МВР: Заев спремал пуч. Заев: Забеган обид на власта да ги спречи бомбите
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, поранешниот директор на Управата за безбедност и разузнавање, Зоран Верушевски, неговата сопруга, Соња Верушевска, и вработениот во општина Струмица, Бранко Палифров, се осомничени за загрозување на уставниот поредок и недемократско преземање на власта, односно суспендирање на вољата на граѓаните. Министерството за внатрешни работи објави дека ова е прв пат во историјата на независна Македонија да се реализира случај во кој е сузбиен обид за извршување на овие дела.

Според  досега собраните докази во рамките на полициската акција „Пуч“, осомничените лица, преку употреба на незаконски средства на следење и на шпиунирање, со упатување на сериозни закани кон високи државни функционери, сакале да извршат преврат и да изнудат разни услуги.Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, денеска ќе поднесе кривична пријава против четири лица инволвирани во незаконски дејствија, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, акцијата „Пуч“ ја оцени како „забеган обид на власта да ги спречи бомбите, вистините, аргументите и доказите, дека тие се оние кои правеле зло, а мојата вина е што дознав“, во изјава за НОВА.

Првоосомничен во случајот „Пуч“ е поранешниот директор на Управата за безбедност и разузнавање, кој се товари за две кривични дела, и тоа шпионажа и помагање при насилство кон претставници на највисоките државни органи. Второосомничена е неговата сопруга која му помагала при извршувањето на делата. Третоосомничен е локалниот функционер од општина Струмица, кој се товари за насилство кон претставници на највисоките државни органи. Четвртоосомничен е лидерот на СДСМ, за истото дело – насилство спрема претставници на највисоките државни органи, сторено во обид.

Верушевски, како што објави МВР, во периодот од 2012 година до денес, прибавувал тајни податоци поврзани со работењето на надлежни државни органи во Македонија, во форма на документи, фотографии, имиња на лица и други податоци кои што се однесуваат на општествено-политичките, економски, безбедносни состојби во земјата, со намера да ги соопшти и предаде на странска држава, организација или лице што им служи. Во вршењето на кривичното дело активно му помогнала неговата сопруга, со ставање на средства на располагање за извршување на кривичното дело, како и на средствата со кое е извршено истото. Таа на својот службен компјутер, на работното место, вршела превод на документи и податоци на англиски јазик, штоѝ ги давал осомничениот, за тој потоа преведени да ги предаде на странска држава, организација или лице што им служи, стои во соопштението на Министерството за внатрешни.

Зоран Заев, пак, остварил повеќе лични средби и телефонски комуникации со премиерот Никола Груевски, на 28.09.2014 година, на 09.10.2014, на 31.10.2014 и на 17.11.2014 година, а на средбите и комуникациите му се заканувал (на премиерот) дека поседува докази од компромитирачки карактер за носители на високи јавни, службени и државнички функции во Република Македонија. Заканата ја конкретизирал со тоа што од Груевски, како од премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, побарал да ги прифати барањата за формирање техничка влада, а потоа да се распишаат предвремени парламентарни избори. За возврат Заев ветувал дека нема јавно да ги објави податоците што ги добивал од Верушевски.

При претресот во рамките на полициската акција во домот на Верушевски биле пронајдени и одземени два пиштоли, 4 компјутери и 6 мобилни телефони. Во содржината на електронските податоци биле пронајдени податоци и информации кои укажувале на транскриптирани документи за извршени разговори помеѓу повеќе личности од јавниот и општествено политички живот во земјата, криптирани доверливи документи од повеќе институции од државата, службени документи од кореспонденција со странски држави, документи од спроведени истраги од надлежните судски инстанци во Македонија, кривични пријави и други известувања од правни и физички лица доставувани до Јавното Обвинителство, деловни договори на неколку домашни и странски правни субјекти.

Денеска бил извршен претрес и во домот на Палифров, каде што полицијата ја затекнала и сопругата на Верушевски, која, како што соопшти МВР, кога ги забележала полицајците од прозорец на куќата фрлила мобилен телефон. За време на претресот биле одземени три лаптоп компјутери, еден персонален компјутер, 20 мобилни телефонски апарати.

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×