На ручек со… Жарко Димитриоски, креативен директор во Еден на еден
Објавено на од во ЛУЃЕ И ПРИКАЗНИ...

Ни недостасува шоу култура!

За денешниот гостин во рубриката „На ручек со…“, нема потреба од посебна најава. Преку Диме Такси од детската серија „Големи и мали“, водител на „Ексклузив“, па се до сега популарното ТВ шоу „Еден на Еден“, Жарко Димитриоски е бренд сам по себе. Тој е единствениот новинар во земјава кој вложува вистински во „ентертејмент“, им пркоси на широко распространетите турски серии и здодевната телевизиска програма, и прави с$ да ни донесе шоу кое многу наликува на врвните вечерни ток шоу емиси во светот, како на Крег Фергусон, Џими Фалон, Џими Кимел и останатите А, благодарение на неговата љубов кон стенд ап комедијата, и Македонија успеа да добие ваква сцена преку неговиот проект „Балкан стенд ап“ кој стана многу популарен и успешен. Со оглед на тоа дека, веројатно секој би сакал да биде во неговите чевли, имајќи ја предвид неговата популарност и кариера на така млади години, решивме, со цел да си дадеме доза на ексклузивитет, овој текст да го започнеме со нешто што никој од нас до сега не го знаел за Жаре.

Како што и сам кажува, многу малку знаат дека Жаре е роден во Тетово, каде ја поминува првата година и пол од својот живот. Уште помалку познат факт е дека на аудицијата на која што се пријавил во А1, каде потоа го гледавме како дел од популарното шоу “Ексклузив“, првично тргнал со замисла да биде водител на готварско шоу, оти токму тогаш бил голем фан на светски познатиот готвач Џејми Оливер, што пак гледано од денешна перспектива, како што вели самиот тој, би било целосна утка.

Новинарството му е одлука донесена во „5 до 12“, откако македонските актери и глумци, со кои доста работел низ годините, лично го разубедуваат од идејата да се запише на Факултетот за драмски уметности. Денешната работа, како водител на ТВ шоуто „Еден на Еден“, му дозволува да го работи тоа што отсекогаш го сакал- да глуми, режира, продуцира, но сепак Жаре не ја работи најсаканата работа во светот- да биде музичар.

Zare
Првата ТВ улога ми беше да мавтам

Уште на две и пол години Жаре веќе читал и пишувал, а на три години течно читал и на латиница. На таа негова возраст, мајка му, инаку лекар рендгенолог по професија, ја подготвувала својата специјализација, па во текот на денот заедно учеле, на тој начин што Жаре читал весници, додека таа ги подготвувала испитите. Затоа што бил многу напреден, уште на неполни шест години тргнал во школо. Но, по кусо време, учителката Тинка забележала дека му е здодевно, со оглед на тоа дека веќе знаел да чита и пишува, па им предложила на неговите родители да го пуштат Жаре на аудиција во детското драмско студио во МТВ.

Од 1.000 пријавени деца, тој успеал да влезе во тесниот круг од 5-6 деца, но за него била одржана дополнителна аудиција, поради тоа што тој имал 6 години, а прагот за да можеш да поминеш бил 7 години најмалку. Со леснотија ја поминува и оваа специјална аудиција и станува дел од детското драмско студио на МТВ.

Неколку години дружеле и учеле од тогашните врвни актери, за на девет годишна возраст да ја има првата улога на ТВ – екраните.

„Прв пат се појавив на ‘Здраво Генијалци’, кај сегашните градоначалници Туфи и Двојче (Билјана Беличанец и Владимир Талески, н.з.). Првото телевизиско појавување ми е таму. А мојата задача беше да седам и да мавтам. Зборуваше Билјана Беличанец (во улога на Туфи) пред мене, а јас позади неа седев и мавтав“, се сеќава Жаре.

Потоа следат „Дали, како што“, радио емисиите, „Умни глави“, „Големи и мали“. А со завршувањето на основното, логично завршува и неговата ангажираност во детското драмско студио. Додека е во средно училиште,станува дел од екипата на телевизијата Спорт 4, каде коментира разни спортски натпревари. Но по неколку години се затвора оваа телевизија. Навикнат на постојана ангажираност надвор од училишните часови, по згаснувањето на телевизијата Спорт 4, се пријавува на аудиција распишана од А1 телевизија.

Zare3

Иако првично сакал да води готварско шоу, сепак, по сугестија на новинарите кои му го правеле интервјуто, започнува со емисијата „Ексклузив“ која за кратко време станува една од најгледаните емисии на телевизија. И покрај огромната популарност на емисијата, по некое време Жаре го губи ентузијазмот околу водителството. „Водењето е многу роботска работа. Не можам јас така. Требаше само да ги најавам прилозите. Без презадоволен од пари, од услови, буквално од се. Земав повеќе од било кога, ама ништо не правев. Ми стана досадно и се нервирав. Седнав со раководството и им реков дека не сакам веќе да водам „Ексклузив“. Не ме пуштија, па компромисно водев само два пати неделно, а за возврат побарав на А2 да си почнам емисија, за која гајле ми беше дали ќе биде гледана или не. Сакав да си правам нешто креативно и така тргна Еден на Еден да се емитува, како компромис, оти Жаре не сакаше да води „Ексклузив“, објаснува Жаре како почнала идејата за ТВ шоуто “Еден на Еден“.

Сакам да профункционира пазарното општество

По затворањето на А1 телевизија, се раѓа идејата за отворање на своја фирма, која денес го носи името „Еден на Еден“, а која ја работи заедно со својот брат. „ Идејата се роди буквално од помислата што ќе правам сега. Со брат ми отсекогаш сме биле блиски, на професионален аспект сме слични со ставови и со размислувања. Буквално се прашавме самите – можеме или не можеме- да направиме компанија која ќе биде рамо до рамо со многу поголеми од нас. Се согласивме дека имаме контакти, и тој и јас за време на претходните 5-6 години остваривме многу големи контакти. Не беше проблем да се најдат соработници, знаеја дека имаме што да понудиме“, вели тој.
Дека проценката за такво нешто не била погрешна, се гледа од денешната популарност која ја ужива шоуто „Еден на Еден“. Од само идеја и концепт, денес неговата агенција веќе може да си дозволи да плати авионска карта и хотел за гости кои прифатиле да дојдат во емисијата, а се од странство. Меѓутоа, вели Жаре, ова не е ниту 25% од она што тој и неговиот брат го имаат како замисла. Сепак, вели тој, за тоа е потребно да профункционира пазарното општество.

„Сега сме уште многу далеку од таму кај што сакаме да бидеме. Сакам да профункционира пазарно општество, каде функционира квалитет и идеја и се цени квалитет и идеја. Каде што не се бараат заднински работи, конекции и слично. Грев е максимално македонски производ како што е нашиот, за кој сме се осмелиле, сме направиле приватен проект, го тераме, успешен и признат е, а не добиваме доволно простор. Со пазарно општество и пазарно функционирање, каде што се гледаат пред с$ демографии, а не голи рејтинзи, поради што и има турски серии, кој носат гол рејтинг, ќе има повеќе можности да дадеме многу повеќе. Знам што може да имаме, а што и даваме на публиката. Боли кога знаеш дека можеш да им дадеш многу пати подобар проект, но имаш врзани раце“, објаснува Жаре.

Треба да се вложува повеќе во домашна продукција, продолжува Жаре. Треба да се финансираат квалитетни работи каде и самите домашни брендови ќе почнат да поддржуваат домашни брендови. Така се гради продукција и така ќе дојдеме до македонска квалитетна серија, музика, емисија, толк- шоу. Вака на овој начин со оваа филозофија, не може да се направи тоа, вели тој.

“Едноставно нема интерес за вложување во домашна продукција, бидејќи е скапо. Потребен е поголем ентузијазам. Никој не е спремен да вложи време и труд, и секој чека на готово. Ако се направи домашна серија, со добро сценарио,добра продукција, што ќе личи на светска серија, кој ќе гледа Карадај или Величествениот?“.
Жаре не ги гледа турските серии, но сепак му пречат, оти, како што вели, тие го јадат просторот. “Просторот е ограничен, трае еден ден. Затоа прво треба да има сидро, а тоа е националниот сервис, а тоа го немаме. Ако има такво сидро, тогаш полесно ќе се дише. Кога ќе продуцираш многу, сигурно нешто добро ќе излезе. Не знам што треба да се жртвува, зошто тоа не го прават, но овие евтини серии носат безобразно добри профити што е грев да не се инвестира во нешто свое. Зошто да не се инвестира? Ова мора да има крај. Не може до без крај да гледаме турски серии. Неприродно е. И Турците ќе престанат да снимаат“.

Она што нему му фали на телевизиите е поддршка на македонска музика.

„Многу ме нервира што македонската музика останува неподдржана. Кога не може луѓе како Влатко Стефановски, Калиопи, Каролина… да бидат богови. Треба да им се поклонуваме, а не ние само ги спуштаме, им правиме сопки, ниеден успех не им го признаваме“, вели тој.

 Zare2Не е лесно да се прави „Еден на Еден“

„Мојата емисија зависи најмногу од гостите. Ние сценаријата ги градиме за гостинот да биде многу смешен, многу добар, многу духовит. Гостинот да е ѕвезда. Многу од македонските јавни личности не се подготвени за таква улога. Пред се оти немаат такво искуство. Еден од ретките гости подготвени на с$ кај нас е Сашко Коцев. Тој знае дека од време на време треба да направи шега на негова сметка, и тој е подготвен на тоа, оти на крај на ден сите ќе речат каков ѕвер е овој Коцев. Тоа е разликата. Ни фали шоу култура. Доколку продолжи како што треба, за некои 10 години, очекувам дека ќе има здрава шоу и ентертејмент култура и во земјава. Ќе биде сосема друга приказна“, раскажува Жаре.
Вели дека до сега направил преку 200 интервјуа, и тешко е да избере омилен гостин. Сепак, многу e среќен што успеал да му направи интервју на Драган Бјелогрлиќ, човекот со чии серии и филмови пораснал. Гостин што би сакал да го види во своето шоу е и Никола Кољо. „Сакам луѓе што носат многу приказни со себе. Сценаријата во ‘Еден на Еден’ се градени така што се раскажуваат приказни. Јас сум сфатил дека луѓето најмногу уживаат во раскажување приказни“.

 

 

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×