Нина Ангеловска: Дигитализацијата може да го стави економскиот раст во петта брзина
Објавено на од во Економија
„За да приватниот сектор биде двигател на растот, за да државата биде ветер во грб, потребна е ефикасна администрација. Без ефикасна и продуктивна администрација не можеме да ги спроведуваме реформите со потребната брзина. Потребни ни се итни промени во начинот на размислување и менталниот склоп. Ако не промениме ништо, ништо нема да се смени! Само со дигитализација верувам дека e можна департизација и ефикасна администрација. Дигитални процеси, кои ќе го отстранат пристрасниот човечки фактор во носење на одлуки, безхартиена околина, организирани и јасни правила – единствено тоа мислам дека е решението и за справување со корупција, за зголемена продуктивност и подобра околина за водење бизнис.“, вели министерката за финансии во интервју за Капитал. 

Za_otvaranje2KK_4783

 

Ако се анализираат проценките на меѓународните финансиски институции за економскиот раст годинава, се очекува една копи–пејст година на минатата. Единствено проекцијата на Владата е најоптимистична до 3,8%. Како ќе се оствари овој раст и што ќе значи тоа за граѓаните?
Земајќи ги предвид сите фактори сметам дека нашата проекција е многу реална. Секако би сакала да можевме да проектираме над 5% раст базиран на реални параметри и очекувања, каков што ни е потребен.
Проекцијата на Министерството за финансии е во линија со проекцијата на Народната Банка која исто така проектира раст на економијата од 3,8%. Дополнително проекциите на меѓународните финансиски институции иако нешто пониско од нашата проекција сепак проектираат повисок раст за 2020 споредено со 2019 година. За минатата година првично ММФ проектираше раст од 2,8% кој два пати го коригираше во нагорна линија до 3,2%. За 2020 проекцијата на ММФ предвидува 3,4% раст на нашата економија, со што се наоѓаме на 7 место по проектиран раст според Фондот во Европа.
Растот е базиран на реални параметри и остварување од минатата година, земајќи ги предвид и мерките и политиките кои се планирани за годинава, како и целокупниот контекст и потенцијални влијанија.
Во првите три квартали од минатата година растот изнесува 3,6% што е над проектираниот 3,5% од Владата, како и над проекциите на меѓународните финансиски институции и Европската комисија кои се движат меѓу 3,1% и 3,2%. Ако велите дека е копи-пејст од минатата година, се надевам дека и во делот на надминување на проекциите ќе биде копи-пејст и ќе ги надминеме проекциите и оваа година.
Солидното темпо на раст на потрошувачката од 2019 година, треба да продолжи и во 2020 година. Особено приватната потрошувачка, која како резултат на растот на платите и вработеноста, поттикнати од владините мерки, како и зајакнувањето на социјалната заштита на ранливите категории очекуваме да порасне за 3,3%.
Бруто – инвестициите во 2020 предвидуваме да се зголемат за 8% на реална основа, за што придонес ќе дадат инвестициите во јавниот сектор, но и владината поддршка за инвестициска активност на домашните и странски претпријатија. Очекуваме НАТО – ефектот да дејствува како катализатор на бруто – инвестициите. Исто така значајни фактори се и мерките за подобрување на деловната клима и патната инфраструктура за оддржлив раст на инвестициите.
Добрата динамика на раст на извозот се очекува да продолжи и во 2020 година. Проекцијата за реалниот раст на извозот на стоки и услуги изнесува 8,3%, придвижен главно од извозот на новите индустриски извозно ориентирани капацитети.
Што значи растот за граѓаните!? Предвидениот раст на економската активност се очекува да биде придружен со раст на вработеноста и намалување на невработеноста. Се очекува во 2020 година бројот на вработените да порасне за 2,1 процентни поени, додека стапката на невработеност да се намали на 16%. Растот на просечната нето – плата се очекува да изнесува 6,3% на номинална основа.
21 ninaСе чини прилично тешко достижни се посакуваните стапки на раст над 6% какви што и требаат на една земја во развој, за да може да се направи поголема разлика во животниот стандард. Доколку продолжите да ја водите фискалната политика, на кој начин сметате дека може да се оствари таква динамика на раст?
 Она што ни треба е одржлив раст односно економијата да продолжи во континуитет да расте со посилно темпо и тој раст да биде генериран од приватниот сектор. Во таа насока со фискалната политика државата треба да биде ветер во грб на приватниот сектор од повеќе аспекти. Економскиот раст зависи од продуктивноста на луѓето. За жал, досега овој факт бил игнориран. Тоа се огледа и од индексот на човечки капитал кој го мери Светска банка и кој за земјава изнесува само 0,53. Што значи ова!? Дека денешните деца, кога ќе пораснат, ќе користат само половина од својата потенцијална продуктивност, согласно тоа што земјата го вложува денес во нив. Децата од развиените економии ќе користат 80 или 90 отсто од својот потенцијал, ЕУ просекот е 75 отсто, регионот околу 60 отсто, а кај нас само половина од потенцијалот. Ова е нешто што не се менува од денес за утре, но за да се смени мора да се почне моментално. Затоа и буџетот за 2020 година, кога зборуваме за фискална политика, е насочен кон инвестиции во човечкиот капитал. Тоа значи дека над 60 отсто од расходната страна на буџетот за годинава е насочен кон здравството, образованието и социјалата како области. Она што можам да го истакнам во моментот со фискалната политика, поддршката на приватниот сектор се спроведува со мерките кои ја стимулираат инвестициската активност на компаниите, нудат поддршка за зачувување на квалитетните кадри, но и делуваат на создавање на адекватни кадри на пазарот на труд. Така во годинешниот буџет за мерката за субвенционирање на придонесите за покачување на платите обезбедени се 2,4 милијарди денари, за мерките за зголемување на конкурентноста на приватниот сектор 3 милијарди денари и за активните мерки за вработување 1,4 милијарди денари. Преку мерките за поддршка на инвестициите се поттикнува и набавка на нова технологија преку поврат на дел од вложените средства, на тој начин поттикнувајќи ги фирмите да ја заменат. Во однос на замена на застарената технологија постојат исто така можности, преку мерките за поддршка на економски раст, со кои се враќа дел од инвестицијата на компаниите направена во нови технологии.
Ова е долгорочна политика, бара суштински реформи за да даде суштински резултати. Секако за продуктивноста не можеме да зборуваме само од аспект на човечкиот капитал, таа се генерира со технологија во сите сектори, како во индустријата, така во земјоделството, но и во услужните дејности и тука зборувам и за администрацијата. За да приватниот сектор биде двигател на растот, државата за да биде ветер во грб, потребна е и ефикасна администрација.
Без ефикасна и продуктивна администрација не можеме да ги спроведуваме реформите со потребната брзина. Потребни ни се итни промени во начинот на размислување и менталниот склоп. Ако не промениме ништо, ништо нема да се смени!
Само со дигитализација верувам дека e можна департизација и ефикасна администрација. Дигитални процеси, кои ќе го отстранат пристрасниот човечки фактор во носење на одлуки, безхартиена околина, организирани и јасни правила – единствено тоа мислам дека е решението и за справување со корупција, за зголемена продуктивност и подобра околина за водење бизнис.
Единствено со унифицирана визија во владата и здружени напори на сите ресори можеме да зборуваме за економски раст над 5%. Кога зборуваме за дигитализација основно е сите министри, директори на институции да веруваат во потенцијалот и моќта на што тоа може да значи за нашето општество. Како што велат, потребна е политичка волја но и желба, знаење и менување во секое поле. Реформите не се лесни но се неопходни и немаме друго ако сакаме брз раст. Колку побрзо се менуваме толку побрзо ќе може да ги стигнеме развиените земји.
Со стапки на раст не би лицитирала, но ако се спроведуваат квалитетни реформи во сите области на долг рок, ако нема партизација, а тоа може да се реши со дигитализација, ако сите имаат еднакви можности и победува квалитетот и знаењето тогаш може да зборуваме за економски раст со експоненцијални стапки на раст.
Можеби на тоа ќе придонесе уште повеќе ако енергијата и времето што се троши на дневно политички, меѓу партиски обвинувања и кавги се насочи во креирање на солуции, ако целата негативна енергија кој се манифестира ја канализираме на решенија на проблемите, навистина можеме да продуцираме база за поголем економски раст.
Само на тој начин може да се постигне посакуваниот економски развој, да се доближиме до развиените европски земји, а со тоа и да го стигнеме европскиот животен стандард.
19 ninaРеализацијата на капиталните инвестиции од страна на државата е еден од најголемите проблеми, иако од декември лани се забележува поголема динамика. Зошто јавните инвестиции не се реализираат според планот, имате ли механизам годинава да ги остварите како што е предвидено во Буџетот?
Капиталните расходи во Буџетот за 2019 година се реализирани 78% во однос на проекцијата. Во апсолутен износ, капиталните инвестиции изнесуваат 17,8 милијарди денари, што е за 5,7 милијарди повеќе во однос на 2018 година или зголемување за 46,6%.
Ако се земе предвид и реализацијата на Јавното претпријатие за државни патишта, со 11,1 милијарди денари или 85% од планираното, минатата година сме имале 28,9 милијарди денари (470 милиони евра) капитални инвестиции или над 80% реализација, што е во линија со просекот од последниве 13 години.
Но ова секако не значи дека треба да се задоволиме со овој резултат, туку да работиме реализацијата да ја подигнеме над 90%.
Oваа година капиталните инвестиции се планирани на едно пореално ниво и се надевам дека при евентуален ребаланс истите нема да бидат предмет на кратење како што е пракса години наназад. Во просек во изминативе 10 години капиталните се реализирани на ниво од 3,2% од БДП и оваа година истите се испланирани на тоа ниво.
Сметам дека имаме голем простор за подобрување на сите фази – планирање, алоцирање и реализација на капиталните инвестиции.
Доброто планирање и алокација се клучни за добра реализација. Имаме простор за подобрување на приоритизацијата согласно стратешките приоритети на владата, но и согласно кост-бенефит анализа на проектите и воспоставување на процедури и стандарди.
За реализацијата на проектираните и планирани капитални инвестиции се одговорни сите ресори. И тука сметам дека мора да работиме на подобрување на капацитетите.
Оваа година при креирање на Буџетот го земавме предвид и поведението на буџетските корисници, односно претходната реализација на капиталните проекти. Сепак тоа е нешто што можеше да се преземе на краток рок. Подобра реализација на капиталните расходи на долг рок ќе обезбедиме преку подобрување на среднорочното планирање на Буџетот, како и преку воведување интегриран систем за управување со јавните финансии во чиј склоп ќе има и модул за управување со јавни инвестиции предвидени со новиот Закон за буџети, за кој наскоро ќе организираме и јавна расправа. Со функционалната анализа која се спроведуваше во Министерството за финансии во изминатите неколку месеци предвидовме и креирање на ново одделение за управување со јавни инвестиции.
Исто така, на краток рок фискалната транспарентност може да влијае на подобра реализација. На крајот на октомври минатата година ја објавивме алатката за Капитални расходи со која на јавноста ѝ ја ставивме на располагање реализацијата по буџетски корисници, по што имавме подобрување на реализацијата скоро кај сите буџетски корисници.
23 ninaВо јавноста постојано се критикува задолжувањето на државата, иако последните неколку години вашата Влада всушност постојано го намалува буџетскиот дефицит до ниво од 2,3% од БДП годинава, во услови кога задолжувањето е најповолно досега. Колку поддржувате поекспанзивна фискална политика насочена главно кон продуктивно трошење за големи инфраструктурни проекти?
Јавниот долгот бележи стабилизација во последниве две години што е резултат на водење прудентна политика. За разлика од периодот од 2008 до 2019 година, кога јавниот долг беше брзорастечки и практично се удвои од 23% на 48,8% од БДП, сега јавниот долг е стабилен и изнесува 48,9% од БДП. Ако се земе предвид дека во него е вкалкулиран и негарантираниот долг, кој до 2019 година не беше во пресметката на јавниот долг, сега долгот е и на пониско ниво од состојбата во 2016 година.
До стабилизацијата на долгот се дојде делувајќи на двете компоненти кои го креираат – буџетскиот дефицит и отплатата на старите долгови кои доспеваат. Преку постепена буџетска консолидација, проекцијата за дефицитот за годинава изнесува 2,3% од БДП, а таргетите за догодина и годината после неа се 2% од БДП. Ова е двојно помалку, ако се земе предвид дека 2012-2015 година дефицитот достигнувал и до 4 од БДП. Понатаму, рефинансирањето на долгот оди по неколкукратно пониски каматни стапки во однос на порано.
Консолидацијата на буџетскиот дефицит е потребна, за да нивото на долгот се одржи стабилно, но тоа не значи дека не треба да се води експанзивна фискална политика, но само ако е за финансирање на капитални проекти, или таканаречен “здрав долг” кој ќе придонесе за поконкурентни и попродуктивни капацитети на економија која на долг рок ќе овозможи полесно и побрзо да отплаќање на долговите. Инфраструктурните проекти исто така имаат фискална мултипликација за поттикнување на економски раст или како што наведува Светската трговска организација „секој вложен денар вложен во инфраструктурата, враќа 4 денари во економијата“.
Транспарентноста на Министерството за финансии се имплементира и во овој домен, така да одговорот на многуте прашања од јавноста и од новинарите за задолжувањето е достапен на платформата www.javendolg.finance.gov.mk. Преку неа граѓаните ќе имаат детален приказ и увид во долгот, неговите компоненти, како е креиран низ годините, поголеми проекти кои се финансираат, намената на аукциите на државните хартии од вредност, како се движат каматните стапки за истите, издадените еврообврзници и нивната отплата итн. Оваа платформа, освен што ќе има улога на транспарентност, таа исто така ќе има и едукативен карактер, оттаму верувам дека истата ќе има широка примена.
И покрај напорите за реформи во трошење на народните пари, сепак и понатаму најголем дел од Буџетот се троши за тековни потреби, а Светска банка во една студија утврди дека и со 13% помалку јавни расходи, што е еднакво на околу 450 милиони евра може да се постигнат истите резултати во фискалната политика. Значи ли тоа дека сепак може да се подобри начинот на трошење на народните пари и колку ќе ја прифатите оваа сугестија?
Претпоставувам мислите на Public Finance Review од 2018 година, кој зема период од десетина и повеќе години наназад за својата анализа. Сигурно алудирате на непродуктивните трошења, бидејќи ако зборуваме за инвестиции во патишта, училишта, болници, креирање вештини кај населението, задржување на квалитетниот кадар во земјава, иновации, претприемништво, тоа се добро инвестирани пари кои ќе креираат раст и фискална мултипликација. А знаете како е во бизнисот и економијата, оној кој не инвестира – евентуално ќе почне да губи.
Да одговорам на вашето прашање – да, мислам дека непродуктивните трошења треба да се сведат на минимум. На пример, во Буџетот за 2020 година значително намалени се оние ставки кои спаѓаат во непродуктивни трошења како мебел и автомобили – одобрени се средства само за неопходни работи, како на пример училишен мебел. Сепак имаме уште голем простор за рационализација, а ако гледаме позитивно тоа е добро затоа што значи дека ќе имаме простор за повеќе инвестиции кои ќе дадат поголем поврат, а со тоа поголем раст на економијата. Како пример тука би го споменала подоброто таргетирање на субвенциите во земјоделство – за што се потребни квалитетни реформи.
Сметам дека и структурата на буџетот треба да се менува, но ова е веќе на среден рок.
Ваша прва поголема промена во фискалната политика беше замрзнувањето на прогресивниот данок на доход, што беше дел од владината програма. Зошто овој даночен модел не ги даде посакуваните резултати?
Добро е кога оној кој е креатор на политиките, ги следи нивните резултати и презема корективни активности. Тоа претходно го немало и тоа е водење на одговорна политика.
Пред донесувањето на прогресивниот данок од бизнисите или создавачите на бруто домашниот производ имаше бројни критики и предочувања за последиците. Лично, исто така сметав дека не се создадени условите, бидејќи покрај ШТО, подеднакво важно е и КОГА (тајмингот) и КАКО (начинот). Зошто? затоа што најпрво треба да бидеме уверени дека сите плаќаат даноци, а исто така тоа треба да биде лесно за администрирање односно при минимален административен товар на граѓаните и бизнисите (а новите технологии тоа ни го овозможуваат). Верувам дека само така може да создадеме вистински праведен даночен систем. Предочувањата од бизнис заедницата исто така беа дека ќе има избегнување на повисокиот данок, особено заради можноста за лесно движење на капиталот во соседните земји како и префрлање на дел од доходот на други лица со искористување на легални можности што пак им одзема време на тие кои го создаваат бруто домашниот производ да се занимаваат со барање на начини за намалување на даночниот товар.
За таа цел Министерството за финансии беше фокусирано на анализа на ефектите од постојните даночни политики, или поконкретно, политиката на данок на личен доход и политиката на данок на додадена вредност со цел одлуките и следните чекори да ги донесеме базирани на на резултати од анализа, наоди и докази. Во анализата меѓу другото беше направена споредба на база на микро податоци на првите шест месеци од 2018 година и 2019 година односно пред и по воведувањето на прогресивниот и повисок данок на личен доход. Резултатите укажаа дека даночните обврзници го промениле своето однесување односно се случила фиктивна редистрибуција и избегнување на даночниот товар со префрлање на други лица дел од остварениот доход над лимитот и/или префрлање во други даночни системи.
За воведување на една ваква комплексна даночна реформа каква што е прогресивниот данок пред се потребно е да се исполнети предусловите меѓу кои – сите треба да го плаќаат својот фер дел од давачките (намалена сива економија), зајакната доверба во институциите и зголемен даночен морал, квалитетни услуги, едноставни процедури при минимален административен товар и едноставни разбирливи правила за сите.
Јас верувам дека фер оданочувањето може да даде добри општествено-економски ефекти и поправедно и поразвиено општество. Се разбира, доколку има оптимален дизајн, во чиј центар е домаќинството, донесен е во консултативен процес со сите засегнати страни, зајакнати се механизмите за елиминирање на сивата економија, подигната е довербата во институциите и намален е административниот товар.
Кои се клучните цели и приоритети на новата Стратегија за реформа на даночниот систем што деновиве ја претставивте пред бизнис, невладината и експертската заедница?
Стратегијата за реформа на даночниот систем е сеопфатен документ, работен подолг период во Министерството за финансии. Таа е поддржана од Делегацијата на Европската комисија и Министерството за финансии за Холандија. Истата има за цел да даде насоки за адресирање на повеќе прашања што ќе придонесе до поголема ефикасност и ефективност на системот јавни финансии, како сивата економија, економската нееднаквост, тешкотиите во собирањето на јавни приходи, софистицираните техники за избегнување данок, затајување на данок како и зголемувањето на ризиците врз животната средина.
Стратегијата содржи пет приоритети за креаторите на даночната политика и органите кои ги администрираат јавните приходи во периодот 2020-2023 година. Прв приоритет e поголема праведност во оданочувањето, со цел да се обезбеди секој да ја исполнува својата општествена обврска и да го плаќа својот праведен удел од данокот. За наредните три години, главниот фокус ќе биде воспоставување вертикална праведност, која може да се смета за пошироко решение од прогресивноста на даноците. Меѓу другите очекувани резултати се новодизајниран модел за праведно оданочување, имплементација на стандардите за спречување на ерозија на даночната основа и преместување на профитот.
Вториот приоритет е намалување на сивата економија и поголема ефикасност на даночниот систем за подобра наплата на приходите. Ова може да се оствари преку поефикасна борба против нерегистрираните дејности и затајување на данок, преку зајакнат институционален капацитет, анализа и доуредување на даночната основа, намалување на заостанатите даночни обврски и спроведување на регистар на вистински сопственици. Мерките за остварување на овој приоритет се засноваат на преглед на постојната даночна регулатива, воведување на напредни технологии, зајакнување на капацитетите на институциите, модернизација и автоматизација на работните процеси, засилена институционална координација, како и подобра соработка на меѓународно ниво.
Транспарентноста е секогаш меѓу главните приоритети, а исто така и квалитетот на услугите кои ги даваат институциите. И едниот и другиот приоритет можат да се реализираат преку користењето на технологии.
Петтиот приоритет е воведување зелено оданочување, со цел стимулирање на даночните обврзници преку давачките да придонесат за помало загадување, односно да се дестимулираат да загадуваат.
Ја презентиравме стратегијата пред бизнис, невладината и експертската заедница и имавме доста добар feedback од нив. Ќе посочам и дека ова е работен документ и дека во него се имплементираат сугестиите кои ги добивме на и по јавната дискусија.
Доаѓате од приватниот сектор каде повеќе од 8 години водевте свој бизнис. Кои беа најголемите проблеми со кои се соочувавте тогаш, а што посакавте да ги промените од оваа позиција? И како ви оди?
Велат “Не прашувај гаталец, прашај паталец”! Луѓето кои доаѓаат од реалниот сектор можат побргу да ги детектираат слабостите во системот, бидејќи секојдневно се соочуваат со нив. Еден од најважните мотиви, поради кои дојдов на оваа функција е да направам промени и да придонесам и за подобрување на работите. „Оној кој е доволно луд да мисли дека може да ги смени работите, е најчесто оној кој ги менува“, велеше Стив Џобс. Во интервју за Капитал во 2016 година впрочем ја споделив мојата визија за земјава, “дека сакам да живеам во е-држава…во земја каде сите процеси ќе бидат дигитализирани и сите ќе имаат еднакви права и шанси…во која на дружби ќе се зборува за интересни бизнис идеи наместо за политика. Сакам земјава да стане ефикасно, флексибилно и дигитализирано општество, кое што ќе ги стимулира и наградува вредната работа и знаењето, а не обратно”.
И покрај големиот ентузијазам, вложената енергија и работа промените не се прават лесно. Во овие речиси 6 месеци откако сум на функцијата, покрај основните и опсежни работи на ребалансот на Буџетот 2019 и донесувањето на Буџетот 2020 и многу други активности меѓу кои усогласување на сите закони со новиот закон за прекршоци и преговарање и потпишување на договорите за финансирање на бројни и значајни проекти, она што би издвоила од аспект на направени промени за олеснување и подобрување на бизнис климата е: Анализата и замрзнувањето на прогресивниот и повисок данок на личен доход; Кревање на прагот за ДДВ регистрација од 1 на 2 милиони; Укинување на сметкопотврдата како пропратен документ на фискалната сметка за користење на правото на одбивка на ДДВ до 6000 ден. (правдање трошоци); Кревањето на прагот за ослободување од царински давачки за мали пратки од 45 на 90 евра.; Потпишаниот меморандум заедно со МИОА за дигитален идентитет; Стратегијата за реформа на даночниот систем 2020-2023.
Понатаму во насока на борбата против сивата економија: Лансирањето на наградната игра МојДДВ #МојаНаграда во насока на засилување на борбата со сивата економија; Акцискиот план за сива економија кој наскоро ќе биде донесен, а кој се работи со засегнатите страни во изминатиот пат. Исто така моментално во соработка со НБРМ работиме на ревидирањето и креирањето на нов Акциски план за намалување на готовина.
Во насока на зголемувањето на транспаренстност и увидот на граѓаните врз трошењето на нивните пари лансиравме три портали и тоа: Порталот капитални инвестиции www.kapitalni-rashodi.finance.gov.mk на кој ги прикажуваме на месечно ниво реализацијата на капиталните инвестиции по буџетски корисници; Порталот Отворени финансии со кој го отворивме Трезорот за јавноста (започнат од кабинетот на министерот Тевдовски во соработка со IRI и USAID) и третиот и најновиот Порталот Јавен долг – транспарентно и отчетно и за јавниот долг, во функција на подобро информирање на јавноста, а инспириран меѓу другото и од бројните “манипулативни” вести. Ова е еден пример за “одговарање” на предизвик со солуција наместо непродуктивно губење време и енергија.
Во насока на почиста околина го донесовме првиот закон со еколошка компонента, Законот за данок на моторни возила.
Мојата заложба за промени во функција на решавање на проблеми ја спроведовме во Министерството за финансии уште на почетокот на стапување на функцијата преку воведување на онлајн формата Предложи иницијатива со кој на бизнисот му се даде можност, да посочи проблем и да даде идеја за промени, но јас пак ќе истакнам треба да се предложи и конкретно решение, да се посочат добри искуства од други земји.
Се работат и повеќе мерки за Doing Business. На пример, во текот на годината при регистрација на фирма во Централниот регистар ќе може да се регистрирате доброволно и за ДДВ обврзник. Со тоа на едно место ќе може да ги завршите сите формалности за регистрирање на фирма.
Генерално, што сметате дека треба уште повеќе да се подобри во бизнис климата, кои услови за водење бизнис треба да се подобрат за да се привлечат повеќе инвестиции, и домашни и странски?
За подобрувањето на бизнис климата веќе говорев од аспект на олеснување на административните процедури, ефикасна администрација и лесни и еднакви правила за сите.
Оттаму, треба да се работи на поедноставување на постапките, на скратување на бирократијата и процедурите. Понатаму, од особено значење за градењето на погодна бизнис околина е постоење на квалификувана работна сила, тоа е најголемиот предизвик на компаниите, односно секоја една индустрија има проблеми со наоѓање и задржување на кадар. Потребно е да се насочиме кон градење на квалификувана работна сила со вештини кои ќе ја следат промената во технологијата. Формалното образование мора да одговори на овој предизвик со квалитетни и итни реформи, но сепак тоа може да се овозможи на подолг рок. Во меѓувреме неформалното образование станува се поактуелно нудејќи ги новите вештини и обуки кои се потребни на пазарот на труд, на кои формалното образование не може да одговори со таа брзина. Соработката помеѓу академијата и бизнисот е исто така од големо значење.
Што се однесува до привлекувањето на странски инвестиции – потребно ни е мапирање на сите засегнати институции и нивна консолидација на активностите. Понатаму мислам дека имаме простор за диверзификација на странските инвестиции – привлекување на tech компании, компании во земјоделството кое има неискористен потенцијал и сл. Квалитетен комуникациски план за привлекување на странски инвестиции со употреба на новите технолошки алатки и промоција на можностите и многу важно добар тим кој тоа ќе го спроведе, ќе следи, анализира и презема соодветни чекори.
Дигитализацијата на институциите со силен фокус кон дигиталната писменост на населението, е исто така нешто на што треба да се делува.
Имаме огромен неискористен потенцијал во туризмот, особено во агротуризмот. Има одредени проекти во владата за зајакнување на угостителските капацитети, но сметам дека ни е потребен посилен фокус. Сметам дека можеме да бидеме флексибилни во следење на светските трендови како на пример да креираме стратегија за привлекување на дигитални номади – луѓе кои работат по 3-4 месеци низ различни земји во светот.
Позната сте како голем борец за дигитализација на економијата и општеството, па објаснете кои се (и ќе бидат) вашите клучни заложби и иницијативи од министерската позиција што ќе придонесат за поголема дигитализација на институциите и службите во рамки на самото Министерство за финансии, но и генерално, на ниво на домашната економија и општество? Во овој контекст може да објасните и за значењето на потпишаниот Мемордандум со Мастеркард – што конкретно ќе значи дигиталниот идентитет за македонските граѓани?
Верувам во потенцијалот на нашата мала земја – можеме брзо да се менуваме, адаптираме и да бидеме флексибилни. Ако сакаме – можеме! Едноставно, дигитализацијата може да ја смени брзината на целото оперативно работење во економијата. Правилната технологија заедно со правилната методологија навистина имаат потенцијал да ги донесат промените кои ни се потребни.
Можеме да се развиваме по најдобрите модели и практики, а верувам дека и ние самите можеме да бидеме пример за други земји. Јас би рекла дека се стремиме да станеме дигитални како Естонија, да бидеме ориентирани кон технологиите како Изразел, сектор кој придонесува до 40% во растот на БДП, да бидеме со развиен човечки капитал колку Сингапур, каде овој индекс изнесува 0.85, да имаме образование како Финска, здравство како Швајцарија.
Моите заложби и иницијативи за дигитализација на процесите во рамки на самото Министерство се повеќе бројни. На некои веќе се работи, а некои се во форма на концепти и идеи. Покрупен проект на кој се работи веќе долго време во Министерството е таканаречениот ИФМИС односно интегриран систем за управување со јавните финансии кој од корен ќе го промени начинот на водење на јавни финансии, а за кој предуслов е новиот Закон за буџети кој го споменав.
Има многу постојни процеси кои се од времето поставени и непроменети, кои според мене немаат оправданост и логика од денешна перспектива. Многу хартии, многу административни процедури, мануелна работа – се ова може да се замени со неколку кликови а ресурсите да се ослободат за позначајни и продуктивни работи. Дигитализирањето на процесите значи елиминирање на непотребните работи и скратување време, но и елиминирање на човечкиот фактор кој за разлика од компјутерот може да носи понекогаш пристрасни одлуки.
Истото важи на пример за други процеси во рамки на Царинската управа и Управата за јавни приходи. Во акцискиот план за сива економија кој наскоро ќе го објавиме на пример се содржани мерки како Е-инспектор и Е-фискализација за е-трговците и слично.
Веќе живееме во “Е-свет” и тоа е реалноста. Tака е-трговијта отвора нови можности за земјите во развој, за раст на домашните компании, особено малите и средните компании. На пример, наместо лон производство кое доминира кај домашните текстилни компании, тие може да ги пласираат своите производи директно до крајните купувачи онлајн. Но за да може да ги искористат можностите потребни се капацитети и вештини. И тука државата треба да одигра улога за да им даде крилја на домашните компании, да додадат значајна вредност на нивните производи и да ги пласираат на странски пазари.
Голем е потенцијалот за додавање на вредност и во земјоделството со модернизација на процесите и вклучување на претприемачите за производство на финални производи со додадена вредност.
Понатаму за домашната економија сметам дека треба да го искористиме потенцијалот на “креативна економија” во чија суштина се технологиите, човечката креативност, интелектуалната сопственост и знаењето. Треба да се размислува во оваа насока, бидејќи „креативната економија“ е онаа која креира додадена вредност, нови работни места, која создава можности за инклузија на маргинализирани категории и жените.
Со Меморандумот кој го потпишавме со министерот за информатичко општество и администрација со „Мастеркард“ се обезбедува инфраструктура за развој на дигитален идентитет, што е од особено значење за развивањето на е-културата и е-општеството во земјава. Граѓаните, фирмите во земјава нема да имаат веќе потреба да користат усб, хартиени документи, физичко присуство за идентификација кај јавните или приватните установи. Доволно ќе биде да симнете апликација на вашиот мобилен уред, да го скенирате вашиот личен документ, на пример, вашата лична карта или пасош – апликацијата ги проверува вашите податоци, камерата на мобилниот се вклучува за проверка и преку уредот се идентификувате.
Во некои земји, дигиталниот идентитет е целосно консолидиран и има примена во секојдневниот живот со крајна цел олеснување на сите постапки. На пример, им овозможува на своите граѓани да гласаат, да купуваат билети за јавен превоз, да шифрираат е-пошта, да го обноват пасошот, да пристапуваат до нивните медицински досиеја, да потпишат документи и да изведуваат скоро било кој вид административно управување преку Интернет, каде било и во секое време. Најрепрезентативен пример е Естонија, која од 2002 година го воведе системот за дигитална идентификација, заснована врз националниот регистар и националниот документ за дигитален идентитет, преку кој сите услуги се дигитализирани, единствено дигитално не можете да се венчате, разведете и купите имот. Значењето на ваквата технологија за економијата и услугите кои им се нудат на граѓаните од јавните и приватните субјекти е огромна.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×