Американската вселенска агенција NASA го ангажирала Lockheed Martin за проектирање, изградба и тестирање на авион што ќе лета побрзо од звукот и ќе пробива звучен ѕид со многу ниско ниво на бучава.
Договорот е вреден 247,5 милиони долари, а пробниот лет на суперсоничниот авион е најавен за 2021 година.
Експерименталниот авион „ќе кружи на висина од 16,8 километри, со брзина од околу 940 километри на час, а при пробивањето на звучниот ѕид нема да произведува звучен удар туку звук сличен на затворање врата на автомобил, на перципирано ниво на звук од 75 децибели“, наведува NASA.
Веќе од средината на 2022 година, авионот, според плановите, треба да лета над неколку американски градови поради собирање податоци и реакции на заедницата.
Целта на проектот е да се овозможи тивок лет со брзини поголеми од оние на звукот, и да се отворат „нови трговски комерцијални товарни и патнички патишта во воздушните патувања побрзи од звукот“.
Американскиот претседател Доналд Трамп веќе има потпишано буџет од чии средства во целост се финансира проектот. Трамп при потпишувањето нагласи дека со новиот авион „ќе се отвори нов пазар за американските компании во изградбата на побрзи комерцијални авиони, ќе се отворат нови работни места и ќе се преполови бројот на летови преку копно“.
Патнички седишта сепак не се дел од проектот на кој работи Lockheed Martin, а компанијата прво треба да докаже дека е можно да се лета со ваков авион, а следи и неопходната промена на прописите од кои би требало да се исфрли важечката забрана за комерцијални летови на такви авиони над копното.