Нема да поминете со извинување!
Објавено на од во Колумни

SinadinovskaИзненадува дрскоста со којашто лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицковски почна да зборува дека ќе се извинувал за погрешните политики на неговата партија додека била на власт, изедначувајќи ја општествената катастрофа што ја наследивме со резултат на „нормални грешки на луѓе кои работат“, како да заборавил дека нивните „грешки“ сега се спакувани во една друга административна форма – се викаат кривични пријави. Сепак, она што повеќе изненадува е фактот што ова „извинување“ од него го бара и владејачката СДСМ…

„Нема да ја избегнеш одговорноста утре, иако си ја избегнал денеска“ – Абрахам Линколн

Неверојатна е дрскоста во обидот за апсолутна релативизација на политиките од ВМРО – ДПМНЕ во период од единаесет години, а срочена во изјавата на нивниот лидер Христијан Мицкоски, во којaшто тој вели дека е подготвен да се извини во име на партијата, на секого кому таа – партијата, му згрешила или му нанела неправда.

Медиумите пренесоа дека во интервју за некаква утринска емисија на ТВ Сител, Мицкоски кажал:

„Во тој период од тие 11 години нормално е човек што работи да прави и грешки, и тука не треба да има дилема. Не можете вие 100% да бидете успешен во тоа  што го работите. Се разбира и во моите посети низ општинските комитети, јас тоа го правам и барам прошка за она за кое што ВМРО-ДПМНЕ, јас лично како човек ненамерно сум се огрешил и тоа не треба да нешто кое што е чудно, ниту пак лошо за еден политичар. Немам проблем да се извинам. Но, треба да се потенцира дека за време на тоа 11 годишно владеење 180.000 луѓе се вработија“.

Овој обид за ментална гимнастика во којашто Мицкоски, мислејќи дека е доволно талентиран, тргна да гази бос по жица – што ќе го одведе од позицијата на една запечатена партиска судбина – до точката каде би се сретнале заборавот и прошката, па би му овозможиле виртуозен скок во височина, мора да се признае дека на прва изгледа како добар политички план. Релативизирај го злоделото, изедначи го со „проста грешка при работа“, додади му на тоа емотивен набој преку магичен збор „ненамерно“ и voila – излегуваш чист од калта во која токму таа – партијата, турна една цела држава и народ (вклучително и себеси).

Има само еден проблем – Мицкоски очигледно си ги преценил сопствените политички и лидерски квалитети. А нам како граѓани не’ потценил. Оти, колку и да е кревка македонската меморија, отворените рани што токму таа – партијата му ги зададе на ова општество се тазе, крварат и не даваат да бидат простени. Уште помалку заборавени. Времето едноставно не му е пријател на новиот опозициски лидер – тој заборава дека овие бурлески од реченици ги беседи во 2018-та, на пример само година дена по еден од најсрамните денови во новата македонска историја – 27 април.

Злоупотребата на моќта и на власта (аналогно, на нашите пари) преку којашто ВМРО – ДПМНЕ срамни со земја цели професии, зацрни цели човечки судбини, уништи цел еден систем на вредности, изгради партиски и личен култ, (меѓу другото, да, токму преку 180-те илјади зло – употребени вработени со кои сега Мицкоски ни парадира), индициите за криминал од незамисливи рамки, масовна корупција и режимска борба со политичките противници, со еден збор – застрашувачкиот, се’ уште докрај неразбран обид Македонија да ја снема, како систем на институции, но и како татковина… сето ова да биде сведено на обична „грешка на човек кој работи“ е крајно манипулативно, но и безобразно и дрско.

Мицкоски е доволно долго во политиката (барем во партијата) за да биде свесен за ова. И тој воопшто не е наивен и добро знае што прави, што зборува и која му е крајната цел на овие јазични и емотивни егзибиции, расфрлајќи се наоколу по телевизии со „грешки и со прошки“.

Токму затоа оваа патетична тривијалност, што безобразно ја манифестира Мицкоски, не смее тривијално и да помине, оти е силен сигнал за едни многу опасни процеси што никако не навестуваат добри времиња за Македонија.

А она што во суштина најмногу загрижува е позиционираноста на власта во однос на овие веќе и јавно отворени процеси на таканареченото и најстрашно – вештачко помирување. Не треба човек многу да помни, доволно е да погледне на интернет и да најде дека само некоја недела пред оваа „подготвеност за извинување“, тоа истото му било побарано на Мицкоски токму од СДСМ. Преку партиско соопштение владејачката партија побарала Мицкоски да се извини за погрешните политики за време на владеењето на ДПМНЕ.

“Мицкоски треба да и’ се извини на Македонија затоа што ВМРО – ДПМНЕ ја одведе државата во колапс и во кавга со целиот демократски свет”, повикале од СДСМ.

И еве го сега Мицкоски – ветува дека има намера да ги послуша советите од власта. Значи, човекот всушност и не е за критика, тој само го исполнува она што од него е јавно побарано.

И тука доаѓаме до една клучна дилема – кога и како тоа во јавниот дискурс се создаде оваа атмосфера на „шведска демократија“ во која очекувањата за судски разрешници се сведоа на прости барања за извинување од оние кои треба(ше) „да си лежат“ (и парите да ги вратат)!?

Да, сосема е можно дури и веројатно, СДСМ во соопштението извинувањето да го споменала со сосема друга цел, алудирајќи на моралната димензија на злосторот, но тоа не го брише фактот што сега токму извинувањето станува се’ поактуелно благодарение и на нивен придонес.

А тие најдобро од сите треба да знаат дека извинувањето воопшто не е тема, дека не е на дневен ред, дека пред да дојдеме во ситуација да читаме, а тие да пишуваат соопштенија во кои се бара извинување, луѓето од ВМРО – ДПМНЕ треба прво да бидат „извинети“ од законот и од судовите. Нивните „грешки“ сега се спакувани во една друга административна форма – се викаат кривични пријави. Дури потоа, кога ќе имаме една јасна слика за човечкиот и секаков потенцијал што преостанал во тоа здружение на граѓани, ќе може да бараме извинување.Оти дури тогаш ќе знаеме и од кого. Христијан Мицкоски досега не личи на лидерот којшто ова извинување може да го понесе на своите плеќи. Се има ли воопшто идеја за каква тежина станува збор!?

Не дека не е јасна играта на премиерот Зоран Заев во обидите за обезбедување на пратеник плус, во барањето на поддршката од опозицијата во однос на законите кои се суштински и се битни да се изгласаат. Јасно е и колку му е битно да обезбеди макар и, како што рековме, едно вештачко обединување на политичките фактори ( во услови кога имаме големи предизвици во однос на евроатлантските интеграции). Јасен е и фактот што тоа правно лице ВМРО- ДПМНЕ, се’ уште функционира како партија, има свои претставници во Парламентот, зад себе ја има поддршката на стотици илјади македонски граѓани. Но, токму затоа, токму и најмногу заради нив, заради тие граѓани, Мицкоски е должен нештата наместо „грешки при работа“ да ги нарече со вистинско име. Само така можеме да му веруваме дека тој навистина е подготвен да се извини. И тоа прво на неговите, оти од тоа што беа не остана ниту партија, а камоли уште демократска или пак за некакво национално единство.

Македонија е сега во една многу опасна зона на компромитирани и некредибилни политички играчи и субјекти, кои имаат и натаму клучни општествени ролји. Некои седат во Владата, некои се во опозициските клупи. Она што останува најголем проблем е суровиот обид за релативизација на овој факт кој доаѓа од сите страни, а со различни мотиви. Тоа не е решение на долг рок, а иако може навидум да помогне во некои актуелни процеси, тоа и таму може да се врати како бумеранг. Токму под знамето на некакво национално обединување и општествен консензус, се влечат штетни потези преку кои во целото општество веќе се одомаќини идејата на ВМРО – ДПМНЕ да се гледа како на една сосема легитимна опозиција, на ДУИ како на неспорен владин дел, на Амди, на Лилјана или на Ѕинговите пратеници како на гласачка машинерија, а на многу „грујови“ функционери, амбасадори, директори како на наследство од режимот што е „греота да се фрли“…. Примерот со амбасадорот во САД, Васко Наумовски, кој не се појавил ниту еднаш додека траеше официјалната посета на министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, е само доказ за тотално погрешните проценки во моќта на „покајувањето“, „извинувањето“ и подаденото мало прсте. Тоа (и тој) е ВМРО – ДПМНЕ во својата длабока суштина. И за жал, тука некаде се губи иднината на македонската опозиција, толку неопходна во моментов, кога власта (и централна, но и локална) веќе во првата година до своето владеење не се воздржа од повторувње на грешки за кои се очекуваше да бидат минато.

А ние како да забораваме дека не само онаа на опозицијата туку и иднината на целата Влада и воопшто на Македонија не зависи од никакво наметнато „помирување“, туку напротив – од силна дезинтеграција на сите криминални ќелии во политиката. Министер за правда немаме, Советот за реформи во правосудството сега доби нов состав (откако претходниот неславно се распушти), Специјалното јавно обвинителство вчера го презентираше Извештајот за својата работа пред пратениците. Се’ на се’ – правните разврски се во фаза. Далеку од завршна.

Македонија не може да поднесе повеќе извинувања во овој момент. Извинувањето е прашање на морал, на етика, на емоција, тоа е веќе во доменот на метафизиката, ако сакате. Секако е прашање кое е легитимно и секако дека еден ден ќе мора и него да го отвориме, тогаш кога ќе дојде на ред помирувањето, ама она вистинското, искреното, а не изнудено. Дотогаш, првенствено власта треба да се фокусира на тоа да биде задоволена егзактната наука преточена во правото и математиката на украденото. Се’ спротивно не е само губење време во процесот на македонското заздравување, туку е и активно негово пролонгирање. Добиваат оние кои ќе кажат „извини“, а губат како и обично – граѓаните… ако извинат!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×