На ручек со… Владо Јовановски, актер
Објавено на од во ЛУЃЕ И ПРИКАЗНИ...

Даскал кој не престанува да учи од детето во себе

Jovanovski-2„Мислата и гестот кај мене се многу блиски. Во моментот кога ќе посакам да ја земам чашата, јас ја земам. Затоа многу често и ги истурам чашите. Тоа неретко се случува во ситуации кога атмосферата е непријатна, напната и дејствува како позитивна, опуштачка катарза“. Не треба психоанализа за да се сфати метафоричноста на оваа изјава на актерот Владо Јовановски, која го открива добро чуваното дете во неговата личност, со креативна храброст незатапена од поразите што конформизмот ѝ ги задава во светот на возрасните

Актерот Владо Јовановски е лик кој сите го препознаваме, секој оттаму кадешто му оставил најсилен впечаток – некој како Трендафил од „Бал-кан-кан“, друг како Лазо од „Илузија“, трет како Даскалот од „Прашина“ …, а во последно време најмногу по улогата во серијалот „Истражи ја Македонија“. Нам, гостувајќи во рубриката „На ручек со …“, ни остави впечаток на човек кој говори со мудрост на отворен ум што знае да сослуша, да собира истенчено разликувајќи го „зеленото“ од созреаното. Говорејќи за актерската уметност, нѐ почести со беседи за уметноста на живеењето, за темелните вредности на кои треба да се провери како стои мигот. Разговорот го почнавме со прашањето како го победил личниот, и особено на неговото семејство, страв од неизвесноста кога одлучил дека во животот ќе треба да заработува како уметник, како актер, во земја како Македонија.

Совршено разбравме што сакаше да ни каже, кога рече дека години и години по првите професионални успеси се сетил колку е важен татковиот благослов, што дури тогаш го побарал и го добил. „Отсекогаш сакав да го работам ова, но, за моето семејство беше шок кога им соопштив дека ќе студирам глума, зашто тоа им беше толку непознато, и што е поважно, неизвесно. Отпосле, многу подоцна, го добив татковиот благослов за мојата професија. И тоа не со првите успеси како актер. Татко ми се радуваше на моите успеси, но, поминаа години и години, кога јас се сетив колку е важен татковиот благослов, и тогаш го побарав и го добив“, ни раскажа Јовановски. Добра подготовка за сценското поднесување на погледите на публиката имал од најрана возраст, како што самиот открива – поради спецификите на неговиот изглед. „Кога бев дете имав чувство дека сум дојден од некоја друга планета. Може затоа што бев црвен, со црвена коса, а бел тен, единствен во целата околина, на која како таков ѝ бев интересен. Но, имав навистина среќно детство, премногу примав живот од природата, енергија од сонцето, и од луѓето со кои бев, и тоа направи мојот темперамент да биде брз. Во моментот кога ќе посакам да ја земам чашата, јас ја земам. Мислата и гестот кај мене се многу блиски. Затоа многу често и ги истурав чашите. Кога правиме генерациски средби со некои луѓе после триесет години, и кога ќе се случи повторно да истурам чаша, тие си велат – Еј, уште ли! Тоа многу често знаеше да се случи во ситуации кога е непријатна, напната атмосферата, и да дејствува како позитивна, опуштачка катарза“. Говорејќи, пак, за сонот на секој актер – добивањето на идеалната улога, ни ги откри каприците на луѓето од неговата професија.

Jovanovski-7„Актерите ако добијат улога во дело на Шекспир, ќе прашаат зошто не го добиле Хамлет. Ако е добар текстот, има приговор за тоа дали улогата е вистинска. Ако улогата ви се допаѓа, прашањето е зошто не ви е партнер Лоренс Оливие. Со други зборови, идеални услови за улога на еден актер не постојат, но, кај мене мислам дека има еден спој на филмски и театарски израз во исто време, така што сакам да има емотивни сцени на филм, не театрални, но, кои во филмскиот јазик даваат театарски сензибилитет. Исто така, во ова визуелно време, не сум приврзаник на оној здодевен, стар театар – јас зборувам – другите слушаат, и мора во анфаст да ми се гледаат двете уши. Го сакам филмскиот израз во театарот“.

Повеќе пари се даваат за филм, отколку што е квалитетна понудата

Владо Јовановски на сцената има донесено ликови уверливо како да се одживеани, а не одглумени. Го прашавме дали некогаш бил „жртва“ на актерскиот феномен да не може да излезе од одредена улога што ја одиграл.

Jovanovski-5„Ако кажам дека улогите и приватноста кај мене се многу блиски, да не речам, се преклопуваат, се плашам за другите, за не така светлообразните, да не посакаат да го злоупотребат тоа. Слабост ми е што сум хиперсензитивен и не лесно може да направам дистанца по некоја улога која бара голем емотивен ангажман. Ми треба време да се соземам. Кај мене одиграното на сцената остава големи траги, безмалку како да било вистина. Затоа брзо се старее во оваа уметност, поради лузните во емотивното сеќавање што ги оставаат жестоките, емотивни сцени, одново и одново преживеани со секое следно прикажување на претставата. Лага е дека енергијата вложена на сцената се враќа, односно оти она што сум ѝ го дал на публиката таа со аплаузот ќе ми го врати. Аплаузот не ја враќа енергијата. Тој за актерот е она што шеќерчето е за коњот. Аплаузот е точка, сатисфакција на мигот, дека не било залудно, и потсетување дека тој, четвртиот ѕид е проѕирен“, вели Јовановски.

Кога стана збор за тоа колку еден актер овде има можност да се реализира, особено на филм, одговори дека не држат оправдувањата на дел од неговите колеги кои проблемот сакаат да го бараат во тоа што не се одвојуваат доволно средства за нова филмска продукција.

Jovanovski-9„Кога е во прашање филмот, и повеќе пари се дадоа последните години, отколку што беше квалитетна понудата. Можеби не можам докрај да бидам објективен, зашто не сум ги читал сите понудени сценарија, сигурно има вредни кои не добиле поддршка, но, впечатокот ми е дека кај нас се нудат и се финансираат освен добри, за жал, и лоши проекти. Како да е некое правило, ако некој направи лош филм, веднаш дај му да прави втор“, вели Јовановски, кој смета дека бидејќи сме мала држава, треба да има помош од државата, за да не увезуваме туѓ шунд, зашто доволен ни е нашиот. Зашто треба да се создаваат наши вредности како идентификација за сегашноста и за идните поколенија.

Jovanovski-3

„Не се појави ниту една добра македонска серија. Треба да се прашаме какви ни се потенцијалите. Како глумец, многупати ми се случувало, да не ме сака управата, директорот, и да не играм со години. Значи, мене како на актер, може да ми ги затворат можностите да играм. Но, има професии како писатели, композитори, ликовни уметници, на кои никој не им пречи да седнат и да бидат поголеми од Достоевски, од Моцарт, од Пикасо. А вака имавме само обиди да се направи серија, каде што не може да се артикулира ниту хумор, ниту вистински проблем, кадешто има само „глуматање“, и, на крајот на краиштата, не е интересно“.

Решението што Јовановски го предложил било да се направи балкански, или уште поширок, европски конкурс за сценарио, со кој би се надминал недостигот од добри сценарија. Првата, втората и третата награда би биле доволно пари за да се снимат овие сценарија, кои би требало да исполнат одредени однапред зададени критериуми за процентот на застапеност на македонскиот јазик, на македонски локации … Со вакви проекти би можеле да конкурираме на поголем пазар, што би можел да го врати вложеното. Идејата, како што самиот откри, добила поддршка од највисоко ниво, и била дадена на разгледување кај одредени луѓе од филмскиот фонд, но, кои, за жал, направиле сѐ за да ја уништат.

Последната селидба ја дотепа Македонија

Последниве години Владо Јовановски е најпопуларен како главен лик од серијалот „Истражи ја Македонија“, што ја обедини нацијата. Дека неговото доживување на Македонија инспирираше многу од нас да посетиме и некои места што биле блиску до нас, но, не сме знаеле колку вредат, покажуваат и бројките за зголеменоста на внатрешниот туризам. Долго пред серијалот актерот ја истражувал Македонија, приватно, без камера, но, во тек на реализацијата на проектот, кога поради потребите на снимањето подолго се задржувале на локациите, нештата ги видел со „втор“ поглед, на каков што му се открива скриената Македонија.

Jovanovski-6„Видов монументална скулптура во прилепско, се вика Мома, дефинитивно градена од човечка рака, локалните легенди се дека ја направиле војниците на Александар Македонски. Јас сум фасциниран од тоа кој и зошто успева да го скрие од очите на јавноста ова што одамна требало да биде разгледница. Зошто некој сака да бидеме заспани до периодот на Крали Марко, до турското. А пред тоа слоевите каде се? Тоа е нечија намера. Почнуваме да се будиме, но, се будиме сиромашни. Кога се разбудивме и кога се пребројавме, сфативме колку сме биле оќорени – не само буквално на Беласица, туку и духовно сме биле оќорени. Не е важно дали доброволно сме прифатиле, дали нѐ поразиле, дали некој со намера тоа го прави“, вели Јовановски.

За крај, ни ја откри и лошата страна на патешествијата поврзани со „Истражи ја Македонија“. Имал можност на терен да ги види ефектите од „белата чума“.

Jovanovski-8„Нам, на Македонците, кои сме толку малку останати од „колежи и дележи“, најголем удар во последно време ни зададе последната селидба од Македонија, економската. Многу мои блиски роднини, со кои сме разменувале мудрости, сме пееле песни, сме разменувале енергија, се иселија. Недостасуваат како алки без кои ланчето се распаѓа. Не е исто по „Скајп“ – ќе се чуеме на компјутер, ќе плаче потоа, зошто не се гледаме. Голем е притисокот под кој живееме ние овде. Тие што останавме живееме како оние рибите, најдлабоко во морињата, под голем притисок. Баба ми, кога немаше телефони, знаеше кога тетка ми во Скопје ја споменува. Интуинтивно, знаеше кога ќе дојдат на гости. Тоа беше нашиот природен интернет, пред да се измисли сегашниот. Ние сега се чувствуваме и на далечина, ама не е исто. Сите што помогнаа да се исели Македонија, што економски ја осиромашија, ги сметам за најголеми, современи окупатори на Македонија. Направија штета поголема од туѓите завојувачи“.

 

One thought on “На ручек со… Владо Јовановски, актер

  1. Длабокоумниот актер Владо, најприродниот и спонтан раскажувач, човек во чие присуство никојпат не ти е досадно, ама..кому единствената маана му е само болеста наречена АНТИКВИЗАЦИЈА!

    *радо би турнал некоја чаша со него ;-)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×