На ручек со… Томислав Османли
Објавено на од во ЛУЃЕ И ПРИКАЗНИ...

фотогалерија…

Светот се соочува со страшна регресија

Со популарниот драмски писател, романописец и теоретичар кој на наше големо задоволство беше овонеделен гостин во нашата се попопуларна рубрика, имавме можност да поразговараме на низа теми од историјата, теоријата, драмата, литературата и општеството. Стигнавме да прокоментираме и за стрипот, филмот и фамилијарните вредности. Долгата низа на интересни теми е најдобар мотив за нашиот читател да се задлабочи и да истражи што поголем дел од ова навистина интересно интервју.

Последица од неприродно долгата општествено политичка и економска транзиција која резултира со уште пострашна негативна ерозија на морални вредности и норми, е фактот што македонската јавност се повеќе ги заборава уметниците како фела која води сметка за културното богатство на овој народ. Поради тоа Капитал преку рубриката на „Ручек со“ се обидува да ги реактуелизира македонски творци од сферата на културниот живот кои ја задолжиле и продолжуваат да ја задолжуваат Македонија и македонскиот народ со своите дела. Таков пример е Томислав Османли популарниот драмски писател, романописец и теоретичар кој на наше големо задоволство беше овонеделен гостин во нашата се попопуларна рубрика.

Уредникот на културната редакција на телевизија Телма ни потврди дека иако во својата богата кариера дал многу интервјуа ова му е едно од најквалитетните.
„Ваков издашен и ваков сестран разговор никогаш не сум имал практично целиот мој живот и приватниот, службениот и творечкиот како и оној на претходните генерации како и на следната генерација го опфативме на еден квалитетен начин и од се срце благодарам на авторот и на Капитал.

Проникнав од семејство кое со генерации ја цени уметноста

Кога човек ни малку себично и суетно разговорот ќе го почне со реченицата „Јас имав среќа да растам во семејството на Димитрие Османли инаку првиот македонски филмски и театарски дипломиран режисер на кој му должам навистина многу“ тогаш од почеток знаете дека ќе има скромен, опуштен, објективен но и многу продуктивен разговор.
„Покрај крај уметникот Османли јас пред се растев во семејството на Димитрие Османли педагогот. Јас она што го знам од Драматургијата му го должам на мојот татко. Јас завршив правен факултет но се чувствувам како да сум завршил уметничка школа особено оној отсек за драматургија. Тоа му го должам на татко ми кој многу внимателно без напрегање на моите први љубопитства одговори прво со инструкции, а потоа упатувајќи ме на неговата исклучително богата библиотека. Таа библиотека која тој ја создаваше со децении, а од која јас добар дел испрочитав и од која учев. Горд сум што денеска се наоѓа во легатот што го создадов како спомен на точно тој Димитрие Османли првиот режисер македонски и мојот педагог. Легатот се наоѓа заедно со неговата соба и голем број скапоцени предмети во кинотеката на Македонија“.
Томислав Османли е добар познавач на историјата, што значи и на историјата на неговото семејство со многу интересно и специфично презиме. Тој ни раскажа дека семејството Османли дефакто го носи презимето Хаџинаум , бидејќи е Влашко семејство кое потекнува од Москополе но генерации семејството живее во Битола.
„Од двете страни предците на мојот татко биле трговци, но трговци што припаѓале на првиот граѓански слој на тогашното македонско општество во турско време на што инаку му го должиме и нашето презиме кое е прифатено поради почест што турските власти му ја дале на еден мој предок кој дал пари за изградба на познатите и добро опеаните Битолски касарни. Мојот предок очигледно дал најголема сума и него му е даден почесниот назив Османли или империјален“.
Османли потенцира дека неговата стара фамилија одиграла клучна улога во уметничкото насочување на неговиот татко Димитрие како основа за сите негови понатамошни успеси.
„Во тоа семејство и од двете страни практично уметноста и особено музицирањето беше многу присутна . Сите членови на нашето семејство се исклучително музикални освен мене, јас за жал го немам тој квалитет, Тоа беше едно семејство во кое музиката беше многу присутна. Мојот дедо беше трговец но трговец со книги, тој имаше дуќан и мала печатница во Битола и дуќан кој му го отвори на неговиот син во Скопје. Тука покрај брегот на Вардар постоеше дуќанот на Тома Османлиевиќ, син на Дијаманди Османли или Хаџинаум. Тоа било во предвоено време. Во такво културно опкружување се разви сенсот на мојот татко. Плус можам да кажам дека загреан за филмот е од Милтон Манаки кој бил близок семеен пријател. Манаки на кој мојот татко му се оддолжи со една значајна и многу прикажувана и емитувана филмска репортажа од 1956 година, но и сценариото за играниот филм „Екселенции, митно“ во кој кој битолскиот кинематограф е главна личност“.

Старо Скопје е неисцрпна инспирација за моето творештво

Иако е по потекло и родум од Битола, Томислав Османли негува исклучителни чувства кон Скопје како град во кој живее од својата втора година и во кој го поминал целиот негов живот. Помеѓу колегите интелектуалци важи за исклучителен познавач на историјата на нашиот град ,а од вкупно 21 книга која ја има напишано дури пет му се посветени на старо Скопје.
„Данило Коцевски кој е поголем познавач од мене го истражува пред се средновековно и повоено Скопје, а мене повеќе ме интересира меѓувоено Скопје или она Скопје на првото оксидентално западно пограѓанчување. Тука во центарот на интересирањето ми е Јосиф Михајловиќ Македонец од Тресонче истакнат градоначалник во време на кралството Југославија . Тој е првиот модерен скопски урбанист, а богами и градител и архитект на некои најзначајни и најубави згради“.
Иако Османли е роден дури во 1956 година вели дека како дете успеал да затекне дел од тој стар меѓу воен Скопски дух.
„ Старото граѓанско Скопје јас го наоѓав во Пајко Мало и цела таа страна на Вардар. Се сеќавам како дете одевме во посета на стари достоинствени градски фамилии, на пример дел од семејството Сапунџи чии куќи и имоти се наоѓаа тука во Пајкомало. Икономови сопствениците на фабриката Европа исто така беа тука и чии што потомци за жал не и предци исто така ги познавам. Значи преку нив јас како дете го фатив шмекот на старо Скопје, го паметам Вардар во кој се пливаше тогаш Вардар во кој не само што имаше капачи туку рибари и риби, за разлика од овој деградиран Вардар и архитектонско урбанистички и еколошки. Така да ги понесов тие сеќавања од едно убаво живо и детство кое што впиваше од контрастите на тој град“
Османли Скопје го посочува како вечна инспирација за неговото творештво.
„Дојдов како двегодишно дете од Битола во станот кој го добивме во штотуку изградените згради на кејот на Вардар кои што се дел од градскиот трговски центар. Живеев во кула број два на улица Тиранска, таа улица е значајна по многу наши автори кои што живееле на таа улица. Едниот е Славко Јаневски кој ја напиша својата прозна книга „Улица“ точно за тој локалитет и за таа улица, која се викала Попкочина во бивша Југославија, а исто така и Гого Ивановски кој ја пишува „Улицата што била живот“. Јас ја имав таа среќа да напишам трета книга за таа улица иако немам намера да се споредувам со тие великани која се вика „Пеперутката на детството“ и тоа е мојата прва прозна книга што ја објави тогашна „Мисла“ во 1993“.
Османли на крај на овој дел со жалење констатира дека не го препознава и не се поистоветува со ова денешно Скопје.
Пишувањето е идеалната професија за мојот карактер
Османли како и секој добар син се обидува да го наследи неговиот татко и да се запише на факултетот за режија во Белград каде доживува навистина голема изненадување кое ќе го определи правецот на неговиот иден живот.
„Мојот татко сакаше да станам, правник економист или лекар нешто за тој сметаше дека ќе ми даде поголема безбедност во животот или ќе ме упати во насоки кои што не се така ризични како што се патиштата на уметноста, отсекогаш тоа било така. Но за жал или среќа мене таму не ме примија. По пет години татко ми ми призна дека тој посредувал за јас да паднам на уписот за академија во Белград и веројатно тоа е единствен пример каде што таткото интервенира за синот да не биде примен на факултет“
После ова Османли се запишува и завршува правниот факултет во Скопје, многу ценета струка на која самиот вели дека не работел ниту еден ден од кариерата.
„Сето тоа ме упати во пишувањето каде што се најдов себе си. Бидејќи сум човек кој што го сака мирот, спокојот работата со себеси над себе и врз текст. Тоа е мојот свет. Потоа лека полека се ме поканија да се придружам во Млад Борец. Тогаш се заразив со новинарството, новинарската рѓа и оловото ми влегоа во крвта и уште не ми е излезена. Без разлика што уште не работам со олово, работам во електронски медиум но оловото е тука и новинарството уште го сакам“.
Османли се сеќава дека со литературно творештво започнал да се занимава уште во гимназија, пасија која не го напушта до ден денеска.
„Со пишување бев афициран од тоа што мојот татко го работеше и тука е повторно неговото влијание нормално во комбинација со талентот за пишувањето што отсекогаш сум го имал. Напишав неколку рецитали кои во тоа време беа многу модерни творби, а се осмелив и го напишав својот прв драмски текс. Сега веројатно ако го прочитам ќе се срамам од него, но тогаш ми значеше многу. Се викаше „Маргер“ и се случуваше во историски период во Скопје “.
Османли вели дека и покрај првичниот шок сепак се определил цел живот да се посвети на литературниот занес отколку на материјалните добра, избор за кој вели дека не би го менувал дури и да може да се врати назад низ времето. Како круна на својата писателска кариера Османли го посочува ширењето на неговото творештво во делот на романите кои ги смета како најсложена прозна форма.
„Јас сум напишал дваесет и една книга, а само два романи. Роман да се напише не е лесно и ова „само“ е со преносно значење. Првиот роман кој се вика „Дваесет и првиот“ кој го напишав на педесет и нешто години. Не е ретко педесет годишници да ги пишуваат своите први романи. И мислам дека тоа е многу важно бидејќи треба да ги напишеш своите први прозни книги тогаш кога ќе мора и кога чувствуваш дека дошло време. Кога ќе созрее материјалот. „Дваесет и првиот“ е книга која се занимава со почетокот на новото столетие и со нашиот влез во него. Нас ни се сервираше дека навлегуваме во една доба на вечна хармонија или како што велеа астролози излегуваме од епохата на рибата и влегуваме во епохата на Водолијата што значи дека мед ќе се излева од садот на Водолијата. Од тоа ништо не бидна обратно со воениот конфликт во Македонија на локално ниво и со нападите на 11 септември во САД на глобално ниво имавме едно тревожно навестување на една иднина која што заплашува и застрашува со својата катастрофична можност“.
Романот „Дваесет и првиот“ деновиве ќе биде објавен и во книгоиздавателството „Дерета“ во Белград.
Вториот роман на Османли кој се вика „Зад аголот“ е со дејствие кое се одвива во 1999 година за време на бомбардирањето на НАТО врз СР Југославија.
„Дејствието всушност шета од антика до иднина. Но 1999 е тежишната точка. Времето кога во соседството во СР Југославија НАТО бомбардираше. Тука развивам девет приказни, а бомбардирањето е само една, се со цел да го доловам феноменот на изненадата или на она што не чека зад аголот на секој план. “
Османли со две други книги е родоначалник на два теориски правци во Македонија, Теоријата на филмот и теоријата на Стрипот. Книгата за стрипот на Османли ќе му ја донесе и наградата Мито Хаџивасилев Јасмин за литературно творештво. Османли е автор на уште седум прозни и три есејски книги. Посебно е горд на единствената негова детска книга посветена на детството на Исус Христос. Ексклузивно за читателите на Капитал најави дека можеме наскоро да го очекуваме и неговиот трет роман за кој не ни откри детали но не издржа да се издаде дека токму од него очекува најмногу.

Не верувам во концептот на глобализацијата

Едно од клучните прашања на кое очекувавме да ни даде одговор Османли е тоа околу развојот и перспективите на општеството како на локално така ина глобално ниво. Тој не удостои на квалитетен, опширен и јасен начин, но за жал неговиот одговор воопшто нени даде оптимизам.
„Јас сум многу скептичен по ова прашање , а скептичен ме прави оваа ужасна регресија која се случува на светски план и на светските процеси каде што провалира влијанието на десницата и тоа на се поекстремната десница така да во криза се наоѓа и левата идеја и присуството на левицата во власта. Тоа ме вознемирува бидејќи во демократијата ако ништо друго треба да се води бар изобилен дијалог на концептите на конзервативната држава со концептот на социјалната држава. Тој дијалог насекаде за жал е секнат. И ние сведочиме и во процесите на меѓународната политика една ужасна регресија кон концептите на конзервативните вредности кои светот го патрифицираат кон некои несакани состојби. На пример падот на баасистичките режими на оној драстичен начин како што се случи тоа директно го воведе арапскиот и блискоисточниот свет во длабока криза. Јас сум убеден дека тоа е дел од овие процеси на регресија кон десницата и дека тоа го предизвикуваат токму моќните сили кои одат кон дестабилизација на се што има елемент на социјалност“.

Османли е голем противник и на концептот на глобализацијата во кој вели дека апсолутно не верува.
„Јас велам оставиме таков каков што сум и како што ми е убаво и те молам не ме унапредувај ти како што сакаш да бидам унапреден. Понекогаш унапредувањето е многу релативно на тоа не учат мудростите кои што и западот ги прифаќа, а потекнуваат од подалечниот исток, како на пример Зен филозофијата или учењата на Будизмот. Таа филозофија предупредува дека понекогаш напредувањата се само привидни. Дека тоа што куцкам по тастатурата на Ајфонот не ме прави понапреден и посреќен, можеби сум поинформиран, но можам да бидам многу понесреќен и позаробен. Ако пак мене главна цел во животот ми е паметен телефон и следење на технологијата и јас тоа го сакам дури тогаш можеш да ми помогнеш и да ме култивизираш и глобализираш“.
Османли колку за наша утеха вели дека сепак во светот постојат сили како што силите на зелените , на левите движења на алтернативата итн, кои што полека и на демократски начин се обидуваат да ја создадат новата свесност.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×