На ручек со… Елена Ристеска, музички уметник
Објавено на од во ЛУЃЕ И ПРИКАЗНИ...

Сонувам за општество во кое ќе зборуваме за уметност, а не за проблеми!

Кога ја слушате на радио, имате чувство дека звучникот ќе експлодира во секој момент од моќноста на нејзиниот глас. Кога пее во живо на фестивали или концерти, им фрла сенка дури и на сопствените студиски снимки. Некој ќе рече „што е важен пејачот кога песната ја создава композитор“, меѓутоа дури и најубавите песни може да звучат многу лошо ако се отпеани од лоши пејачи.
Елена Ристеска низ годините досега докажа дека е брилијантен пејач. Настапувајќи во регионално телеви-зиско шоу каде што можевме да ја видиме во улога на најголемите музички ѕвезди, подобро ја отпеа Агилера од Агилера, Есма од Есма.
Во нејзините песни може да ја чуете како достигнува неверојатни височини од оперски ранг, а во друг момент опевајќи мелахнолични приказни, гласот може да ви зазвучи како крик.
Музиката што ја пее комбинира повеќе стилови, од поп до хип хоп, а во новата музика што допрва ќе ја објави во јавноста се обидува да го реинкарнира дури и Боб Марли.

„Ѕвездата е родена“ на аудиција

Музичката приказна на Елена Ристеска започнува заедно со уште илјадници други млади луѓе кои биле пријавени на аудицијата на М2 за откривање на нови ѕвезди на македонската естрада. Но повеќето приказни што започнаа на аудициите, завршија уште во истиот момент, а нејзината трае веќе 12 години. Вели дека уште од многу мала покажала дека има талент за музика кога сите играчки и служеле како микрофони за пеење така што никој од семејството не бил изненаден кога токму таа беше одбрана да биде новата ѕвезда на М2.
По 12 години, аудициите на музички таленти се поактуелни од кога било досега, а Елена вели дека младите луѓе што се натпреваруваат на овие избори со своите врсници од цел регион само докажуваат дека сме најталентираната музичка нација на Балканот.

„Овие аудиции се добар начин да излезете од анонимност, но дури и победа на едно такво шоу сама по себе не гарантира дека ќе направите успешна кариера. Не ви значи многу за вашата кариера ако ви дадат автомобил како награда што сте победиле на едно такво шоу. Јас добив кариера како награда. Зад мене застана сериозна продукција како што е М2, која ми овозможи понатаму да работам со најдобрите музички композитори и продуценти и како производ на таа соработка се изродија квалитетни песни и албуми“.

Од победата на М2 потрагата по ѕвезда до денес, Елена издаде три албуми, но и многу синглови, видео спотови, концерти и настапи на фестивали. Се уште работи со истиот тим со кој што ја почна кариерата бидејќи како што вели „тимот што победува не треба да се менува“.

„Не сакам да издавам песни и албуми по секоја цена. Во последните неколку години иако од време на време издавав по некоја песна, не значи дека не бев продуктивна. Имам снимено над 30 песни, дел од нив се доработуваат, но дојдовме до фазата да ги одбереме најдобрите што ќе ги ставиме на мојот следен албум. Всушност станува збор за два одделни проекти, еден албум на кој што публиката ќе може да слушне поп – рок музика и класични балади, и друг албум на кој што треба да се најдат повеќе аренби и хип хоп песни кои што ги компонираат млади музичари со кои досега не сум соработувала“.

Елена открива дека со овие албуми планира посериозно да се ангажира во освојување на целиот регион, особено откако телевизиското шоу „Твоето лице звучи познато“ успеа да ја промовира кај пошироката јавност во неколку соседни држави.

„Публиката во регионот ме бара, а кога некој ве бара не смеете да останете рамнодушен, туку напротив, треба да им го овозможите тоа задоволство. Зарем би се наметнувала сама некаде ако сметам дека немам потенцијална публика. Ова шоу ме проби во цел регион и сега мислам дека е вистинско време таа предност да се искористи“

IMG_7065 - Copy
Поголема поддршка од медиумите за македонската музика

Македонската музика со текот на години се повеќе ја губи поддршката од локалните медиуми, а доказ за тоа се увозните програми кои ги преплавија телевизиите во кои предност им се дава на туѓа музика и туѓи таленти.
Елена вели дека во одредени медиуми се случува често наместо за нивните дела, новинарите да пишуваат за нивните приватни животи бидејќи тие написи многу повеќе продаваат. Но, според неа, поголем дел од медиумите секогаш објективно ги следат кариерите на јавните личности.

„Како што минува времето, се потешко може да ме повреди некоја невистина што ќе ја прочитам или слушнам на некој медиум. Понекогаш ме загрижува што ќе помисли мојата публика, дали ќе поверува на тие измислици или не и тоа е тоа што всушност најмногу ве повредува. Кај пријателите и семејството кои што ме познаваат најдобро, убедена сум дека тие приказни не допираат. Но, на крајот на краиштата, секој човек живее со својата совест. Како велат, ниедна перница на светот не е толку мека како чиста совест, така што ако нешто е лага или измислица, воопшто не ме погодува. Оваа фраза е дел и од една моја нова песна“

Иако вообичаено медиумите пишуваат за ривалство меѓу колегите, а често може да се прочитаат и погрдни зборови упатени од еден за друг колега, Елена вели дека реалноста е дека сепак може да се најде добар пријател и меѓу колегите.

„Како и сите други луѓе во различни сфери од општеството, така и меѓу музичарите има луѓе што може да ви бидат пријатели и луѓе со кои што нема да се дружите најмногу. За среќа имам неколку колеги за кои што можам да кажам дека ми се вистински пријатели, со кои што често знаеме да одиме на вечера или на кафе и да споделиме дел од нашите приватни проблеми. Меѓутоа, сепак сметам дека најдобри другари ви се луѓето што ве знаат од мали нозе, што биле ваши другари и кога не сте ни помислувале дека еден ден ќе бидете позната личност“

Ако си музичар, можеш да заработиш само од концерт

Еден од најголемите проблеми со кои што се соочува домашната музичка индустрија според Елена, е тоа што недоволно се вложува во квалитетна продукција. Во време кога изостанува поддршката од бизнис секторот бидејќи приватните фирми се соочуваат со сопствени финансиски проблеми, целата продукција на македонска музика се доведува во прашање бидејќи музичарите не заработуваат доволно за сами да финансираат снимање на квалитетни песни и видео спотови.

„Ако си музичар во Македонија, можеш да заработиш само од настапи и концерти, но не и од продажба на албуми или синглови бидејќи интернетот ги урива легалните продажби. Но, и тоа не е доволно за да може да платите за квалитетна песна или спот, бидејќи добрите композитори или режисери чинат скапо. Ако пак сакате да изградите успешна кариера надвор од земјата, тогаш тоа станува буквално невозможно без да имате финансиска поддршка“

Обидите на државата преку субвенции со народни пари да поттикнува продукција на домашна музика според Елена е одлична идеја.

„Оваа идеја може навистина да помогне македонската музика да исплива на површина во време кога доживува криза, но мислам дека треба да се променат критериумите според кои се финансира создавањето нови песни. Според мене во преден план треба да биде квалитетот на песните што ќе се поддржуваат, наместо да се губи време и енергија за обемната документација што се бара при аплицирањето. Тоа навистина делува демотивирачки и како последица на тоа, на овие конкурси изостанаа најпознатите музички имиња“.

Голем удар за домашната музичка продукција дојде и од последниот Скопски фестивал кога на површина излезе криминално однесување на некои пејачи и музичари што всушност се случувало со години и на различни фестивали. Елена вели дека иако не настапувала на конкретниот фестивал, ова поведение ги демотивира музичарите да создаваат квалитетни песни и да се се натпреваруваат меѓу себе. За себе вели дека и покрај тоа што за фестивалите се врзуваат задкулисни игри и местенки, најчесто мотив за да настапува на некој фестивал и е ретката прилика да пее во живо со ревиски оркестар.

Аполитична со свои ставови за општествените проблеми

Уште на почетокот на разговорот знаејќи дека зборува со новинар од медиум што пишува за економски и политички проблеми, Елена потенцираше дека воопшто не ја интересира политиката. Меѓутоа, сепак кога станува збор за проблемите со кои се соочува државата има свои размислувања.
„Сакам да верувам дека што побрзо оваа земја ќе стане место каде што младите ќе ја гледаат својата иднина бидејќи јас сум оптимист по природа. Го разбирам незадоволството кај граѓаните од моменталните проблеми, како што е на пример невработеноста или ниските плати, но мислам дека секој од нас треба да даде се од себе за да успее во животот.
Ако секој од нас индивидуално посвети многу време и труд во обид да ги промени нештата кон подобро, тогаш неминовно ситуацијата ќе се промени кон подобро за цел колектив“.

Како човек што неодамна ги напуштил студентските клупи, Елена вели дека целосно ги разбира студентите и нивните проблеми. Според неа, секоја власт треба да има слух за студентските потреби и барања бидејќи младите се иднината на секоја држава.

 

ТЕКСТОТ Е ОБЈАВЕН ВО ПЕЧАТЕНОТО ИЗДАНИЕ НА МАГАЗИНОТ КАПИТАЛ ОД 27 ФЕВРУАРИ, 2015 ГОДИНА

2 thoughts on “На ручек со… Елена Ристеска, музички уметник

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×