На ручек со… Драган Мијалковски, музичка легенда
Објавено на од во ЛУЃЕ И ПРИКАЗНИ...

Хуманоста секогаш се исплатува

Малите ѕвезди на естрадата секогаш се вообразени, оние поголемите се поскромни и посамоуверени, а Драган Мијалковски е веројатно категорија сам по себе. Тој комотно може да служи на идните генерации како единица мерка за скромност и хуманост, за професионалност и тимска работа.

Македонија во изминативе 70 години на слободно живеење успеа да извади дури пет генерации извонредни пејачи или музичари . Секој од нив посебно одбележува одреден период, одреден правец и одредена ера, за секој од нив јавноста има одредени мислења, фалби и критики, можат да се слушнат добри и лоши мислења. Но, кога се работи за Драган Мијалковски мислењето е едно единствено и недвојбено. Јавноста и после 45 години од почетоците на неговата кариера се поистоветува и го идолизира спојот на еден извонреден вокал кој излегува од една многу стабилна и можеби претерано скромна личност. Во рубриката На ручек со, Мијалковски ни ја раскажа неговата животна приказна и со што освен музиката го исполнува неговиот живот.

 Почнав од загрепското сиропиталиште на Мајка Тереза

Малкумина знаат дека Мијалковски е всушност роден во Бјеловар, денешна Хрватска каде воената служба ја извршувал неговиот татко. На само две годишна возраст неговите се разведуваат и мајка му се враќа во Скопје, а татко му во неможност да го гледа го дава во загрепскиот дом за деца без родители од каде после кратко време е даден на посвојување.
“Буквално во последен час благодарение на моите баба и дедо јас сум вратен во Скопје кај мојата мајка. Јас бев многу мал и не се сеќавам, но старите кажуваа дека посвојувањето во хрватско семејство било скоро завршена работа. Така почна мојата скопска приказна во Пајко Мало, покрај опожарената црква Света Богородица, во домот на моите баба и дедо со кои поминав голем дел од младоста”.
Позната е опсесијата на Мијалковски кон култот на Мајка Тереза. Во текот на изминатата година тој одржа бројни хуманитарни концерти во амфитеатарот покрај нејзината спомен куќа, а целата оваа ангажираност ја круниса со песна испеана врз база на запишан текст на најславната скопјанка која подоцна ја поклонува на градот. Но, уште поинтересно е дека на цели 65 години Мијалковски открил од каде потекнува неговата врска со оваа света жена.
“Сосема случајно во документите открив дека сиропиталиште во кое сум престојувал во Загреб е посветена на Св. Тереза идолот на Гонџа Бојаџиу, а е финансирано директно од организацијата Мајка Тереза. Ете на крај се констатира дека ништо не е случајно и дека оваа жена која ја делат само неколку чекори од прогласување на светица кај мене и преку мене си ја одиграла својата улога”.

 DM-2Уште од најмали нозе бев предодреден за уметност

Неоспорниот уметнички талент на Мијалковски е забележан уште во основното училиште Кочо Рацин во Скопје од неговиот тогашен професор по музика. Малиот Драган на помалку од десет години веќе користел повеќе инструменти, а неговите таленти стануваат прочуени.
“Првиот јавен настап со виолината го имав во големата сала на прочуениот Офицерски дом под светлината на огромниот кристален лустер. Тоа беше навистина едно големо доживување на кое и ден денеска се сеќавам. Но, тоа кажува и колку многу години се поминати од кога се занимавам со оваа работа, бидејќи познато е дека Офицерскиот дом е срушен уште пред педесет и една година во катастрофалниот скопски земјотрес”.
Од тој прв настап, кариерата на Мијалковски оди само по нагорна линија. Тој покрај генерациска, скопска, македонска станува и југословенска ѕвезда која крстосува по концерти пред преполни сали и стадиони ширум Европа и ветот. Еве која според него била тајната на неговиот успех.

Не се трудам да бидам скромен, туку прагматичен и човечен

Прва карактеристика која другите ќе ви ја кажат за Драган Мијалковски, а лесно и самите ќе ја забележите е дека станува збор за невидено приземен и ненаметлив човек. Нешто навистина тешко споиво со големиот дар и големото име кое го носи. Мијалковски не се доживува така себеси и вели дека не треба да се идолизира особина која секој човек би требало да ја поседува.
“Јас никогаш не сум верувал и се уште не верувам во концептот на индивидуален успех или слава. Моите концерти биле добри поради многу фактори, а најмногу поради трудот и кохезијата на многу различни луѓе. Значи, од првиот до последниот концерт кој неодамна го одржав во Универзалната сала јас се сметав за тимски играч кој извршува само одредена улога од сета таа сложувалка. Секогаш сум пазел да не се правам ѕвезда пред оркестарот, пред менаџерот, пред техничките организатори, туку напротив најненаметливо и најпрофесионално да си ја одиграм мојата улога и со тоа да им олеснам на другите”.
Мијалковски кажува дека со таквиот принцип на работа кариерата може да се помине без многу потреси, а истовремено да се остават зад себе и големи резултати.
“За време на Југославија правевме повеќе месечни турнеи. Тоа е еден поинаков начин на живот во кој се инволвирани повеќе луѓе кои се неопходни за да се направи еден настап или еден концерт. Јас секогаш си поминував добро и без проблеми, бидејќи го правев она што другите го правеа. Ако тие креваа опрема и јас им помагав, ако ја поставуваа сцената јас ја правев истата за многумина мачна и валкана работа. Е сега некој што ме гледа од страна можеби ќе речел каква е оваа музичка ѕвезда која се однесува како обичен барабанџија, но тоа е веројатно само еден злобник помеѓу илјада добри луѓе кој мене нема да ми наштети, а ваквиот мој човечки однос напротив многу ќе ми помогне и мене и на другите”.
И навистина Мијалковски долгата кариера уште на млади години ја крунисува со победи на домашни и меѓународни фестивали, а за своето име ќе успее да обезбеди вечно место во музичката историска бесмртност.

DM-3Семејството ме заштити од пороците на естрадата и замките на славата

“Мојата кариера ја градев дури откако го формирав семејството. Со сопругата се зедовме на нецели дваесет години, а исто така и децата ги добивме како многу млади. Така да додека на моите колеги заработката од концертите им беше џепарлак, јас со неа купував храна и облека за малите деца. Имам настапено на преку илјада концерти од кои само 600 во поранешен СССР, а не се сеќавам да сум се напил нешто повеќе од едно единствено лесно пиво и тоа многу ретко. Така да фамилијата кај мене најдобро можно си ја одигра големата улога”.
Денеска големиот Драган Мијалковски меѓу другите успеси може да го додаде и фактот дека е горд дедо на четири внучиња кои му го разубавуваат и подмладуваат животот.
” Моите две деца Дарко и Биљана како мали многу сакаа да слушаат приказни. Од кога ги исцрпив сите за мене познати басни и сказни почнав да составувам мои. Ги составував на тој начин што гледав секогаш да пренесуваат некоја порака за чесност, трудољубивост, хуманост. И навистина верувам дека тие приказни имаа сериозно влијание на моите деца. Се обидувам и ќе се обидам тоа да го пренесам и на внуците”.

Потребна е поголема професионализација на естрадата

Мијалковски во 45 годишната музичка кариера во два наврати бил и претседател на друштвото на естрадни уметници. Од тука, проблемите на музичарите во Македонија ги познава изворно. Во ова интервју ни кажа и неколку интересни предлози како тие да се разрешат или барем да се ублажат.
“Во скоро пет децении кариера јас никогаш сум немал некаква книшка на која пишува што сум и со што се занимавам. Тоа во нормална држава би било недопустливо. Јас разговарам со луѓе кои да речеме не ме познаваат и кој кредибилитет го имам пред нив ако не изнесам никаков доказ за професијата што ја извршувам. Ова е само мал пример околу тоа колку е се неорганизирано. Ние кариерата ја поминавме во едни полупрофесионални услови и затоа останува на младите наши наследници да се организираат подобро и да се изборат за своите права, но и да ги дефинираат своите обврски”.
Мијалковски е самокритичен и кон својата фела за која вели дека често знае и да е нереална.
“Оваа, како и секоја друга работа бара максимална концентрација, професионалност, но и економска логика. Јас лесно можам да кажам дека нема да настапам никаде за помал хонорар од илјада евра. Но, ако се ставам во кожата на менаџерот што ме најмува и ако пресметам дали тој реално може да ги извлече тие пари од мене за да остане и за двете страни, тогаш или ќе се спуштам на земја или ќе седам дома како многу наши музичари. Дополнително, ако веќе се договорам за одредена цена, колку и да е мала јас морам парите да ги одработам чесно. Не смее да се дозволи личните фрустрации да се рефлектираат на публиката. Тие платиле да гледаат еден концентриран, расположен и мотивиран уметник и тоа на крај мора да го добијат”.
На крај Мијалковски ни кажа дека не се гордее особено ниту со своите лични, ниту со успесите на некој од своите колеги, туку дека најмногу е импресиониран од успесите на македонските фолклори друштва.
“Сето она што ние како познати пејачи го имаме на играорците им недостасува. Јавноста им дава мал, а често и никаков публицитет. Хонорари не само што немаат, туку често и од дома носат пари за да покријат трошоци. Но, тоа не пречи за да освојуваат десеткратно и стократно повеќе светски награди од нас и затоа лично им се воодушевувам, а и на другите колеги им препорачувам да учат од нивниот пример”.

IMG_2505Низ Југославија ме препознаваа дури и во темница

Мијалковски се сеќава и на многу анегдоти. Како на пример дека на врвот на неговата слава се нашол на пуст пат во црна ноќ во Словенија. Доцнел на настан и бил во скоро безизлезна состојба.

“Одеднаш застана еден буквално распаднат босански камион. Шоферот ме препознал и во темницата во возење. Уште се сеќавам кога ми рече “па шта радиш овде болан, ај упадај унутра”. Кога му кажав дека доцнам на настан со се камион и товар ме однесе пред хотелот. Тоа беше една смешна сцена која ме потсетува дека луѓето насекаде ме препознаваа”.
Од овие денови потекнуваат и дружбите со големите имиња на тогашната, па и сегашната југословенска естрада. За сите нив Мијалковски има еден генерален заклучок, дека среќата им се насмеала, но дека сепак отсекогаш биле луѓе кои знаеле што сакаат од животот.

” Се сеќавам кога Здравко Чолиќ ме прашуваше дали може да се живее од музика на самиот почеток на неговата кариера. Тој имаше добра филозофија. Прво заврши економски факултет, а подоцна ги примени сите знаења стекнати таму за да направи што подобра и побогата соло кариера. Бреговиќ е исто така интересен пример. Иако сите бевме сведоци дека околу неговата група поминаа сите можни пороци, тој сепак успеа да остане доследен на професионалноста и работа. Затоа денеска е еден од ретките светски признати музичари од овие простори”.

Сепак најинтересни приказни Мијалковски има за Оливер Драгоевиќ со кого вели дека поминувале и по цели тримесечни заеднички турнеи.

” Од него навистина може многу да се научи. Тој е секогаш ведар, жив, посветено и со љубов се однесува кон работата и никогаш не се откажува. Интересно е дека пред да направи кариера во Југославија тој има пет години работено во Америка од каде извлекол се што може да се извлечи од тамошните музичари. Сепак кога се враќа во Југославија и е одбиен од дубровничките трубадури тој како човек кој не прифаќа не за одговор се вработува како нивни носач на инструменти. Долго време ја чека приликата некој од нив да е оневозможен да настапи и кога стапнува еднаш на сцената се уште не е симнат од нејзе”.

Хуманоста не треба да се промовира, туку што почесто да се применува

Колку песни и концерти Мијалковски направил од хумани побуди и без никаков хонорар и самиот не може да изброи. Тој е еден од основачите и на првата детска амбасада Меѓаши каде долги години е активен член. Токму од тие денови се сеќава на еден чудотворен настан за кој вели дека вреди многу, многу повеќе од сите хонорари за сите негови бесплатни настапи заедно.

“Кога помагам тоа пред се го правам поради луѓето на кои тоа навистина им е потребно, но и затоа што јас имам потреба, а јавноста воопшто и не сакам да ја вклучувам. Така додека беа бегалците од Босна во Македонија еден ден ја зедов гитарата и им направив мала забава. Сакав да ги разведрам и барем малку да им олеснам на тие луѓе кои доаѓаа од пеколот на војната. На крајот на претставата ги собрав малите деца и им отпеав една брза популарна песничка на која тие играа вовче. Наеднаш кога заврши песната несвојствено слушнав плачење од една мајка која буквално ме нападна со зборовите “кој ли те прати “. Јас малку и се уплашив се додека не им објасни дека ќерка и токму во тој момент и на таа песна за прв пат прозборела после цели пет месеци од кога и експлодирала бомба во непосредна близина. Затоа, ако некој мисли дека хуманоста не ми се исплатува, не можам да најдам поубав пример за да го демантирам”.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×