Најбогатиот човек на светот покажува колку му прилега титулата
Објавено на од во СВЕТ БИЗНИС

Amazon Holds News ConferenceКои се новите фронтови на Amazon и Џеф Безос?

Amazon Go може драстично да ја промени трговијата на мало (засега) во делот на прехраната, а заедничкиот проект на Amazon, Berkshire Hathaway и JPMorgan, кои ќе формираат здравствена компанија за да ги намалат расходите за здравствена заштита и да ги подобрат здравствените услуги за своите вработени во САД, ќе имa неспорно влијание врз американскиот здравствен систем … Најбогатиот човек на светот покажува колку му прилега титулата

 

Ако компанијата за трговија на интернет на најбогатиот човек на светот, Џеф Безос, Amazon, одамна го промени начинот на пазарување, сега, со неодамна отворената прва продавница од проектот Amazon Go, би можела од корен да го промени бизнисот на големите синџири супермаркети, и да стави крај на класичната професија касиер(ка).

Безос, чие влијание во бизнисите каде инвестира се покажува тектонско, периодов е актуелен и со најавите дека со заеднички сили со Berkshire Hathaway и JPMorgan ќе отвораат здравствена компанија; со изборот на град што ќе биде второ седиште на Amazon во кое ќе бидат инвестирани најмалку 5 милијарди евра и ќе значи 50 илјади нови вработувања; со отворањето на канцелариите „во шума“ – стаклено-челичните „сфери“ што всушност се ботанички градини во кои живеат над 40.000 растенија од 400 видови и од 30 држави.

Концептот Amazon Go подразбира физичка продавница, во која целиот процес на купување е автоматизиран, односно нема редови за чекање, зашто нема наплата на каса. Првата ваква продавница од 22 јануари почна со работа во Сиетл, откако на проектот се работело 4 години, а на 5 декември 2016 година почнал тестниот период, во кој вработени во Amazon можеле да пазаруваат на автоматизираниот начин. Од компанијата на Безос засега не откриваат подробни натамошни планови, но потврдија дека (засега) немаат намера да ја имплементираат технологијата во поголемите продавници за прехранбени производи од синџирот Whole Foods, кој Amazon го презема за 13,7 милијарди долари.

Amazon Go 954 WEB

Првата продавница со целосно автоматизиран процес на купување, Amazon ја отвори на 22 јануари во Сиетл. Долгите „опашки“ сега дополнително ќе ги одвратат потрошувачите од стандардните продавници, кога се знае дека има начин да се намали времето што се троши на пазарување

Amazon Go, според проценки на аналитичари со соодветна експертиза, може драстично да ја промени трговијата на мало во делот на прехраната. За трговците од овој сектор, новиот вид продавница дава уште едно потенцијално „оружје“ во рацете на најголемиот онлајн трговец на мало во светот. Долгите „опашки“ во супермаркетите сега можат дополнително да ги одвратат потрошувачите, кога знаат дека има начин да го намалат времето што го трошат на пазарување. Повеќе од јасно е каква предност во однос на конкурентите во секторот може да значи ова за Amazon Go.

Но, да се вратиме на продавницата во Сиетл, сместена во 167 квадратни метри во канцеларија во објект на компанијата. Таму купувачите само треба да се пријават на влезот преку мобилната апликација Amazon Go, и да повелат, да го направат својот избор меѓу производите. Големиот број камери и сензори за тежина на рафтовите, помагаат Amazon да може да препознае точно што земаат клиентите. Купувањето потоа се случува автоматски, со наплата преку сметката на корисникот при излегувањето од продавницата.

Системот сѐ уште се тестира, дури и во оваа фаза кога е пуштен во целосна, јавна употреба, што го докажа примерот на „јутјуберот“ кој предизвика бура на социјалните медиуми откако успеа да украде хигиенски влошки од Amazon Go продавницата во Сиетл. Лајнус, кој го води YouTube каналот Linus Tech Tips, нагласува дека е многу тешко реално да се украде оттаму („местото е преполно со камери – има буквално стотици камери“).

„Amazon е всушност толку полн со доверба во својот систем, што вградиле можност ако ви наплатиле нешто што не сте го земале, да можете сами едноставно да го тргнете од својата сметка“.

И колку и да ви звучи лудо, продолжува Лајнус, Amazon, како што стана јасно, користи систем на чест. „Јутјуберот“ вели дека на потенцијалните заинтересирани да го злоупотребат овој систем (на чест) – да земат нешто, а да не го платат, така што ќе го избришат од својата сметка – тоа не може долго да им поаѓа од рака. Зашто Amazon има доволно податоци да научи како неговите клиенти купуваат, и може да препознае ако некој често го злоупотребува системот на чест.

Лајнус хигиенските влошки што ги земал, а подоцна ги избришал („украл“) од својата сметка (како да му се наплатени без да ги земе), на крај ги вратил во продавницата (според системот на честа).

Меѓу досега забележаните проблеми со автоматизацијата во Amazon Go продавницата е, на пример, и тоа, дека децата кои влегуваат со своите родители често предизвикувале грешки, зашто земале производи и ги враќале на погрешни места/рафтови.

John Tory 954 WEB

Џон Тори, градоначалникот на најголемиот град во Канада, вели дека и да не победат во трката за град што ќе биде второ седиште на Amazon, самата номинација покажува каков напредок постигнал Торонто

Дваесет моќни градови во финалната трка за второ седиште на Amazon

А интерес да бидат место на второто седиште на Amazon пројавиле дури 238 градови, од кои за финалисти се избрани 20. Новиот комплекс ќе се вика HQ2, ќе чини најмалку 5 милијарди долари и ќе создаде околу 50 илјади работни места. Според The Guardian, Amazon ќе го објави својот конечен избор на крајот на 2018 година.

Сегашното седиште на компанијата е во Сиетл, а меѓу дваесетте градвои финалисти за да бидат место за второто (седиште) се Атланта, Денвер, Чикаго, Мајами, Лос Анџелес, а единствениот надвор од САД е Торонто.

Администрациите на градовите испраќаат до компанијата на Џеф Безос различни идеи очекувајќи ги економските придобивки, како и кај нив да се отворат 50-те илјади работни места. Предлозите на градовите варираат од даночни олеснувања и субвенции за градежни трошоци, до нетипични конкурси за убавина.

А Amazon во критериумите за избор бара град со над милион жители, со стабилна средина за водење бизнис. Компанијата бара место кое располага со бројни локални и регионални таленти, особено во делот на развој на софтвер и поврзаните области; односно, локација што ја гледа „големата слика“ и размислува креативно.

Есента лани Amazon објави дека избраниот град треба да има добар пристап до голем транзитен пат и меѓународен аеродром, високообразувана работна сила, јак универзитетски систем и разнолично население.

Аналитичари, според сето од наброеното, сметаат дека градови со најголеми шанси да бидат избрани се Атланта, Филаделфија, Питсбург, Остин, Мајами и Бостон.

Атланта има скоро 6 милиони жители и таму се зголемува технички остручената работна сила. Во градот има меѓународен аеродром и пристаниште. Поседува одлична логистика, и се претвора во еден од најважните центри за професионални услуги на југот, пришто конкурентните расходи за реализирање бизнис го поддржуваат преселувањето и ширењето на корпорациите.

Питсбург се наметнува како сѐ попривлечна дестинација за технолошки компании – Uber отвори во градот независен истражувачки институт за превозни средства. Мајами, пак, е водечки дистрибутивен центар, со меѓународен аеродром и големо пристаниште. Адутот на Бостон се Харвард и MIT (Massachusetts Institute of Technology), кои за Amazon би обезбедиле десетици илјади висококвалификувани кадри, од кои компанијата има потреба.

Само Торонто меѓу 20-те финалисти не е од САД, а Џон Тори, градоначалникот, вели дека независно од тоа дали ќе бидат место за новото седиште на Amazon, номинацијата покажува како напредок постигнал најголемиот град во Канада и околниот регион утврдувајќи се како голем технолошки центар.

Регионот на Торонто претстави заедничка понуда до Amazon, а веќе е дом на главната инженерска дејност на Google, на голем истражувачки центар за вештачка интелигенција … General Motors додава околу 1.000 софтверски инженери во регионот, кои ќе развиваат системи за самоуправување на автомобили. А „чадор“ компанијата на Google, Alphabet, развива планови за претворање на запоставен дел од брегот на Торонто во високотехнолошки град на иднината. За разлика од другите конкуренти, Торонто не му нуди на Amazon даночни олеснувања или други стимули. Според градоначалникот Тори, предности на градот се и имиграциската и образовната политика на Канада. Главен недостаток, пак, се високите цени за станбен простор.

Аналитичарите предупредуваат дека градовите финалисти за второто седиште на Amazon, покрај добрите страни при евентуалната победа, треба да ги имаат предвид и лошите, како можните ризици од зголемен автомобилски сообраќај и нагло зголемување на цените на становите и куќите. Во Сиетл ситуацијата е токму таква – од 2005 до 2015 година просечниот наем скокнал од 1008 на 1286 долари, што е три пати поголем раст од просекот во државата.

Sferi 954 WEB

„Сферите“, отворени неодамна во Сиетл, всушност се огромни терариуми со над 40.000 растенија, дизајнирани со идеја вработените на Amazon во нив да бидат во слободното време, односно, паузите надвор од канцелариите да ги поминуваат што поздраво и поквалитетно

Вработените да живеат и работат поздраво и поквалитетно

По седум години планирање и градење, зградите за потребите на вработените во Amazon во топчеста форма се отворени во Сиетл, а од другите деловни објекти на компанијата се разликуваат по тоа што во нив живеат над 40.000 растенија од 400 видови и од 30 држави (во овој дел се работи за заеднички проект со ботаничкиот оддел на Универзитетот во Вашингтон).

Дизајнирани се со идеја вработените во нив да бидат во слободното време, односно, паузите надвор од канцелариите да ги поминуваат што поздраво и поквалитетно. Овие згради се познати како „сфери“ (The Spheres), а имаат и таканаречени „живи ѕидови“ во чии рамки се засадени над 25.000 растенија.

Конструкцијата се состои од три поврзани (полу)топки што се изградени од стакло и од челик, а во кои може да се сместат до 800 вработени. Најголемата зграда е висока 28 метри, и широка 40.

Дизајнот е дело на огранокот во Сиетл на архитектонската компанија NBBJ, а архитектот на фирмата, Дејвид Садински, вели дека „сферите“, „геометриски, повеќе се како топка за фудбал (не американски, н.з.)“.

Во внатрешноста на најголемиот објект температурата е околу 23 целзиусови степени и има околу 60% влажност на воздухот.

Околу десетина специјалисти ќе работат во „сферите“ со обврска да се грижат за оптималното здравје на растенијата.

Во другите објекти има поинакви мирко-клими, во зависност од потребите на растенијата, па секој вработен во Amazon ќе може да избере каква (клима) му одговара, при што вентилациските системи се дизајнирани да создаваат чувство на благо ветре.

Зградите секако имаат Wi-Fi, а компанијата се погрижила никој од вработените да не се заборава, односно, да не поминува премногу време надвор од работното место, со помош на идентификациски беџови.

Кога веќе ја споменавме грижата за вработените, Amazon, Berkshire Hathaway и JPMorgan, ги обединуваат силите за да создадат здравствена компанија, со цел овие три корпорации, лидери во своите сектори, да ги намалат расходите за здравствена заштита и да ги подобрат здравствените услуги за своите вработени во САД.

 

 

 

 

 


Почитувани за да продолжите со читањето треба да бидете претплатник

Доколку сте претплатник на kapital.mk, само логирајте се.

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×