Никица Кусеникова, Здружение Конект: Компаниите кои само декларативно се придржуваат кон своите обврски за човековите права, ризикуваат да изгубат бизнис
Објавено на од во Компании
„Најпрво е потребно сопствениците на компаниите, раководителите и вработените да разберат кои се нивните обврски поврзани со човековите права, и тоа повеќе од она  што во моментот е предвидено со законот. Тие исто така треба да ги разбираат човековите права и пошироко, а не само во однос на грижата за своите вработени.“, вели Кусиникова.
Foto Nikica 2019

Никица Кусиникова, извршна директорка на „Конект“

Конференцијата за бизнис и човекови права“  ќе се одржи на 20.09.2019 во Скопје во хотел Арка.  Оваа конференција се реализира во рамките на проектот „Поттикнување на принципите за бизнис и човекови права“, поддржан од Европската Унија, а спроведуван од Здружението Конект и Бизнис Конфедерација, чија цел e поддршка на економските и социјалните права во приватниот сектор преку унапредување на деловните и човековите права.
На конференцијата свое обраќање ќе имаат Министерката за труд и социјална политика, г-а Мила Царовскаи висок претставник на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, а ќе дискутираат претставници на стопанските комори, компании, граѓански организации и меѓународни експерти.
Настанот е со цел да се соберат сите релевантни засегнати страни и да им се даде можност да ја искажат својата посветеност на Водечките принципи на ОН за бизнис и човекови права – ВПОН и  да ја подигнат свеста за важноста на човековите права од бизнис перспектива. Разговаравме со директорката на Конект Никица Кусиникова околу значењето на имплементирањето на ВПОН во корпортивната култура и регулатива во земјава.
-„Поттикнување на принципите за бизнис и човекови права” е еден од проектите со кој што треба да се вклучиме во имплементацијата на Водечките принципи на ОН за бизнисот и човековите права (ВПОН).  Кажете ни нешто повеќе за целите на проектот и за ВПОН?
Откога Обединетите нации во 2011 година ги усвоија Водечките принципи за бизнисот и човековите права започна ново поглавје во начинот на кој компаниите ширум светот го водат својот бизнис. Додека претходно државата ја имаше примарната улога во почитувањето на човековите права, сега е општо прифатено дека и компаниите подеднакво имаат одговорност да ги почитуваат човековите права во сите сегменти во своето работење, од вработените, потрошувачите, синџирите на снабдување, заедницата во која делуваат. Во нашата земја рамката за бизнисот и човековите права е многу малку позната па преку оваа иницијатива сакаме нашите компании, институции и другите чинители да ги вклучиме во глобалните текови. Како организација којашто долги години работи на поттикнување на општествената одговорност на компаниите, здружението Конект овој проект го реализира во партнерство со Бизнис конфедерација, со финансиска поддршка од Европската Унија.
Почитувањето на човековите права е одговорност на секој сопственик/-ка и раководител/-ка на компанија. Денес речиси сите компании вработуваат работници, имаат добавувачи и деловни партнери од странство вклучително и од земји познати по ниско ниво на почитување на човековите права, нудат бројни производи и услуги коишто покрај позитивните придобивки можат да бидат и злоупотребени за нарушување на човековите права. На пример, транспортната индустрија и туризмот многу често се злоупотребени за трговија со луѓе. Телекомуникациските услуги покрај тоа што ги поврзуваат луѓето честопати се користат за нарушување на правата на приватност и слобода на движење. Поради тоа креиравме пакет за поддршка на компаниите којшто ќе им помогне да ги идентификуваат клучните ризици во нивната компанија во однос на човековите права и да вградат политики и мерки коишто ќе осигураат дека компанијата ги почитува човековите права. Водечките принципи ги преведовме на македонски и на албански јазик со што ги направивме достапни до сите компании, креиравме алатка за само-оценка, прирачник, организиравме обуки за одговорните лица во компаниите. На компаниите им помагаме и да спроведат процес на интерна анализа и да ги ревидираат своите политики и процедури. Од друга страна, креиравме и платформа за дијалог помеѓу бизнис заедницата, институциите, синдикатите, и другите чинители во која што дискутираме и предлагаме што државата може да направи за да ги поттикне компаниите во С. Македонија да ги почитуваат човековите права.
-За потребите на проектот, со цел да се утврди дали постојат политики и мерки за заштита на човековите права, беше спроведено истражување преку дигитален мониторинг и анкета на компании селектирани од 200 те најуспешни во земјава. Дали истражувањето ги оправда целите и каков беше одѕивот на компаниите за учество ?
Истражувањето беше спроведено за да утврдиме каква е моменталната состојба во препознавањето и разбирањето на бизнисот и човековите права. Со истражувањето се идентификуваа актуелните политики и практики за спроведување на човековите права во компаниите. Резултатите ни укажаа кои се предизвиците и потребите и беа појдовна основа во креирањето на понатамошните активности.
 Во рамки на истражувањето беше направен мониторинг на 59 од компании селектирани од листата на најголемите и најуспешните 200 компании во земјата. Дополнително, беше реализирана анкета со повеќе од 100 компании врзана за идентификувањето на различните аспекти на општествена одговорност и почитувањето на човековите права како дел од нивните политики и пракса. Со цел да се добијат продлабочени сознанија за ставовите и перцепциите на различните засегнати страни, беа реализирани полуструктурирани интервјуа со релевантни чинители.
 Резултатите од истражувањето укажаа дека мнозинството компании имаат некаква изјава за етичките принципи на компанијата којашто ја вклучува грижата за вработените, за клиентите, за животната средина и сл. Но, во пракса мал број компании применуваат суштински приод кон заштитата на човековите права. Само 28,8% од вклучените компании прават проценка на ризиците поврзани со човековите права, а 13,6% потоа преземаат некаков обмислен пристап во оваа насока.
-Резултатите од истражувањето упатуваат на заклучокот дека компаниите, повеќе декларативно, се грижат за човековите права во обемот во кој тоа го налагаат правните прописи, додека сѐ уште е мал бројот на компании коишто имаат направено обид за интегрирање на ВПОН принципите во своите интерни политики и спроведуваат претходна проверка на човековите права. На кој начин може декларативните заложби да се претворат во пракса?
 Најпрво е потребно сопствениците на компаниите, раководителите и вработените да разберат кои се нивните обврски поврзани со човековите права, и тоа повеќе од она  што во моментот е предвидено со законот. Тие исто така треба да ги разбираат човековите права и пошироко, а не само во однос на грижата за своите вработени.
Бидејќи нашата економија станува поинтегрирана со економиите на ЕУ, САД и другите, нашите компании ќе треба да разберат дека како добавувачи на компании од тие земји стануваат директно одговорни не само за сопствената усогласеност со човековите права, туку и за усогласеноста на компаниите во рамките на нивните синџири на снабдување.
 За мултинационалните клиенти не се доволни само декларативните заложби туку тие честопати прават ревизија на почитувањето на човековите права во компанијата пред да се одлучат да работат со неа. Така, во иднина проактивниот приод кон усогласеност со човековите права ќе стане предуслов за македонските компании да го развиваат својот бизнис, а навременото препознавање и прифаќање на оваа одговорност ќе им даде конкурентска предност наспроти оние компании кои само декларативно изјавуваат почитување на човековите права.
 Гледаме дека големите мултинационални компании ги раскинуваат договорите со компаниите кои не ги исполнуваат своите обврски за почитување на човековите права. Неодамна „Apple“ престана да работи со неколку компании кои гo снабдуваат со ретки минерали што се користат во уредите „Apple“. Ова е делумно и затоа што американскиот закон бара правна одговорност од раководството на компаниите каква што е „Аpple“ и за постапките на на компаниите во целиот нивен глобален синџир на снабдување.
 Да резимираме. Компаниите кои само декларативно се придржуваат кон своите обврски за човековите права, ризикуваат да изгубат бизнис.  Компаниите  што ја прифаќаат таа одговорност и ја интегрираат во своето работење, не само што ќе го избегнат ризикот од казни, туку ќе имаат вистинска конкурентска предност.
 -Што треба да направи една компанија ако сака да ги вгради Водечките принципи за бизнисот и човековите права? Од каде да почне?
Овој процес не е толку комплициран како што навидум се чини. Човековите права се нераскинлив дел од секој од нас вклучително и од луѓето во компанијата па лесно доаѓаме до одговорите кога ќе си ги поставиме вистинските прашања. Првиот чекор е компанијата да направи анализа на потенцијалните ризици по човековите права, односно, во кои сегменти од севкупното работење постои најголем ризик да се прекрши некое човеково право и тоа да предизвика најголеми последици по голем број луѓе. Кај некои компании тоа ќе биде здравјето, безбедноста и условите на работа на вработените, кај други загадувањето на воздухот, кај трети добавувачите од странски земји коишто имаат лоша репутација од аспект на третманот кон вработените и сл. Нашата пракса покажува дека најголемиот предизвик за компаниите е да ја променат „леќата на гледање“ на бизнисот. Компаниите се навикнати да прават проценка на ризикот по својот бизнис, односно која е штетата што компанијата може да ја претрпи. Но, во овој процес треба да се гледа на тоа како нашиот бизнис може да наштети некому. Кога тоа ќе се сфати, целиот процес е многу поедноставен.
 Понатаму, за почеток компанијата треба да се фокусира таму каде што ризикот и ефектите од можно прекршување на човековите права е најголем и таму да го унапреди своето работење. Потоа ќе се надградуваат другите сегменти и области од работењето.
  
-Од што зависи имплементацијата на ВПОН ?
Значаен недостаток е фактот што државата нема дефинирана стратегија за унапредување на почитувањето на човекови права во бизнисот преку акциски  планови. Резултатите од истражувањето упатуваат на потребата од поголема сензибилизација за проблемот и кај граѓанскиот сектор и едукација на компаниите за имплементација на процедури за претходна проверка на човекови права. Властите исто така можат да покажат поддршка за овие принципи, преку поддржување соработка со компании кои докажано и континуирано работат на почитувањето на човековите права согласно со ВПОН.
 Имплементацијата на ВПОН, во овој контекст, во значаен степен зависи од создавањето поттикнувачки услови за бизнисите, за да ги вградат овие принципи во  своите политики и операции. Согласно првиот столб од Водечките принципи, државата има обврска да ги заштити човековите права и тогаш кога некоја компанија ги крши овие права. Државата треба дефинира стратешки пристап кога се работи за оваа проблематика. Прво, мора да се зајакне примената на законите особено во доменот на работните односи и на животната средина. Потоа, треба да се олесни пристапот до ефективни правни лекови во случаи на кршење на човековите права. Но она што е особено важно е да државата им даде поддршка на бизнисите кои што ги применуваат принципите на ВПОН и да креира стимулирачки механизми. На пример, преку системите за јавни набавки и финансиска поддршка институциите треба да интегрираат критериуми коишто ќе им дадат предност на компании кои што докажано ги почитуваат и заштитуваат човековите права и чии интерни политики и механизми на оперирање обезбедуваат рамка за идентификување на ризиците и за почитување на човековите права. Исто така потребни се и континуирани напори за зајакнување на свеста и капацитетите за имплементација на ВПОН кај сите релевантни чинители (државните органи, бизнисите, организациите на работодавачи и работници, граѓанските организации и граѓаните) во насока на создавање на клима на транспарентност, отчетност и одговорност за влијанието на операциите на индивидуалните актери врз човековите права.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×