Намаленото производство ги крена цените на градинарските култури во струмичкиот регион. Доматите во зависност од квалитетот се откупуваат од 25 до 40 денари, зелката од 5 до 8 денари, краставиците од 20 до 40 денари, зелената пиперка од сортата „куртовска капија“ е 30 денари, додека црвената се откупува за 60, а бостанот се откупува од 10 до 14 денари за килограм.
Овие цени на пазарите на мало се значително повисоки, па така доматите се продаваат и по 70 денари за килограм.
Земјоделските производители се задоволни од висината на откупните цени.
За трговците високите цени се очекувани, бидејќи производстото е намалено и се принудени дури и да откажуваат нарачки од трговските патнери.
Според податоци од земјоделски здруженија и синдикати, земјоделското производство, посебно градинарското, од година во година се намалува. Таквиот тренд е забележан кај производството на домати, но и кај други култури. Во споредба со други години површините засеани со раноградинарски култури се намалени и за повеќе од 30 отсто.