Никола Кишин
бугарски интелектуалец
Токму овие историски и политички врски, акумулации и инструменти ги одредуваат бугарско-македонските односи денес. „Длабоката држава“ многу вешто ги постигна своите цели да ги искара Софија и Скопје и да ги врати назад во времето.
Пред една година имаше оптимизам откако бугарскиот претседател Румен Радев се качи во авион на пат за Рим, го покани со него и неговиот македонски колега Стево Пендаровски со цел да го посетат папата Франциск. Двајцата претседатели ја посетија базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим, каде во IX век папата Адријан ја благослови словенската азбука и книгите напишани на неа од светите браќа Кирил и Методиј. Тоа беше време на оптимизам и надеж дека односите може да тргнат напред. Дали се случи рестарт на односите меѓу Софија и Скопје, гледано од денешна дистанца, тешко е да се каже. Во таа една година Бугарија помина низ три изборни круга, што никогаш не се случило во 144 години откако тргна на својот пат кон независност.
Кон крајот на 2021 година, Бугарија, по две преодни влади, конечно формираше влада предводена од Кирил Петков. Тој се обиде да ги стави односите меѓу Софија и Скопје на прагматична основа и да ги раздвои темите на меѓудржавните односи и оние на историјата. Со новата влада во Софија, во Скопје се појави и нова влада на чело со Димитар Ковачевски.
Се презедоа брзи дејствија од двете страни во обид да се надомести изгубеното во последните години и децении. Сигналите беа јасни дека ќе се бара нормализација на односите меѓу Бугарија и Северна Македонија. Првата посета на странска земја на Кирил Петков беше токму во Скопје со неговиот новоизбран колега Димитар Ковачевски.
Првиот резултат е дека планот за решавање на проблемите меѓу Бугарија и Северна Македонија од 5 + 1 стана 4 + 1 откако Скопје испрати нота до ОН којашто се вели дека името Северна Македонија се однесува само на нејзината територија и нема претензии за географската област Македонија. Во еден од неговите сегашни ретки јавни настапи, претседателот Георги П’рванов (2002-2012) ги критикуваше постапките на Софија и неговиот наследник Румен Радев, велејќи дека формулата 5 + 1 акумулира стари работи и не води до стратешки решенија.
Иако скромни, сепак резултати од работните групи имаше и тие не се однесуваа само на ново воспоставената авиолинија Софија-Скопје, туку и за градење повеќе можности за двете соседни земји. Набрзо следеше руската воена инвазија на Украина, која ја промени глобалната слика, а целиот светски поредок на кој бевме сведоци по падот на Берлинскиот ѕид кон крајот на 1989 година и распадот на поранешниот Советски Сојуз почна да го реформира светот.
Сосема нови ризици за Европа
Денес, ризиците за Европа се сосема различни. Дали ќе има криза со храна, дали ќе има глад и како ќе влијае војната во Украина врз растот на светската економија. Зголемувањето на цените на енергијата ќе постави многу сериозни предизвици пред Европа. Денес, Бугарија се соочува со многу сериозен ризик поврзан со војната во Украина, која веќе ја напушти својата територија и веќе стана регионален проблем, не само во регионот на Црното Море, туку и на Балканот. По анексијата на Крим од страна на Кремљ во 2014 година, стратешката рамнотежа во Црното Море се промени, за што ниту една земја во регионот не беше подготвена, а руската инвазија на Украина ја потврди оваа оценка на експертите.
По 10-годишно доцнење, случајно или не, дури во лето ќе има очекувана гасна врска со Грција, што ќе обезбеди диверзификација во снабдувањето со гас откако Кремљ одлучи да ја прекине испораката на руски гас и да го прекрши постоечкиот договор. Така, Бугарија и регионот ќе имаат врска со гасоводот ТАНАП со гас од Азербејџан. И Романија и Северна Македонија ќе добиваат гас преку Бугарија се’ додека се гради вториот гасовод Петрич – Струмица, што ќе им овозможи на двете земји да имаат независни снабдувања со гас, но и да бидaт фактор на енергетската карта во регионот.
Пример за тоа е можноста Бугарија да испорачува гас за Косово и Србија преку Северна Македонија откако ќе се изградат интерконектори со нив. Но, се чини дека некому не му се допадна оваа нова динамика во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија.
Премиерот во Софија Кирил Петков беше критикуван од неговиот претходник Стефан Јанев, кој стана министер за одбрана во новата бугарска влада и одби да го именува она што се случува во Украина со неговото вистинско име. Реконструкцијата на владата во Софија и доведувањето на искусниот дипломат и претставник на Бугарија во НАТО Драгомир Заков на чело на Министерството за одбрана успеа да го стабилизира кабинетот и да го спаси. Интензивирањето на акциите на Москва на Балканот и желбата за разгорување на регионалните конфликти останува многу сериозен ризик.
Зголеменото влијание во овој регион на Србија, но и на Кина и Турција, ја одредува нестабилната иднина со која ќе се соочи европскиот југоисток.
Некој „лови риба во матно“
Во Бугарија има израз „да се лови риба во матни води“, па изгледа некој навистина е заинтересиран да ја замати балканската вода и да го добие тоа што го сака уште еднаш. И овој Некој ќе се обиде да ги прекрои границите, да ги продлабочи противречностите и да ги кочи односите меѓу земјите од Западен Балкан. Александар Вучиќ, Виктор Орбан, Никола Груевски и Додик се оние кои по наредба на Кремљ ќе се обидат да го запрат патот на регионот кон ЕУ. Проруските сили во Бугарија се во акција, а обидите да се дестабилизира Бугарија со прекин на испораката на гас се само еден пример на ветер во нивните едра за да ги постигнат своите цели.
Во последните 18 месеци во Бугарија беа откриени две шпионски групи кои работат за военото разузнавање на Русија, заинтересирани за стратешките цели на НАТО не само во Бугарија, туку и во регионот на Црното Море. Ова покажува дека Софија ќе продолжи да биде важна цел на руското влијание на Балканот. Затоа, секој обид за отцепување од орбитата на Москва ќе биде проследен со многу сериозни обиди за спротивставување на Кремљ и дестабилизација на Бугарија. Агендата на Москва на Балканот вклучува не само зголемување на руското влијание во Србија и српскиот фактор во регионот, туку и одржување на отворени билатерални прашања како што се бугарско-македонските односи.
Додека Софија и Скопје продолжуваат да гледаат назад, а не напред, Србија прагматично влегува во Северна Македонија со изградба на сопствен телеком, дистрибуирајќи повеќе од 30 телевизии, а некои скриени зад светските брендови ќе го зголемат сопственото влијание. Друг пример за растечкото српско влијание е обидот преку Српската патријаршија да се реши македонското црковно прашање, кое доби многу добар сигнал од вселенскиот патријарх Вартоломеј. Кога Бугарската црква имаше можност во 2018 година да биде активен играч во црковната дипломатија, не успеа да ја искористи оваа можност и денес СПЦ ја користи ситуацијата.
Скопје, исто така, не успеа да го направи својот пат напред кон враќање на довербата во дијалогот со Софија. Изминатите пет месеци, и покрај тешката политичка ситуација во Северна Македонија и притисокот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и Левица, можеа да се создадат механизми за контрола на говорот на омраза кон граѓаните на земјата со бугарско самоопределување, како и постапката за промена на учебниците каде што има текстови со навредливи квалификации кон Бугарите и Бугарија од времето на Втората светска војна. Требаше да се направат барем овие два чекори за да се види во Софија дека за толку краток временски период започнала акција во оваа насока.
Исто така беше пропуштена можноста да се направи јасен календар на заложби за дијалог. Поради пропуштените можности, владите во Софија и Скопје имаат многу ограничен опсег на акции и поддршка во општеството, што може да ги турне Бугарија и Северна Македонија во политичка неизвесност, а додавајќи ја руската инвазија на Украина, Балканот може да заземе друг аспект. Се чини дека рестартирањето на бугарско-македонските односи ќе биде одложено.




















