25 милиони евра за 20 државни институции кои никој не знае за што постојат!
Објавено на од во Финансии

Се множат државните институции кои постојат без причина

Секретаријати за рамковен, за европски прашања, за законодавство, Државен девизен инспекторат, Инспекциски совет, Совет за унапредување и надзор на ревизијата, комисии за заштита од дискриминација, за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, агенции за администрација, за иселеништво и за туризам и уште неколку други државни институции идната година ќе потрошат над 25 милиони евра. За голем дел од нив никој не знае ни дека постојат, а за останатите се прашуваме за што постојат. Дали некој во Владата води сметка што работат, колкави се ефектите од нивната работа и колку пари трошат?

11,8 милиони евра ќе потроши Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор во 2015 година за да обезбеди соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во земјава. За истата или слична цел постојат и Агенција за остварување на правата на заедниците и Комисија за заштита од дискриминација, кои ќе чинат 212.000 евра.

3,9 милиони евра годинава ќе потроши Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Од Агенцијата не одговорија за што трошат толку многу пари, кои се ефектите од нејзиното работење, колку субвенции се поделени за 2013 и 2014 година, колку пари се дадени за проекти за развој на туризмот?

4,8 милиони евра ја чинат државната каса Националната агенција за европски образовни програми, Секретаријатот за европски прашања и Ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош, кои треба да ја тераат европската агенда на Владата и да носат пари од европските фондови. Досега и кај едното и кај другото нема голем напредок. Имаат вкупно 159 вработени.

566.732 евра ќе потрошат Регулаторната комисија за домување, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер и Комисијата за односи со верските заедници, кои се од поново време и се уште е нејасно што воопшто работат

300.000 евра се одвоени само за Секретаријатот за законодавство, кој постои за да обезбеди „конзистентност на правниот систем на Македонија и да дава стручни мислења за усогласеноста на предлог-законите и другите прописи со Уставот“. За што тогаш постојат Министерството за правда, Уставниот суд и редица правни служби во секоја државна институција?

600.000 евра догодина ќе потроши Агенцијата за администрација, која се грижи за статусот, правата, должностите и одговорностите на државните службеници. Оваа Агенција беше формирана иако за истата работа претходно беше формирано Министерството за информатичко општество и администрација

300.000 евра годишно троши Агенцијата за иселеништво, која треба да води сметка за положбата и правата на иселениците од Македонија и да ги мапира иселениците преку ажурирање на базата на податоци. На прашањето на „Капитал“ колку луѓе се иселени од Македонија во последните години, од Агенцијата одговорија дека немаат надлежност да водат евиденција за бројот на иселени лица и за лица кои се иселуваат тековно. За што тогаш постојат?

Над 25 милиони евра идната година ќе потрошат 20 државни институции, кои немаат кој знае каков придонес во функционирањето на јавниот сектор, а уште помалку придонесуваат за поквалитетен живот на граѓаните или за подобар бизнис. За голем дел од нив никој не знае ни дека постојат, а за останатите се прашуваме за што постојат. Повеќето можат да функционираат и како сектор во рамките на поголема државна институција. Во Владата, која ги формира, секако имаат одговор зошто постојат Државен девизен инспекторат, Инспекциски совет, Совет за унапредување и надзор на ревизијата, Комисија за заштита од дискриминација, Комисија за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, Агенција за администрација и ред други. Но, дали некој во Владата води сметка што работат, колкави се ефектите од нивната работа и колку пари трошат?

„Капитал“ ги анализираше овие институции преку државниот Буџет за 2014 и 2015 година и утврди дека годинава тие ќе потрошат 22,8 милиони евра, а догодина уште повеќе – 24,6 милиони евра. Овие 20 државни институции годинава бројат 2.175 вработени, а догодина ќе се намалат на 2.056 лица.

Најфантомска институција меѓу нив е Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор, кој има најголем буџет (11,8 милиони евра за 2015) и најмногу вработени (1.778 во 2014, а 1.637 во 2015). Бројот на вработени се намалува затоа што дел од нив ќе се прераспределат во други државни институции, каде ќе треба навистина да добијат работа. Во Секретаријатот се само вработени, земаат плата, но не одат на работа. Оттука излегува апсурдноста на постоењето на оваа владина институција. Секретаријатот редовно годишно троши по околу 10 милиони евра од државната каса, а постои веќе седум години. Во Буџетот пишува дека задачата на оваа институција е да обезбеди соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во земјава, да ја следи имплементацијата на Законот за јазиците и на Рамковниот договор…

За апсурдноста да биде уште поголема, паралено постојат уште две државни институции со речиси истата задача: Агенција за остварување на правата на заедниците и Комисија за заштита од дискриминација, кои во 2015 година ќе чинат 212.000 евра. Во Агенцијата има седуммина вработени, а во Комисијата нема вработени бидејќи веројатно заседава по потреба, па така годинава имала работа со 160 претставки. Комисијата има надлежност да постапува по претставки, покренува иницијатива за поведување постапки пред надлежни органи, дава препораки за мерки за остварување на еднаквоста, ја информира јавноста за случаи на дискриминација… Агенцијата за остварување на правата на зедниците има буквално иста задача како и Секретаријатот – да се грижи за спроведување на уставно загарантираните права на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% од населението во Македонија – вработување, образование, култура, информирање на свој јазик. Зошто не може една институција да биде надлежна за сите овие работи, кога сите се во доменот на правична застапеност и заштита од дискриминација? На ова прашање нема одговор.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот е уште една државна институција која има огромен буџет, несвојствен за улогата што ја има и ефектот што го даде досега (во македонскиот туризам доминира одливот на сметка на приливот на туристи). Годинава оваа Агенција има буџет од 3,9 милиони евра и 18 вработени, а догодина нешто помал, 3,5 милиони евра, и повеќе вработени (21). За што оваа институција троши толку многу пари? Според информациите објавени на веб-страната на Агенцијата, годинава нејзините вработени посетиле или учествувале на 16 туристички саеми во Утрехт, Виена, Измир, Лондон, Познан, Римини, Токио, Москва, Букурешт, Берлин… Како проекти кои треба да ги реализира за развој на туризмот се изградба на планинарски патеки за пешаци и велосипедисти, развивање на параглајдерството, мапирање на спомениците од Османлиско време. Оваа Агенција треба да дели и субвенции за носење туристи во Македонија. Во однос на состојбите во туризмот, Агенцијата не објавува своја статистика, туку ја користи таа на Државниот завод за статистика. Агенцијата одобрува и пари за проекти развој на туризмот. За таа намена во јуни годинава одобрила 13.600 евра на 10 институции.

Од Агенцијата за туризам не добивме одговор на прашањата на „Капитал“: Кои се ефектите од нејзиното работење, колку субвенции се поделени за 2013 и 2014 година, колку пари се дадени за проекти за развој на туризмот и што ќе работат во иднина за да ги подобрат состојбите во домашниот туризам?

Во институциите кои се директно инволвирани во туристичката дејност во земјава велат дека досега немаат развиено кој знае каква соработка со Агенцијата.

„Нема соработка со Агенцијата каква што би требало да има. Сега договараме некои средби за да воспоставиме соработка затоа што нема може да се развива туризмот, а во целата работа да не се вклучи хотелскиот комплекс“, велат во Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија.

„Европските“ институции трошат многу, а носат многу малку

Националната агенција за европски образовни програми, Секретаријатот за европски прашања и Ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош се институциите кои треба да ја тераат европската агенда на Владата и да носат пари од европските фондови. Досега и кај едното и кај другото нема голем напредок. А, тие ја чинат државната каса 4,5 милиони евра годинава, а догодина 4,8 милиони евра. Имаат вкупно 159 вработени. Најброен е Секретаријатот за европски прашања, чија задача е следење и проучување на политиките и законодавството на ЕУ, координација и стручна поддршка за приближување на македонското законодавство до европското, имплементација на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ. Секретаријатот е надлежен и за испраќање државни службеници во Мисија во Брисел (четворица годинава), да го преведува Службениот весник на ЕУ, да спроведува обуки и работилници.

„Во наредната година активностите ќе бидат насочени кон изградба и зајакнување на институционалната инфраструктура неопходна за интеграција на Република Македонија во ЕУ, долгорочно планирање на ресурсите за поддршка на процесот за интеграција во ЕУ, оспособување на јавната администрација за интеграција во ЕУ, координација на мрежата на одделенија за европска интеграција во министерствата и другите органи на државната управа, програмирање и планирање на приоритетите на Македонија за користење на странската техничка помош…“, пишува во Буџетот за 2015 година. А, Македонија е се уште многу далеку од интеграција во ЕУ.

Ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош, пак, треба да го контролира процесот на искористување на парите од ИПА фондовите, кои патем многу малку се користат. На пример, од фондовите на ИПАРД за земјоделство досега се искористени само 11%. Идната година ова тело треба да направи 33 ревизии, а годишно располага со буџет од околу 600.000 евра.
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност со буџет од 2,3 милиони евра се грижи за менаџирање и имплементација на програмите за Доживотно учење и Млади во акција, кои се насочени за европска интеграција на Македонија и обезбедување размена, соработка и мобилност во образованието. Посликовито, во 2015 година Агенцијата ќе обучува луца од училишта, универзитети, општини, јавни институции, НВО и индивидуалци за да им ја зголеми свеста и информираноста за ЕУ и за да се приклучат во мрежите за размени.

Веројатно овие институции се нужно зло, но прашање е дали нивните буџети се оправдани и дали тие реално заслужуваат да трошат толку многу пари.

„Овие тела мора да постојат. ЕУ бара тие да бидат одделни. Се согласувам дека се нужно зло, но тие својата оправданост за постоење треба да ја правдаат со што повеќе средства извлечени од ЕУ фондовите. Денес, само 30% од средствата се искористени. Значи за да постојат, тие треба да се исплатливи и да продуцираат што е можно повеќе проекти кои ќе донесат средства од ЕУ“, вели Малинка Ристевска Јорданова, директор на Институтот за европска политика.

Мали институции кои обезбедуваат удобни фотељи

Од Буџетот трошат пари и повеќе мали државни институции со чудни функции. Кога ќе се видат нивните годишни буџети, излегува дека тие трошат демек малку пари, но затоа обезбедуваат удобни фотељи. На пример, Советот за унапредување и надзор на ревизијата годишно ја чини државната каса околу 85.000 евра, а постои за да издава лиценци за работа на друштва за ревизија и овластени ревизори и за да го зајакне надзорот врз Институтот на овластени ревизори. Засега има издадено 15 лиценци. Во Советот работат двајца, а догодина ќе бидат четворица. Ова тело може да биде обичен сектор во друга соодветна државна институција.

Секретаријатот за законодавство има уште поголем буџет, од околу 300.000 евра, а постои за да обезбеди „конзистентност на правниот систем на Македонија и да дава стручни мислења за усогласеноста на предлог-законите и другите прописи со Уставот“. За што тогаш постојат Министерството за правда, Уставниот суд и редица правни служби во секоја државна институција? А, во 2015 година, оваа институција ќе биде надлежна и за да го „јакне капацитетот на органите на државата за усогласување на законодавството на Македонија со ЕУ“. Истото што го прави и Секретаријатот за европски прашања.

Неколку државни комисии: Регулаторната комисија за домување, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер и Комисијата за односи со верските заедници, се од поново време и се уште е нејасно што воопшто работат. Регулаторната комисија за домување догодина ќе има буџет од 137.000 евра за да обезбеди „долгорочен, стандардизиран и хармоничен развој на домувањето, категоризација на станови, издавање лиценци за управители, посредување во решавање спорови во домувањето“. Досегашните ефекти на терен од нејзиното постоење воопшто не се видливи.

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер идната година ќе располага со 235.000 евра, а улогата и е да обезбеди јавност и отвореност на имателите на информации. Ако сите државни институции имаат ПР служби, зошто мора да постои и ваква Комисија?

Нејасно е и постоењето на Комисија за односи со верските заедници и религиозните групи како самостоен државен орган, со годишен буџет од 190.000 евра. Оваа Комисија треба да ги разрешува сите прашања што ќе се појават помеѓу верските заедници и државните органи и да подготвува извештаи за остварувањето на верските права и слободи во Македонија, а издава и решенија за издавање одобренија за привремен престој на странски верски лица.

Во последно време се засилува потребата од постоење на некакви инспекциски органи во земјава. Во таа насока треба да дејствуваат и новоформираните Државен девизен инспекторат и Инспекциски совет, кои за идната година ќе имаат на располагање 385.000 евра. Девизниот инспекторат ќе врши „инспекциски надзор врз примената на прописите за девизното работење на резиденти и нерезиденти“, област која веќе е во доменот на работата на Народната банка, Дирекцијата за спречување на перење пари и на уште неколку финансиски институции. Инспекцискиот совет, пак, ќе ја координира работата на сите инспекциски служби, ќе спроведува испит за инспектор, и ќе издава и одзема лиценци за инспектор…

***

Што работат агенциите за администрација и за иселеништво?

Над 600.000 евра догодина ќе потроши Агенцијата за администрација, која се грижи за статусот, правата, должностите и одговорностите на државните службеници. Оваа Агенција беше формирана иако за истата работа претходно беше формирано Министерството за информатичко општество и администрација. Колку овие две институции се поклопуваат во работењето и кои се ефектите од нивната работа? Од Министерството за информатичко општество и администрација не сакаа да ја коментираат потребата од постоење на оваа Агенција.

„Агенцијата за администрација работи повеќе години како самостоен државен орган со својство на правно лице, која има повеќе надлежности за кои подетално можете да се информирате кај нив“, велат оттаму.

Досега најголем дел од надлежностоте поврзани со јавната администрација беа во Министерството, кое меѓудругото требаше да изброи колку вработени има во јавниот сектор, да ја оцени нивната работа, а сега ќе прави и функционална анализа на јавните институции. Во овие активности Агенцијата не се споменува.

„Позначајни новини во законите за административни службеници и за вработените во јавниот сектор се јасна категоризација на вработените, новите форми на вработување, воведувањето систем за управување темелен на компетенции, измени во постапките за селекција и вработување и за унапредување на административни службеници, како и воведување систем за управување со ефектот. Функционална анализа во јавните институции опфаќа повеќе подактивности, како што се: обучување на претставници од администрацијата за спроведување функционална анализа, подготовка на методологија за функционална анализа и нејзино конкретно спроведување во неколку институции на централно и локално ниво. Целта на спроведувањето е да стане корисна алатка преку која ќе се идентификуваат главните прашања поврзани со постојната организациска структура и со функционирањето на секоја поединечна институција, како и да овозможи креирање конкретни мерки за подобрување на институционалната ефикасност“, стои во одговорот од Министерството.

Агенцијата за иселеништво, пак, постои од поодамна, а има годишен буџет од над 300.000 евра. Таа треба да води сметка за положбата и правата на иселениците од Македонија и да ги унапредува врските со нив и со нивните здруженија. Надлежна е и за одржување бизнис форуми на иселеници-бизнисмени, како и за мапирање на иселениците преку ажурирање на базата на податоци. Со оглед на бранот на иселувања од Македонија во последниве години, “Капитал“ побара податоци и коментар од Агенцијата за оваа состојба.

„Агенцијата за иселеништво нема надлежност да води евиденција за бројот на иселени лица и за лица кои се иселуваат тековно, а податоците се добиваат од бироата за статистика на земјите во странство“, велат оттаму, иако во Буџетот пишува дека се надлежни за ажурирање на базата на податоци за иселениците.

За тоа на кои проекти работат во моментот одговорија дека, согласно Законот за организација и работа на органите на државната управа, се грижат за положбата и правата на иселениците од Македонија, го помагаат нивниот културен развој, ги унапредуваат врските со нив и нивните организации, ги запознаваат со состојбата во Македонија, создаваат услови за нивно враќање и за нивно вклучување во јавниот и економскиот живот во земјава.

***

Има Биро, ама нема регионален развој

Во Македонија постои и Биро за регионален развој, кое користи средства од Буџетот за реализација на проекти за развој на подрачјата со специфични потреби и за развој на селата. За таа цел идната година ќе потроши 1,3 милиони евра. Иако постои со години, Бирото и за 2015 година има наведено дека се насочи на „обезбедување порамномерен и одржлив развој на целата територија на Македонија, намалување на диспаритетите во и помеѓу планските региони и зголемување на нивната конкурентност“. Па, што тогаш работело досега и кои се ефектите од тоа? Во Македонија се уште постои длабока нерамномерност во развојот и неразвиеност на руралните средини и планинските подрачја!

Идната година од државниот Буџет ќе се одвојат 97.000 евра и за Бирото за застапување на Македонија пред Европскиот суд за човекови права, кое ќе добие и четворица вработени. Годинава е без вработени, а има буџет од 73.000 евра. Оваа институција во 2015 година ќе ja претставува Македонија во постапките пред Судот, ќе врши анализа на пресудите и праксата на Судот и за тоа ќе ги известува домашните судови и државни органи, ќе го следи остварувањето на обврските на домашните судови и државни органи кои произлегуваат од одлуките на Судот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×