Муижниекс: Балканот од транзитна станува целна дестинација за мигрантите
Објавено на од во БАЛКАН-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Муижниекс, во извештај објавен во Стразбур оценува дека Балканот од транзитна се претвора во целна дестинација за мигрантите.

„Земјите од Западен Балкан се доживуваат како транзитни, но тие полека се претвораат во стандардна дестинација на мигрантите“, изјави Мужниекс, истакнувајќи ја потребата од политики на интеграција и инклузивно образование во регионот.

Според него, како што јави дописникот на МИА од Стразбур, главни проблеми се недостигот на курсеви по јазици во земјите домаќин, неусогласеност на нивниот образовен систем со потребите на децата-мигранти, компликуваната процедура за обединување на бегалски семејства, долгите постапки за добивање на државјанство и ниската вработеност меѓу мигрантите.

Како особено голем предизвик, комесарот ја истакна токму толеранцијата во образовниот систем и потсети на постоечките проблеми со ромските и другите малцинства во овој поглед.

„Во Западен Балкан има комбинација од фактори. Едниот е односот кон етничките малцинства, кој може да доведе до зголемување на ксенофобичните движења и антимигрантски расположенија. Друг е недостигот на искуство и ресурси за прифаќање на толку сериозен број мигранти“, изјави Муижниекс, додавајќи дека има примери за успешна интеграција со малку ресурси, како во Португалија.

Комесарот за човекови права на Советот на Европа ги пофали бегалските центри во Хрватска, а особено за Бугарија и истакна дека има „бавно подобрување” во условите за прием на бегалци.

Во однос на вооружените групи граѓани кои се обидуваат „да ловат“ илегални мигранти долж јужните граници на Бугарија, Мужниекс истакна дека властите треба да ги осудат ваквите активности.

„Никој не треба да биде охрабруван да го зема законот во свои раце“, изјави комесарот и повтори дека токму недостигот на адекватни политики за интеграција доведува до раст на десничарските чувства во општеството.

Од март наваму балканската миграциска рута кон Западна Европа е блокирана, откако земјите на север од Грција почнаа да ја следат постапката на Австрија и ги затворија своите граници за мигрантите.

Според проценките на разни аналитичари и институции, можно е миграцискиот бран сега да биде пренасочен по нови правци и тоа кон Албанија, Италија, вклучувајќи и преку Бугарија.

„Европските влади кои досега беа зафатени со краткорочни потреби како што е прием и обработка на барања за азил, сега мора да се фокусираат на долгорочна цел за унапредување успешна интеграција на мигрантите“, истакна Муижниекс.

Во фокус на препораките е спојување членови на семејства, почитување на правата на престој, курсеви за јазици и интеграција, пристап до пазар на трудот и квалитетно образование, ефикасна заштита од дискриминација и учество во политика.

Во извештајот насловен „Време е Европа да ги интегрира мигрантите“, се даваат насоки на владите и на парламентите за успешна политика на интеграција.

„Мигрантите не се закана, туку шанса. Европските држави би требало да се соочат со предизвик за успешна интеграција и тоа се смета за долгорочна инвестиција во своја стабилна и безбедна иднина“, наведува Муижниекс во извештајот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×