Најголема профитабилност на банките од 2008 година досега
Објавено на од во COVER STORY

cover-906-3Банките со рекорден профит од 102,8 милиони евра

Вкупно 102,8 милиони евра заработија сите банки во земјава во 2016 година и тоа е зголемување на профитот за 36,3% на годишно ниво, покажуваат податоците што ги објави Народната банка. Најголем дел од добивката ја направија групата големи банки. Тие имаат профит од 89,5 милиони евра. Средните банки ја завршија 2016 година со добивка од 11,8 милиони евра, а дури и малите банки кои што последните неколку години книжеа загуби, лани прикажаа добивка од 1,5 милиони евра. Профитабилноста на банкарскиот сектор мерена преку коефициентот на поврат на капиталот (ROE) изнесува 13,6% што е на ниво од 2008 година пред почетокот на глобалната финансиска криза. Зголемените добивки на банките во најголем дел се резултат на зголемувањето на приходите од камати од одобрените кредити при намалување на трошоците за камати за примените депозити.

 

Вкупно 102,8 милиони евра заработија сите банки во земјава во 2016 година и тоа е зголемување на профитот за 36,3% на годишно ниво, покажуваат податоците што ги објави Народната банка. Најголем дел од добивката ја направија групата големи банки. Тие имаат профит од 89,5 милиони евра. Средните банки ја завршија 2016 година со добивка од 11,8 милиони евра, а дури и малите банки кои што последните неколку години книжеа загуби, лани прикажаа добивка од 1,5 милиони евра.

Профитабилноста на банкарскиот сектор мерена преку коефициентот на поврат на капиталот (ROE) изнесува 13,6% што е на ниво од 2008 година пред почетокот на глобалната финансиска криза. Зголемените добивки на банките во најголем дел се резултат на зголемувањето на приходите од камати од одобрените кредити при намалување на трошоците за камати за примените депозити.

Ако се анализираат финансиските извештаи на банките што котираат на Берзата, најпрофитабилна банка лани е Стопанска банка со добивка од 36,4 милиони евра. Добивката на оваа банка е зголемена за 16,8% во споредба со 2015 година.

„Овие резултати се остварени во согласност со деловната политика на Банката, во опкружување исполнето со многу предизвици кои произлегуваат од глобалниот и домашниот амбиент. Клучни фактори за остварување на овие перформанси се дефинираната бизнис стратегија, прудентното управување со ризиците и јасен фокус на исполнување на деловните цели“, пишува во објаснувањето на финансиските резултати на Стопанска банка.

Нето приходите од камата изнесуваат 59,1 милиони евра и се зголемени за 7,9% , во однос на претходната година, а како штоп објаснуваат од Стопанска тоа е  резултат на зголемените салда на користени кредити.

Приходите од провизии и надомести, пак, изнесуваат 17,1 милиони евра и се поголеми за 1,83% во споредба со 2015 година, додека пак расходите по овој основ се зголемени за 2,41% и изнесуваат 1,6 милиони евра.

Стопанска банка бележи зголемување и на останатите приходи од банкарската дејност, од курсни разлики и од тргување.

Вкупната актива на Стопанска банка достигна 1,4 милијарди евра, што претставува пораст од 1,49% во однос на претходната година.

Втора на листата најпрофитабилни банки за 2016 година е НЛБ Банка, со добивка од 25,7 милиони евра, што е дури 89,8% повеќе отколку во 2015 година.

„НЛБ Банка АД Скопје работеше согласно усвоената Деловна политика на Банката за 2016 година, прилагодувајќи го тековното работење на економските и пазарните услови во земјата. Банката ги оствари сите планирани оперативни и финансиски цели, при што зачувана е високата ликвидност, стабилност и солвентност“, пишува во објаснувањето на резултатите на НЛБ.

Банката бележи зголемување на нето каматните приходи за 12,2% споредено со истиот период од претходната година, при што приходите од камати се повисоки за 5,3%, главно поради повисока состојба на кредити од население при пониски каматни стапки како и повисоки инвестиции во хартии од вредност. Расходите по камати се пониски за 12,7%.

Билансот на успех на НЛБ покажува раст и на приходите од провизии за 2,8 како резултат на остварен пораст во доменот на картичното работење, повисоки приходи од платен промет во земјата, како и поради повисоки приходи од зголемениот број на трансакциски сметки, електронско банкарство и лично банкарство и повисоки приходи од провизии од продажба на полиси.

Билансната сума на НЛБ на крајот на 2016 година достигна 1,16 милијарди евра што е за 3,4% во однос на 2015 година што главно се должи на порастот на депозитите.

Со добивка од 12,6 милиони евра меѓу најпрофитабилните банки е Комерцијална банка. Профитот на оваа банка е зголемен за 48,4% споредено со 2015 година.

„Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето е за 4,4% повисока во однос на 2015 година што се должи во најголем дел на зголемувањето на останатите приходи од дејноста и нето приходите по основ на курсни разлики, при истовремено намалување на останатите расходи од дејноста и амортизацијата“, пишува во објаснувањето на резултатите на Комерцијална банка.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 76,2 милиони евра и бележат зголемување од 2,7% во однос на минатата година. Нето приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и се намалени за 3,1% а панот е исполнет со 97,2%.

Намалени се и нето приходите од провизии и надоместоци коишто изнесуваат околу 14 милиони евра и планот е остварен со 95,6%.

Кај Комерцијална банка, растат Нето приходите од курсни разлики каде што планот е остварен со 122,3%, и останатите приходи од работењето на Банката кои бележат зголемување од 66,4% главно како резултат на повеќе наплатени претходно отпишани побарувања и остварена поголема капитална добивка од продажба на преземен имот по основ на ненаплатени побарувања споредено со минатата година.

„И покрај планираното натамошно влошување на кредитите на правни лица, нето исправката на финансиските средства за 2016 година е зголемена и како резултат на неочекувано влошување на состојбите кај одредени корпоративни клиенти“, објаснуваат од Комерцијална.

Големата четворка во банкарскиот сектор ја заокружува Охридска банка која што во 2016 година направи профит од речиси 7,1 милиони евра, што е 8,9% повеќе отколку во 2015 година.

Нето приходите од камати на крајот од декември 2016 година изнесуваат 18,8 милиони евра и забележуваат пораст од 16,6% во споредба со 2015 година со реализација над планот од 11,5%.

„Притоа приходите од каматите се зголемени за 5,4%, додека пак каматните трошоци забележуваат намалување за 18% како резултат на прилагодување на каматните стапки на депозитите на клиентите, додека во исто време се намалени трошоците по основ на камати за финансирање од меѓународни финансиски институции поради намалување на состојбата согласно редовнa отплатa на достacани рати“, пишува во објаснувањето од Охридска банка.

Во анализираниот период, нето приходите од провизии и од надоместоци се зголемени за 3,1%, со реализација на планот од 87,3%.

Нето приходите од курсни разлики се зголемени за 2,8% во споредба со истиот 2015 година, со реализација над планот за соодветниот период од 19%.

„Намалување има скоро кај сите видови трошоци , како резултат на воспоставениот процес за зголемување на ефикасноста со прилагодување на бизнис моделот и оптимизација на трошоците. Додека пораст има само кај елементите кои се поврзани со зголемување на активностите и прометот, како што се картичното работење и порастот на премијата за осигурување на депозити поврзани со порастот на депозитната база“, објаснуваат од Охридска банка.

cover-906-1Средните и малите банки стануваат попрофитабилни

УНИ Банка минатата година ја заврши со добивка од 2,3 милиони евра што споредено со 2015 година е зголемување за 74,9%.

„Остварениот позитивен финансиски резултат се должи пред се на значителниот пораст на нето приходите од камати и нето повратот на исправката на вредност на финансиските средства. Банката во 2016 година делуваше во согласност со приоритетните цели и задачи дефинирани во Бизнис планот. Клучна цел беше остварување на максимален профит преку оптимално ангажирање на изворите на средства во сигурни и профитабилни пласмани, земајќи ги предвид и ризиците во домашната економија и надворешното опкружување“, образложија од Банката во известувањето доставено до Берзата.

Нето каматните приходи како најзначаен елемент на нето банкарскиот приход се на 9,1 милиони евра или за 11%. „Приходите од камати се зголемени како резултат на порастот на кредитното портфолио, додека расходите за камати го задржуваат истото ниво и покрај поголемиот обем на депозити како резултат на пониските пасивни каматни стапки“, објаснуваат од УНИ Банка.

Нето активата на банката до крајот на декември лани е на ниво од 232,5 милиони евра што значи зголемување на истата за 11,6% во однос на 2015 година.

ТТК Банка во 2016 година оствари добивка од речиси 1,4, и во споредба со 2015 година е зголемена за 119,5%.

„ТТК Банка АД Скопје во 2016 година дејствуваше во насока на остварување на своите приоритетни цели и задачи дефинирани во Деловната политика и во Финансискиот план на Банката, при што во текот на периодот го прилагодуваше своето работење на тековните економски и пазарни услови на стопанисување. Банката лани оствари двојно повисок  финансиски резултат“, објаснија од ТТК Банка.

Финансискиот извештај покажува дека Банката генерирала повисок оперативен приход за 9,2%, а истовремено и заштеда на оперативните трошоци за 8,7% споредено со истиот период минататa година, со што оперативната ефикасност бележи годишен пораст од 53,4%.

Стопанска банка Битола во 2016 година има добивка од приближно половина милион евра.

„Главниот акцент во работењето на Стопанска банка Битола беше ставен врз остварување на клучните стратегиски и деловни цели дефинирани во Деловната политика, развојниот и финансискиот план на Банката. Притоа, Банката го приспособуваше своето работење на промените во економските услови, модерните банкарски текови и глобалните пазарни случувања. Следствено на остварувањата кај клучните плански позиции и наплатата на претходно отпишани побарувања, нето-добивката за 2016 година беше значително поголема од планираната“, објаснуваат од Стопанска банка Битола.

Тие образложуваат дека позитивниот финансиски резултат е направен во услови на отежнати услови на стопанисување во домашната економија, како и бавно заздравување на глобалната економија од неодамнешната финансиската криза.

Нето приходите од камати се повисоки за 13,32% во однос на остварувањето од минатата година главно како резултат на повисоки нето приходи од камати од домаќинства следствено на зголеменото кредитирање на овој сегмент на клиенти.

„Во услови на зголемен обем на кредитни работи и работи во платниот промет, зголемен обем на работа со платежни картички, распространета мрежа на дистрибуција, како и поради растот на бројот на клиенти, приходите од провизии се зголемени за 5,92% во однос на 2015 година. Порастот на расходите за провизии и надоместоци главно е генериран од воведувањето нов производ – Master Card чии ефекти во идниот период ќе се рефлектираат на приходната страна“, велат од Стопанска банка Битола.

Годишен раст од 19% е регистриран во позицијата нето курсни, а останатите приходи од дејноста се повисоки за 30,91% како резултат на остварени капитални добивки од продажба на преземен имот, приходи по основ на наплатени отпишани побарувања евидентирани на вонбилансна евидeнција, како и поголеми приходи од дивиденди во согласност со одлуките на издавачите на хартиите од вредност за распределба на добивката.

Како резултат на зголемениот обем на работа, проширувањето на мрежата на дистрибуција, како и поради зголемениот број вработени луѓе, трошоците за вработени бележат раст од 19,11%, останатите расходи од дејноста се зголемени за 3,85%, а амортизацијата останува приближно на исто ниво како во 2015 година.

Најмала добивка од банките кои што доставуваат финансиски извештаи до Берзата, лани оствари Централна Кооперативна банка, од само 20 илјади евра, меѓутоа значајно е тоа што оваа банка ги надмина загубите карактеристични од претходните години.

„Генерално, одредени индикатори во 2016 година укажуваат на подобрена оперативна ефикасност на Банката, гледано преку намалените останати расходи, подобрените нето приходи од камата и од провизии и надоместоци, како и подобрените останати приходи од дејноста. Видливо е подобрување на финансискиот резултат во однос на истиот период минатата година, при пораст на кредитното портфолио и пораст на депозитите од небанкарскиот сектор“, објаснуваат од Централна Кооперативна банка.

Зголемувањето на нето каматниот приход за 5,97% во однос на нивото од 2015 година, Банката успеа да го оствари со прибирање извори на средства со пониска камата, а расходите за камати  во четвртото тримесечје на годината се за 9,78% пониски во однос на истиот период минатата година.

cover-906-2Каква ќе биде годинава за банките?!

Банкарите очекуваат дека макроекономските услови во кои ќе работат годинава  ќе бидат постабилни и со помала неизвесност во споредба со 2016 година. Растот на македонската економија, по забавувањето во 2016 година, се предвидува дека повторно ќе забрза. Се очекува и стабилизација на политичката ситуација со што ќе се зголеми предвидливоста за идните економски случувања.

Од Комерцијална банка очекуваат во претстојниот период да ги преземат сите неопходни активности за остварување на зацртаните цели и задачи.

„Банката ќе биде фокусирана пред се’ на подобрување на квалитетот на портфолиото. Растот на кредитната активност на Банката се очекува да биде умерен, при што не се планираат значителни промени во структурата на активата. Исто така не се планирани значителни промени во структурата на изворите на финансирање, така што депозитите на нефинасискиот сектор и натаму остануваат со доминантно учество во вкупните извори на средства“, велат од Комерцијална.

Од Охридска банка велат дека во следниот период ќе се ангажираат согласно мерките и активности за реализирање на стратешките и на деловни цели поставени со Развојниот план и со Деловната политика на Банката.

„Банката останува насочена кон постигнувањето одржлив и профитабилен раст со освојување дополнително пазарно учество во таргетираните пазарните сегменти, крупни домашни и меѓународни претпријатија, добро позиционираниот дел на МСП-сегментот, индивидуални и ВИП-клиенти вработени во добростоечки претпријатија, вработени во јавна администрација. Во оваа насока фокусот ќе биде ставен на развивање долгорочни и стабилни односи со постојните и со новите корпоративни и индивидуални клиенти од дефинираните целни групи“, велат од Охридска банка.

Банкарите од Охридска банка коментираат дека реализацијата на растот на кредитните пласмани ќе продолжи при што одобрувањето кредити ќе се спроведува со претпазливост, детална процена, соодветно структурирање и избегнување на прекумерен кредитен ризик.

Од ТТК Банка велат дека во наредниот период Банката ќе биде насочена кон обезбедување стабилно и профитабилно оперативно работење.

„Растот на кредитната активност на Банката се очекува да биде на ниво на планираниот раст на БДП, преку зголемување на уделот на работа со населението во вкупните активности на Банката и задржување на фокусот за работа со мали и средни претпријатија. Потпирањето на сопствените извори на финансирање и понатаму ќе биде основа на деловната стратегија, при што и натаму депозитите од секторот население остануваат со доминатно учество во вкупните извори на средства“, истакнуваат од ТТК и дополнуваат дека во текот на 2017 година Банката ќе продолжи со преземање интензивни мерки и активности за наплата на нефункционалните кредити и подобрување на квалитетот на кредитното портфолио и активности поврзани со продажба на преземениот имот, кои би влијаеле позитивно на финансискиот резултат.

Од Стопанска банка Битола велат дека очекувањата за периодот што следува се во насока на постепено стабилизирање на макроекономско опкружување и благо забрзување на домашниот економскиот раст.

„Во согласност со Деловната политика, развојниот и финансискиот план, Банката и во идниот период ќе биде фокусирана на понатамошно подобрување на квалитетот на кредитното портфолио и вкупната актива преку засилени активностите за наплата на нефункционални кредити, одобрување нови изложености со прифатливо ниво на ризик и продажба на преземениот имот. Планираното проширување на дистрибутивната мрежа, како и понудата на иновативни производи и услуги, се очекуваат да дадат соодветен придонес кон зголемување на клиентската база и остварување на планираниот раст на депозитниот потенцијал. Врз основа на ваквите активности, динамиката на раст на приходните позиции би била поголема во однос на динамиката на раст на расходите што ќе создаде услови за понатамошно подобрување на финансискиот резултат на Банката“, истакнуваат од Стопанска банка Битола.

 

 

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×