Најдобриот пат за решавање на црковниот спор би одел преку прифаќање на СПЦ да го обнови сослужувањето со МПЦ
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА
Посредникот во спорот СПЦ-МПЦ, Руската православна црква, би се заложила за автокефалност на МПЦ ако не постоеја барањата за истиот статус од страна на нејзините автономни цркви, во прв ред, украинската. Во вакви околности најдарежлив руски предлог може да биде само веќе познатиот –  одредница за статусот на црквата што не би ги содржела грчките термини автокефалија или автономија, но, ако ова и се прифати, дури и така што МПЦ во преговорите би издејствувала де факто автокефалност и би го задржала името, тоа не може да биде трајно решение. А потрагата по решение кое би било за доброто на црквата, надвор од нецрковниот дел од политиката, би морало да оди преку прифаќање на СПЦ да го обнови литургиското сослужување со МПЦ прекинато во 1967 година, кое, ако сака, може да го објасни и со педагошки причини. Сепак, предмет на спорот не е дали МПЦ е православна црква, туку дали ќе биде призната како автокефална

Со формирање комисија за преговори и со дефинирање на рамката во која истите може да се движат, Синодот на Македонската православна црква ќе почне да се подготвува за обновување на преговорите со Српската православна црква, откако по ослободувањето на поглаварот на во Македонија непризнаената Православна охридска архиепископија, Јован Вранишковски, се отстрани причината за застој на преговорите за решавање на статусот на МПЦ.

„Набргу ќе имаме синодска седница на која ќе се одреди комисија за преговори, и, секако, ќе се дефинира широчината на рамката во која сме подготвени да се движиме“, изјави за „Капитал“ извор од Синодот на МПЦ, кој смета дека до Велигден (годинава на 12 април) не треба да се очекуваат какви и да се заеднички (со црковен Белград) активности на овој план, или барем не официјални.

Што се однесува на македонската рамка за преговорите, во неа нема да се остави простор за друго име на црквата – „во Синодот на МПЦ моментално нема ниту еден архиереј кој е подготвен да направи компромис со името Македонска православна црква“, вели нашиот извор. Овде треба да се потсети дека, како што тврдат упатените во македонските црковни работи, Цариград (вселенската патријаршија) има понудено автокефалност за МПЦ, откако претходно две години таа би прифатила да биде автономна црква, но, под името Охридска архиепископија. Ова е предлог, што, јасно е, бил одбиен.

Кога е во прашање статусот на МПЦ, во Синодот се подготвени да го прифатат рускиот предлог – одредница за статусот на црквата што нема да содржи грчки термини, што значи би се користеле поими како самостојност или самоуправност. Но, така што, без разлика како ќе биде наречен статусот, во преговорите би се договориле услови што би значеле фактичка автокефалност. Ако оваа рамка српската страна ја одбие, тогаш повторно ќе има прекин на преговорите.

„Во тој случај нашиот одговор би бил барање за обновување на литургиското сослужување (официјално прекинато од страна на СПЦ во 1967 година по прогласувањето на автокефалноста на МПЦ, н.з.). Во моментов ние не сослужуваме, а разговараме за статусот на нашата црква. Кога веќе преговараме за статусот – автокефален, автономен, или како и да се дефинира, нема логика да не сослужуваме“, вели изворот.

Според него, владиците на МПЦ би покажале флексибилност (и) со прифаќањето на преговарачката маса да седнат покрај со епископите од Србија, и со оние на ПОА, со исклучок на Вранишковски, кој, по сѐ изгледа, барем физички ќе биде доволно далеку од преговорите.

Неговото заминување на лекување во далечна Русија се толкува токму во овој правец – дека српската страна го прифатила барањето на МПЦ за кое дознавме од одговорот (датиран со 19 септември 2014 година) што Синодот на СПЦ го испрати по писмото на македонскиот архиепископ Стефан. Во овој документ Србите пишуваат дека поглаварот на МПЦ од нив побарал (преку претставници на власта во земјава) услов за ослободување на Вранишковски да биде неговото напуштање на Македонија.

Лекувањето токму во Русија, покрај сите други поблиски, и не само од оваа причина пологични локации за целта, најверојатно е стратешки потег. Јован не се одлучил за Србија, чија автономна црква е ПОА, ниту, пак, за Грција, каде што ужива не помала поддршка, за да се избегнат асоцијациите што тоа би ги отворило за српско-грчката врска, односно интереси, во целата ситуација.

Тешко до решение во равенката на сложени црковно-политички математики со многу непознати

Кога ги споменавме српско-грчките интереси, за нив во СПЦ се грижи таканаречено грчко крило, на кое му припаѓаат некои од највлијателните српски епископи, како епископот бачки, Иринеј Буловиќ, и митрополитот црногорско-приморски, Амфилохие. Првиот, како портпарол на СПЦ, го потпиша соопштението по случувањата што произлегоа од посетата на претседателот на одделот за надворешни црковни врски на Московскиот патријархат, митрополитот волоколамски, Иларион, на Скопје, во кое од никаква причина што би била црковно поврзана со спорот со МПЦ, Македонија е наречена „БЈР Македонија“ (иако Србија ни ја има признато државата под уставното име).

На посредникот во спорот, Руската православна црква, чија дипломатска мисија директно доведе до ослободување на Вранишковски, името Македонска православна црква, секако, не ѝ е проблем. Но, „не верувам дека Москва ќе може да направи нешто без согласност на Цариград“, вели нашиот соговорник од Синодот на МПЦ. Овде веќе навлегуваме во зона на многу сложени математики, со многу непознати, кои се поврзани со односите меѓу помесните православни цркви (особено меѓу грчкиот и словенскиот, односно, рускиот блок цркви), но, и со надворешната политика на одредени држави што можат да видат интерес во ситуацијата, како, на пример, Русија, која во конфликтот со Западот бара сојузници меѓу словенските и православни земји на Балканот.

Ќе биде уметност ако Русија, односно, РПЦ како посредник, успее да најде решение од кое ќе бидат задоволни и овде, и во Белград. Песимистичката варијанта за МПЦ е ако Москва нема друга опција, освен да задоволи една од страните. Руската црква, секако, би се заложила за автокефалност на МПЦ, ако не постоеја барањата за истиот статус од страна на нејзините автономни цркви, во прв ред, на украинската.

Во овој контекст, погоре споменатиот руски предлог – одредница за статусот на црквата што нема да содржи грчки термини, би значел евентуално решение со привремен карактер, кое би оставало простор да се толкува дека ниту СПЦ дала автокефалност, ниту МПЦ прифатила автономија, а сепак (доколку рускиот предлог биде прифатен) последната и официјално би влегла во семејството православни цркви.

На крајот, со Големиот сеправославен собор што во 2016 година ќе се одржи во Истанбул, на кој големата тема ќе биде прашањето на доделувањето автокефалност, односно автономија на новите цркви, и МПЦ ќе мора да добие некаков статус означен со грчки термин. Овој статус, јасно е, ќе зависи од политичките случувања на Балканот, повеќе или помалку поврзани со евроинтеграциите, кои, ако бидат поволни за Македонија (што би било преоптимистички да се очекува), така ќе се одразат и на МПЦ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×