Неби Хоџа: Правната држава, задржувањето на работната сила и стимулирање на извозот – трите приоритети во нашето делување
Објавено на од во Компании
Неби Хоџа1Неби Хоџа
претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија
Правната држава и владеењето на правото се есенцијални за нормален развој на социјалните процеси на граѓаните, како и за бизнисот. Во јадрото на нашиот фокус е работната сила, конкретно, составување на стратегии за да се задржат квалитетните и квалификуваните кадри во земјата, да им се овозможат услови кои ќе ги задоволат нивните потреби.
 
Предновогодишно разговаравме со г-дин Неби Хоџа, претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), бизнис асоцијација што ги обединува компаниите претежно во сопственост на Албанци, концентрирани географски како што кажува и самото име на комората. Иако компаниите членки на СКСЗМ од година во година бележат раст на приходите и добивката (3,9% раст на приходите и 20% раст на добивката на 100-те најголеми компании членки, н.з.), Хоџа вели дека како претставници на бизнис секторот што генерира значителен дел од домашниот бруто производ не се до крај задоволни од третманот што го добиваат од државата, во смисла на креирање еднакви услови за развој на бизнис.
Г-не Хоџа, како ја оценувате на економски план годинава што завршува, во смисла на резултатите на вашите членки, но и генерално како држава, како ја поминавме 2019 – та според вас?
Моето мислење е дека 2019 не е година со која ќе се гордееме со постигнувањата доколку не се земат предвид успесите на бизнис секторот – бидејќи тие се резултат на нивниот напор и борба против сите тешкотии со кои беа соочени изминатиов период. За 2019 – та се очекуваше да биде годината во која ние како земја ќе ги почневме преговорите за зачленување во ЕУ, меѓутоа истото не се случи, и ова претставува дополнителен проблем затоа што ефектот на истото е избори во 2020 година, што ќе ни ги пролонгира проблемите и нема да имаме надеж за свеж почеток во 2020.
И покрај лошата бизнис клима во 2019, и покрај фактот што буџетските проекции останаа далеку од полна реализација, сепак нашите компании членки на СКСЗМ генерално може да се каже, имаа успешна година од аспект на бизнисот и реализирање на нивните проекти.
Но, овие резултати се благодарение на нивната професионалност, долгогодишно искуство и меѓусебна соработка. Сметам дека е многу битно да се истакне оти бизнис заедницата мора да се помага што повеќе од Владата и да не биде ставана во втор план, особено кога се во прашање капиталните инвестиции. Видете, постојат индустриски зони кои што генерираат приходи од над 350 милиони евра годишно, но државата продолжува да ги игнорира и во тие зони нема инвестирано воопшто. Треба сериозно да се сфати влијанието на бизнисите врз економијата и Владата треба да ги третира со највисок приоритет доколку навистина има визија да ја развива економијата.
Неби Хоџа2Како го оценувате Буџетот за 2020 година, од речиси 4 милијарди евра, како развоен или популистички, со оглед на тоа дека е изборна година?
Во буџетот за 2020 година социјалниот елемент е доминантен. Буџетот е фокусиран на зголемување на платите во образованието, здравството и зголемување на пензиите, но не и на тоа како да се помогне стопанството и граѓаните да добијат подобри услуги, бидејќи системските проблеми нема да се решат на овој начин, ниту ќе порасне продуктивноста на компаниите кои го полнат буџетот за да можат да издржат повисоки плати и трошоци.
Кои ќе бидат приоритетните правци во делувањето на СКСЗМ во следната година? Кои ќе бидат најзначајните проекти на коишто ќе се фокусирате?
Правната држава и владеењето на правото се есенцијални за нормален развој на социјалните процеси на граѓаните, како и за бизнисот. Ова е елемент за којшто силно ќе се залагаме да се подобри, бидејќи се’ друго, зависи од правната држава и владеењето на правото.
Вториот елемент кој ќе биде во јадрото на нашиот фокус е работната сила, конкретно, составување на стратегии за да се задржат квалитетните и квалификуваните кадри во земјата, да им се овозможат услови кои ќе ги задоволат нивните потреби. Ова се’ со цел да се избегне недостигoт на квалификуван и квалитетен кадар со што во моментов се соочува економијата.
Третиот елемент се однесува на извозот, што има големо влијание врз економијата на земјата, и ќе го зголеми продуктивниот потенцијал на домашните производни компании. Ова би имало позитивно влијание во многу области, но главната би била растот на БДП. Ова ќе биде и поттик за производителите да го зголемат обемот на работа со што директно би имале позитивно влијание врз самите нив како компании, како и врз економијата и државата во целина.
Неби Хоџа3
Во 2017 имавте амбиции да влезете во политиката како вицепремиер за економски прашања. Дали се уште имате политички  амбиции и се гледате себеси во некаква комбинација во новата влада по изборите?
Политички амбиции немав ни тогаш,  но гледајќи од аспект на бизнисот и тоа од перспективата на малите и средните компании, наше барање беше од идниот премиер да има до него човек кој доаѓа од реалниот сектор и е способен да ги менаџира работите и да биде мост помеѓу бизнисот и Владата. Имавме консензус меѓу трите најголеми комори да предложиме секој од нас по еден кандидат за таа позиција. Од нашата комора едногласно од страна на Управниот одбор бев предложен јас како потенцијален кандидат за позиција заменик претседател на Владата за економски прашања, додека другите комори исто така предложија нивни кандидати. Јас мислам и тврдам дека човек кој има долгогодишно искуство и успешна приказна во неговиот живот е тој што навистина  заслужува да биде на таа позиција, без разлика дали сум јас или некој друг.  Нормално и некои други параметри се битни тука –  како и за колку време се искачил до успехот со неговиот бизнис. Јас како магистер по електротехника го докажав тоа во мојот семеен бизнис,  каде што во една занаетчиска струка со педесетгодишна семејна традиција направив да пораснеме и да се прошириме и надвор од границите на земјава, дури и во други сфери на бизнисот. За таа важна позиција треба одговорност која што не секој ја има.
 
Со оглед дека имате семејна традиција во бизнис и претприемништво, што вие како бизнисменот Хоџа би му кажале на политичарот Хоџа во некоја хипотетичка ситуација, дека се трите клучни работи што треба веднаш да ги направи со цел да постави одржлива економска политика?
Да пораснеш во бизнисот  од еден чирак во Старата скопска чаршија и одличен ученик со традиционално скопско воспитување,  според мене е едно богатство што е непроценливо.  Традиција, образование и професионализам зачинети со трпение, мудрост и чесност –  тоа е темелот на самодовербата како своевидно свето тројство на успехот. Реално, во секој бизнис на долги патеки мора да се почитуваат трите столба. Јас стојам цврсто на својот став дека и во оваа мала земја ако се почитуваме и ги почитуваме овие правила, може да успее секој што вистински сака да работи. Во економијата во којашто влијание има и политиката може да има негативни последици. Ние сме многу отруени со политика, како и многу држави во регионот. Секој треба да се занимава со својата работа и да не се мешаат бизнисот и политиката. Политиката треба да е на сервис на бизнисот кој што го создава реалниот економски раст. Критиките од бизнисот кон владата треба да се третираат како поттик за подобрување и поголем ангажман за подобра бизнис клима,  а кога имаме политичка стабилност и фокус на економијата и економскиот развој (не само раст),  тогаш успехот е неизбежен.
Соработката со соседството ни е на многу ниско ниво. Треба да се има предвид по кои работи нашата економија  има компаративна предност во однос на  соседството и тие сектори да ги засилиме и да имаме поголема продуктивност таму каде што има профит. За секоја инвестиција треба добри и детални анализи во однос на тоа колку инвестираш и за колку време таа инвестиција се враќа. Треба да размислиме и на долгорочен и на среднорочен план. За да успееме како економија треба континуитет на економскиот раст со над 5% на годишно ниво и тоа најмалку 5 години по ред. Дали можеме тоа, зависи од тоа колку ќе бидеме способни да ја смириме политичката ситуација, од членство во НАТО и ЕУ, но и  меѓуетничките тензии да поминат во втор план. Таму каде што има развојна и одржлива економија нема простор за политика.
Oд земјава се иселуваат и многу луѓе коишто имаат дури и добар животен стандард, добро платена професија (програмери и сл.), што значи дека не се само економските причини клучни за brain drain трендот, како што била праксата пред 20, 30 или повеќе децении. Како според вас ова општество може да ги задржи младите луѓе во Македонија?
Според Извештајот на Светската Банка, четвртина од населението во Македонија веќе ја напуштило земјата изминативе 15 години. Според истиот извештај стапката на високо квалификувани работници во овој одлив на мозоци е една од највисоките на Балканот и Источна Европа каде што приближно 40% од луѓето кои мигрирале имаат високо образование.
Не секогаш причините за излегување надвор од земјата се финансиските проблеми со кои се соочуваат граѓаните од нашата земја. Ние и порано сме истакнале дека битни се и многу други елементи кои може да придонесат во одлуката на граѓаните да ја напуштаат земјата како што се, лошиот квалитет на образованието, квалитетот на живеење, чувството на несигурност која доаѓа како резултат на моменталното правосудство, ограничената перспектива за младите итн. Нема потреба да се направи длабока анализа за да се види дека сите спомнати причини се поврзани една со друга, исто така и со економијата, и мора сите аспекти да се поправат доколку сакаме да спречиме масовното иселување.
Што очекувате на економски план во 2020, каква година прогнозирате? Со оглед дека ќе има избори, кои ќе бидат клучните предизвици за економијата и општеството во следната година?
Клучни се реформите насочени кон економскиот раст и реализација на капиталните инвестиции кои треба да бидат до ниво на 80% од предвидените средства. Но, тоа ќе зависи од последниот квартал од 2019, и со оглед на предизборниот период тешко е да се постигне предвидениот раст на БДП со 3.8% во 2020 како што Владата предвидува. Проценувам дека нереализираните проекти од 2019 на бизнисите кои се резултат на слаба економска година, ќе продолжат да влијаат негативно врз нив и во 2020. Потоа, слабиот капацитет на администрацијата и парламентарните избори кои ќе закочат многу институции што нема да можат да ги сервисираат компаниите квалитетно, ќе доведе до послаба или никаква реализација на нивните проекти. Ова ќе има влијание врз економското движење, вработувањето, растот на БДП, странските директни инвестиции, итн. Позитивно движење би имало доколку Република Северна Македонија и официјално стане членка на НАТО, но сепак тој позитивен импакт би останал блед имајќи го превид слабото правосудство, администрација итн.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×