Наместени тендери и слаба контрола на трошењето народни пари – цел Балкан во исти проблеми
Објавено на од во БАЛКАН-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

 

Нетранспарентни планови за трошење на народните пари, несоодветни критериуми за учество на тендерите со што се фаворизираат одредени фирми и отсуство на контрола на реализација на јавните набавки се главните слабости што ги детектираше компаративната анализа на спроведувањето на јавните набавки во четири балкански земји, Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Забелешките од мониторингот на јавните набавки ги истакнаа шесте невладини организации дел од проектот „Кон ефикасни механизми во јавните набавки во државите кандидати за членство во ЕУ“ на завршната конференција во Сараево.

Откривме слабости од првата фаза на планирање па до контролата на реализација на договорите за јавните набавки. Државните институции не ги објавуваат транспарентно плановите за набавките што ќе ги прават односно ги чуваат како тајни документи, што е спротивно на европската пракса. Нашиот закон предвидува задолжителен план за јавни набавки, но не ги обврзува институциите да ги објават тие планови јавно. Друг голем проблем е што државните институции поставуваат високи критериуми за учество на фирмите на тендерите, несоодветни со предметот и вредноста на набавката со што се ограничува конкуренцијата. На еден тендер просечно има по 2,5 понудувачи што значи дека конкуренцијата е многу ниска. Што се однесува до реализацијата на договорите, не постои контрола што ќе утврди дали тоа што е предмет на набавка навистина се реализира како што е договорено”, вели Герман Филков, претседател на Центарот за граѓански комуникации.

Компаративната анализа покажа дека најмало значење државните институции му придаваат на планирањето на јавните набавки од кое зависи ефикасното трошење на народните пари. Ако во Македонија институциите ги кријат овие планови од јавноста, во Србија и Црна Гора освен обврската да изготвуваат планови должни се и да ги објавуваат на електронските систем за јавни набавки.

Во Босна и Херцеговина допрва со последните законски измени институциите добија обврска да изготвуваат планови за јавни набавки.

Заедничко за сите држави е што плановите за јавни набавки во често се менуваат и дополнуваат, најчесто без образложение. Според мониторингот, честите измени на плановите укажуваат или на недостаток на адекватно и детално планирање или на можно прилагодување на планот за јавни набавки на одделни понудувачи.

Истражувањето откри премногу детални технички спецификации односно опишувања на предметот на набавка што води кон фаворизирање на одредени фирми. На пример, експертите открија дека за набавка на автомобил, државните органи буквално ги копирале спецификациите од каталог за да одговараат само на еден модел од еден производител. Во други случаи евидентирани се површни технички спецификации, а во услови кога кај нас најниската цена е единствен критериум, тие може негативно да влијаат на квалитетот на набавките.

Студијата на случаи во Македонија го нотираше и проблемот со користењето на банкарските гаранции за понуда и за квалитетно извршување на договорите. Со оглед на субјективно право на секоја институција да се определи за нивното користење, констатирано е дека не постојат никакви правила кога и во кои износи тие треба да се користат, ниту во однос на предметот ниту во однос на вредноста на набавката.

Во сите четири земји, како најголем проблем во текот на спроведување на тендерите е ниската конкуренција. Во најголем дел од постапките, понуди биле доставувани од еден до двајца економски оператори.

Студијата на случаи во земјите од регионот укажа и дека фирмите не се жалат за одредени проблеми иако имаат основа за тоа. Причините за отсуството на жалби и во случаи кога има основа за таков чекор, според експертите се недостаток на доверба во жалбените механизми, непознавање на правата и трошокот за доставување на жалба.

Преку јавните набавки, овие четири балкански земји годишно трошат над 5 милијарди евра. Во Македонија лани, државните институции преку тендерите потрошиле 853 милиони евра.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×