На ручек со… Владимир Четкар, џез- музичар
Објавено на од во ЛУЃЕ И ПРИКАЗНИ...

Најголема сатисфакција е кога на твоите идоли ти ќе им станеш идол!

Со светски реномираниот џез музичар, Владимир Четкар, разговараме во време кога неговиот втор албум „Heavenly” доживеа огромен успех насекаде во светот. Освен за тоа што значи да се биде џез- музичар, со Четкар разговаравме и за џез сцената во Македонија, за музиката воопшто како и за неговите планови во иднина. А ако сте сметале дека џезот е снобовска музика, ритам кој е повеќе депресивен и меланхоличен, Четкар ќе ви го докаже спротивното.

Доколку не ја знаете големината која тој ја преставува, артист кој настапува на една од најдобрите сцени за џез музика главно во Њујорк, но и секаде во светот, воопшто нема да претпоставите дека спроти вас седи славна личност од светски размери. Кога разговарате со светски реномираниот џез – музичар, Владимир Четкар, имате чувство дека разговарате со пријател кој долго време го познавате.

Со Четкар зборуваме во момент кога неговиот втор албум “Heavenly” доживеа огромен успех во Јапонија, а истоимената песна од овој албум е веќе вистински хит по радио- станиците во Унгарија, Мексико… Критиките се дури и повеќе од позитивни.
„ Некои од моите најголеми идоли, сега јавно изјавија дека јас сум нивен идол. Тоа е најголема потврда за тоа што го правам. Од тие што учев, сега тие ме фалат и ми пишуваат критики. Има ли поголема сатисфакција од тоа? Тоа вреди многу. Многу повеќе од пари“, низ насмевка вели Четкар.
За разлика од останатите музичари, Четкар е артист кој не им подлегнува на трендовите. Насочен е најмногу на квалитетот и стилот кој тој го работи. “Трендот постојано се менува. Затоа јас сакам стил. Како што рекол и самиот Ив Сент Лорен – само стилот е вечен. Јас верувам во истата мантра“, објаснува Четкар.

cetkar-5Со книги од Холандија учев сам да свирам џез

Иако денес важи за врвен гитарист, како дете Четкар свирел виолина. Веројатно поради фактот што и неговата мајка свирела на овој инструмент. Но, како што и самиот раскажува, старата гитара која со години стоела во ќошот во нивниот дом, отсекогаш му го привлекувала вниманието. Имал само пет години кога ја земал во своите раце, трудејќи се да отсвири песна од филмот на Роман Полански, Балот на вампирите, која му оставила силен впечаток .
„Гледав филм од Роман Полански, Балот на вампирите. Имаше „саундтрак“, кој ми се свиѓаше многу. Пробав да го отсвирам на гитарата и успеав во тоа. Тоа ме заинтересира. Тогаш имав пет години“, раскажува тој.
Посериозно со изучување на гитара почнал во средношколските денови, кога и свирел во некои бендови. Иако денес е познат џез- гитарист, во почетоците и Четкар бил под влијание на светски познатите гитаристи и музичари како Лени Кравитц и Џими Хендрикс. Но, за кратко. Веќе во втора година гимназија почнува да се интересира за џезот. „Тогаш почнав да слушам малку поинаква музика. Пред тоа слушав Стиви Вондер, Крусејдерс, Кул анд д генг. Тоа ми беа омилени бендови. Меѓи нив беше и Џорџ Бенсон и тој ме насочи повеќе во џез музиката. Никогаш не слушав многу рок гитаристи, што беше типично во тоа време. Повеќе сакав џез. Но, во тој момент немаше никој да ме научи дека станува збор за посебна мајсторија. Огромната страст која ја негував кон оваа музика ме натера да нарачам книги од Холандија, и сам да учам“, објаснува Четкар.
Иако денес актуелен тренд е младите се почесто да се иселуваат со цел да бараат подобри животни услови, сепак Четкар не бил под влијание на таквата мантра. Заминал во Америка само поради тоа што ниту во Македонија, ниту пак во регионот, немало Џез Академија каде ќе може да го изучува тоа што го сака. Дури и ден денес, речиси две децении подоцна, откако заминува за САД, тој поседува само еден пасош- македонскиот, а низ светот патува со виза за артисти. И покрај тоа што со години веќе живее во Америка, нема „грин карта“, ниту, пак, размислува за американски пасош. Не чувствува ниту притисок да го промени своето име, како што е случај со многу наши иселеници, со цел полесно да се вклопат во странство, и е горд на фактот што е Македонец и што преку својата музика, освен што се преставува самиот себе, ја преставува и Македонија.

cetkar-4Од врата на врата, патот до успехот го градев сам

Во последната година од средното училиште, Четкар аплицирал на Џез Академијата во Ротердам, Холандија. Станува збор за сестринска школа на Беркли Џез Академијата во Бостон. Но, без да знае брат му пуштил апликација во име на Четкар и на Беркли Акдемијата во Бостон. Во моментот кога тргнал за Скопје да вади студентска виза, стигнала поканата од Беркли за аудиција во Италија.
„Тоа беше најблиската дестинација каде можев да одам на аудиција. Тоа беше време без мобилни телефони, интернетот уште беше во зачеток. Мејл уште никој не користеше. Во тоа време беше многу потешко да заминеш некаде. Сега тоа е доста олеснето. Тоа за мене беше голем чекор, на неполни 18 години да заминам на аудиција во Италија. Бев во Италија, ме примија, добив половична стипендија и потоа заминав во Бостон. Тоа беше септември 1996“, се присетува Четкар.
Неговата авантура во Америка, почнува уште на самиот аеродром. По слетувањето, Четкар сфатил дека куферите му се изгубени, па така, само со својата гитара се упатува во студентскиот дом каде требало да се смести. Првата слика таму била доста непријатна, зошто својата соба морал да ја дели со наркоман. Но полека се привикнува на условите и се посветува на она што најмногу го сака- гитарата.
Вели дека наставата биле доста напорна и тешка. Со денови не спиел за да научи дел од предметите кои биле потешки. А освен наставата, по часовите секој ден Факултетот организирал и практична настава, во која особено уживал.
„Имаше клубови кои соработуваа со Беркли каде студентите имаа право да настапуваат. Имавме многу интересна концепција, која е непозната за овие наши простори. Таму со професорот си како со другар. Нема персирање, а и не сакаат титули. Кај нас сите сакаат титули. Дури и на гроб си ги пишуваат. Таму факултетите нудат одлични услови за практична настава. Тие ти ги нудат истите услови со кои ќе се соочите после факултетските денови, како кога би работеле во студио“, раскажува Четкар.
Но, потрагата по работа, вели Четкар секаде е тешка задача. Патот до успехот го градиш сам. Мораш сам да тропаш од врата на врата, за да најдеш место каде ќе можеш да настапиш. Ќе добиеш 1000 не и едно да. Професорите помагаат многу, но по завршувањето тие те чувствуваат како конкуренција. Идолите ти стануваат конкуренција. Тие што си ги слушал и си учел од нив, потоа треба да делиш иста сцена со нив. Секако тоа е голема чест, но во моментот тој е конкуренција оти ти живееш од продажба на карти, како и тој. А конкуренцијата е неверојатна и мора постојано да си добар, и не можеш да се опуштиш во ниту еден момент.

cetkar-3Џезерите ја имаат таа мана да бидат снобови! Тоа е погрешно

Првиот настап во Бостон, Четкар го има во склоп на колеџот. Вели дека тогаш имал многу трема. Таа со тек на времето се намалила, но дури и до ден денес е присутна. „Тремата мора да ја имаш, оти без трема значи дека ти е сеедно и дека ништо нема да дадеш од себе за време на свирењето“, вели Четкар.
Во Македонија, пак, првата свирка ја имал во „Џез Ин“ во Охрид. Меѓу Америка и Македонија, повеќе трема чувствува во Америка.
„ Не знам зошто викаат дека дома е најтешко да се настапува. Кај мене е обратно. Тука ги гледаш пријателите во публика, фамилијата. Многу е порелаксирано. Во Њујорк, свириш на пример после Пат Метени, а тие што го слушале Метени очекуваат стандард како тој на Матени. И тука е тремата“, вели тој и додава: во Њујорк е цел свет. Њујорк не е Америка. Тоа е вистински светска сцена. Во самата публика имаш луѓе од минимум 20 различни држави. А и кога ќе свириш не знаеш кој се може да те слушне. Дали ќе добиеш рецензија утре дента или не, никогаш не можеш да знаеш. Треба да имаш страшна енергија, вели тој.
Во однос на џез сцената во Македонија, тој вели дека таа треба да биде поотворена. „Секако и пристапот треба да се промени. Не треба да си сноб. Обично џезерите ја имаат таа мана- тие се снобови. Многу сакаат да ги потценуваат другите жанрови што не е во ред. Јас го почитувам секој жанр. Потребна е искреност со публиката. Дури и ако никогаш не слушала џез, а настапиш со многу љубов и енергија, публиката ќе го осети тоа, и ќе створи љубов кон овој правец на музика. Тоа е всушност задача на секој уметник. Јас кога успевам да го направат тоа сум најсреќен“, вели Четкар.
Освен во Македонија и Америка, Четкар е популарен и настапува и во многу други држави низ светот. Меѓу по омилените сцени, му е џез сцената во Лондон. Но сепак, вели, убавината при настапите најмногу му ја прави публиката. Италија, Унгарија, Австрија, Гватемала, Панама, Централна Америка, Бразил, Мексико, се само дел од државите каде патува и има свои настапи.
Но, освен веќе споменатите земји, Четкар го освојува и далечниот Исток. Својот втор албум го работел во Јапонија, каде се направени преку 20.000 копии од неговото „ЦД“ кои физички се продаваат насекаде низ земјата. Следи промоцијата во Тајланд и Тајван, а наскоро и во Кина.
„Интересно е што Јапонија, иако е технолошки најнапредна, таму без физичко „ЦД“ исто како да не си направил промоција или албум. Тие сакаа да имаат физичко „ЦД“ и потпис на истото. Со оглед на тоа дека Јапонците се најбројни туристи во Њујорк, кога свирам таму многумина од нив доаѓаат и бараат автограм од мене“, вели тој.
Четкар позади себе има оставено два албума. Само подготовката на последниот албум траела три години. Вели секогаш се труди да направи софистициран производ кој пред се ќе понуди квалитет, а не квантитет.
Неговиот начин на работа е доста поразличен од она што денес масовно се прави. Во време на развиена технологија, многу од музиката се прави инстантно, компјутерски. Но, тој не е фан, на како што вели оваа „фаст фуд“ музика. Напротив сака на секој свој продукт да остави парче душа.
„Тешко оди подготовката на албумот, зошто снимам исклучиво со живи инструменти. Сам го аранжирам албумот, сам сум композитор, диригент, вокалист, пратечките вокали сам ги пеам, текстовите сам ги пишувам. Но, и многу музичари се инволвирани, со разни секции. Тоа е многу скап проект. Се е снимано со топ музичари, продуценти. Сакам да се соживеам со продуктот. Сакам да ставам парче душа на албумот. Инаку да снимаш албум преку авто – пилот е многу лесно. Но, тоа е безначајно. Ако немате емоција, тогаш тој продукт е ништо. Вака се работело во време на 70-тите години. Со многу страст, емоција. Денес веќе никој вака не работи. Никој не сака да се мачи. Но звукот е различен. Па така на крај тоа е квалитетот што јас го носам. Јас сум малцинство, денес се повеќе луѓе полесно сакаат да ја завршат работата“, вели тој.
По настапот во Скопје, заминува во Њујорк каде ќе има турнеја за албумот. Потоа се враќа во Европа со турнеи низ Австрија, Германија и Швајцарија. По овие настапи повторно се враќа во Македонија.
На долг рок, останува со музиката. „Сакам што повеќе луѓе да го запознаат овој звук. Да се направи повеќе дистрибуција на албумот. Сакам да се побие митот дека таква музика ние во Македонија не знаеме да ја правиме“.
Во слободно време сака да вози велосипед, да спортува, оди на фитнес и на пливање. За сега не размислува да се врати во Македонија. „Годишно во Македонија сум 4-5 месеци. Ова формула засега ми е единствена и најуспешна“, вели тој.

cetkar-2Лакомоста денес е најлошата болест

Иако многумина џезот го доживуваат како страна музика, нешто што потсетува на меланхолија и депресија, Четкар вели дека сепак својата инспирација ја црпи само од среќните моменти и она што го прави да се чувствува убаво и позитивно.
„Инспирацијата ја барам во моментите кога сум релаксиран, кога се чувствува најубаво. Кога ми е пријатно. Затоа и првиот албум се вика „We will never end”. Зошто ние како луѓе не сме програмирани да размислуваме дека нешто ќе заврши. Постојано мислиме што е следно. Тоа ми е инспирација. Сакам да ги славам убавите и среќни моменти. Тажните моменти никогаш не ми се инспирација. Тоа никогаш нема да го правам, се надевам“, вели тој.
Според него секојдневието е се повеќе опкружено со меланхолија. Токму поради тоа, смета Четкар, фали позитивна музика. А денес, вели тој, се помалку се внесува љубов во работата.
„ Денес е многу лесно да се уништи атмосферата. Тешката задача е да му направиш на човек да се чувствува добро. Заборавивме да се смееме. А со една насмевка луѓето подобро се чувствуваат. Лакомоста денес е најлошата болест. Желбата да се уништат сите околу тебе, со цел да се постигне успех“.
Разговаравме и за силното влијание на турбофолкот, особено присутен меѓу младите. Иако не сака да критикува ниту еден жанр, сепак вели Четкар дека со турбофолкот се губат рецепторите за финост и за квалитет. Затоа препорачува, оние што слушаат турбофолк, паралелно да слушаат барем и друг вид на музика.

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×