На ручек со…Роберт Атанасовски- Роко, фотограф
Објавено на од во ЛУЃЕ И ПРИКАЗНИ...

Фотоапаратот е моето најдобро перо

Со познатиот фотограф разговаравме за фотографскиот лајфстајл, за развојот и падот на новинарството во Македонија, за првата редакција на Дневник од која и самиот е дел, но и за полесни теми како аналогната фотографија и неговите почетоци во светот на оваа специфична уметност. За читателите особено интересни ќе бидат адреналински и ризични случки кои се дел од кариерата на Атанасовски.

Фотографот на Франс Прес и МКД.МК Роберт Атанасовски е човек кој буквално не можете да го промашите во Скопје или на било кој друг поважен настан во Македонија. Тој едноставно успева секаде да стигне и од секаде да направи технички најквалитетни и репортерски најсодржајни фотографии, да биде постојано присутен во скопските кафичи и кафеани со неговите колеги и остатокот од денот да го посвети на сопругата и ќерката.

Дневник успеа благодарение на неверојатната хемија во редакцијата

Иако професионалната кариера на дипломираниот филозоф почнува години пред формирањето на Дневник во легендарниот Студенски збор заедно со Зоран Димитровски, Горан Михајловски, Зоран Костовски и многу други доајени на македонското новинарство па продолжува преку Арт Студио Цветиновски на познатиот фотограф Александар Цветиновски, сепак формирањето и работата на првиот македонски независен дневен весник беше темата која очекувавме Атанасовски првично да ни ја искоментира.

atanasovski-robert-1„Дневник беше некој интересен конгломерат, спој на искусни новинари кои беа уредници и на нови луѓе, но не од 20 години, туку од 27-28 години кои што беа во полна сила. Не луѓе кои што излегле од факултет, туку луѓе кои што се занимавале некаде со новинарство, но кои што не се испукале и не го доживеале жарот во некаква вистинска редакција. И тоа беше буквално експлозија на идеи, креативност и се. Тоа беше некако спој на приватно и професионално. После работа буквално не одев дома, седевме до 12 навечер со колегите и секогаш правевме муабет за новинарство. Имаше таков ненормален жар за работа“.

Според Атанасовски, најважен момент кој го наметна Дневник е борбата за што подобар текст и подобра фотографија, одличен рецепт за создавање добри новинари и фотографи.
„Таму сите се натпреваруваа кој ќе направи подобра тема или фотографија и тоа носеше извонредни резултати кои подоцна се одразија во конкуренцијата со другите новоформирани дневни весници. Едноставно од тој медиум во тој состав зрачеше неверојатна хемија. Плус се погоди и времето веќе се случуваше некаква демократска пролет во Македонија, попуштаа стегите на стариот систем и се раѓаа контурите на некој нов систем. Но, за жал еве дочекав повторно да се враќаме на работите и принципите од кои тогаш толку бегавме и ги презиравме“.

Фотографската работа е специфична и полна со ризици

Општопознато е дека фотографите се луѓе со специфичен и уникатен стил на живеење. Со интересни навики, но и засебен карактер на комуникација и однесување. Со оглед на фактот дека сопругата на Атанасовски е универзитетски професор на Шумарскиот факултет тој вели дека е потребно големо разбирање за да се ускладат обврските кои ги наметнуваат овие две дијаметрално спротивни професии.
„Имам три типа на работни денови. Оние кога одам на работа констатирам дека има еден или ниеден настан и кога времето го поминувам во читање и кафе со колегите и пријателите. Денови кога попладне ќе констатирам дека нешто се случило во Тетово и морам да одам таму и да заглавам до 12 на полноќ. И денови или цели недели кога сум подолго отсутен од дома. Сето тоа без разбирање и поддршка од семејството нема да можев да го работам“.
Популарниот Роко се сеќава и на многу тензични и ризични случки од неговата кариера кои веројатно никогаш нема да ги заборави.

atanasovski-robert-2„Адреналински интересно беше и во бегалската криза од Косово, кога преку реки и огради влегувавме во бегалските кампови за да направиме фотографија која ја продававме на странските агенции. Но, ништо не може да се спореди со настаните од конфликтот. Настани како оној во Танушевци кога директно се пукаше на нас и кога со лазење помеѓу дрвата некако се довлечкавме до караулата. Настани како оној кога упаднав заедно со демонстрантите кои го демолираа Собранието. И настани како оној кога ме врзаа и сакаа да ме притворат во подрум во Прилеп бидејќи сум фотографирал како ја палат џамијата. И сам не знам колку пати ми е запретено со кршење на камерата, но ете некако најдов начин да ја зачувам и нејзе и себе цели дваесет години“.

Награда за ваквите негови преземени ризици е и професионалното ангажирање во една од најпрестижните новински агенции во светот, Франспрес за која работи цели десет години и за која вели дека му отворила многу видици.
„Објективно ако не бев дел од мрежата на Франспрес многу тешко моите фотографии ќе излезеа во Њујорк Тајмс, Вашингтон Пост и другите значајни светски медиуми. Едноставно агенциската работа ти наметнува нови стандарди кои бараат постојано да се наградуваш и да се трудиш барем да си приближно добар како твоите колеги кои сликаат на клучните светски настани. Тоа не е лесно особено на почетокот, но еве јас успевам толку години да се одржам на сцената“.

Фотографијата ни назадува паралелно со новинарството

Во врска со актуелните состојби во македонското новинарство , Атанасовски е дециден дека целиот сектор и професија во моментов се соочува со тотално назадување.

atanasovski-robert-4„Не е дека нема што да се фотографира или што да се пишува. Проблем е што самите уредници сакаат бенигни текстови и исто такви бенигни фотографии. Не е мое да коментирам, но тоа е веројатно последица на се по изразената државна контрола на медиумите. Сега новинар или фотограф за да извади нешто навистина добро треба да копа длабоко, толку длабоко што веројатно ќе си најде само бељата. Јас лично новинарството го сфаќам како око на јавноста. Тоа што обичните луѓе не можат да видат, ние мора да им го дадеме. Единствен начин животот да станe подобар и поедноставен е ако новинарството е коректор на секоја грешка на власта. Ако не е така, ниеден проблем долгорочно нема да се реши, бидејќи никаде во светот тие што се таму горе не се соочуваат со проблемите на нас тука долу“.

Паралелно или можеби како последица на општите трендови во новинарството се јавува и тотална депрофесионализација на еснафот. Квалитетните кадри бегаат во други постабилни и повеќе платени професии, а нив ги заменуваат тотални аматери. Атанасовски предупредува дека ова може да остави долготрајни последици врз довербата на читателите и пошироката јавност кон оваа професија.
„Ако нешто може да го уништи односот кон фотографијата на обичните луѓе и оние конзументите на новинарството тоа се тие шарлатани кои работат по порталите. Треба да расчистиме дека и најдобриот новинар многу тешко може да направи макар коректна фотографија, а да не зборуваме за случаен минувач. Се лажат тие сопственици на медиуми кои се потпираат на ваквата крајно непрофесионална практика. Сумата која ќе ја заштедат на ангажирање професионалец ќе ја платат со помалата читаност. Точно е дека на некој настан и случување професионалниот фотограф и некој кој слика со мобилен ќе имаат слична фотографија која можеби и може да поминe на непрофесионалните портали. Но, работата на фотографот е многу покомплицирана и креативна. Тој многу често треба самиот да создаде приказна, да улови емоција и да предизвика ефект со таа фотографија. Аматерите го сфаќаат мобилниот или евтиниот апарат со кој сликаат како алатка за пополнување на простор на сајтот. Јас мојот апарат го сфаќам како перо со кое пишувам приказна“.

Atanasovski-robert-10
Аналогната фотографија за мене се уште е подобра од дигиталната

Атанасовски секако моравме да го прашаме и за неговите почетоци во светот на фотографијата и за тоа каде и како ја стекнал љубовта кон оваа уметничка професија. Приказната очекувано ја започна со легендарната советска машина за извонредна фотографија со назив „Зенит“.

atanasovski-robert-3„Татко ми работеше во ФАС 11 Oктомври и многу често службено одеше во Кина и Русија. Се сеќавам на денот кога во осмо одделение донесе апарат за сликање Зенит. Тој и самиот си беше мераклија на фотографирање, но јас се покажав поголем, бидејќи цел трiмесечен распуст таа година го поминав во расклопување склопување и општо изучување на апаратот. Тестот за моето знаење беа екскурзиите. Таму поголем дел од децата носеа аматерски апарати. И кога ќе ги развиевме фотографиите и споредевме секогаш испаѓаше дека моите се подобри или барем поразлични од другите. Тогаш прв пат ми се роди идејата да почнам да се занимавам со фотографија аматерски или професионално. Едно време бев на идеја да се запишам и на катедрата за фотографија во Белград, но за жал финансиските можности на моето семејство тоа не го дозволуваа“.

Од целиот разговор можевме да забележиме дека Атанасовски се уште гаи некои емоции кон стариот добар аналоген начин на фотографирање. Бидејќи тоа е став на поголем дел од луѓето кои ги пробале двете техники на сликање од гостинот како експерт побаравме да ни објасни зошто е тоа така.
„Разликата е како помеѓу грамофонска плоча и ЦД. Грамофонската плоча се уште има поубав звук од новите технологии затоа што има почист аналоген запис и понеисфилтриран и потопол звук. Истото се однесува и за аналогната фотографија која се уште е поубава од дигиталната. Таа има поголем распон на нијанси и бои, и помал филтер додека стигне до весникот. Иако јас бев меѓу првите кој уште во 2003 година доби дигитална камера се до 2007-2008 година кога ќе одев на одмор со сопругата и ќерката сликав со аналоген апарат. Дома се уште го чувам Канон Еос 1 РС, последниот крик на технологијата на аналогните апарати. Знам дека кога се вселувам во станот и кога и кажав на сопругата дека тој апарат кој веќе не го користам чини колку една кујна инсистираше да го продадеме, но јас еве го зачував и до ден денеска како сентиментално сеќавање на за мене се уште поубавото аналогно фотографирање“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×