Неискористен потенцијалот на домашната индустрија за мебел: производителите се жалат на дивите столари, недостигот на работна сила и високите царини за репроматеријалите
Објавено на од во Компании


Главна фотка mebel
Неискористен потенцијалот на домашната индустрија за мебел

Од домашната индустрија за мебел објаснуваат дека се соочуваат со проблеми и прилично е неконзистентна динамиката на производството и извозот последниве години, иако според она што се гледа на терен, се забележува благ пораст на производството и извозот.

 

Пораст од 23,9% на производството на мебел бележат домашните фабрики од оваа индустрија во првите три месеци од 2018 година, според податоците на Државниот завод за статистика. Меѓутоа, судејќи според искуствата од претходните години, силниот старт на годината, не значи и заокружување на сите 12 месеци со ваков успех за македонските производители на мебел: минатата година во првиот квартал, исто така имало значителен пораст на производството, од 21%, но за цела 2017 – та порастот е едвај 1%. Од домашната индустрија за мебел објаснуваат дека се соочуваат со проблеми и прилично е неконзистентна динамиката на производството и извозот последниве години, што може да се види и од прикажаните табели во овој текст. Така, на пример, производството на мебел пораснало за 21% во 2013 година, па паднало за 1% следната година, повторно пораснало за 12,9% во 2014, за да забележи пад од 3,5% во 2015 – та.

Индустријата пак за преработка на дрво и производи од дрво, освен мебел, која што на пазарот нуди дрвени плочи и останати полупроизводи и репроматеријали коишто потоа во синџирот на производство продолжуваат кај фабриките за мебел, бележи пад на производството од дури 31,7% во 2017-та година, после трите години на постојан раст, од 20 – 30%.

Од разговорите што ги направивме со неколку поголеми производители на мебел во земјава, заклучок е дека имаат три главни предизвици во своето работење: сивата економија во оваа дејност, односно нелојалната конкуренција од страна на “дивите“ составувачи на мебел; недостиг на квалификувана работна сила; и релативно високите царински давачки за суровините што претежно ги набавуваат од увоз.

“Најголем проблем е тоа што всушност ние и немаме дефиниран вистински пазар на мебел во Македонија“, ни рече Љубе Неделковски, управител на компанијата Леснина МИ од Скопје, еден од поискусните во овој бизнис во земјава.

“Не можам ниту точно да ви кажам колку вреди производството на мебел, затоа што има голем број на нелегални производители, поточно составувачи на мебел, голем број на фирми што се само трговци, односно увозници, фирми коишто произведуваат само полупроизвод, а потоа луѓето и сами си го склопуваат мебелот дома, или со помош на овие ‘дивите столари’ што ги спомнав… “, вели Неделковски, којшто е и претседател на Здружението на индустријата за преработка на дрво и за производство на мебел при Стопанската комора на Македонија.

Тој истакнува и други проблеми што го кочат развојот на оваа индустриска гранка, за која што, како што вели, има голем потенцијал. Еден од нив е неспроведувањето на процесот на сертификација на македонските шуми, односно дрвото што како суровина доаѓа од нив, без што практично не може да се извезува во земјите на ЕУ.

“Тоа значи дека за секое дрво што е вградено како материјал во финалниот производ, мебелот, мора да имате сертификат дека со него е правилно менаџирано уште од самиот почеток, значи од садењето, негувањето, сечењето, ракувањето после сечењето, обработката во пиланите, па с$ до неговото користење за производство на мебел. Таа сертификација не може да ја направиме ние како производители, туку регулативите на ЕУ налагаат дека тоа е обврска на тој што е сопственик или стопанисува со шумите, а за речиси 90% од шумите во земјава, тоа e ЈП‘Македонски шуми’, коишто го развлекуваат процесот. Меѓу другото, и ова е една од причините што македонската дрвна индустрија, односно производителите на мебел, имаат можност да искористат околу 300 илјади кубни метри техничко дрво годишно, а користат едвај 100 илјади“, објаснува Неделковски.

27mПроизводителите на мебел во гаража им го рушат бизнисот на фабриките

За тоа дека немањето сертификат на дрвото станува с$ поголем проблем за домашните производители на мебел што се и извозно ориентирани, сведочи и Влатко Тасев, комерцијален директор на Мебел – Ви од Виница. Тој вели дека некои од европските земји с$ уште им прогледуваат низ прсти на македонските извозници, но се плаши дека прилично брзо ќе дојде денот кога веќе нема да се прават нарачки заради немањето сертификат.

“Некои од поновите членки на ЕУ, како Хрватска, Словенија, с$ уште толерираат увоз на мебел без сертификат за дрвото, но Австрија, Германија, или Швајцарија, на пример, којашто не е членка на унијата, но следи и применува голем број на европски регулативи, веќе прават проблеми. Конкретно ние, не направивме извоз во Австрија, затоа што увозникот инсистираше на сертификација“, ни рече Тасев.

Го прашав колку реално им прави штета нелојалната конкуренција од нерегистрираните столарски работилници, односно дали има проценка колкав дел од пазарот зафаќа оваа сива економија во бизнисот со мебел.

“Нашите интерни компаниски процени се дека од 30 до 50% во производството на мебел отпаѓа на сивата економија. Еве, за илустрација, само во Виница каде што сме лоцирани ние, гратче од 10-15 илјади жители, има преку 20 диви работилници за столарија. Свесен сум дека нискиот животен стандард ги тера луѓето да се снаоѓаат како и умеат при опремувањето на својот дом, па с$ почесто го користат услугите на овие работилници коишто изработуваат мебел по пониски цени, но тоа овие може да го прават затоа што не се влезени во легалниот систем на производство и трговија. Тоа значи дека не плаќаат никакви давачки и придонеси на државата, а остваруваат приход од дејност. Добар дел од овие ‘производители’ се всушност работници во фабриките за мебел, а ова го прават после работното време во своите гаражи, подруми и сл.“, вели Тасев.

967 - Табели за мебел индустријаПиланите извезуваат бичена и сушена граѓа, а фабриките за мебел немаат доволно суровина

Нашите соговорници потенцираат и дека царинските давачки за суровините и репроматеријалите што ги увезуваат за производство на мебел, се релативно високи, и го поскапуваат самото производство.

„Голем дел од производителите на мебел користат многу малку масивно дрво во финалните производи, освен оние што произведуваат столици, прозори и сл., направени само од дрво. Еве, еден тросед што го изработуваме ние, во себе содржи пружини, мебел штоф, сунѓери, шрафови и сл., што ги набавуваме од увоз. Иверката, којашто ја користат најголем дел од домашните производители се набавува од Турција и други земји и 95% во Македонија се користи од увоз. Царинските стапки за некои од репроматеријалите одат и до 15 – 20%, што сметаме дека е нелогично за земја која нема супститут за нив од сопствено производство.“, вели Влатко Тасев од „Мебел – Ви“.

За проблемите со репроматеријалите неодамна за Капитал коментираше и Татјана Јордева – Тимовска, генерален менаџер на штипската компанија „ДИК Фагус“, специјализирана за производство на столици, којашто речиси целото производство го извезува.

“Моментално во дрвната индустрија се соочуваме со многу неповолна ситуација, затоа што пиланите извезуваат бичена и сушена граѓа, што сметам дека треба се ограничи со закон, затоа што во Македонија има доволен потенцијал и капацитети од нашата индустриска гранка, што можат да ја обработат оваа суровина и да извезат многу попрофитабилен производ.“, вели Јордева – Тимовска.
Според неа, крајно време е државата своето внимание да го насочи кон домашните производители и извозници, да им помогне да станат извозно поконкурентни, и да се најде начин да се решат проблемите во административниот дел со кои тие секојдневно се соочуваат.
„Бидејќи државата има најголема корист од нив.“, вели таа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×