Мила Царовска: Носиме економски политики што даваат резултати
Објавено на од во Економија
Интервју со Мила Царовска, заменичка на претседателот на Владата, задолжена за економски прашања

KING9619

„Треба да се потсетиме од каде појдовме, кога зборуваме за економскиот раст, а тоа е дека имавме намалување на економската активност и негативна стапка од -1,8% во вториот квартал на 2017 година, а сега, само две години подоцна имаме просечен раст на бруто домашниот производ од 3,5%. Овие две и пол години, како никогаш до сега се инвестира во поддршката на приватниот сектор. Преку мерките од Планот за економски раст, Оперативниот план за вработување и ФИТР и други мерки со над 100 милиони евра се поддржани околу 3.000 компании. Околу 500 од нив добија поддршка преку трите столба за економски раст, а со мерката самовработување од Оперативниот план во изминатите 2 години се отворени околу 2.500 микро бизниси. Во периодот на нашиот мандат отворени се нови 59 илјади нови работни места и невработеноста е намалена на рекордно ниски 17,1%, а во исто време за една година имаме реален пораст на просечната плата од 5%, која е исто така на рекордно високо ниво и изнесува над 25.700 денари.“

 

Г-ѓо Царовска, како ги коментирате наводите од опозицијата дека Оперативниот план за вработување е само “китење со туѓи“ перја и дека актуелнава влада не понудила ништо ново на тој план? Ве молам направете дистинкција помеѓу суштината и ефектите на мерките за време на двете владејачки гарнитури.
За да имаме активни мерки и програми коишто ќе дадат резултати потребни се три елементи. Потребно е да имаме доволно финансии, доверба во институциите и мерки и програми прилагодени на потребите на пазарот на трудот. И тоа е така во сите европски земји. Сите овие елементи ние ги обезбедивме при носењето на последните неколку Оперативни планови, коишто на мое големо задоволство ги донесовме во широка консултација со сите чинители.
Обезбедивме доволно средства. Како за споредба, во 2016 година за активните мерки и програми за вработување биле предвидени 707 милиони денари, а годинава за ОП издвоивме 1,45 милијарди денари што е двојно повеќе. Слична сума односно 1,3 милијарди денари беа издвоени и во 2019 година. Ја вративме довербата во институциите односно во Агенцијата за вработување и тоа можеме да го видиме преку успешната имплементација на Гаранцијата за млади. Преку младинската гаранција само во 2019 година се вработија 6.000 млади лица. Мерката практикантство ја преточивме во законско решение со коешто полесно се премостува периодот од образование до вработување. Со овој закон им се дава можност на компаниите на 6 месеци да ангажираат кадар од којшто понатаму ќе добијат квалитетни работници, а ангажираните лица за практичната работа ќе бидат платени. За две години преку ОП се отворени над 2.500 микро бизниси. Со овие бизниси формирани од невработени лица, освен што ја намалуваме невработеноста, креираме и нови работни места.
За две и пол години со активните мерки за вработување, но и со другите мерки за финансиска поддршка успеавме да отвориме нови 59.000 работни места и невработеноста да ја намалиме на рекордни 17,1 % од 22,1% во 2017 година. Многу сум среќна што како Влада покажавме дека вредноста со којашто владееме е во социјалниот дијалог, во слободата и во демократијата, а истата оваа вредност ја применивме во носењето на сите важни одлуки, реформи, законски решенија, вклучувајќи го и креирањето на оперативните планови за изминатите две години. Како Влада воспоставивме правило дека нема да донесеме ниту една мерка којашто нема да биде претходно усогласена со сите засегнати страни.
Во услови на техничка влада, кога гледаме како (не)функционира синергијата помеѓу ресорите, каква е реално соработката помеѓу Вашиот кабинет и останатите ресори, со цел постигнување на целите што се зацртани? Видовме, техничката министерка за труд и социјала воопшто не се ни појави на претставувањето на Оперативниот план за вработување, па како би течело спроведувањето на мерките и активностите од Планот, во ваква атмосфера?
Планот е подготвен и донесен пред формирањето на техничката влада во декември 2019 година. Она што би сакала да го потенцирам е дека откако ќе се подготви и усвои, спроведувањето на Оперативниот план понатаму го имплементира Агенцијата за вработување и тоа веќе можеме да го видиме преку јавните повици коишто ги објавува АВРМ.
Важно беше да направиме квалитетен Оперативен план којшто ќе ги задоволи барањата на бизнис секторот и ќе овозможи вработување на што поголем број невработени лица. Исто како и изминатите две години како министерка за труд и социјална политика, заедно со мојот тим посветивме огромно внимание на подготовката и на ОП за 2020 година, се со цел огромната сума на средства којашто се издвојува од буџетот да заврши на вистински програми и мерки кои се реална потребна на пазарот на трудот и на бизнисот. Посветено работевме на ова и резултатите се видливи – имаме висока реализација на ОП и во 2018 и во 2019 година. Сигурна сум дека успешни резултати ќе постигнеме и годинава, бидејќи мерките и програмите ги креиравме со конструктивен социјален дијалог.
KING9664
Кога станува збор за компаниите, очигледно е дека се ослободени да се развиваат и тоа можеме да го воочиме преку растот на индустриското производство, кое во двете години расте со стапки од над 5%. Бележи раст целокупната трговска размена. Oбемот на трговската размена целата 2019 година е зголемен за 10%, во споредба со јануари – декември 2018 година. Многу е значајно за нашата економија што извозот во последните две години има двоцифрен раст (над 10%). Како за илустрација во 2016 година, вредноста на извозот била 4,3 милијарди евра или само за 3 години извозот пораснал за неверојатни 48% споредено со 2019 кога изнесува рекордни 6,4 милијарди евра.
Кои се конкретните резултати од искористеноста на мерките за економски раст преку инструментите на ФИТР, за неполни три години? Квантифицирајте го ова ве молам.
Навистина ми е драго што компаниите коишто користат средства од Фондот за иновации и технолошки развој имаа видливи резултати и стануваат конкурентни на пазарот не само во земјава, туку и во странство. Анализите покажуваат дека иновациите и технолошкиот развој се применливи секаде и низ целата држава. Би направила само една споредба: до 2017 година биле поддржани само 38 компании во кои биле инвестирани 1 милион евра. Во изминативе две години поддршката порасна за над 58 пати, со поддржани 350 компании и инвестиција од 60 милиони евра.
Со користењето на поддршката овие компании имаат за 60% просечен пораст на добивката, 50% просечен пораст на приходите, 27% зголемен број на вработени и за 40% зголемување на просечните плати.
Дуалното образование треба да го намали дефицитот на квалификувани кадри за индустријата и останатите економски сектори, но работодавците, особено од услужниот сектор и сл., се’ поупорно бараат либерализирање на увозот на работна сила. Каков е вашиот став околу овие барања? Дали според вас постои опасност да се влоши просекот на платите, на пример, доколку премногу лесно стане добивањето работни дозволи за странци? И така да се зголеми уште повеќе иселувањето на македонските граѓани?
За квалитетно техничко образование на младите неопходно е вклучување на компаниите во образовниот процес и навистина е добро што во вкупно 10 компании и во 5 града низ државата се одвива дуално образование коешто како Влада се стремиме да го прошириме низ цела држава со креирање на соодветен систем. На овој начин се продуцираат квалитетни и добро обучени кадри, особено од техничките струки, за задоволување на понудата и побарувачката на пазарот на трудот. Од компаниите коишто ги посетив изминатиот период, а каде што се тестира ваквиот образовен процес, лично се уверив дека покажува одлични резултати. Учениците се задоволни, а нивните образовни програми се прилагодени според потребите на производството во коешто тие ќе се вклучат како идни работници. На овој начин обезбедуваме сигурни вработувања, а работна сила којашто им е потребна на компаниите. Тоа е во интерес на сите.
Што се однесува до либерализирањето на пазарот на трудот, сметам дека тоа е прашање за коешто треба да се разговара и одлучува во партнерски економско социјален дијалог и да се донесе одлука којашто би била во интерес на сите. Секако дека увозот на работна сила не би влијаел на намалување на минималната плата, бидејќи таа е законски утврдена, а зголемувањето на платите има нагорна линија.
Миграцијата е глобален и проблем со којшто се соочува не само нашата држава туку и регионот и целиот свет. Како Влада изминатиот период посветивме големо внимание на мерки и програми коишто се во интерес на граѓаните, посебно на младите. Мерките кои досега беа креирани и имплементирани навистина даваат резултат, а показател за тоа е намалувањето на стапката на невработеност кај младите лица којашто изнесува 35,3% споредено со 2016 кога беше 48,6%. Ова ни дава поттик и понатаму да креираме мерки кои ќе придонесат за зголемување на вработувањето на младите лица. Го имаме младинскиот додаток со којшто секое младо лице до 23 години кое е вработено и самовработено во компанија со претежно производствена дејност или како индивидуален земјоделец, преку центрите за вработување ќе му се исплаќа месечен надоместок од 3.000 денари. Исто така преку Оперативниот план вложуваме во обуки за напредни ИТ вештини и други обуки, при што 3.704 лица успешно завршија обука. Станува збор за најразлични обуки, детектирани за потребите на пазарот на трудот: монтери, инсталатери, оператори за веб дизајн, изработувачи на мебел, оџачари, гастрономи, електромеханичари, автомеханичари, заварувачи, фризери, козметичари. Со ова, од една страна сакаме да обезбедиме подобро платени работни места за младите лица со завршено средно образование, од друга страна да одговориме на потребите на компаниите и барањата на пазарот на трудот.
Со оглед дека Македонија, исто како и голем број земји во развој и развиени пазари го има проблемот со одржливоста на пензискиот систем, според вас, каква стратегија или реформи се потребни на кус и среден рок за да се ублажи јазот што сега постои помеѓу она што го прибира ПИОМ и она што треба да го исплати како пензии?
Со пензиската реформа којашто ја имплементиравме минатата година е направена консолидација на пензискиот систем. Со неколку корекции коишто според мене не беа радикални, успеавме да го стабилизираме пензискиот систем и дефицитот во Фондот за ПИО го намаливме за речиси 4 милијарди денари, без притоа да се подигне старосната граница за пензионирање. Овие мерки ги даваат ефектите и треба да се продолжи со идна имплементација.
За втората половина на годинава се предвидени и дополнителни мерки со коишто дополнително ќе се стабилизира системот. Активно ќе се работи на осовременување и модернизација на пензискиот систем и тоа во три сегменти. Првиот е воведување на интегрирано тело за проценка на работната способност и правото на остварување на инвалидски пензии; второ, воведување на бенефициран стаж според европски стандарди и трето, електронски регистар за следење на уплатите на сите придонеси. Преку овие активности треба да се направат поголеми заштеди во Фондот за ПИО и дополнително да се стабилизира пензискиот систем.
Колку ќе го чини буџетот материјалното обезбедување на 12.000 стечајци до пензионирање и дали сте размислувале за варијанта, на пример, каде што овие лица во извесна мера би можеле некако да бидат вклучени на пазарот за труд (по примерот на поразвиените пазари каде што постари лица, пензионери и сл., имаат можност да работат part time и слични варијанти во супермаркети, итн.)?
Среќна сум што како Влада успеавме да најдеме решение за поголемиот дел од стечајните работници кои во процесот на транзиција останаа без работа. Мора да истакнам дека дел од нив се снајдоа со вработување во други компании, но еден дел остана да талка по улиците и да ја бара правдата цели 11 години. За две и пол години ние успеавме материјално да обезбедиме околу 12.000 лица. Станува збор за повозрасни граѓани кои се на само неколку месеци или години до пензионирање. Ние овој период материјално ги обезбедуваме месечно со по 8.000 денари. Годинава за материјално обезбедување на стечајните работници се обезбедени околу 1 милијарда денари, слична сума како и минатата 2019 година, а во 2017 од буџетот биле издвоени 712 милиони денари.
Инаку и во моментот нема никакви пречки пензионери да бидат работно ангажирани со договор на дело, или да ја стават во мирување пензијата со цел да се вработат. Секако, можноста за вклучување на пазарот на трудот на повозрасните лица ќе биде една од темите коишто ќе ги разгледуваме во наредниот мандат.
Што ќе стори вашиот кабинет во врска со барањата на бизнис заедницата за прилагодување на царинските стапки со европските? (или нивно целосно укинување, со оглед дека голем број тарифи се останати од времето кога се штитело југословенското производство, а денес само им прават проблем на македонските производители што ги користат тие категории како суровина и сл. ) Ќе соработувате ли со Министерството за финансии за реализирање на овие барања од компаниите?
Сметам дека се’ што е наследено од едно друго време и коешто не може да се вклопи во сегашниот современ систем на функционирање треба да се менува. Веќе се работи на изнаоѓање на соодветно решение коешто ќе биде прилагодено на барањата на компаниите и секако во најдобар интерес на домашниот економски раст и развој. Ова прашање е во надлежност на Министерството за финансии со кое сме во постојана координација.
Ве молам, преку неколку клучни параметри, одбранете го ставот дека економските политики на актуелнава владејачка гарнитура се подобри од оние на претходниците.
Потполно сум убедена дека економските политики коишто ги спроведуваме како Влада во изминатите две и пол години даваат многу добри резултати. Треба да се потсетиме од каде појдовме, кога зборуваме за економскиот раст, а тоа е дека имавме намалување на економската активност и негативна стапка од -1,8% во вториот квартал на 2017 година, а сега, само две години подоцна имаме просечен раст на бруто домашниот производ од 3,5%. Треба да потенцираме дека со мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите и со Програмата за поддршка на микро, мали и средни претпријатија, кои произлегоа од Планот за економски раст, навистина ја раздвиживме економската активност на компаниите, како на домашните, така и на странските.
Направивме веќе да не се зборува за различни услови за домашни и странски компании, сега сите имаат исти критериуми и услови да добиваат државна поддршка, за понатаму да се развиваат.
Овие две и пол години, како никогаш до сега се инвестира во поддршката на приватниот сектор. Преку мерките од Планот за економски раст, Оперативниот план за вработување и ФИТР и други мерки со над 100 милиони евра се поддржани околу 3.000 компании. Околу 500 од нив добија поддршка преку трите столба за економски раст, а со мерката самовработување од Оперативниот план во изминатите 2 години се отворени околу 2.500 микро бизниси.
Кога станува збор за компаниите, очигледно е дека се ослободени да се развиваат и тоа можеме да го воочиме преку растот на индустриското производство, кое во двете години расте со стапки од над 5%. Бележи раст целокупната трговска размена. Oбемот на трговската размена целата 2019 година е зголемен за 10%, во споредба со јануари – декември 2018 година. Многу е значајно за нашата економија што извозот во последните две години има двоцифрен раст (над 10%). Како за илустрација во 2016 година, вредноста на извозот била 4,3 милијарди евра или само за 3 години извозот пораснал за неверојатни 48% споредено со 2019 кога изнесува рекордни 6,4 милијарди евра.
Од друга страна развојот на компаниите позитивно влијае и на работниците, во периодот на мандатот отворени се нови 59 илјади нови работни места и невработеноста е намалена на рекордно ниски 17,1%, а во исто време за една година имаме реален пораст на просечната плата од 5%, која е исто така на рекордно високо ниво и изнесува над 25.700 денари. Последната мерка за субвенционирање на придонесите во случај на пораст на плата се уште една мерка со која покажуваме дека се грижиме за економскиот раст и дека одлуките кои ги носиме како Влада, се прво консултирани со сите страни, а како второ и се во интерес на сите нас, работниците, компаниите и економијата во државата генерално.
KING9625
До 2017 година од Фондот за иновации и технолошки развој биле поддржани само 38 компании во кои биле инвестирани 1 милион евра. Во изминативе две години поддршката порасна за над 58 пати, со поддржани 350 компании и инвестиција од 60 милиони евра. Со користењето на поддршката овие компании имаат за 60% просечен пораст на добивката, 50% просечен пораст на приходите, 27% зголемен број на вработени и за 40% зголемување на просечните плати.
Како ќе го решите проблемот со големиот број пријавени работници на минимален дел од платата, давањето, па враќањето на К-15 и останатите „маневри“ со коишто се служат работодавците?
На последните разговори и средбите со работниците, но и претставници на дел од компаниите од текстилната индустрија слушнав дека поплаките за неисплатена минимална плата и К-15 се намалени. Но, секогаш има исклучоци. За компаниите за коишто има пријави тие се процесуираат до Државниот трудов инспекторат. Ги повикувам сите работниците коишто сметаат дека им се прекршени работничките права со неисплаќање на минимална плата или некое друго право да се охрабрат и истото да го пријавуваат во ДИТ.
За да имаме задоволни работници, но и задоволни работодавачи, не се потребни само високи плати туку и други достоинствени услови за работа коишто ќе донесат до попродуктивно производство. Затоа ни се потребни силни синдикати коишто во интерес на сите ќе преговараат со работодавачите. Секако потребно е и јакнење на Државниот инспекторат за труд којшто е клучен за надзорот колку се почитуваат законите.

Посебно сум среќна што успеавме да ја имплементираме социјалната реформа

Бевте окарактеризирана во јавноста како еден од најпродуктивните и најквалитетни министри во Владата на Зоран Заев, па кои се според вас клучните постигнувања што ги направивте со вашиот тим во ресорот Труд и социјална политика?
Mе радува, ако граѓаните ги препознаваат моите и напорите на мојот тим во работата на министерството за труд и социјална политика каде што бев претходно. Тоа значи дека сме успеале да направиме забележливи позитивни промени што мене и мојот тим не мотивира уште повеќе да работиме. Мојата визија е да живееме во праведно општество. Праведно општество е општество кое се грижи за секој човек, за секоја индивидуа. Ова значи дека системот треба да се грижи никој да не тоне во сиромаштија, да не биде дискриминиран, да не живее на маргините. Се’ што правиме, секој проект или реформа во основа не’ доближува до реализација на оваа визија. Ако граѓаните ова го препознаваат, за мене е тоа голема привилегија и радост.
Морам да истакнам дека и покрај тешкиот период низ кој поминавме на преземање на власта, ние како влада за 2 и пол години ја откочивме нашата земја и тргнавме напред. На тој пат не е лесно, има многу пречки, има многу да се учи, но тој пат кој го одиме е правилен пат. И тука немам дилема.
За само две и пол години успеавме да направиме огромни поместувања и реформи кои не се само напишани на хартија, туку секој може да ги види и да ги почувствува. Посебно сум среќна што успеавме да ја имплементираме социјалната реформа. Над 27.000 домаќинства во моментот земаат социјална помош во просек повисока за 300%. Детски додаток во моментот користат 27.000 деца, а образовен додаток 8.678 деца. Воведовме социјална пензија којашто ја користат над 4.500 возрасни лица. Навистина сум горда и на процесот на деинституцијализација. Една година порано од предвиденото немаме повеќе деца во институции. Сите овие деца не се веќе во изолација и стануваат дел од општеството. Ги унапредивме правата на лицата со попречености. Донесовме Закон за заштита и спречување од дискриминација. Не ги заборавивме давателите на услуги во јавниот сектор. Воспитувачките и негувателките во градинките земаат плата повисока за 21%, додека социјалните работници за 27%. Ова е историско покачување на платите во детската и социјалната заштита. Со последниот законски предлог материјално обезбедивме 12.000 стечајци. Поттикнавме раст на платите во државата, со субвенционирање на придонесите на плати со којшто државата ги плаќа придонесите за секое покачување на плата од 600 до 6.000 денари.
Минималната плата ја зголемивме на 14.500 денари. Мерката за субвенционирање на придонесите од плати веќе ја искористија 20.000 компании и им ја зголемија платата на 106 илјади работници. Благодарение на оваа мерка во моментот 304 илјади работници земаат плата повисока од 18.500 денари, а тоа е 70% од вкупниот број вработени во приватниот сектор.
Претходно набројаното е само еден дел од она што успешно успеавме да го сработиме во изминатиот период. Продолжување со понатамошно реализирање на сите започнати процеси. Сето ова го правиме силно со конструктивен дијалог со сите засегнати страни. На една маса заедно со работниците, со бизнисот, со граѓанските организации. Социјалниот дијалог, слободата и демократијата е главна одлика и вредност на нашето владеење.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×