Милион прашања !?
Објавено на од во Колумни
Репринт, Објавено 19 јули 2011

 

zikov kolumnaМилион прашања за Јосифовски, Макпетрол и Оилко!? На испит се сите надлежни институции и државата. Од тоа како ќе се менаџира овој процес,ќе зависи и кредибилитетот на Македонската берза и Комисијата за хартии од вредност кои се одговорни да создадат амбиент за тргување со акции. Владата е клучно одговорна. Макпетрол треба да постои затоа што е компанија која има вредност и потенцијал. На Телма не смее влакно да и фали.

Josifovski-Andreja---BENZINАндреја Јосифовски е само еден во низата матни ликови на македонската транзиција кој митот на недопирливоста и онаа “нафташка сенка” кој надвиснала небаре поседува извор на нафта наследен од дедому, а не низ “сомнителна” приватизација која го произведе во клучен акционер !? и во монополско трговско претпријатеие скроено со добро платени “адекватни” закони. Уште треба и гајлето да му го береме сега оти се нашол на удар од Владата. А кога седи со нив? Што правиме тогаш?

Таквите денес имаат имот и кеш, но не се кредибилни позиции за креирање на јавното мислење. Одењето на Андреја Јосифовски од челната позиција на Макпетрол со се менаџерскиот тим има тежина исто толку важна за пазарната демократија и компаниската сцена во Македонија, како и одењето на било која власт по долго владеење со државата. Како и оваа.

Но … проблемот е што и четирите партии, две македонски и две албански, се длабоко влезени во овие шеми. Тука некаде понира добрата пракса, мисла и идеја за иднината на бизнисите во Македонија, како и доброто корпоративно управување на македонската пазарна економија. Едноставно од овде почнува блокадата …

Во Македонија за 24 години транзиција, наместо слободен пазар, нови домашни инвестиции во компании формирани од новата македонска генерација претприемачи, добивме монополи и картели во сите сектори на стопанството…

Денес е создадена бизнис-политичка структура која од македонските компании на најгрд клиентелистички начин создаде неспособни ентитети за поширока балканска битка!

Прават профити на малиот домашен пазар и шират фрустрација насекаде! Ги поевтинија компаниите со што тие денеска се на удар на балканските и на светските големи инвеститори! Но, и на домашни инвеститори кои низ процесот на “втората приватизација”, онаа која генерираше кеш кај нив преку силни буџетски трансакции, денеска со тие пари практично реприватизираат.

За да не им се случи преземање, па “дигање на клоци” од страна на новите сопственици, старите газди од првата приватизација, таа “стара црвена буржоазија”, од калибарот на менаџерскиот тим на Макпетрол, со се неколкумината професори кои им токмеа закони по мерка (како Законот за трговски друштва) поитаа да се договараат со партиите… Со сите без исклушок. И затоа денес имате монопол за кој дури и јавното обвинителство е свесно “по допрен глас”.

Договор за спасување во стилот … не пе “пипајте” и за вас има …!? И така беше … Така е и сега … Така е 24 години.


 

МИТ-от број 3, почитувани читатели, ја разработува заблудата во која сите ние живееме во последните 20 години независност! А тоа е дека градиме слободна пазарна економија! И дека државата била лош стопанственик (ова е МИТ 4). Антипод на митот дека “градиме слободно пазарно стопанство во кое ќе работат независни големи мали компании на слободен и отворен македонски, балкански и светски пазар со еднаков слободен пристап до пари кај финансиските и нефинансиските институции” е тотално погрешен МИТ. Тоа е практички приказна за мали деца…

Всушност претходните два мита – дека приватизацијата е виновна за се – што е тотално погрешно поставена теза, како и вториот мит – дека монетарната стабилност и стабилноста на денарот се светост и треба да се бранат со сите средства – што исто така е погубно поставена теза, всушност, го произведоа третиот МИТ – монополизацијата и картелизацијата во македонската економија – како директна пречка за растот на домашните и странските инвестиции, задолженоста на домашните компании и неликвидноста и високото ниво на отпуштени граѓани од работа.

А што го возбуди директорот Андреја Јосифовски?

Магазинот “Капитал” на 1. јули годинава објави текст со наслов “Господари на Македонија”! Немавме лоши намери… Напротив… Сакавме да помогнеме во објаснувањето на моделите на управување и органите на управување на големите компании во Македонија, споредено со резултатите на работењето… Објавивме многу компании и луѓе со сопственичката структура над 5% достапна во Централниот депозитар. Одевме фактографски, со тоа што објавувавме податоци од Централниот депозитар на хартии од вредност, Комисијата за хартии од вредност – сите државни институции. Го објавивме следново:

“Најголем акционер на Макпетрол, според јавните податоци на Централниот депозитар на хартии од вредност, е ОИЛКО, командитно друштво за транспорт од Скопје (!?), кое поседува 19,94% од капиталот на нафтената компанија. Според истиот извор”, внимавајте сега, “најголеми сопственици на ОИЛКО се АД Макпетрол со 35,61% и Андреја Јосифовски, кој има 14,94% од капиталот на друштвото.

Според податоците од Комисијата за хартии од вредност, втор најголем сопственик на ОИЛКО е Саша Лекиќ, исто така дел од менаџментот на Макпетрол. Претседател на Надзорниод одбор на ОИЛКО е Јован Трповски, менаџер и акционер во Макпетрол, а членови во Надзорниот одбор се братот на Андреја Јософивски, Ристо Јосифовски и Ѓуро Јовановски, исто така менаџер во Макпетрол”.

100 прашања и дилеми за работењето на Андреја Јосифовски!?

Многумина сегашни сопственици на акции во Макпетрол, како и инвеститори кои сакаат да купат и тргуваат со акции од оваа компанија, во Македонија, почитувани читатели на “Капитал”, долго време се чудат како е можно компанија која ја има најголемата мрежа на бензински пумпи во Македонија (над 130) на топ-локации добивани од времето на комунизмот (па и во последните дваесет години) да прави толку големи загуби, посебно во време кога цената на нафтата во последните години урива рекорди!!!??? 350 милиони обрт во 2010 година во услови на монопол или ако сакате дуопол (сите други играчи бензинските на ОКТА, на Лукоил и приватните мали се аутсајдери на пазарот), а речиси 4 милиони евра загуба!? Каква е реалноста на нафтениот пазар и во монополот Макпетрол…!?

Споредби… Во последните две години Андреја Јосифовски жнееше загуби во Макпетрол (во 2010 година – 4 милиони евра (!?), а во 2009 – 4,6 милиони евра (!?)) во услови на полудени цени на нафтата на светскиот пазар, а отсуство на соодветно намалување на цените на дериватите на домашниот пазар од страна на Регулаторната комисија (чии интереси штити ова регулаторно тело формирано од државата!!??). Колку за споредба, во истиот период двата останати големи играчи во македонскиот нафтен бизнис (но, далеку помали од Макпетрол, кои се соочуваат со десетици административни бариери во работата), Окта и Лукоил, работеле со зголемен профит.

На пример, Окта и двете години по ред имала профит од околу 2 милиони евра, а Лукоил лани работел со профит од 1,8 милиони евра, што е годишен раст од над 200% на профитот кај оваа компанија. Понатаму…Ако на овој суров факт за работењето на “директорот со мазно лице” се додаде и фактот дека во изминативе три години Макпетрол ги добивал речиси сите државни тендери за снабдување со нафта и нафтени деривати на многу државни и јавни институции (!?) (извор: интернет-страницата на Бирото за јавни набавки), тогаш дилемите се уште поголеми. Но, видете директорска итроштина сега: за разлика од Макпетрол (каде што Андреја Јосифовски е и директор и претседател на Управниот одбор, и “убав” акционер), ОИЛКО (каде што газди се Андреја Јосифовски сосе Макпетрол, види погоре во текстот), лани работел со интересен профит (!?). И уште глупости има во оваа компанија…

ОИЛКО е формирано во јануари 2007 година! На интернет-страницата стои дека сопственик на друштвото е АД Макпетрол со триесетина проценти! А не се споменува дека прилично голем удел има и директорот Андреја Јосифовски!? Можеби тука некаде “лежи зајакот грицкајки морковче и сисајќи весла” – зошто толку го изнервира јавното објавување на неговата сопственост во ОИЛКО…


 

Она што е неприфатливо за здравиот разум, за слободата на пазарот и секако за малите акционери на Макпетрол, но уште повеќе за оние кои допрва сакаат да станат акционери на Макпетрол, идните инвеститори кои преку берза би купувале акции од оваа компанија со голем потенцијал е што никој, ама баш никој не го прашува извршниот директор и претседателот на УО на Макпетрол, основачот на Оилко, Андреја Јосифовски за следното:

  • Од каде загубите во Макпетрол неколку години по ред? До кога загубите? А монополска позиција на Макпетрол на пазарот? Каде одат приходите од трговијата со нафтени деривати, но и од другите дејности под капата на Макпетрол? Макпетрол е котирана компанија на берзата, со нејзините акции се тргува, па оттука овие информации мора да се знаат …
  • Понатаму: Какви трошоци се прават во компанијата? И квантитет и квалитет … Колкави се платите и бонусите на менаџерите? Какви се резултатите на друштвото Хонда, на Дел компјутери, на Телма телевизија, на хотелите Макпетрол?
  • Како оди продажбата на фискални каси (замислете, дури и фискални каси продава Андреја Јосифовски). Тој е во групата пет овластени компании за продажба на фискалните каси! Никој не се прашува како може една од најголемите компании по обрт во земјата (што значи можеби најголем даночен обврзник!?!) да биде овластена да си продава фискални каси самата на себе (низ бензинските пумпи)…
  • Откаде толкави загуби во Макпетрол, а големи добивки во Оилко!?
  • 4 мил. евра е загубата на макпетрол за 2010 а 350 милиони евра обрт (20% раст во однос на претходната година)!?
  • 4,6 мил. евра е загубата на макпетрол за 2009 годинаа 285 милиони евра е обртот!?
  • 15.000 евра месечно е платата на андреја јосифовски во 2009 – година на загуби+6.500 евра на име на разни трошоци (на се платено придонеси)!?
  • 6,3 мил. Евра се приходите на оилко во 2010 година и се за 75% зголемени во однос на 2009 година!!!???
  • 720.000 евра е профитот на оилко за 2010 година и е 21% зголемен во споредба со 2009 година!!??
  • 5,6 милиони евра се трошоците на Оилко за 2010 година и се за фантастични 86,2% зголемени во споредба со 2009 година!!!???оилко (командитно друштво формирано во 2007 година) е најголем акционер на макпетрол со 19,94%. а Mакпетрол и Jосифовски се најголем акционери во Oилко со 35,6% и 14,94%во стрелката …

 

И уште нешто…

Многумина загубите на Макпетрол во 2010 и во 2009 година не можат да си ги објаснат!? Особено ако се има предвид големиот обрт: за 2010 година од 350 милиони евра, а кој обрт во споредба со 2009 година, кога бил 285 милиони евра, пораснал за повеќе од 20%! Но, има и такви што загубите на Макпетрол ги сметаат за резултат од падот на продажбата на нафтени деривати што многу силно се почувствува откако во нафтениот бизнис влегоа Лукоил и Нико Петрол! Овие две компании понудија поквалитетни горива, а граѓаните тоа можеа веднаш да го почувствуваат на бензинските пумпи. Сепак, има голем дел од трошоците прокнижени во Макпетрол кои тешко може да се оправдаат со чиста бизнис-логика. Сепак, на акционерско собрание поминуваат…!? Бог да чува… Но, еве и да не е така со трошоците како што се сомневам во овој денешен текст.. во економии со вистински слободен пазар (а не со монополско и картелско присуство и ароганција која “убива”) губењето на пазарните позиции на компанијата се книжат на негативното конто на генералниот директор и менаџерскиот тим, во случајот претседателот на Управниот одбор… Но, него никој ништо не го прашува… акционерите или се неинформирани или се негови роднини, или се урочени и гледаат тапо во просторот како зомби, или одлучуваат акционерите кои се под 5%, а ние не ги гледаме (оти според Законот за трговски друштва компанијата не мора да ги објавува!?! Ќе се зачудите какви се ликови има со 4,95% сопственост низ македонските акционерски друштва што минаа низ приватизацијата)!?

Никој не го прашува Андреја Јосифовски за следното: Зошто загубите? До кога загубите во услови на монополска позиција на пазарот? Каде се парите од обртот? Какви трошоци се билдаат во компанијата? Колкави се платите и бонусите? Какви се резултатите на друштвото Хонда, на Дел компјутери, на Телма телевизија, на хотелите Макпетрол? Како оди продажбата на фискални каси (замислете, дури и фискални каси продава Андреја Јосифовски). Тој е во групата пет овластени компании за продажба на фискалните каси! Никој не се прашува како може една од најголемите компании со обрт во земјата (што значи, можеби најголем даночен обврзник!!!!) да биде овластена да си продава фискални каси самата себеси (низ бензинските пумпи)… Знае ли некој што с$ се работи во овАа компанија???

Андреја Јосифовски е генерален директор и претседател на Управниот одбор на Макпетрол! Кај него се споени двете најмоќни управувачки функции во компанијата. Јосифовски е на чело на компанијата од 1996 година! Цели 15 години… “Марадона”!?

Инаку, на почетокот на годинава медиумите објавија дека во текот на 2009 година, кога компанијата работела со загуба од 4,6 милиони евра, Јосифовски земал месечна плата од над 15 илјади евра, плус уште 6.500 евра за лекарски прегледи, како осигурување и други примања (!?), на кои компанијата платила персонален данок. Оваа сума го вбројува Андреја Јосифовски во групата најплатени менаџери во земјата, можеби и пошироко во овој дел на Европа!?

Вистинското прашање, кое самиот си го поставувам како потенцијален акционер во Макпетрол, се разбира, ако воопшто некогаш успеам да купам барем една акција во оваа компанија на “слободнниот берзански пазар”, јавно прашувам: “Со што овој човек ја заслужил толку високата плата”?

Но, тука мора да има и нешто друго… Кои се акционерите на Макпетрол? Прашувам – дали неговата плата не е поврзана можеби директно со загубите? Како се правени загубите во Макпетрол? Како се билдале трошоци? За кои цели? Има ли корупција?… Се се тоа нормални прашања… нели?

Можеби клушното прашање е дли ова го гледаат Комисијата за хартии од вредност? И Македонската берза? Па и Јавното обвинителство … Прашањата се и до нив…

Макпетрол има монополска позиција за дистрибуцијата на гас во Македонија! Македонските компании плаќаат најскап гас во Европа!

И додека мислите дека овде некаде завршуваат “игранките” во де факто монополот на Макпетрол, кога веќе гледате и елементи на картелско здружување (ова ќе бара објаснување од Андреја Јосифовски)… Има овде сешто! Видете сега чудо… Во март годинава Макпетрол основаше уште една нова фирма, Пром Гас дооел, преку која ќе се врши трговијата со гас низ Македонија. Фирмата која има основачки капитал од 160 илјади евра ќе ја управува Милан Сотировски, еден од поранешните членови на Управнот одбор на компанијата Макпетрол.

Макпетрол има монопол и во дистрибуцијата на гас! Заедно со државната ГАМА го управува гасоводниот систем! Цената на гасот во Македонија е безобразно висока и македонските компании се принудени да плаќаат највисока цена на гас во цела Европа!? Еве аргументи…

Рускиот гас донесен до македонска граница, а закупен од Макпетрол, чини неверојатни 370 евра за 1.000 нормални метри кубни гас. Страшно! Особено е страшно ако се земе предвид дека рускиот гас до бугарската граница чини 270 евра, а до српската 300 евра. Ако се анализираат официјалните податоци дека европска Германија до границата гасот го носи по цена од 240 евра за 1.000 метри кубни, произлегува дека Македонија плаќа поскап гас и на влезот во земјава и до компаниите за дури 100 евра!!!???Најскап гас. Цената на гасот е за 70% до 80% повисока од цената на гасот во Западна Европа! А замислете, ние сите очекуваме македонските компании да се конкурираат на глобалниот евопски и на потесниот балкански пазар. Во цела Европа цената на гасот дојден на граница е 190-200 евра, а во Македонија е близу 400 евра. Нашите најголеми компании прават загуби и до четири милиони евра на годишно ниво. Компаниите имаат и неприфатливо големи трошоци да го донесат гасот до нив – создаваат дополнителен трошок од 150 евра по 1.000 кубни метри гас!!!???Зошто се штити ваков монопол и зошто во структурата на сопственоста на ГАМА (Макептрол и државата пола-пола, се создаваат услови за картелско здружување???) Кој го дозволува ова? За чии интереси? Има ли некој кој ќе ја отвори сериозно оваа дебата? Но, и за ова ќе читате во утрешниот број на “Капитал” кога одблиску ќе ја објасниме монополизацијата и картелизацијата во македонската економија, која го блокираше стопанството во последните години.

Демонополизација и декартелизација!

Во Македонија монополите и картелите од овој тип ги имаме во речиси сите индустриски гранки и сектори! Бизнис-партиските релации градени во последните дваесет години, на крајно грд клиентелистички начин и со многу корупција во тоа, за краен резултат дадоа девастирани компании (!) и како што напишав во првиот мит (за приватизацијата), од компаниите со текот на годините, наместо силни балкански компании моќни да купуваат пазари на Балканот, создадовме “кеш-апарати” за потребите на партиите и на политичката олигархија! Директори по сто години…исцрпени, изедени, и оставени да се веат денес под удар на модерните ветришта … оставени на забот на времето …

Овој феномен е можеби и клучниот кога ги анализираме причините за фрапантно паднатиот извоз кај македонските компании, катастрофалното ниското ниво на инвестиции од компаниите, фрапантно зголемениот интерес за работа со државата преку јавните набавки! Демек, државата, нели, била лош стопанственик!

Одговорноста на македонската политика (на секоја влада), денеска ВМРО/ДПМНЕ, утре можеби СДСМ, или некоја друга гполитичка групација, е да создаде амбиент за демонополизација и декартелизација! И да го ослободи пазарот! Политичките елити во Македонија мора да бидат свесни дека, освен деструктивниот изборен модел, токму монополизацијата и картелизацијата се можеби и најсилната блокада во општеството денес …

Во обртани услови, со деблокирање на крвните садови и нервниот систем на Македонија ке се раздвижи и пазарот. И правниот мониторинг на институциите …

Тогаш, на отворен пазар, да ги измериме Макпетрол и другите квази бизнис монополи, а повеке групации производ на политички кабинетски одлуки, сосе нивните директори и менаџменти – колку, всушност, “чини нивната умствена и интелектуална сувереност”, како и способноста да прават пари во услови на инвестиции, извоз на глобален пазар – сакате балкански, сакате европски!

А не како нашиов “Марадона”, освен што отвори неколку свои фамилијарни гранапи, не успеа да најде сили Макпетрол да го продаде на странска компанија нафтена (МОЛ, ОМВ, Лукоил, Бритиш петрол…) и еве, нека му биде, да станеше барем достоен доставувач на таа компанија… Или да купеше нафтена компанија на Балканот, како што тоа на пример, го прави со години словенешки Петрол.

Ќе му честитавме на итроштината! Вака не јавнале сите… а ние не можеме ништо да му кажеме … И од што тие практички се плашат… Оти ќе ја добијат својата заслужена конкуренција! Директорите на ваквите компании ќе добијат сјајна шанса да си ги потврдат дипломите по менаџмент здобивани во разни Лондони и Бостони. Ајде нека потврдат на слободен, отворен пазар кога ќе мора да се конкурираат со менаџери кои од “зелени ливади” успеаја да дигнат компании големи како планина. И на кои не им треба државата како штака за потпирање и рамо за плачење.

 

6 thoughts on “Милион прашања !?

  1. Со блокадата на сметката на Макпетрол, се направи преседан во правото. Спротивно на Законот за кривична постапка наместо на обвинет, мерки се изрекуваат на оштетен. нели Макпетрол е оштетен? Наместо судот да изрече времмени мерки со забрана на вршење должност на членови и претседател на управен и надзорен одбор, да им блокира имот(движен и недвижен на пријавените -21 лице, да им забрани времено право на глас по основ на акции, судот изрекува времени мерки кои одат во насока дополнително да се обезвредни компанијата, ДВОЈНО да се казни. Се создава впечаток дека компанијата се обезвреднува за да некој си ја купи.
    Како акционер сум се борел на собрание, прв сум почнал, сум наидувал на бариери, и многу е тешко во Р.М. согласно овој закон за Трговски друштва да се бориш со империи како раководството на Макпетрол. . Но нема одкажување се чувствувам премногу оштетен, и се додека Законот не им даде права на малцинските акционери по сила на закон да имаат поголемо влијание во одлучувањето , учество во изборни комисии на собрание ( нешто малик како избирачките одбори кои се сотавени од претставници од позиција и опозиција ,ќе биде тешко
    НА ПОВИДОК Е НОВ СЛУЧАЈ ТАТ.

    акционер Владо мицковски Кичево

  2. На повидок е нов таканаречен случај ТАТ за акционерите на Макпетрол
    Задоволен од написот во Капитал и пријатно изненаден од продорните
    гледишта во кометарот на Капитал.
    Само со поништување на уписот на основање на КДА ОИЛКО, за која сметам дека
    наместо зависна улога има владеачка улога во одлучувањето во макпетрол
    на повидок би било можно решавање на проблемот на загуби на Макпетрол
    Кој долучил дека Макпетрол не е во состојба самиот да си врши транспорт на горива,
    и да плаќа услуги на Оилко. Тој што го одлучил тоа колку сака нека се чука во гради не и мисли
    добро на Макпетрол
    акционер Владо Мицковски

  3. На собрание на акционери се носеа одлуки, за кои јас како акцинер од говорница ќе
    искометирав дали е можно вакво нешто да гласате, Директно да подржувате загуба, за загуба да
    наградувате раководство, да одобрувате зделки со паразит фирми, На мојот заклучок на собрание после гласањетоза вакви неразумни одлуки со зборовите "Господе прости им незнаат што прават". од место ми се дофрлаше:
    Абе овој да не е Исус.
    Ташко е да се борите за права во Северна Кореја
    акционер Владо Мицковски

  4. Напишав три коментари денеска! Се уште не се објавени. Инаку! Андреја Јосифоски за сиве незаконитости прашан е на Собрание наакционери.го има мнозинството во Собрание со полномошна од вработени и нивни роднини а ја користи пасивноста и неорганизираноста на околу 30% од акционерите,

    1. Во 2010 год. На Собрание на акционери кога видов дека на Собранието ,се поминува, дури и да имаше точка на дн. Ред. “Магарето лета” , како оштетен акционер , како “црна овца ” зедов збор и ги прашав акционерите како можете вакви работи да гласате? Нели Ви е срам, нели се грижите за вашиот капитал, . Гласаа, заминаа на богат коктел, а јас си реков што луѓе се ова, кога јас со олку малку акции олку сум загрижен а овие гајле немаат, Ме боли што моите акции ги купив на берза , а нивните не знам како се стекнати

  5. Е колку е битно во овој па и во секој случај да имаме совесни стручни и непристрасни судии и обвинители. Прв минус за институциите- блокирање на сметка на Макпетрол. Преседан – се блокира сметка на оштетен( Макпетрол е оштетена страна во процесот по кој се покренати пријави против 21 Лице. Судот и обвинителството ќе погодат во центар ако; Ги блокираат сметките и имотот на пријавените, ако им го одземат правото на вршење на должност членови на управни и надзорни одбори и ако се оди на поништување на правни дела како законита форма за остварување на имотно правно барање на оштетени акционери на МПТ

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×