27 август, 2026
1 минута читање

Над 200 организации бараат од ЕК план за напуштање на фосилните горива

Речиси 200 европски и меѓународни организации, компании и индустриски здруженија ја повикаа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, да иницира сеопфатен европски план за напуштање на фосилните горива. Повикот е упатен пред нејзиното септемвриско обраќање за состојбата на Европската Унија. Меѓу потписниците се Climate Action Network Europe, Eurelectric, SolarPower Europe и други организации од енергетиката, индустријата и граѓанскиот сектор. Во заедничкото писмо тие бараат Европската комисија да нарача независен и научно заснован извештај кој ќе покаже како Европа може да изгради достапен, безбеден и домашен енергетски систем и трајно да ја намали изложеноста на нови кризи предизвикани од фосилните горива.

Новата криза додала над 50 милијарди евра на европската сметка

Потписниците оценуваат дека Европејците ова лето ја плаќаат зависноста од фосилните горива на два начина.

Новата нафтена и гасна криза, втора во период од само четири години, додала повеќе од 50 милијарди евра на европската сметка за енергија за домаќинствата и компаниите. Истовремено, топлотните бранови, пожарите и сушите предизвикуваат растечки човечки и економски загуби.

Според писмото, зависноста од увезени фосилни горива ги остава европските граѓани и индустријата изложени на ценовни шокови и на геополитички одлуки донесени надвор од Европа.

Ова е истиот ризик што беше анализиран и во колумната на Energy & Climate Index, „Ормутскиот Теснец и енергетската транзиција“: геополитичките кризи повторно покажуваат дека енергетската зависност не е само прашање на цена, туку и на економска и стратешка безбедност.

Пет приоритети за европскиот план

Организациите предлагаат идниот европски план да се заснова на пет приоритети:

  • пресметување на целосниот економски и финансиски товар од зависноста од фосилните горива;
  • утврдување на најбрзиот и најконкурентен пат за нивно напуштање;
  • усогласување на европското и националното финансирање со оваа цел;
  • обезбедување праведна транзиција за домаќинствата, работниците, компаниите и регионите;
  • поголеми инвестиции во природни решенија за ублажување на климатските ризици.

Како основа за транзицијата се посочуваат обновливите извори, енергетската ефикасност, модернизацијата на мрежите, циркуларната економија и чистите извори на флексибилност.

Индустријата сè погласно бара електрификација

Повикот не доаѓа само од еколошките организации. Присуството на индустриски и енергетски здруженија покажува дека напуштањето на фосилните горива сè повеќе се поврзува со конкурентноста, сигурноста на снабдувањето и заштитата од нестабилни увозни цени.

Претходно, повеќе од 100 глобални компании побараа од владите да ја забрзаат електрификацијата и да обезбедат услови електричната енергија да преземе поголема улога во индустријата, транспортот и греењето.

Но, зголемувањето на производството од обновливи извори само по себе не е доволно, голем дел од европската потрошувачка и понатаму директно зависи од нафта, гас и јаглен. Без замена на тие горива со електрична енергија, растот на обновливите извори нема целосно да ја намали фосилната зависност.

Ефикасноста е најбрзиот начин за намалување на зависноста

Планот ја истакнува и енергетската ефикасност како една од најисплатливите и веќе докажани алатки за излез од кризата.

Во својата анализа професорот Jan Rosenow објаснува дека најевтината енергија е таа што не мора да биде потрошена. Намалувањето на потрошувачката ја ограничува потребата од увоз на горива, ги намалува сметките и го олеснува преминот кон електрифициран енергетски систем.

Комбинацијата од енергетска ефикасност, директна електрификација, обновливи извори, мрежи, батерии и други флексибилни капацитети затоа е суштината на предложениот европски излез од фосилните горива.

Повик пред обраќањето на фон дер Лајен

Потписниците бараат Урсула фон дер Лајен во обраќањето за состојбата на Унијата да најави подготовка на независен извештај, предводен од истакната независна личност и изработен со учество на науката, индустријата, социјалните партнери и граѓанскиот сектор.

Целта е Европската комисија да добие заедничка стратешка рамка за остатокот од својот мандат и конкретен план со кој сегашната фосилна криза би станала последна за Европа.

ECI

Редакција Капитал

Редакција Капитал

...само идејата е Капитал, а сè друго е пари...

Напишете коментар

Your email address will not be published.

оди наВРВ