Народната банка ја ревидираше проценката за економскиот раст годинава од 4,1% на 3,2% поради политичката нестабилност од една страна, но и влошувањето на надворешните ризици, особено намалувањето на извозот на метали.
Гувернерот на Народната банка, Димитар Богов, изјави дека во следните две години се проценува растот да забрсува со стапки од 3,5% и 4%. Најголемо влијание врз економскиот раст ќе имат инвестициите на државата, позитивните ефекти од новите извозно ориентирани капацитети и солидната кредитна поддршка.
„Растот во следните две години ќе забрза врз основа на засилувањето на извозот и инвестициската активност, но и зголемување на личната потрошувачка. Добро за нашата економија е што и очекувањата за растот на економијата во Европската унија во следните две години се оптимистички. Единствено, негативен ефект врз странската побарувачка може да има влошувањето на економијата во Грција“, изјави Богов.
Тој додаде дека банкарскиот сектор останува стабилен, со 7,7% поголема кредитна поддршка годинава во споредба со лани. Сепак, растот на кредитите кај домаќинствата од 20,8% е далеку поголем отколку растот на кредитирањето на фимрите кое до крајот на годината се очекува да достигне само 5,5%.
Според најновите прогнози на Народната банка, инфлацијата годинава ќе изнесува 0%, додека пак следната година цените на мало ќе пораснат околу 1,5%.