28 декември, 2025
6 mins read

Наумоски: Компанија што е силна дома, може да биде силна и на регионално ниво

Нашата улога ја гледаме како долгорочен ангажман и посветеност, со главен фокус на стабилност, доверба и развој во секое поле. Со толку вработени и воспоставени деловни и општествени релации, Витаминка е интегрален дел од заедницата. За нас, корпоративната општествена одговорност не е само дел од стратегијата, туку е длабоко вградена во нашата корпоративна култура и начин на размислување. Со години наназад, постојано сме посветени на заедницата – тоа не е моментална одлука или тренд, туку резултат на вредности што се градат и негуваат во компанијата.

Корпоративна општествена одговорност во Витаминка

Сашо Наумоски

Генерален извршен директор на Витаминка

Витаминка со децении е присутна на македонскиот пазар. Како денес, од позиција на менаџмент, ја разбирате улогата на компанијата во општеството, надвор од основната бизнис-дејност?

Витаминка е присутна на македонскиот пазар повеќе од седум децении, и нејзината улога одамна ја надминува основната бизнис-дејност. Како компанија, не сме само производител на храна, туку сме и работодавец на околу 700 луѓе, партнер и поддржувач на илјадници семејства. Од менаџерска перспектива, ова значи дека нашата одговорност не се сведува само на финансиски успех, туку и на оставaње позитивна трага во заедницата во која работиме. Ова е процес што постојано го следи работењето на Витаминка.

Нашата улога ја гледаме како долгорочен ангажман и посветеност, со главен фокус на стабилност, доверба и развој во секое поле. Со толку вработени и воспоставени деловни и општествени релации, Витаминка е интегрален дел од заедницата. Вложувањето во развојот на кој било дел од заедницата е вложување и во самата компанија. Веруваме дека компанија што расте изолирано од општеството нема одржлива иднина.

Колку корпоративната општествена одговорност е дел од стратегијата на Витаминка, а колку е резултат на корпоративната култура што се градела со години?

За нас, корпоративната општествена одговорност не е само дел од стратегијата, туку е длабоко вградена во нашата корпоративна култура и начин на размислување. Со години наназад, постојано сме посветени на заедницата – тоа не е моментална одлука или тренд, туку резултат на вредности што се градат и негуваат во компанијата. Особено сме фокусирани на локалното ниво, бидејќи живееме и работиме тука, во Прилеп, а целата моја фамилија е дел од оваа средина. Затоа, нашата општествена одговорност е насочена кон подобрување на условите токму тука, каде што секој придонес има директно значење за луѓето околу нас.

Веруваме дека вистинскиот успех има смисла само кога се споделува и кога придонесува за подобрување на општеството во кое работиме и живееме. Вклучувањето на општествениот аспект во деловната стратегија ни овозможува да бидеме доследни, фокусирани и одговорни во сè што правиме. Но, токму колективното убедување дека имаме моќ да направиме разлика – и дека тоа е наша природна обврска, а не само формалност – ја дава автентичноста на нашата општествена одговорност. Кога вработените ја препознаваат оваа вредност како дел од сопствениот идентитет, тогаш знаеме дека сме на вистинскиот пат.

Кои иницијативи или проекти што ги реализиравте во последниот период најдобро го отсликуваат пристапот на Витаминка кон заедницата и општествената одговорност?

Еден од најзначајните и најнови проекти што го отсликува нашиот пристап кон заедницата е кампањата реализирана за SOS Детско село. Посебноста на овој проект е во тоа што носител е брендот Стоби Флипс, кој постои речиси 48 години и со кој пораснале многу генерации деца. Токму затоа, одлучивме да ја насочиме нашата општествена одговорност кон поддршка на најранливите – децата без родители, кои се згрижени во SOS Детско село. Во рамки на овој проект, заедно со потрошувачите дониравме 1.000.000 денари за SOS Детско село, со конкретна цел – средствата се наменети за психолошка поддршка и рехабилитација на овие деца. Дополнителна вредност на донацијата е тоа што го интегрира и активира граѓанското учество, подигнува свесност и ги поврзува брендовите со вистинските општествени потреби. За нас, ваквите иницијативи се суштина на современата општествена одговорност – тие создаваат чувство на заедништво и директно придонесуваат за подобрување на условите за најранливите во нашата заедница.

Како компанија со силна локална и национална улога, на кој начин Витаминка придонесува за развојот на заедницата, особено во Прилеп и регионот?

Нашата приказна е длабоко врзана со Прилеп и регионот. Тука растевме и тука работиме, повеќе од 80 отсто од вработените се од овој град и од околината. Затоа е сосема природно најголемиот дел од нашата општествена одговорност да биде насочена токму кон средината во која живееме и функционираме. Тоа се гледа преку континуирана поддршка на локални институции, здравствени и образовни установи, општински проекти и социјално ранливи категории.

Но нашиот придонес не го гледаме само низ призма на донации. За нас, општествената одговорност секогаш започнува од самите себе, од суштината на Витаминка, а тоа се луѓето што ја создаваат секојдневно. Прво изградивме одговорност кон вработените, преку стабилни работни места, континуирани инвестиции во производството и долгорочна присутност, што само по себе е важен фактор за локалниот економски развој. Тој пристап го надградивме со цела програма за семејна одговорност, преку која реализираме низа активности насочени кон подобар баланс меѓу работниот и приватниот живот, специјалистички прегледи, приватно здравствено осигурување и други бенефиции. На овој начин, Витаминка не е само општествено, туку и семејно одговорна компанија.

Токму оваа стабилност одвнатре, грижата за луѓето, за заедницата и за долгорочниот развој, ни дава основа да растеме понатаму. Веруваме дека компанија што е силна дома, која има доверба и поддршка од својата заедница, може да биде кредибилен, стабилен и одговорен партнер и на национално и на регионално ниво.

Во услови на економска и општествена неизвесност, како се грижевте за вработените и како ја одржувавте стабилноста и довербата во рамки на компанијата?

Во Витаминка веруваме дека вработените се нашиот највреден капитал и затоа нашата грижа за нив е суштински дел од корпоративната култура. Континуирано воведуваме различни бенефиции, секогаш имајќи ги предвид реалните потреби на луѓето. Меѓу најзначајните се продолженото породилно боледување од 4 месеци, можност за постепено враќање на мајките на работа со скратено или прилагодено работно време, како и дополнителна поддршка за родителите – 5% од платата дополнително за родителите кои имаат трето дете, до наполнување 16 години, и тоа доколку работат двајцата родители, бенефицијата ја добиваат двајцата. Секој ден обезбедуваме три оброци за вработените, со избор помеѓу посен, со месо или сув оброк, а дополнително овозможуваме обуки и стипендии за оние што сакаат да продолжат со факултетско образование. Нашата цел е да покажеме дека вработените не се само ресурс, туку вистински партнери во долгорочниот развој на компанијата, и правиме сè тие да се чувствуваат сигурно, ценето и мотивирано.

Сѐ почесто се зборува за ESG стандарди. Кои аспекти од овој пристап се веќе присутни во работењето на Витаминка и каде гледате простор за понатамошен напредок?

ESG (Environmental, Social and Governance) стандардите се веќе интегрирани во работењето на Витаминка. Во делот на животната средина, со години применуваме практики за заштита на околината и рационално користење на енергијата. Социјалниот аспект се гледа во одговорниот однос кон вработените и заедницата, преку бројни иницијативи и поддршка. Во делот на управување, ESG ни помага да ги дефинираме појасно односите со вработените, добавувачите и партнерите, како и да ја зајакнеме транспарентноста и довербата. Овој систематизиран пристап ни овозможува подобро да ги разбереме ризиците и можностите, да ги оптимизираме процесите и да донесуваме поинформирани одлуки. Простор за напредок гледаме во поставување јасни, долгорочни цели, унапредување на интерните политики и редовно, јавно известување за напредокот. За нас, ESG не е формалност, туку практична алатка за долгорочна одржливост и конкурентност.

Потрошувачите денес се почувствителни на одговорното однесување на брендовите. Колку, според вашето искуство, општествената одговорност влијае врз довербата и лојалноста кон Витаминка?

За нас, корпоративната општествена одговорност не е само збор или обврска – тоа е срцето на сè што правиме. Веруваме дека секоја деловна одлука, секој наш чекор, остава трага во животите на луѓето околу нас. Нашите брендови не се само производи – тие се дел од секојдневието, од детските спомени, од семејните моменти, од заедничките вредности што ги градиме со генерации. Одговорното однесување на нашите брендови значи да бидеме таму каде што сме најпотребни – да подадеме рака, да инспирираме, да мотивираме и да создадеме вистинска промена. Грижата за луѓето, заедницата и иднината не е формалност, туку наша природна состојба. Секој успех го мериме преку насмевките што ги носиме, преку довербата што ја градиме и преку љубовта што ја враќаме назад во заедницата.

Нашата филозофија е едноставна: да растеме со почит, со отворено срце и со искрена желба да го направиме светот малку подобар отколку што го најдовме. Тоа е патот по кој чекориме – со одговорност, љубов и посветеност, секој ден.

Како ги гледате младите генерации во контекст на идниот развој на компанијата и што може бизнис-секторот реално да направи за тие да ја градат својата кариера во Македонија?

Младите се енергијата, инспирацијата и двигателот на иднината. Во Витаминка веруваме дека токму младите носат нови идеи, свеж поглед и храброст да ги менуваат работите. Ако сакаат да ја градат својата кариера тука, во Македонија, компанијата е тука да им даде шанса – не само за работа, туку и за развој, учење и вистинско признание за нивниот труд. Дуалното образование е алатката преку која ги поврзуваат младите со реалниот сектор уште додека се ученици. Практична настава, платени пракси, менторство и поддршка – сè што им е потребно за да стекнат искуство, самодоверба и да бидат подготвени за вистински предизвици. Кога образованието и бизнисот работат заедно, младите добиваат причина да останат овде и да ја градат својата иднина, а компанијата добива мотивирани, креативни луѓе со кои расте заедно. Затоа, младите треба да бидат храбри, да сонуваат големо, да прашуваат, да учат и да бараат повеќе. Нивната младост е нивна супермоќ – време е да ја искористат во подобрување на Македонија! Само тука си свој!

Кога би требало со една порака да ја сумирате филозофијата на Витаминка во однос на корпоративната општествена одговорност – што би било најважно да знаат читателите на „Капитал“?

Во Витаминка веруваме дека вистинската сила на една компанија се гледа во тоа колку добро се грижи за луѓето и заедницата околу себе. Одговорноста не е товар, туку избор – избор секој ден да се биде подобар, да се создава вредност што останува и по нас. Тоа е правиот пат: да растат со интегритет, да инспирираат со доверба и да остават трага што значи повеќе од успехот на хартија.

Редакција Капитал

Редакција Капитал

...само идејата е Капитал, а сè друго е пари...

Напишете коментар

Your email address will not be published.

оди наВРВ