Невработеноста не е проблем, туку симптом дека економијата е во кома
Објавено на од во Колумни

 

За Македонија да го постигне европскиот просек на вработеност, до 2020 година треба да се отвораат по 39 илјади нови работни места секоја година.
Или тоа се вкупно 312 илјади нови работни места во следните осум години. Што во пракса би значело, сите кои сега се евидентирани како невработени да се вработат во следните осум години. Овие бројки покажуваат колку, гледано низ призма на економијата, Македонија е блиску до Европската унија. Светлосни години.
Колку е тоа веројатно? Тоа е рамно на научна фантастика за Македонија. Која повеќе од две децении не можеше да мрдне од невработеноста од 30%, а сега како успех за фалење ја посочуваме стапката на невработеност од над 27%, до која се дојде со разно разни административи бришења и чистења на списоците.
Ова е многу поразувачка перспектива за Македонија. Но, она што е уште попоразувачки е што на проблемот гледаме од сосема погрешна страна.

Решение на невработеноста не може да биде државата да вработува повеќе луѓе во јавниот сектор. Или на финта да ги брише луѓето кои немаат работа од листата на невработени. А потоа тоа да ни се продава како врвна економска реформа. Решение на проблемот не е државата со пари од буџетот да прави јавни инвестиции со кои статистички ќе го “нашминка” економскиот раст, а од кои ефектот за економијата нема да го види никој друг освен неколку фирми и луѓе.
Решение на сиромаштијата не е во тоа власта да ја зголеми социјалната помош која ја исплаќа со пари од буџетот.
Проблемот не се решава ниту со покачување на пензиите. Тажно е да се гледа како Македонија станува земја во која најзначаен сегмент стануваат пензионерите.

И сега по кој знае кој пат Македонија повторно и објавува војна на невработеноста. Овој пат со пакет мерки за фискални стимулации на фирмите, односно ослободување од плаќањето персонален данок и сите придонеси,

Невработеноста не е најголем проблем на Македонија. Тоа е само симптом на проблемот. Вистинскиот проблем е нискиот раст на економијата. Поточно слабиот приватен сектор кој не инвестира и не отвара нови работни места.

Се поочигледно дека македонската економија е влезена во дупка со жива кал од погрешните политики кои се водат со години назад. И прво што треба да се направи е да престанеме да копаме. Бидејќи решението никогаш не е подолу во дупката.
За почеток ќе биде успех ако признаеме дека економските политики кои ги водиме како држава во изминативе десетина, па и дваесет години се тотално промашување. Не смееме да продолжиме неуспехот во домашните економски политики да го покриваме со засилениот влез на странските инвестиции. Тие не се решение на проблемот со слабиот приватен сектор.
Оваа или некоја следна власт ќе мора да отвори вистински дијалог со бизнис заедницата (без да ги дели на наши и ваши бизнисмени) и заедно да ги идентификуваат најголемите ограничувања за работењето на приватниот сектор и нивниот потенцијал да креираат нови работни места. Без никакви фрустрации да се идентификуваат компаниите и секторите кои имаат потенцијал да го носат економскиот раст, да инвестираат во извозно производство и да отвараат нови работни места. И потоа без никакви комплекси тие компании и сектори да го добијат истиот третман на странските инвестиции. Транспарентно и според однапред пропишани услови и критериуми. За тоа ќе бидат потребни пари. Некои ќе кажат дека Македонија е мала држава и не може да си дозволи таков вид на поддшка на економијата. Но,тоа е далеку од вистината. Македонија има пари. Недостига визија која со доволно искреност и храброст ќе се сподели и реализира.

 

Може да правиме разно-разни потези за административно намалување на невработеноста, но болната вистина која во иднина ќе биде уште потешко да се сокрива е дека приватниот сектор и домашната економија во Македонија не отвораат нови работни места. Или поконкретно кажано која отвора многу малку работни места кои не се доволни за да ја апсорбираат новата работна сила и оние новоотпуштените од приватниот сектор. Тоа е клучниот сигнал дека економијата ни е во кома.

И затоа сите показатели за раст на БДП од 3% или 4% не значат ништо ако во исто време приватниот сектор умира. Државата може да ја крепи економијата и да креира економски раст преку финансирање на јавни и инфраструктурни проекти. Но, и овие политики имаат цена. И не можат да продолжат долго, бидејќи најголем дела од овие јавни финансии се обезбедуваат преку кредити од странство или преку задолжување на домашниот пазар. Во првиот случај се зголемува надворешниот долг, кој иако засега е низок, во еден момент станува неподнослив товар за слабата економија, а во вториот случај на домашно задолжување државата целосно се наметнува како најголем и најмалку ризичен партнер на кои банките најмногу сакаат да му позајмуваат, а приватните фирми се истиснати од пазарот.

Во иднина главниот фокус на сите економски мери и политики мора да се стави на отворање на нови работни места во приватниот бизнис. Можеби е крајно време државата за размисли за воведување на субвенции и за домашните фирми кои ќе инвестираат и кои ќе отвораат нови работни места. Ако моделот на субвенционирање се покажува како успешен кај странските инвеститори, тогаш не треба да има дилеми дека тој ќе биде успешен и кај домашните инвеститори.
Ако може од буџетот да се најдат пари за поголеми пензии, поголеми плати за државната администрација, бесплатно возење со автобуси, бесплатно одење на бања, тогаш мора да се може да се најдат пари и за поттикнување на нови инвестиции и нови работни места.
Тоа е единствен начин со кои може да се справиме со невработеноста. И со кој може да се одржи реалната економија и индустријата во Македонија. Се друго не води на едни други стази, по кои сигурно попат ќе ја изгубиме домашната индустрија и ќе станеме земја која единствено нуди евтини услуги и евтина работна сила на големите мултинационални корпорации, кои во потрага по пониски трошоци го селат капиталот во онаа земја која ќе им понуди најниски трошоци.

Домашните фирми ја губат битката

Македонија полека, но сигурно се навлекува на слободните зони. Заедничко за сите е тоа што странските инвеститори кои ќе одлучат да отворат фирми во овие зони се ослободени од плаќање на буквално сите давачки. Не плаќаат данок на добива, не плаќаат персоналец и придонеси за вработените, не плаќаат ДДВ, не плаќаат царини за увоз на сите суровини и репроматеријали, не плаќаат акцизи. И згора на се државата од буџетот им плаќа половина од трошоците за изградба на објектите, над половина од трошоците за обуки на вработените, а во некои случаи и дел од платите на вработените… Звучи повеќе од примамливо. Суштината е на странските компании да им се намалат трошоците со што Македонија им станува екстра поволна за водење бизнис. И никој не треба да се сомнева дека со овој модел ќе се привлечат странски инвеститори. Проблемот е во нешто сосема друго.
Која е логиката одредени компании и физички лица да добиваат државна помош и разни субвенции од буџетот, а други да не добиваат? Во вакви нерамноправни услови станува сосема бесмислено работењето на домашните компании во Македонија. Кои мораат да ги плаќаат сите даноци, сите придонеси на полни плати, апсурдни царини за увоз на разни суровини кои не се произведуваат во Македонија, ДДВ на сите трансакции и на енергијата која ја користат..Како што станува сосема неатрактивно работењето во компанија со домашен газда. Бидејќи вработените кај домашен газда мораат половина од својата плата да ја даваат на државата, а кај странците половина од платата им ја плаќа државата.
Тука станува збор за државна помош која им се дава на една категорија компании и со која директно се нарушува конкуренцијата како меѓу компаниите, така и на пазарот на работна сила. Посебно, што некои од овие субвенционирани странски компании имаат и право да продаваат на домашен пазар.

Кога веќе Владата е убедена дека овој модел дава резултати и сета енергија и ресурси се заложуваат за овој модел да успее, тогаш треба да оди храбро до крај и целата територија на Македонија да ја прогласи за слободна зона. Ако сакаме да бидеме Луксембург на Балканот, тогаш треба со политиките до се оди до крај. Целиот Луксембург е прогласен за слободна финансиска зона и таму не се прават разлика кој е со домашен, а кој е со странски капитал. Вака излегува дека во еден дел со политиките кои се водат сакаме да сме Луксембург, а во друг дел на политиките сакаме да сме Шведска. Па за едни компании Македонија е земја со ниски трошоци и евтина работна сила, а за други компании водењето бизнис во Македонија станува многу скапо и ѓаволски тешко.

Вака излегува дека државата зема пари од една категорија фирми и граѓани и ги префрла на сметка на други компании и граѓани. Која е тука економската логика? Каде се тука еднаквите шанси за успех? И кој освен странците ќе може да се осмели да почне бизнис?

 

Кои се најголемите плаќачи на данок во Македонија?
Ако некоја власт навистина и искрено сака да го зголеми растот на економијата која се наоѓа во проблеми тогаш многу е логично прво да ги слушне компаниите што им е проблемот, или кои предуслови им се потребни за да можат да ги зголемат инвестициите, производството и вработеноста за 10 или 20%. И откако ќе ги слушне да се заложи тие нивни барања да се реализираат во пракса. Оти за жал или за среќа компаниите, а на министрите кои водат бизниси и кои одлучуваат какви потези ќе носат. И тие се хероите кои треба да се фалат за економските успеси, а не министрите.
Каде се компаниите кои најмногу плаќаат данок во Македонија? Зошто во Македонија ниту министрите, ниту најголем дел од медиумите не ги споменува бизнисмените кои раководат со компаниите кои најмногу го полнат буџетот?
Можеби е време да се објави и листа на најголеми плаќачи на данок во Македонија. И да се види кој колкава заслуга има во полнењето на буџетот, па согласно на тоа да има и влијание врз креирањето на економските политики. Или листа на компании кои најмногу вработуваат, но кои плаќаат придонеси и даноци за вработените. Сигурно дека на ниту една од овие листи нема да се најдат странските инвеститори кои во изминатиот период толку гласно се фалени од министрите за инвестициите што ги направиле и за големиот раст на извозот и за отварањето на работни места. Оти тие не плаќаат ниту даноци, ниту придонеси. Тие користат пари од буџетот кои го полнат некои други компании на кои не им се слуша глас. Тие не плаќаат ниту данок на добивка, ниту персонален данок на доход, ниту придонеси за здравствено и социјално осигурување, ниту царини, ниту акцизи, ниту ДДВ, ниту за обуките на вработувачите, ниту за инфраструктурата која ја користат…Лесно е така да се биде голем инвеститор и извозник. Посебно кога за секој нивни проблем или пречка во работењето се растрчуваат лично министрите или кога министерот за привлекување на странски инвестиции им е главен контакт за врски со надворешниот свет. И згора на се, им се дава и преголем простор и значење во креирањето на економските политики. Па се носат мерки и закони по нивни терк, експресно се менуваат закони само за да се отстрани тоа што им смета… Да, можеби учеството на странските инвеститори во слободните зони во извозот можеби е големо. Но, тоа е големо зошто учеството на оние другите индустрии и компании кои досега го носеа извозот, загрижувачки и континуирано паѓа. Нивното значење е големо зошто во Македонија и по три децении независност не се формираа нови производни и извозни компании кои ќе ја намалеа концентрацијата на извозот само на две или три индустрии, во кои главните извозници се компании формирани во поранешниот систем. И згора на тој неуспех, компаниите кои успеале да преживеат, и кои денес инвестираат, извезуваат, вработуваат и го полнат буџетот, целосно се игнорираат и се третираат како да се сосема безначајни. Никој не ги прашува какви мерки треба да се донесат или кои закони треба да се сменат за да им се олесни работењето и за да бидат поконкурентни. Ним им се наметнуваат закони и им се наредува како мора да работат. Им се изрекуваат казни со кои можат да бидат затворени преку ноќ.
Тоа доволно говори за правецот во кој ќе се движи македонската економија и за волјата да се изгради силна национална економија. Речиси е извесно дека и во иднина сите политики и очекувања ќе продолжат да се вртат околу странските инвеститори. Оти кога не постои волја да се прават реформи со кои ќе и се олесни на националната економија, тогаш останува само тоа. Да се надеваме и да очекуваме дека странските инвеститори ќе ни ги решат сите проблеми во економијата. И таа надеж, во недостаток на политичка волја за вистински реформи, добива митски димензии. Тие стануваат спасители на економијата.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×