start up
Nikola, „братучедот“ на Tesla, ќе лансира камиони и пик – ап теренци на електричен и водороден погон
Стартап за електрични возила преку ноќ го надмина Форд во берзанска вредност

Акциите на Nikola, којшто развива комерцијални и патнички возила со погон на батерии и водородни ќелии, пораснаа за повеќе од двојно откако почнаа да се тргуваат на берза минатиот четврток, на 4 јуни. Пазарната капитализација на стартапот достигна 30 милијарди долари во вторникот оваа недела, што беше повеќе од вредноста на Ford од околу 29 милијарди долари, како и онаа на Fiat Chrysler Automobiles од 20,5 милијарди долари.
Пазарната вредност на Nikola Corp., до вчера малку познатиот стартап за развој на електрични камиони и теренци којшто излезе на берза минатата недела, доживеа експлозија, и во еден момент ја надмина пазарната капитализација на Ford Motor Corp., како и повеќе други автомобилски гиганти, а компанијата сe’ уште нема ниту едно продадено возило. Но, инвеститорите и понатаму се „обложуваат“ на потенцијалот на овој стартап, односно развојот на транспортот со електрични возила во иднина, па затоа и очекувањата од Nikola се големи, пишува Wall Street Journal.

Акциите на Nikola, којшто развива комерцијални и патнички возила со погон на батерии и водородни ќелии, пораснаа за повеќе од двојно откако почнаа да се тргуваат на берза минатиот четврток, на 4 јуни. Пазарната капитализација на стартапот достигна 30 милијарди долари во вторникот оваа недела, што беше повеќе од вредноста на Ford од околу 29 милијарди долари, како и онаа на Fiat Chrysler Automobiles од 20,5 милијарди долари.
Nikola, со седиште во Феникс, Аризона, цели кон секторот на комерцијални возила, каде што компании од типот на Amazon.com Inc., како и UPS Inc., се обврзаа дека ќе го намалат значително загадувањето на воздухот со своите логистички операции, односно емисиите на јаглерод диоксид. Компанијата исто така навести дека планира да влезе и на пазарот за пик – ап возилата за индивидуални корисници, којшто е најпрофитабилниот сегмент на возила во САД.
Волстрит верува во новите технологии

Галопирачки растечката цена на акцијата на Nikola го истакнува само интересот на инвеститорите за производителите на електрични возила, па макар биле и стартапи, во однос на традиционалните производители на автомобили. Па така на пример, акциите на Tesla Inc. како и кинеската NIO Inc., пораснаа повеќе од двојно од почетокот на годинава, додека акциите на General Motors и Ford отидоа надолу среде затворањата на нивните фабрики поради пандемијата. Исто така, ова е доказ дека ентузијазмот на Волстрит за електрични возила и други видови технологии на иднината останува силен, иако компаниите се соочуваат со притисок и предизвици поради актуелната економска криза предизвикана од коронавирусот.
Од Nikola соопштуваат дела веќе имаат пред – нарачки вредни 10 милијарди долари од комерцијални клиенти како што е гигантот во пиварската индустрија Anheuser – Busch InBev, и очекуваат да почнат со генерирање приход следната година откако ќе ги испорачаат камионетите придвижувани со батерија, наменети за достава на пократки релации.
Акциите на Nikola почнаа да се тргуваат во четвртокот, ден откако беше завршено спојувањето со VectorIQ Acquisition Corp., компанија што е котирана на берза, специјализирана за аквизиции, а предводена од поранешен директор во General Motors, Стив Гриски. По спојувањето проценетата вредност на Nikola беше околу 3,3 милијарди долари, а акциите минатата недела го завршија тргувањето со цена од околу 35 долари, и пазарна капитализација од околу 13 милијарди долари.
Но, акцијата вртоглаво скокна во понеделникот, откако извршниот претседател на Nikola, Тревор Милтон напиша твит во неделата за тоа дека компанијата ќе почне да прима резервации за пик – ап камионетот наречен Badger на 29 јуни.

Badger, којшто ќе биде на погон од електрична батерија, a ќе има модел и на водородна ќелија, претходно не беше спомнуван како приоритет за компанијата и беше малку веројатно дека ќе биде развиван без стратешко партнерство со етаблиран производител, барем така изјавуваа од Nikola во месец мај.
Но, Милтон очигледно го сменил мислењето во меѓувреме, најавувајќи дека компанијата ќе претстави пред јавноста целосно оперативен прототип следниве неколку месеци. Во вторникот неделава, тој си постави амбициозна цел дека Badger ќе му го земе приматот на најпродаваниот модел во сегментот на пик – ап возила, фамозниот Ford F-150.
„Целта ми е да го симнам F-150 од тронот“, рече Милтон во интервју за Yahoo Finance. Камионетот F-150 со години е најпродаваниот модел во САД во овој сегмент на возила. Ford не даде коментар на оваа најава од Милтон.
Акциите на Tesla, најголемиот во моментов производител на електрични возила на светот, исто така „растураат“ периодов, па од почетокот на годинава имаат за повеќе од двојно зголемена вредност, со цена од 950 долари за акција од понеделникот. Пазарната капитализација на компанијата достигна 176 милијарди долари и е речиси двојно повисока од онаа на General Motors, Ford и Fiat Chrysler заедно.
Iveco и Bosch инвеститори во Nikola

Истовремено, традиционалните производители на автомобили се ‘ уште се мачат да привлечат внимание од инвеститорите, и покрај нивните големи инвестиции во електрични возила и сл.
GM, Ford и останатите големи производители на возила, покрај стартапите, развиваат во моментов електрични пик – ап и комбиња за достава на нарачки, очекувајќи од комерцијалните клиенти да бидат мотивирани од пониските оперативни трошоци на овие возила.
Доста од компаниите исто така, развиваат вакви возила наменети и за индивидуалните купувачи, надевајќи се дека ќе го повторат успехот на Tesla, единствениот производител досега што постигна планетарен успех продавајќи исклучиво електрични возила.
Од Tesla изјавија дека примаат нарачки за нивниот теренец Cybertruck, со футуристички изглед, којшто треба да почне со продажбите до крајот на 2021 година. Ford и GM исто така имаат планови за електрични пик – ап возила.
Rivian Automotive, којашто е компанија што не котира на берза, има договор со Amazon.com да му испорача 100.000 електрични комбиња следните 10 години. Компанијата, со седиште во Мигичен, којашто има добиено и инвестиција од Amazon, Ford и уште неколку вложувачи, исто така планира да лансира пик – ап и теренец под брендот Rivian следната година.
Менаџерите од редот на традиционалните производители велат дека остануваат посветени на развојот на возила придвижувани на батерии дури и покрај намалената ликвидност предизвикана од пандемијата. Главната извршна директорка на GM, Мери Бера, изјави дека компанијата нема да ги откаже планираните инвестиции во развој на електрични возила.
Многу автомобилски компании направија почетни инвестиции во возила придвижувани на водород, коишто всушност користат ќелии што произведуваат струја од водород и кислород. Но, скапата технологија, како и недостигот на постојки за полнење на ќелиите го намалуваат напорите во оваа насока, па затоа голем дел од компаниите се држат до развојот на електрични возила придвижувани на класични литиум – јонски батерии.
Nikola го развива својот прв камион со Iveco, бренд на тешки камиони во сопственост на CNH International NV. CNH исто така поседува и 7,1% од акциите на Nikola после инвестициската рунда од минатата година. Производителот на автомобилски компоненти Robert Bosch GmbH исто така инвестираше повеќе од 100 милиони долари во Nikola.
Што треба да знаете за Nikola

Прво, нема никаква формална поврзаност помеѓу Tesla и Nikola, иако и двете се именувани по славниот пронаоѓач Никола Тесла. Негов изум е наизменичната струја или AC, електрична енергија којашто на преминот од 19 во 20 век ја доби битката со големиот ривал на Тесла, Томас Едисон, и неговото еднонасочно електрично коло или DC.
Westinghouse, пионерот во американската електро – енергетска сфера, ги користел патентите на Тесла и ја форсирал AC технологијата на дистрибуција. General Electric на Едисон, ја форсирал DC технологијата на генерирање струја. На крајот, победила наизменичната струја. Полесно е да се модулира волтажата со користење на AC електрично коло. Прецизните причини можеби се малку повеќе технички, но едноставно кажано, никој не сака тостерот да му се напојува со 10.000 волтен генератор.
Што произведува Nikola?
Nikola (ќе)произведува камиони и пик – ап возила. Помалите модели ќе бидат придвижувани со батерија, како автомобилите на Tesla. Тие треба да почнат со продажба некаде во 2021 година. Поголемите, што повеќе наликуваат на камиони се придвижувани од водородни ќелии и треба да се продаваат од 2023 година. Од Nikola велат дека досега имаат нарачки вредни повеќе од 10 милијарди долари. Исто така, од компанијата најавуваат и полесни камионети, онакви во стилот на бестселерот на Ford Motor, F-150, како и на останатите производители.
Што е водородна ќелија?
Водородна ќелија е со големина како батерија. Користи хемиска енергија за да креира електрична енергија со помош на катализатори, односно се користи водородот како гориво за старт на хемиска реакција.
Водородот нема ниту траги од јаглерод во себе, па нус – продуктот од хемиската реакција е само вода. Нема јаглероден диоксид, нема стакленички гасови, нема загадување на околината и оштетување на озонот.
Nikola е уникатен производител на возила затоа што планира да изгради своја сопствена мрежа на станици за полнење со водород. Компанијата планира да произведува водород со тоа што ќе ја разложува водата со помош на струја, процес познат како водна електролиза.
Како стана Nikola вредна 30 милијарди долари
Пазарната капитализација што ја достигна Nikola е импресивна, но како успеа компанијата да стигне до вредност од преку 30 милијарди долари, што се вели, преку ноќ? Одговорот е малку комплициран.
Излегувањето на берза не беше класична иницијална понуда на акции, IPO. Компанија специјализирана за аквизиции, во случајов VectorIQ ја купи Nikola и си го смени името. Зделката беше комплетирана на 3 јуни и вредеше околу .
Главни играчи
Директор на VectorIQ е Стив Гриски. Тој е долгогодишен менаџер во автомобилската индустрија, своевремено и во бордот на директори на GM. Сега тој е на челото на бордот на Nikola. Тревор Милтон е основач на Nikola. Тој е всушност, Елон Маск во случајов.
Колку вреди акцијата на Nikola?
Никој не знае тоа. Од почетокот на тргувањето на берза помина едвај една недела, а Nikola се’ уште нема продажби. Tesla, на пример, почна со пазарна капитализација од 2,5 милијарди долари во 2010 година кога некакви позначајни продажби на електрични возила беа се’ уште 2-3 години далеку. Кога почна да го продава моделот S во 2012 година, вредноста на компанијата беше 10 пати поголема од годишната продажба. Nikola, пак, прогнозира продажби од околу 1,4 милијарди долари до 2023 година, кога ќе почне да продаваат и од двата вида возила – придвижувани со батерија и со водородна ќелија. Тешко е да се претворат вакви едноставни бројки во детална евалуација на компанијата.