Mихајло Брова Зиков: Искусните инвеститори подеднакво се интересираат и за домашната и за странските берзи
Објавено на од во Економија
Македонските инвеститори од годинава може да купуваат хартии од вредност на странските берзи. Го прашавме Михајло Брова Зиков, директор на Дирекцијата за вршење услуги со хартии од вредност во Комерцијална банка АД Скопје, дали оваа долгоочекувана можност ќе предизвика голем интерес кај домашните инвеститори и што треба да знаат доколку сакаат непосредно да вложуваат во странски хартии од вредност.
2KK_4465

Михајло Брова Зиков директор на Дирекцијата за вршење услуги со хартии од вредност во Комерцијална банка АД Скопје

Објаснете за нашите читатели како изгледа процесот на тргување со акции на странски компании, односно што сè треба да се случи за физичко лице од Македонија да стане сопственик на акции од некоја светска корпорација?

Процесот е пропишан со упатство одКомисијата за хартии од вредност, кое го регулира начинот на работење со хартии од вредност надвор од Република Северна Македонија од страна на брокерските куќи и овластените банки. Постапката е многу едноставна. Потенцијалните клиенти доставуваат налог за тргување во странство кај овластените брокери во Република Северна Македонија. Овластените брокери го проследуваат налогот до глобалните брокери (инвестициско друштво или финансиски посредник кој има добиено дозвола од надлежен регулаторен орган) со кои имаат потпишано договор за соработка, а потоа тие технички го реализираат налогот на странските берзи.

Во почетниот период, налогот за тргување од страна на клиентот до брокерското друштво ќе треба да се достави електронски, телефонски или директно во канцеларијата на овластениот брокер, како што е предвидено и за тргување на Македонската берза. Но, бидејќи странските пазари се наоѓаат во различни часовни зони, за брзо време на клиентите ќе им биде достапна директна платформа за тргување, на која сами ќе можат да дадат налог на пазарот. Таа платформа ќе работи 24 часа.

За реализација на тргувањето во странство брокерските куќи/банки склучуваат и договор со финансиска институција која е чувар на имот и која има добиено дозвола од надлежен регулатор, а која во име на брокерската куќа ќе ги чува хартиите од вредност со кои се тргува во странство. Значи странските хартии од вредност кои ги купуваат физички лица од земјава се чуваат на омнибус сметка во финансиска институција које е чувар на имот. Овие омнибус сметки се одвоени од имотот на самата финансиска институција.

Целосна аналитика на тие хартии од вредност се води или кај овластените банки во Република Северна Македонија кои имаат добиено дозвола за вршење на оваа услуга или во странска финансиска институција која е чувар на имот и која има добиено дозвола од надлежен регулатор.

Тргувањето во странство суштински не се разликува многу од тргувањето на Македонската берза, барем не од перспектива на клиентот. Договорната документација помеѓу брокерското друштво и клиентот е стандардизирана. Бидејќи понудата на странските пазари е поголема и поразновидна, се прават и дополнителни анализи со цел клиентот да добие што повеќе потребни информации. Секако, тргувањето во странство има и свои трошоци (провизии), чија висина зависи од пазарот на кој се тргува. Новина се надоместоците за трошоците за старателската банка, односно за чување на хартиите од вредност на омнибус сметки.

На кои сè берзи во светот ќе можат отсега македонските инвеститори да ги вложуваат своите пари преку вашата брокерска куќа?

Ние им овозможуваме на клиентите пристап на сите берзи кои ги покриваме (сите релевантни пазари во ЕУ, регионот, САД, Англија,Берзите од Азија). Технички налозите може да се реализираат на сите странски пазари, но секако берзите од ЕУ, САД, Англија , Швајцарија, Јапонија се поинтерсни за нашите клиенти

Мора да признаеме дека интересот за странските берзи го буди фактот дека тие се одликуваат со подинамично (пофреквентно) и поголемо во обем тргување и со голем степен на волатилност, со што даваат можност и за соодветна заработувачка.

Но, ако ги анализираме берзанските индекси, мора да го имаме предвид фактот дека и Македонската берза е интересен пазар за вложување. Така, на пример, статистички гледано растот на вредноста на МБИ 10 индексот на годишно ниво (август 2018 – август 2019) изнесува 17,78%. Индексите на поголемите светски берзи во истиот период доживеаја минимални падови на нивната вредност, со исклучок на Берзата во Швајцарија. Значи инвестирањето во акции од МБИ 10 во последната година и тоа како било профитабилно. Затоа секогаш треба да се имаат предвид ефектите од долгорочно инвестирање во хартии од вредност на Македонската берза.

Дали има ограничувања во поглед на количествата на акции со коишто може да се тргува, односно минимални износи на трансакциите и сл.? Или поинаку кажано, дали провизиите што се наплаќаат за трговија со акции на странски корпорации самите наметнуваат потреба да има минимални количини на трговија под кои тргувањето едноставно нема да биде исплатливо?

Нема ограничување на количината на акции со кои може да се тргува. Има минимални провизии кои се во рангот на 40 евра по трансакција. Просечните провизии би се движеле во опсег од 0,6% до 0,8% од вредноста на трансакцијата

Инвеститорите секако ги интересира како ќе се третираат од даночен аспект капиталната добивка и дивидендата што може да ги остварат. Според регулативата, данок на капитална добивка во странство немаат обврска да плаќаат. Во земјава, до 31.12.2019 година капиталните добивки, исто така, се ослободени од данок, а постои барање и за продолжување на овој рок. Во однос на дивидендите што ќе се исплаќаат на странски хартии од вредност, обврската за плаќање данок е на издавачот, така што инвеститорите од земјава ќе добијат нето дивиденда. А, во извештајот за исплатена дивиденда ќе стои колку данок им е задржан.

Каков е првичниот интерес на инвеститорите за тргување со акции на странски компании? Може ли да ни откриете кои познати корпорации “го скршија мразот“ кај македонските инвеститори?

Првите инвеститори се редовни клиенти, кои можеби во почетокот почнаа поради љубопитност. Очекуваме после нивните првични искуства и периодот што е потребен за запознавање со странските хартии од вредност да преминат кон континуирано тргување на странските пазари. За почеток, инвестираа во „посигурни“ хартии од вредност – акции на Lufthanza и на Daimler Mercedes, кои се истргуваа на Франкфуртската берза XETRA.

Сакам да истакнам дека непосредното инвестирање во хартии од вредност на странски компании бара анализирање и следење на пазарите од страна на инвеститорите за да се остварат посакуваните приноси. Преку слободниот пристап до многу интернет портали специјализирани за инвестирање во хартии од вредност сите потенцијални инвеститори може да се информираат за текот на тргување, како и да добијат податоци за работењето на странските компании каде евентуално би сакале да вложуваат.

Исто така, финансиските пазари во странство не се имуни на влијанието на локалните и глобалните економски или политички фактори. Затоа многу често на глобалните пазари на хартии од вредност владее голема неизвесност и волатилност. Инвеститорите треба да имаат предвид и дека вложувањето во одредени финансиски инструменти може да биде многу ризично. Слабо информираните граѓани не би требало да се впуштат, на пример, во тргување со шпекулативни финансиски производи

Искусните инвеститори секогаш се претпазливи и подеднакво се интересираат и за домашниот и за странските пазари. Како што кажавме, можности за остварување принос дава и Македонската берза.

Каков тип на инвеститори очекувате да бидат најзаинтересирани за оваа услуга што ја нудите откако регулативата го овозможи тоа, во смисла на нивната едуцираност, искуство и сл.? Дали “играњето“ на странски берзи ќе биде ексклузивитет за финансиски помоќните инвеститори?

Странските развиени пазари се интересни за македонските инвеститори, не само за професионалните, туку и за малите поради ширината на изборот за вложување, ликвидноста и достапноста. Очекуваме инвестициските фондови, осигурителните компании и пензиските фондови, кои и досега имаа право на тргување на странски пазари (преку странски брокери) да бидат најзаинтересираните клиенти. Односно, да продолжат со своите активности ангажирајќи ги како посредници македонските брокери.

Поради постоењето повеќе различни видови хартии од вредност на странските берзи и, секако, поради можноста да се инвестира во сите светски познати компании очекуваме голем дел од редовните клиенти активно да тргуваат на странските берзи. Секогаш ќе има и такви инвеститори кои од љубопитност само повремено ќе тргуваат.

Но, секој потенцијален инвеститор пожелно е да биде запознаен со предизвиците што ги носи инвестирањето во хартии од вредност и неопходно е да има минимална економска и финансиска писменост и секако да ја оцени својата склоност кон овој вид на инвестирање.

Дали имате сознанија какви се искуствата на државите во соседството, односно колкав дел од тргувањето со акции отпаѓа на трансакции со странски акции откако регулативите на овие пазари го овозможиле тоа? Какви се вашите очекување во тој поглед во земјава?

Во Бугарија, Грција, Хрватска и Словенија, каде се развиени и домашните берзи, интересот е подеднакво присутен за тргување на странски и на домашни пазари. Во Србија, искуството на нашите колеги е дека интересот за тргување на странските берзи е поголем отколку за домашниот пазар. Инвеститорите главно се ориентирале кон акциите на познати меѓународни брендови, како што се Епл, Мајкрософт, Амазон, Кока Кола, Дизни, БМВ, Дојче телеком, односно во најголемите компании кои котираат на најголемите берзи во светот – Лондон, Њујорк, Франкфурт…

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×