Можноста што бара да биде препознаена
Објавено на од во Колумни

SinadinovskaКонгресот на ВМРО – ДПМНЕ покажа дека оваа партија ќе мора во догледна иднина да се занимава сама со себе за воопшто да може да се факторизира како елемент што би требало да испорача став за какво било прашање. Тоа не оди во прилог на градењето на какво и да е национално единство (вклучително и она за спорот за името), па Заев истото наместо преку политичките субјекти, очигледно ќе мора да го гради преку силен контакт со самите граѓани и етапно департизирање на целата држава.

„What governments and people don’t realise is that sometimes the collective interest – the international interest – is also the national interest“ – Kofi Annan

(Владите и народите не разбираат дека понекогаш она што е колективен, меѓународен интерес е исто така и нивен, национален“ – Кофи Анан)

 

Катерина Синадиновска

Една од клучните поенти на премиерот Зоран Заев во интервјуто за „Капитал“ неодамна е таа што се однесува на неговата подготвеност за храбри политички одлуки. Тој вели дека има визија за Македонија, дека земјата ја гледа како дел од Европската Унија и од НАТО (визија што нема своја алтернатива) и дека за таа клучна цел на македонската политика, тој, но и неговата Влада се согласни на чекори што ќе ја одведат државата таму, дури и по цена на нивниот политички рејтинг.

„Не се плашиме дали ќе изгубиме избори, напротив одиме со една друга мисла дека граѓаните ќе препознаат и дури ќе наградат ваква политика“ вели премиерот.

Оваа јасна насоченост на македонскиот политички врв е сосема отсликана во активностите на Владата. Факт е дека уште во првите месеци се посвети силна енергија на целосна промена на курсот на надворешната политика. Исто така  факт е и дека првите резултати се чувствуваат преку некои конкретни (на пример Договорот со Бугарија), но и повеќе апстрактни моменти (позитивната енергија и волја што раководствата од нашата и соседните земји ги потенцираат во секоја можна прилика).

Оттука, сосема е јасно кое ќе биде клучното прашање на политичката сцена за годината што следува. Прашањето за проблемот за името што Грција го има со Република Македонија, како клучна пречка во реализацијата на државните приоритети, низ годиниве доби димензија на еден тукуречи надреален проблем, без разлика од која перспектива се гледа на него, а особено ако се гледа од онаа суштинската. Таа него би го дефинирала како една сложена ситуација во која политичките елити, и тука и на југ, гледаа потенцијал за себеодржување на власт, како еден збир од свесно влечени погрешни потези што само дополнително комплицираа и како еден обид на политички шарлатани во ова море на поделена историја и матна сегашност, да ја потопат својата неспособност како лидери, но и подмитливост како луѓе, само за да креираат една неизвесна иднина – таква каде нивната игра единствено би поминала неказнета. Проблемот е што таа иднина е далеку понеизвесна за Македонија, отколку за Грција, со оглед на тоа што ние сме тие на кои неопходно им е столчето на масата и таа неопходност многупати досега била јасно објаснета од сериозните познавачи на домашните и геополитички состојби, па тука нема што многу да се зборува.

Токму затоа, ние не би имале друга опција во моментов од таа силно да ги поддржиме владините напори на ова поле. Притоа, би било одлично да е вистина тоа што Заев го откри во врска со поддршката што наводно ја имаат од опозицијата за ова прашање. Ако се има превид сериозноста на моментот за која зборуваат врвни дипломати, експерти, но и домашни и странски политички лидери, за Македонија нема подобра варијанта од тоа власта и опозицијата да имаат еден силен консензус во врска со црвените линии. Само така може да се оствари она што Заев го вети – позитивен исход на едни преговори во коишто влегуваме со цел да најдеме решение, не да бегаме од него, но притоа да се зачува националната гордост. Таа национална гордост сигурно ќе биде допрена, но може да остане жива само преку еден усогласен став дома и негова силна афирмација. Тука нема подваријанти.

Да, сосема е можно ВМРО – ДПМНЕ (или нејзини поединци) оваа поддршка да ја условува со евентуални нечесни понуди за амнестија, но Заев е сигурно толку политички мудар за да знае дека тоа би значело дебакл на процесот „Вистината за Македонија“, но и негов личен пораз и дека тоа сигурно не е начин на којшто доликува политички да „загине“ премиер кој ветува храбри потези. Обединувањето, помирувањето и сите слични актуелни термини едноставно мора да се одвиваат паралелно и независно со правните процеси и разрешници на огромните скандали и тука нема дилема. Зоран Заев тука ќе мора да го вложи целиот свој политички талент.

Она што не оди во прилог на градењето на едно вакво силно единство за кое Заев зборува (да речеме еве како она што го имаат Грците, а ние никогаш не сме го имале) е моменталната ситуација во којашто се наоѓа ВМРО – ДПМНЕ. Самиот нов лидер на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во првиот говор од новата позиција вети дека ќе се залага за владеење на правото, непристрасни и независни судии, крај за корупцијата и политичките притисоци, па човек може да помисли дека тој и новото ВМРО – ДПМНЕ би стоеле настрана од политички уцени и пазари. Но, веќе следниот ден неговата партија прати соопштение до јавноста кое се однесува на приведените за настаните од 27ми април со буквално истиот вокабулар како да е пишувано „во време Грујово“, па овие надежи мирисаат како неосновани. Мицкоски зборуваше и за ЕУ и за НАТО, за внатрешно помирување, интеграција и иднина, за одење напред и за реална волја, но тој исто така и силно аплаудираше на говорот на Никола Груевски, кога овој безобразно ја спореди нашата моментална и официјална државна позиција во спорот со Грција со соблечена студентка, која му се нуди на свој колега. Мицкоски иако можеби политички или лидерски неискусен би требало да знае дека вакво јавно понижување на официјалните македонски државни позиции во еден олку битен спор и олку битен момент ниту е добра волја, ниту е пат до помирување. Конечно, целиот Конгрес одржан во свежо сеќавање и дегустација на плодовите од децениското нивно владеење покажа дека најголемата опозициска партија во моментов е толку девалвирана, толку потрошена, та дури и непотребна, а сите повици за некакви национални помирувања звучат навредливо кога доаѓаат од креаторите на најголемите поделби во поновата историја на македонскиот народ. Кога од таму доаѓат пак повици за владеење на правото и неселективната правда, ситуацијата станува по малку и трагикомична.

Во вакви услови, оваа партија ќе мора во догледна иднина да се занимава сама со себе за воопшто да може да се факторизира како елемент што би требало да испорача став за какво и да е прашање (а особено такво од јавен интерес). Тоа не оди во прилог на единството за коешто зборуваме, па Заев истото наместо преку политичките субјекти, очигледно ќе мора да го гради преку силен контакт со самите граѓани, преку доближување до ним лично и етапно департизирање на целата држава. Ова е пат што Македонија допрва ќе го отвора и во од ќе мора да покажува дека има капацитет да го изврви, но нема друг, во шумата сите веќе разгазени патишта нам одамна ни се затворени.

Токму овој пат, заедно со оваа можност, што и тоа како треба и мора да биде препознаена, во една од клучните политички години за земјата, каква што се очекува да биде 2018-та, се единствениот ас во ракавот на државата, но и на самата Влада. Единствениот кредит што Заев и неговиот тим го имаат. Оти откако тоа ќе се потроши, многу брзо ќе дојде 2019 – та. А тогаш, ако овој кредит се исплати, сите патишта ќе водат дома каде што, дотогаш, на сите веќе ќе треба им биде јасно што значат вистински реформи, колку е болен процесот на нивно спроведување и како една реформска Влада, но уште поважно  - едно такво општество навистина треба да изгледаат.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×