На ручек со… Ана Кондратенко, концерт мајстор на македонската филхармонија
Објавено на од во ЛУЃЕ И ПРИКАЗНИ...

k-3Музиката може да ја подобриме преку насочено образование и стабилно финансирање

Ана Кондратенко, првата виолина на Македонската филхармонија е натурализирана Македонка која потекнува од централна Русија или поточно Новосибирск најстудениот град со најдобри виолинисти. Таа има многу интересен животен пат, кој преку образованието во Германија ја доведе во Македонија, но и многу сериози и издржани предлози и сугестии за подобрување на состојбите во македонската музика и уметност.

Русија земјата на Чајковски, Корсаков, Мусугорски на Толстој, Лермонтов и Пушкин како вечен и непресушен расадник на врвни уметнички кадри пред точно 12 години на Македонија и ја поклони виолинистката Ана Кондратенко, која веќе неколку години е прва виолина или концерт мајстор на Македонската филхармонија. Филхармонијата која случајно или не после доаѓање на Кондратенко конечно успеа да го надмине сивилото на несреќните деведесетти и повторно да се врати на местото кое го заслужува-на самиот врв на македонската уметност. Оваа недела во рубриката На ручек со имаме чест да разговараме со врвен уметник и извонредна личност со широки погледи и сфаќања на светот околу нас.

k-4Тешкотиите ги мотивираат Русите да се уште подобри

Веќе многу познатата Ана Кондратенко е родена во централно-сибирскиот град Новосибирск. Самата се сеќава дека во близина на нејзината родна ќуќа се наоѓа мала црква која е поставена на прецизната точка која го преполовува растојанието помеѓу Москва и Владивосток или попрецизно кажано точка која го претставува самото срце на големата руска земја. Ана е родена во традиционално семејство на научници. Нејзиниот татко е познат физичар, а мајката биолог, па затоа навистина изненадувачки ќе дојде нејзиното ангажирање во музиката.

„Се сеќавам дека постариот брат беше првиот кој почна да се занимава со виолина. Една прекрасна навика која од сосема трети причини мораше да ја остави. Неговиот искусен ментор тогаш дојде кај нас дома и побара да ме чуе мене како свирам. Објасни дека ако имам барем дел од генетските предиспозиции на мојот брат од мене ќе биде голем виолинист. Јас тогаш немав ни полни шест години. Од тој момент животот ми се промени и целосно се посветив на музиката и мојот сакан инструмент-виолината“.

Конкретно градот Новосибирск е голема виолинистичка школа од каде само во најновата генерација се излезени неколку познати виолинисти како Вадим Репин и Максим Венгеров. Без разлика дали звучи убаво реално беше да ја прашаме Ана како е можно во еден од најстудените и најизолираните светски градови постојано да се репродуцираат такви кадри и добивме навистина интересен одговор.

„Во Русија како земја од секогаш било тешко да се живее. Покрај суровата клима, нашиот народ поминал и преку стотици војни. Значи, постојано бил соочен со оскудици на храна и други основни потребштини. Затоа, за да успееш во Русија во било што секогаш требало да вложиш многу, многу труд. Луѓето едноставно се навикнале на тоа и денес во ниедна област не работат површно. Без разлика дали е тоа физиката, областа на мојот татко или уметноста каде што јас се развивам, секогаш сме решени да го дадеме својот максимум“.

Со оглед дека е родена на почетокот на осумдесеттите години, Кондратенко се сеќава дека растела во несреќното и до некаде срамното и ретроградно време на Перестројката за која има најлоши сеќавања и уште полошо мислење. Сепак, на нашето прашање вели дека тоа не и попречило да напредува во кариерата.

„Емпириски е докажано дека во целата долга историја на Русија најдобрите уметници и најдобрите уметнички дела излегувале токму во најлошите и најтешки години. Анализирајте само кога се пишувале големите класични романи и ќе сфатите дека тоа се правело во време на најголемите војни и најголемата глад ширум земјата. Тоа што можеби други депримира нас Русите не инспирира и мотивира да не се предаваме“.

k-1Топлината на Македонија целосно ме обзеде

Потребата од дополнително надградување на веќе очигледните музички квалитети ја носат Ана во самото срце овој пат на западната цивилизација, односно во западно германскиот град Келн, некогашна престолнина на големата средновековна германска империја. Таму таа ја добива можноста да се развие под менторство на врвни светски музичари, но и да ја запознае својата втора половина или нејзиниот сегашен и долгогодишен партнер Олег Кондратенко.
Ана е благодарна на се што Келн направил за нејзе, но вели дека на Запад дефинитивно не би живеела.

„Иако доаѓам од град каде температурата знае да биде и -50 целзиусови степени, мене во Келн на +15 ми беше поладно. Таму атмосферата е ладна и сива. Луѓето не се лоши, но не се ни топли, едноставно имаат некој сопствен начин на живот и однесување кои се туѓи за мене. За нас Словените навистина е тешко да се поврзеш со една друга цивилизација со многу поинакви навики. Од Келн имам многу придобивки и убави работи, но таму дефинитивно не би сакала да го поминам животниот век“.

Веројатно сите овие констатации и ја прават многу полесна одлуката за понудата на Олег да се пресели во Македонија.

„Олег дури беше изненаден колку лесно јас се согласив на преселба во Македонија. И одлуката навистина не ми беше тешкам иако многу ја сакам Русија и моето семејство, од самиот почеток знаев дека Олег е тој вистинскиот и дека треба да ги следам моите инстикти. Од тогаш наваму, како што напредуваме заеднички и на професионален и на приватен план, сум се позадоволна од таа моја одлука. Посебно значајно ми беше кога видов дека Македонија е земја многу слична на Русија и дека македонскиот народ по менталитет и по потекло е многу близок на мојот народ. Затоа, во Македонија се чувствувам се поубаво и се поприфатена“.

Потребни се повеќе фактори за да се извади добар музичар

Ана Кондратенко по игра на случајност имала ексклузивна можност да го вкуси музичкото образование во три различни земји системи па можеби и цивилизации. Токму овој факт не предизвика да ја искористиме можноста и да ја прашаме Ана за совет како врз база на странското искуство да се подобри состојбата со уметноста во Македонија. Кондратенко ни даде навистина интересни предлози.

k-2„Насоченото образование е предуслов и потреба за развој на добри музичари кое за жал во Македонија не е применето. Јас лично поминав низ тој процес и знам колку е значајно кога уште од основно те ослободуваат од сите непотребни предмети и ти дозволуваат да се посветиш на тоа што го правиш најдобро. Во Македонија за жал го гледам обратното. Децата кои доаѓаат кај мене на часови се преморени и не се во можност да ја извежбаат ниту домашната задача, бидејќи го трошеле времето на учење биологија и хемија кои очигледно на еден виолинист нема да му се многу потребни“.

Нормално во продолжение на ова моравме да ја начнеме и вечно болната тема за музиката и уметноста насекаде во светот, а тоа е секако нејзиното финансирање. Овој пат Кондратенко ни даде западно европски пример и модел како тоа да се разреши.

„Инвестирањето во инструменти не мора да се сфаќа како донација, а ние уметниците како категорија која бара милостина. Значи, во развиените земји купувањето инструменти се смета за посигурна валута од девизите и златото. Просекот на пораст на вредноста на гудачките инструменти е 15% на годишно ниво. Затоа на запад банките, инвестициските друштва и општо компаниите купуваат инструменти кои подоцна им ги даваат на користење на врвните уметници. На таков начин имаат и добра реклама и сигурна инвестиција“, вели Кондратенко.

Кондратенко во продолжение ги поздравува и сите последни вложувања кои се прават во Македонската филхармонија бидејќи ги смета за пресудни за понатамошниот развој на истата.

„Без разлика што имаме навистина добри музичари и голем ентузијазам кој веќе се покажува и на сцена, без добри инструменти и без добра концертна хала нашите можности за развој се лимитирани. Од искуство тврдам дека и најдобриот светски виолинист со месеци и години да вежба на неквалитетен инструмент не може да извади ништо подобар звук“.

Свекрвата Блага Петреска има големи заслуги за мене и за нашето семејство

Многумина мислат дека презимето Кондратенко на Ана и е моминско или донесено од Русија. Оние, пак, кои знаат нешто повеќе за нејзе ќе ви кажат дека тоа е украинско семејно презиме на Белогардејска фамилија која бегајќи од октомвриската револуција се населила во Македонија, интересен факт кој и самата Ана на почетокот не го знаела.

„Со Олег се запознавме навистина случајно додека свиревме на т.н. студентски тезги во Келн. Кога почнав да му зборувам руски тој ми врати на англиски. Уште поинтересно беше кога ми кажа дека потекнува од Македонија, земја за која јас навистина не ни знаев дека постои. Неговите украински корени дополнително не зближија. И ете јас се најдов со човек за кој имав погрешна претстава од каде е и во земја за која немав слушнато“.

Кондратенко никогаш не заборава да ја потенцира и нејзината восхитеност и благодарност кон нејзината свекрва, македонската позната фолк пејачка Блага Петреска.

„Без помошта на Блага јас немаше ниту да го дооформам образованието ниту да стигнам до филхармонијата. Значи, сето она време кое јас морав да го одземам од семејството и децата и да го посветам на кариерата таа несебично го пополнуваше. Дури купи стан веднаш до нашиот, за да може 24 часа да ни е достапна, а истовремено да не ја чувствуваме дека е тука за случајно да не помислиме дека се наметнува. Такви луѓе се навистина реткост и јас сум среќна што имам таква свекрва“.

Младата Ева Богоевска има голема иднина пред себе

Ана Кондратенко во Македонија не само што ја разви сопствената кариера, туку несебично се вложи и во пренесување на своето големо знаење преку репродукција на млади кадри.
Прв бисер од ваквата повеќегодишна работа е младата виолинистка Ева Богоевска. Иако има само 14 години, Ева досега има настапено на големи сцени во Словачка, Малезија и Виетнам. Во 2012 година Ева Богоевска беше првиот македонски претставник на Сан Ремо-Јуниор каде го освои првото место. Пред две недели на реномираниот меѓународен фестивал „Сребрен камертон“ во Санкт Петерсбург, Ева се закити со наградата Лауреат прв степен и повторно и донесе победа на Македонија.

„Уште од самиот почеток заедничка идеја со Олег ни беше да градиме кадри од најмали нозе. Значи прво јас да работам со нив, а потоа тој да ги преземе професионално како ментор. Ева е прв попознат плод од таквата наша работа. Треба да се знае дека покрај нејзиниот извонреден талент беа потребни да се вклопат многу други предуслови и од нас како ментори и од нејзе лично и од семејството за да почнат да се постигнуваат такви резултати. Ева пред себе има огромна иднина, но сите мора да бидеме стрпливи и да не и вршиме преголем притисок кој секогаш се покажува како контрапродуктивен“.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×