Путин ги “пресече” српските очекувања големи колку Русија
Објавено на од во БАЛКАН-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Политички, Вучиќ и Путин, првиот со поканата, а вториот со доаѓањето во Белград во актуелниот политички контекст, одработија само изборни поени за „по дома“ – српскиот премиер поради популарноста на рускиот претседател меѓу голем дел од своите гласачи, а Путин во услови на западна изолација, на Русија ѝ порача дека сеуште игра на Балканот. Последново значително го обезвредни прокламацијата на Вучиќ дека „Србија се наоѓа на патот кон ЕУ и од тој свој пат не се откажува“, со која, пак, се задоволи Унијата, во оваа рана фаза на преговорите со Белград. Но, на економски план, Србите колку очекуваа од посетата на Путин, тој толку ги разочара, со изјавата дека по Јужен поток може да потече гасот и милијардите што го следат, ама оти тоа не зависи од него, туку од ЕУ

Уште пред рускиот претседател, Владимир Путин, да допатува по третпат во Србија, како гостин на одбележувањето на седумдесетгодишниот јубилеј од ослободувањето на Белград, беа познати сите премиси за изведување заклучоци за значењето на посетата – и во Русија, и во Белград и на Запад. Ситуацијата во која Русија се бори да си го олесни притисокот од западниот обрач на изолација, Србија се евроинтегрира иако во Русија гледа сламка на спасот за загрозената економија, а Западот бара единство во своите редови во кои Србија избра да се построи, го определи карактерот на доаѓањето на Путин во Белград. Србија се надева на подобрување на економската соработка со Русија – Путин ѝ вети 10 милијарди долари инвестиции во наредните три години.

Премиерот Александар Вучиќ си одработи и политички кредит за следните избори, со оглед на популарноста на рускиот претседател кај голем дел од гласачите. И Путин, исто така, испрати порака дома (во Москва) дека во услови на изолација и погоденост на руската економија од санкциите, Русија останува на Балканот. А Западот, се чини, во оваа рана фаза на преговорите на Србија со Европската унија, се задоволи со прокламацијата на Вучиќ дека „Србија се наоѓа на патот кон ЕУ и од тој свој пат не се откажува“. „Ова е Србија која не се срами и која води јасна надворешна политика“, рече уште Вучиќ, при што остана нејасно зошто една земја воопшто би се срамела од својата надоврешна политика, доколку сама одлучува за неа, и, во конкретниот случај, од што би можела да се срами Србија – од преговорите за членство во ЕУ или од со нив неповрзливиот пиетет кон „братската“ словенско-православна Русија.

Токму тоа што процесот на нејзините евроинтеграции не е отиден предалеку, ѝ го овозможи на Србија луксузот толку отворено да манифестира дека Русија ѝ останува „слабост“, до степен што симболички најдобро го измери преместувањето за четири дена на датумот на прославата (од 20 на 16 октомври), за истата да може да влезе во агендата на Путин, поради што про-ЕУ круговите во Белград реагираа со шегобијни примедби дека во Србија е на сила путинов календар. Но, позицијата што српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, ја опиша со зборовите „ние не прифаќаме порака „или-или“ (или ЕУ, или Русија, н.з.), туку велиме „и – и“, според сѐ изгледа нема да биде одржлива уште долго, особено ако украинската криза не изгуби од своето геополитичко значење. Еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, веќе им сугерираше на евро-пратениците дека меѓу првите поглавја што Србија ќе ги отвори во преговорите со ЕУ треба да се размисли токму за отворање на поглавјето 31, кое се однесува на надворешната политика и на безбедноста. Иако во западните центри официјално порачаа дека немаат проблем со посетата на Путин на Белград, јасно е оти Брисел, Берлин, Вашингтон, очекуваат Србија сѐ повеќе да ја усогласува својата надворешна политика со онаа на ЕУ. Оттаму потенцираат дека изразот балансирана политика (на Србија, во односите со ЕУ и со Русија) украинската криза го претвори во оксиморон, и оти само во оваа фаза ја толерираат Србија како единствена држава – кандидат за членство во ЕУ, која не воведува санкции кон Русија (поради Украина).

Наследникот на Филе, Јоханес Хан, веќе изјави дека Србија, ако претендира да стане членка на Унијата, ќе мора внимателно да ја разгледа својата одлука да не ги поддржи санкциите, а иста порака дојде и од шефот на делегацијата на ЕУ во Белград, Мајкл Девенпорт. Но, Вучиќ, сепак, пред Путин повтори дека неговата Влада никогаш нема да воведе санкции кон Русија, што покажува дека вртењето грб на Русија можеби ќе биде не помалку жежок костен за Србија од Бриселската спогодба (за Косово). Српскиот премиер не се разликува од некои свои балкански колеги чија политика се води според изборна (популистичка) логика, па, тој во услови на силно русофилство меѓу гласачите (предизвикано, во поново време, и со поддршката која српскиот народ смета дека ЕУ им ја дава на албанското и на хрватското антисрпство) тешко би се определил за воведување санкции кон Русија (секако, за ова има и економски мотиви). Но, според истата логика Вучиќ во некоја преспектива би можел да размислува и сосем поинаку, а тоа во голема мерка зависи од однесувањето на ЕУ (од тоа, со колку „моркови“ Унијата е подготвена да плати за да спречи Србија да стане база за ширење на руското влијание во регионот). Евроентузијазмот во Србија паѓа, покажуваат анкетите, но, покрај Србите кои го дочекаа Путин со плакати „Да го дочекаме својот претседател“, не беше мал бројот и на оние (особено во Белград) за кои воената парада претставуваше непријатност што државата тешко може да си ја дозволи, а поради која со денови над главите им вревеа авиони, тенкови ги „ораа“ улиците, сообраќајот беше блокиран …

Српско-руското братство не е сразмерно со придобивките за Србија

Деновиве во српската јавност наголемо се дебатира, особено врз база на досегашното искуство, колкави ќе бидат економските придобивки од она што било разговарано и договорено при посетата на Путин на Белград. Официјално, рускиот претседател порача дека Србија може да го искористи поволниот момент на пазарот во Русија создаден поради западните санкции, и оти руските инвестиции (во Србија) можат да достигнат 10 милијарди долари во наредните три години. Особена перспектива за соработка Путин гледа во областа на земјоделието, и изнесе проценка дека ако се реализираат постигнатите договори во тек на посетата, извозот на српски производи во Русија може да порасне од 130 на 500 милиони долари за кратко време. Овде треба да се потсети дека како премолчен услов за да го толерира српското невоведување санкции кон Русија, ЕУ ја прифати согласноста на Белград да го прилагоди извозниот режим за српските произведувачи да не влегуваат на рускиот пазар наместо европските, преземајќи им ги позициите.

Српскиот премиер, Александар Вучиќ, по средбата со Путин на која му се заблагодари што го почитува европскиот пат на Србија и што не ја притиска да се откаже од него, изјави дека рускиот претседател му ја прифатил молбата одредна квота на возила „Фијат“ произведени во Крагуевац, да бидат извезени на рускиот пазар (и оти бил договорен послободен извозен режим за српското сирење). Токму со крагуевските „Фијати“ и со рускиот гасовод Јужен поток беа поврзани најголемите очекувања на Србите. Србија се надеваше на милијарди евра инвестиции од поминувањето на гасоводот низ нејзината територија, стотици евра годишни приходи од транзитот на гас и од наплатата на трошарината, големи бизниси за домашните компании, и соодветно, илјадници нови работни места. Оваа ведра перспектива мудро ја наоблачи Путин кој во Белград изјави дека работата не зависи од Русија, туку од Европската унија, и оти Јужен поток на може да се гради еднострано. Така, откако во најавите за пуштање во работа на гасоводот на секои шест месеци имаше поместување за понатаму, сега и официјално Путин им порача на Србите да го намалат „доживувањето“ околу милијардите што би им дотекле со рускиот гас. Со други зборови, сега дојде до целосен израз неблагодарната позиција на Србија меѓу интересите на Брисел и на Москва – од едната страна бараат од Србија либерализација на пазарот, односно низ руските цевки да потече гас и од други производители, а од другата страна, во Гаспром, се уште можат да си дозволат тоа да не им одговара, додека Србија е целосно зависна од рускиот гас.

Кога е во прашање гасот, Путин од Белград испрати порака и до ЕУ. „Постојат големи ризици во транзитот. Ако видиме дека нашите украински партнери почнуваат нелегално да го земаат нашиот гас од гасоводите за извоз, како што се случи во 2008 година, ќе ја намалиме испораката за Европа, како и во 2008“, одговори Путин на новинарско прашање за тоа што ќе се случува со снабдувањето на Европа со гас оваа зима. Дека оваа закана можеби и нема да се оствари, надеж даде почетниот договор на рускиот претседател со неговиот украински колега, Петро Порошенко, околу цената на рускиот гас за Украина, постигнат во Милано, на Азиско-европскиот Самит, каде што Путин отпатува веднаш откако го напушти Белград. Но, Европа изгледа дека нема намера одново да му го довери своето греење на Путин. ЕУ најави план „Б“ во случај на прекин на испораката на руски гас преку Украина.

Студијата која требало да одговори на прашањето дали државите на Унијата и од нејзината околина можат да ги преживеат зимските месеци без рускиот гас, покажала дека на Европа тој не ѝ е неопходен. До затворањето на овој број на „Капитал“ сеуште немаше детали околу оваа студија, чие претставување за оваа седмица го најави еврокомесарот за енергетика, Гинтер Етингер. Што се однесува, пак, на бесцаринскиот увоз на крагуевски „Фијати“ на рускиот пазар, српските аналитичари ги фаќаат разликите во изјавите на Путин и на Вучиќ за изгледноста на оваа опција за Србија. За возилата „Фијат 500Л“, Путин буквално рече „можно е за тоа да се договориме“, а не како што објасни Вучиќ, „на моја молба прифати да извеземе одредена квота возила „Фијат“ во Русија“, пишува во своја колумна познатиот српски новинар, Миша Бркиќ.

Подлабоко разгледувајќи ги руските перспективи на српски „Фијат“, новинарот потсетува на вест на Гласот на Русија, објавена во 2013, во која се велело дека „Фијатовите возила доживеале фијаско на векот“, оти „уделот на Фијат на рускиот пазар заедно со Крајслер е одвај 0,29%“, и уште дека „целата групација Фијат-Крајслер за една година продала само 215 Фијати 500 во Русија“. Понатаму наведува и дека мултинационалната корпорација Фијат-Крајслер има седиште во Холандија, и оти не е исклучено да се приклучи кон другите европски производители на возила кои поради санкциите не извезуваат во Русија. Ако таква одлука биде донесена на ниво на корпорацијата, пишува Бркиќ, прашање е дали Србија како малцински акционер во фабриката на Фијат во Крагуевац ќе може да ѝ се спротистави.

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×