е едноставна, но корисникот мора повторно да го објаснува истото барање кога ќе се обрати во контакт-центарот или во продажно место, за него процесот не функционира како целина.
Корисникот не ја гледа компанијата преку нејзината организациска структура. Тој не знае, а и не треба да знае, кој сектор е одговорен за мрежата, кој за наплатата, кој за продажбата и кој за поддршката. Тој гледа само еден бренд – A1. Ако кој било дел од искуството не функционира, тогаш за него не функционира A1.
Токму затоа почнавме многу повеќе да ги гледаме процесите од перспектива на корисникот. Не се прашуваме само дали одредена задача е завршена во рамките на еден сектор, туку дали целиот пат на корисникот е едноставен, логичен и ефикасен. Колку чекори му се потребни за да активира услуга? Колку време му е потребно за да добие одговор? Дали може самостојно да заврши одредена активност преку „Мојот A1“? Дали информацијата што ја добива е јасна и навремена?
Во изминатите седум години вложивме многу во дигитализацијата и поедноставувањето на овие процеси. Ја развивавме апликацијата „Мојот A1“, ги поврзувавме каналите, автоматизиравме дел од рутинските активности и создававме услови корисниците полесно да управуваат со своите услуги. Но, технологијата е само еден дел од промената.
Подеднакво важна беше трансформацијата на организациската култура. Сакавме да изградиме компанија во која вработениот нема да се фокусира само на сопствената задача, туку ќе го разбира влијанието што таа задача го има врз крајното искуство. Понекогаш една навидум мала одлука во технички, финансиски или административен процес може значително да му го олесни или да му го отежни животот на корисникот.
Затоа постојано ја нагласуваме личната одговорност. Корисникот не треба да се движи низ организацијата во потрага по решение. Организацијата треба да се организира околу неговата потреба. Тоа е суштинската промена што ја правиме и не можеме да кажеме дека сме ја завршиле бидејќи се работи за жив и енормно сложен процес.
Истата логика ја применуваме и кај деловните корисници. Една компанија не бара само интернет-линија, cloud-услуга или решение за сајбер-безбедност. Таа сака непречено да работи, да ги заштити податоците, да биде достапна за своите клиенти и да има сигурен партнер доколку се појави проблем. Нашата задача е различните технологии да ги поврземе во решение што одговара на конкретниот деловен предизвик.
Токму тоа е еден од најзначајните резултати од изминатите седум години: создадовме организација што не се гледа себеси само преку производите што ги нуди, туку преку вредноста што ја создава за корисникот. Организација што знае каде оди, зошто го прави тоа и што треба да почувствува корисникот на крајот од секој процес.
За мене, тоа е најголемата трансформација на A1. Не само промената на технологијата, понудата или каналите, туку промената на перспективата, од тоа што сакаме да продадеме кон тоа што навистина му е потребно на човекот од другата страна.

Капитал: Што бара денешниот корисник од A1, а не го бараше пред седум години?
Методија Мирчев: Пред седум години брзината, покриеноста и цената во голема мера ја определуваа одлуката на корисникот. Денес тие повеќе не се предност сами по себе, туку основа што се подразбира. Корисникот очекува мрежата да биде квалитетна, интернетот да биде брз и услугата да функционира стабилно, секогаш и насекаде.
Разликата денес се создава на едно повисоко ниво – во целокупното искуство. Современиот корисник не нè споредува само со другите телекомуникациски компании. Тој го споредува своето искуство со A1 со најдобрите дигитални искуства што ги добива од глобалните платформи, апликации, банки или онлајн-продавници. Ако на една платформа може со неколку клика да активира услуга, да направи промена или веднаш да добие информација, истото го очекува и од својот телекомуникациски оператор.
Денешниот корисник бара едноставност, брзина, транспарентност и избор. Сака самостојно да управува со услугите, да не чека непотребно, да добие навремена и разбирлива информација и да има понуда што одговара на неговите реални потреби. Не сака да поминува низ сложени процедури, да пополнува повеќе формулари или неколкупати да го објаснува истото барање.
Тоа може да се види во наједноставните ситуации од секојдневието. Ако корисникот патува, очекува лесно да го провери и активира соодветниот роаминг-пакет. Ако му е потребен дополнителен интернет, сака да го активира веднаш. Ако сака да ја провери сметката, да ја промени услугата или да добие поддршка, очекува тоа да го направи тогаш кога нему му одговара, без да зависи од работното време на продажното место или контакт-центарот.
Затоа ја развиваме апликацијата „Мојот A1“ како место преку кое корисникот има преглед, контрола и можност самостојно да управува со услугите. Но, дигитализацијата не значи дека човечкиот контакт станува помалку важен. Напротив, кога корисникот има посложено барање или проблем, очекува да разговара со човек кој ја разбира ситуацијата, има пристап до потребните информации и може ефикасно да понуди решение.
Суштината е во правилната рамнотежа. Едноставните активности треба да бидат достапни веднаш и дигитално, а човечката поддршка треба да биде насочена кон ситуациите во кои навистина носи дополнителна вредност.
Значително се промени и начинот на кој луѓето ги користат телекомуникациските услуги. Пред седум години мобилната телефонија, домашниот интернет и телевизијата почесто се набљудуваа како одделни категории. Денес корисникот не ги дели на тој начин. За него сето тоа е дел од едно поврзано секојдневие.
Во едно семејство, на пример, еден член може да работи од дома и да има потреба од стабилна видеоконференциска врска, друг да следи настава или едукативна содржина, трет да гледа филм преку стриминг-платформа, додека сите истовремено ги користат мобилните уреди. Семејството не сака да управува со повеќе неповрзани услуги, различни обврски и сложени правила. Очекува едноставно решение, јасна сметка и можност услугите да ги приспособува според сопствените потреби.
Токму затоа нашето портфолио се развива од понуда на одделни телекомуникациски услуги кон интегрирано искуство. Преку A1 Combo ги поврзуваме мобилните и фиксните услуги, оптичкиот интернет, телевизијата, премиум стриминг-платформите, уредите и дигиталната безбедност. Целта не е корисникот само да добие повеќе услуги, туку да добие поголема практична вредност, подобра контрола и помалку грижи.
Уште една значајна промена е очекувањето за персонализација. Денешниот корисник не сака да биде само број во голем систем и да добива универзална понуда што можеби не одговара на неговите навики. Очекува компанијата да ги разбере неговите потреби и да му понуди релевантен избор, без непотребни услуги и без дополнителна комплексност.
Но, персонализацијата мора да биде одговорна. Таа треба да му помага на корисникот, а не да создава чувство дека неговите податоци се користат без јасна цел. Затоа довербата, приватноста и заштитата на податоците стануваат подеднакво важни како брзината и квалитетот на мрежата.
Пред седум години дигиталната безбедност за голем број корисници беше дополнителна тема. Денес таа е дел од основното очекување. Луѓето преку своите уреди пристапуваат до банкарски сметки, деловни документи, фотографии и лични податоци. Родителите размислуваат за безбедноста на децата на интернет, а компаниите за заштитата на своите системи и податоци. Корисникот очекува неговиот оператор да не обезбедува само пристап до дигиталниот свет, туку и да му помогне тој свет да го користи побезбедно.
Се промени и односот кон времето. Денес времето е една од најважните вредности за корисникот. Понекогаш подобро искуство не значи нова функција или дополнителна услуга, туку пет чекори помалку, појасна информација или решение добиено при првиот контакт. Тоа се мали подобрувања од перспектива на системот, но голема вредност од перспектива на човекот.
Затоа вистинскиот предизвик не е само да понудиме повеќе. Повеќе гигабајти, содржини или функционалности немаат вредност ако понудата е комплицирана и корисникот не може лесно да го избере она што му е потребно.
Нашата задача е комплексноста да остане во A1, а едноставноста да биде кај корисникот. Тој треба да ја почувствува технологијата преку стабилност, слобода на избор, заштедено време и сигурност, а не преку процесите и системите што стојат зад неа.
Тоа е најголемата промена во очекувањата во изминатите седум години. Корисникот повеќе не бара само добра телекомуникациска услуга. Тој бара компанија што го разбира неговото секојдневие, го почитува неговото време и му овозможува технологијата да ја користи едноставно, безбедно и според сопствените потреби.
Капитал: Во време кога речиси сè се споредува преку цена, A1 ја отвора темата за вредностите. Зошто сметате дека токму сега е вистинскиот момент за ваква порака?
Методија Мирчев: Затоа што живееме во свет со повеќе технологија, повеќе информации и повеќе можности од кога било, но тоа автоматски не значи дека имаме и повеќе вредност.
Постојано сме поврзани, но не секогаш сме вистински блиски. Имаме неограничен пристап до информации, но информацијата не е исто што и знаењето. Можеме да споделуваме сè, но и понатаму е важно што создаваме и какво влијание оставаме.
Токму затоа во центарот на нашата најнова кампања ги поставивме вредностите: поврзаноста, знаењето, искуствата, создавањето и довербата. Тоа се човечки вредности што технологијата може да ги зајакне, но не може да ги замени.
Со оваа кампања не сакаме само да кажеме што нуди A1. Сакаме да зборуваме за тоа што луѓето можат да направат со она што го нудиме.
Вредноста на интернетот не е само во брзината, туку во знаењето што го прави достапно. Вредноста на мрежата не е само во сигналот, туку во луѓето што ги поврзува. Вредноста на технологијата не е во нејзината сложеност, туку во тоа колку едноставно и подобро го прави секојдневието.
Тоа е природна еволуција на брендот A1. Во првите седум години изградивме силен бренд. Во следната фаза сакаме силата на брендот да ја претвориме во уште поголема вредност за секој корисник.
Капитал: Вредностите звучат силно во комуникацијата, но како тие се претвораат во деловен резултат?
Методија Мирчев: Вредностите создаваат резултат тогаш кога се преточени во конкретни одлуки и однесување.
Довербата влијае врз тоа дали корисникот ќе нè избере и дали ќе остане со нас. Едноставноста влијае врз тоа колку лесно ќе користи одредена услуга. Квалитетното искуство влијае врз лојалноста, препораките и долгорочниот однос со брендот.
Во телекомуникациите, врската со корисникот не завршува со продажбата. Токму тогаш започнува. Секој следен контакт, секое барање и секоја интеракција влијаат врз неговата перцепција за компанијата.
Затоа инвестицијата во корисничкото искуство не е трошок што стои наспроти деловниот резултат. Таа е еден од најважните предуслови за одржлив раст. Задоволниот корисник не е само индикатор во извештај. Тој е основата на стабилниот бизнис.
Истото важи и за вработените. Компанија што сака да создава добро корисничко искуство мора прво да изгради средина во која луѓето ја разбираат целта, имаат овластување да реагираат и чувствуваат одговорност за резултатот.
Токму затоа вредностите не ги гледаме како комуникациски додаток, туку како дел од деловниот модел.
Капитал: Може ли компанија со повеќе од 1,2 милиони корисници реално да обезбеди совршено искуство за секого? Каде гледате простор A1 да биде подобар?
Методија Мирчев: Да се стремиме кон совршено искуство не значи да тврдиме дека секое искуство денес е совршено. Тоа би било нереално и, уште поважно, не би било чесно кон корисниците.
Кога секојдневно обезбедувате милиони интеракции преку различни услуги, канали и технологии, постојат ситуации во кои искуството не е на нивото што го очекуваме од себе. За нас е важно тие ситуации да не ги релативизираме, туку да ги користиме како извор за учење и подобрување.
Простор за напредок гледаме во дополнителното поедноставување на процесите, побрзото решавање на барањата, подоброто поврзување на дигиталните и физичките канали и уште попрецизната комуникација со корисниците.
Нашата цел е корисникот да не мора повеќепати да го објаснува истиот проблем, да не бара информација на повеќе места и да не ја чувствува комплексноста на системите што стојат зад услугата.
Не ветуваме дека никогаш нема да се појави проблем. Ветуваме дека ќе имаме одговорност да го препознаеме, да реагираме и да извлечеме поука од него. Верувам дека токму тоа е разликата меѓу компанија што само обезбедува услуга и бренд на кој луѓето можат да му веруваат.
Капитал: Телекомуникациските компании инвестираат огромни средства во мрежи и технологија. Дали секоја нова технологија автоматски создава и подобро искуство?
Методија Мирчев: Не. Технологијата сама по себе не е гаранција за подобро искуство. Таа создава потенцијал, но вредноста доаѓа од начинот на кој тој потенцијал ќе го претвориме во конкретна придобивка.
Корисникот не треба да ја познава целата комплексност на мрежата за да почувствува дека таа е квалитетна. Тој треба да добие стабилна услуга, брза комуникација, сигурност и можност непречено да го прави она што му е важно.
Затоа инвестициите во 5G, оптичката инфраструктура, капацитетите на мрежата и дигиталните платформи секогаш ги гледаме низ нивното влијание врз корисникот. Поголемата брзина е важна ако овозможува подобра работа и поквалитетна содржина. Поголемиот капацитет има вредност ако обезбедува стабилна услуга кога мрежата е најоптоварена. Дигиталниот канал е добар ако заштедува време и го поедноставува процесот.
Инвестираме не само за да имаме понова технологија, туку за да создадеме инфраструктура што ќе ги поддржи следните фази од дигитализацијата на општеството и економијата.
Дигиталната инфраструктура денес е подеднакво важна како енергетската и транспортната. Без неа нема конкурентни компании, современо образование, ефикасни јавни услуги или економија подготвена за иднината.
Капитал: Вештачката интелигенција веќе беше голема тема во вашите јавни настапи. Но каде A1 денес гледа конкретна, а не само потенцијална вредност од неа?
Методија Мирчев: Разликата меѓу интересна технологија и корисна технологија е во мерливиот резултат. Вештачката интелигенција има смисла само таму каде што решава конкретен проблем, го подобрува искуството или овозможува поефикасно работење.
Во телекомуникациите, АИ може да помогне во анализа на огромни количини податоци, предвидување оптоварувања, рано препознавање потенцијални дефекти и поефикасно управување со мрежните капацитети. Тоа значи поголема стабилност и можност да реагираме пред одреден проблем да стане видлив за корисникот.
Во корисничката поддршка може да придонесе за побрзо препознавање на барањето, подобро насочување и поголема достапност. Во внатрешното работење ги автоматизира повторливите задачи и им овозможува на вработените повеќе време да посветат на активности во кои човечката процена и креативноста создаваат поголема вредност.
Но, имаме јасен принцип: одлуката за примена на АИ не смее да се води од технолошки ентузијазам, туку од одговорност. Мора да постојат јасна цел, безбедност, транспарентност, заштита на податоците и човечки надзор.
Нашата амбиција не е да го замениме човекот со технологија, туку да го ослободиме од непотребната комплексност и да му овозможиме да донесува подобри одлуки.
Капитал: Каква ќе биде улогата на телекомуникациските компании во економијата во следните години? Ќе останат ли оператори или ќе станат нешто многу пошироко?
Методија Мирчев: Телекомуникациските компании ќе останат чувари на критичната инфраструктура, но нивната улога ќе биде многу поширока.
Поврзаноста ќе остане основата, но врз неа ќе се развиваат cloud-услуги, сајбер-безбедност, датацентарски решенија, управувани услуги, анализа на податоци, автоматизација и решенија базирани на вештачка интелигенција.
Компаниите денес не бараат само добавувач на интернет или мобилна услуга. Бараат партнер што ќе ја разбере нивната деловна логика, ќе ги препознае ризиците и ќе им помогне да работат побрзо, побезбедно и поефикасно.
Особено малите и средните компании имаат потреба од таков партнер, бидејќи често немаат интерни ресурси за управување со комплексни ICT-системи и сè пософистицирани сајбер-закани.
Во таа насока ја гледаме и нашата улога: да ја направиме напредната технологија достапна и применлива за македонските компании. Не е доволно да донесеме глобално решение на локалниот пазар. Треба да знаеме како да го приспособиме и да му помогнеме на клиентот да извлече реална вредност од него.
Во следната фаза телекомите нема да се разликуваат само според мрежата што ја поседуваат, туку и според вредноста што можат да ја изградат врз таа мрежа.
Капитал: A1 сè појасно се позиционира и како ICT-партнер на деловниот сектор. Колкава е денес моќта на компанијата надвор од традиционалните телекомуникациски услуги и што конкретно им нудите на бизнис-корисниците?
Методија Мирчев: Деловниот сегмент е еден од најважните столбови на нашата стратегија и област во која гледаме значителен потенцијал за понатамошен раст. Денес A1 не е само провајдер на мобилна и фиксна поврзаност, туку целосен ICT-партнер што може да ја поддржи компанијата во различни фази од нејзината дигитална трансформација.
Нашата сила произлегува од комбинацијата на повеќе елементи: сопствена телекомуникациска инфраструктура, експертиза на локалниот тим, широко портфолио на ICT-услуги и пристап до знаењето, технологијата и партнерствата на A1 Group, која работи на седум европски пазари и опслужува околу 30 милиони корисници.
На компаниите им нудиме многу повеќе од интернет-конекција. Нашето портфолио опфаќа cloud и датацентарски услуги, хостирање и колокација, виртуелна инфраструктура, резервни копии и обновување на податоците, комуникациски и мрежни решенија, workplace-апликации, управувани услуги, решенија за сајбер-безбедност, IoT и smart-решенија.
Практично, можеме да бидеме партнер што ќе ја поврзе компанијата, ќе ја пренесе нејзината инфраструктура во безбедна cloud-средина, ќе ги заштити податоците и крајните уреди, ќе обезбеди резервни копии и ќе помогне во управувањето со системите. За клиентот тоа значи дека не мора да координира повеќе различни добавувачи за поврзување, инфраструктура, безбедност и поддршка. Добива едно интегрирано решение и една точка на одговорност.
Да земеме пример со една растечка домашна компанија што отвора нови локации или го проширува работењето на други пазари. Нејзината потреба не е само да обезбеди интернет во новите канцеларии. Треба безбедно да ги поврзе сите локации, вработените да имаат сигурен пристап до деловните апликации и податоци, критичните информации да бидат заштитени и редовно архивирани, а системите да останат достапни и во случај на инцидент. Наместо за секој сегмент да ангажира различен партнер, A1 може да го дизајнира, имплементира и поддржува целото решение.
Тоа е особено значајно за малите и средните компании, кои најчесто немаат големи интерни IT-тимови, но се изложени на истите технолошки и безбедносни ризици како и големите системи. Ним не им е потребна технологија што ќе создаде дополнителна комплексност, туку решение што ќе им овозможи да се фокусираат на својот основен бизнис.
Cloud-услугите се важен дел од оваа трансформација. Тие им овозможуваат на компаниите да ги користат потребните ресурси флексибилно, да ги зголемуваат или намалуваат капацитетите според реалните потреби и да избегнат големи почетни инвестиции во сопствена инфраструктура. Но, преминувањето во cloud не треба да биде цел само по себе. Потребно е да се избере соодветен модел, да се проценат ризиците, да се обезбеди континуитет на работењето и да се знае каде се чуваат и како се заштитуваат податоците.
Тука значајна улога имаат и датацентарските услуги. За современиот бизнис достапноста на податоците и системите е критична. Прекинот на работата повеќе не е само технички проблем – тој може да значи прекин на продажбата, неможност да се услужат клиентите, финансиска загуба и нарушување на репутацијата. Затоа датацентарот, резервните копии, планот за обновување и безбедносниот мониторинг стануваат дел од основната деловна инфраструктура.
Сајбер-безбедноста, пак, веќе не е тема резервирана само за банките, институциите или големите корпорации. Секоја компанија што поседува податоци, комуницира со клиенти или користи дигитални системи е потенцијално изложена на ризик. Затоа нудиме повеќеслојни решенија: заштита на мрежата и крајните уреди, безбедносен мониторинг, резервни копии, контрола на пристапот и поддршка при управување со инциденти.
Во оваа област нашата предност е што ги обединуваме телекомуникациската инфраструктура, ICT-експертизата, cloud-решенијата, датацентарските услуги и сајбер-безбедноста во едно портфолио. Тоа ни овозможува да не продаваме изолиран производ, туку да креираме решение според реалниот деловен предизвик на клиентот.
Најголемата вредност што можеме да им ја дадеме на деловните корисници не е само пристапот до најнова технологија. Вредноста е во сигурноста дека зад решението стои силен систем, локален тим, меѓународно знаење и партнер што може да ја следи компанијата додека таа расте и се менува.
Нашата амбиција е A1 да биде првиот избор за македонските компании кога размислуваат како да го модернизираат работењето, да ги заштитат податоците, да ја зголемат ефикасноста и да се подготват за следната фаза од својот развој. Иднината на A1 не е само во поврзувањето на луѓето и уредите, туку и во поврзувањето на технологијата со конкретните деловни цели на нашите клиенти.
Капитал: A1 инвестира во културата, образованието, дигиталната писменост и безбедноста. Може ли општествената одговорност да се мери или нејзината вредност останува главно репутациска?
Методија Мирчев: Општествената одговорност мора да има видлив ефект. Во спротивно, ризикува да се сведе на формално исполнување обврски или на присуство на логото на одреден проект.
Ние ги избираме иницијативите според тоа дали се поврзани со вредностите и знаењето на A1 и дали можат да создадат долгорочно влијание.
Преку платформата „Подобар онлајн“ работиме на дигитална писменост, безбедност на интернет, заштита на децата и одговорно создавање и споделување содржини. Преку образовните програми и соработката со ФИНКИ и Macedonia2025 инвестираме во знаењето и во вештините потребни за економијата на иднината.
Културата е уште еден важен столб. Преку партнерствата со „Охридско лето“, Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и други значајни културни настани, не сакаме само да бидеме спонзор. Сакаме да создадеме врска меѓу уметноста, публиката и современите начини на комуникација. Затоа ја развиваме платформата „Културна врска“.
Општествената вредност понекогаш може да се измери преку бројот на учесници, обучени млади луѓе или досегот на одредена иницијатива. Но најголемото влијание често се гледа подоцна: во променетото однесување, новото знаење, поголемата свесност и можностите што сме помогнале да се отворат.
Капитал: Кампањата „Неодговорен повик“, реализирана со Министерството за внатрешни работи, предупреди на ризиците од користењето мобилен телефон во сообраќајот. Не е ли необично телекомуникациска компанија да ги предупредува луѓето да не го користат телефонот?
Методија Мирчев: Би било неодговорно да зборуваме само за можностите на технологијата, а да молчиме за ризиците од нејзиното неправилно користење.
Како компанија што ја овозможува поврзаноста, имаме обврска да поттикнуваме и одговорно однесување. Технологијата треба да му служи на човекот, но не смее да го одвлекува вниманието во ситуации во кои една секунда може да има трагични последици.
Со „Неодговорен повик“ испративме едноставна и силна порака: ниту еден повик, порака или известување не се поважни од човечкиот живот. Повеќе од 20.000 луѓе се јавија на бројот што беше дел од кампањата, но нејзиниот најважен резултат беше разговорот што го отвори во јавноста.
Кампањата покажа и како ние ја разбираме вредноста. Понекогаш вредноста не е да ги охрабрувате луѓето повеќе да ја користат вашата услуга. Понекогаш е да им кажете кога не треба да ја користат.
Тоа е технологија со одговорност и принцип од кој нема да отстапиме.
Капитал: Седум години се добра точка за поглед наназад, но и за нов почеток. Каков A1 сакате да видите во следните седум години?
Методија Мирчев: Сакам да видиме компанија што ќе остане храбра во промените, но доследна во вредностите.
Технологиите што ќе ги користиме за седум години можеби денес не можеме целосно да ги предвидиме. Ќе се менуваат начините на комуникација, работата и односот меѓу луѓето и технологијата. Но, нашата суштинска задача ќе остане иста, а тоа е да им овозможиме на луѓето сигурно да се поврзуваат, да создаваат и да ги реализираат своите идеи.
Сакам A1 да биде компанија што нема да се мери само според големината, приходите или бројот на корисници. Сакам да се мери според довербата што ја ужива, според квалитетот што го испорачува и според позитивното влијание што го создава.
По седум години, A1 е силен, препознатлив и доверлив бренд на македонскиот пазар. Но ова не е момент во кој само ќе се навраќаме на постигнатото. Ова е момент во кој уште појасно ја поставуваме амбицијата за иднината.
Во првите седум години изградивме бренд. Во следните седум сакаме да создадеме уште поголема вредност за секој корисник, за секој бизнис и за општеството во целина.




















