Ништо од „Јас сум Шарли“ дури ЕУ разликува Европјани со големо и со мало „Е“
Објавено на од во Политика

Никој и не помислува да го објасни поинаку освен како ѕверство во име на крајно изопаченото поимање на верата, стореното од браќата Куаши, но, прашањето како да се отстрани терористичката закана не може да не се разгледува и низ причините кои европскиот демократски свет го прават поизложен во овој контекст, а кои, пред сѐ, треба да се бараат во политиките на предводниците на западниот систем

Со милионски масовниот Марш на Републиката, светот кој се смета за слободен, космополитски и демократски, одговори на масакрот во кој исламски екстремисти убија дванаесет луѓе во редакцијата на сатиричниот француски неделник Шарли ебдо, и уште петмина, меѓу кои четворица Евреи, во тродневното крвопролевање во Париз. Солидарно се бранеше слободата на изразувањето, и уште еднаш му се кажа одлучно „не“ на тероризмот, но, откако ќе помине шокот, го очекуваме и одговорот на предизвикот што трагичниот настан го постави за автентичноста на вредностите на европската демократија, како плурализмот, почитувањето на различноста, правната држава, слободата на остварувањето на основните права …

Никој и не помислува да го објасни поинаку освен како ѕверство во име на крајно изопаченото поимање на верата, стореното од браќата Куаши, но, прашањето како да се отстрани терористичката закана не може да не се разгледува и низ причините кои европскиот демократски свет го прават поизложен во овој контекст, а кои, пред сѐ, треба да се бараат во политиките на предводниците на западниот систем. Овде, секако, први паѓаат на памет трансатланските „замешателства“ на Блискиот исток и учеството на Франција во воената кампања против ИДИС.

Но, треба да се потсети и дека убиствата во Шарли ебдо се случија на фонот на растечката ксенофобија во Европа, чиј симболички врв, односно дно, беше постигнат одвај неколку дена пред масакрот во Париз, кога градоначалникот на францускиот град Шамплон, Кристијан Леклер, одби да обезбеди гробно место за починато ромско девојче, зашто семејството не можело да плати, а, како што образложи споменатиот градоначалник – „на гробиштата се плаќа, и тоа многу скапо“. На оваа линија министерот за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчек, предупреди дека во Франција не може да се зборува за верска војна со исламот, туку оти за насилството во Париз се виновни наивните мултикултурни проекти и лошата имиграциска политика.

„Корените, пред сѐ, се економски и социјални, и фрустрацијата што од тоа произлегува го прави поединецот подложен на манупулирање. Ако постојат заедници кои чувствуваат дека социјално и економски се на маргината на општеството, имате средина кадешто може да се случи радикализација“, изјави Лајчек. Шефот на словачката дипломатија неспорно мисли на европската миграциска политика со која „до вчера“ се увезуваше ефтина работна сила, но, по светската економска криза, иако некои од доселениците сменија генерации подигајќи свои семејства, кога истите на Европјаните почнаа да им претставуваат конкуренција поради недостигот на работни места, „вистинските“ Германци, Французи, Британци … посакаа да ги вратат „гастарбајтерите“ од каде што дошле. Овде немаме намера да го спориме правото, односно односот на Европејците кон доселениците, што никогаш нема да им дозволи на последниве да се чувствуваат како Европејци, а камо ли како Германци, Французи или Британци. Туку, како што понатаму се вели во цитираната изјава на Лајчек, Европјаните „треба(ло) да внимаваат кого пуштаат да живее на нивна територија“.

Стравувањата се дека масакрот во Шарли ебдо (ќе) им дојде како порачан на заинтересираните да ја искористат заканата од екстремниот ислам за грубо (со опасен домино ефект) да расчистат со проблемот со имиграцијата од која најголем дел нема никаква врска со целите на ИДИС, Ал Каеда или Коросан. И ќе беше сѐ во ред ако ова стравување се однесуваше само на опасноста од злоупотреба на емоциите на граѓаните по кои најотворено посегнаа ултра-десничарите и неофашистите во Европа, чие лице и опачина најдобро го покажува рекордната масовност на протестите на Пегида (Европјани против исламизацијата на Западот), дрезденското движење со ксенофобични ставови за муслиманските, но, и за сите други имигранти. Најмоќната жена на светот, а, секако, неприкосновениот прв човек на Европа, германската канцеларка Ангела Меркел, со своите ставови по контекстните прашања досега оставаше впечаток дека е поблиску до Пегида, отколку до анти-Пегида, кои, за волја на вистината, ги коригираше по трагедијата во Франција, што, ако не остане само декларативно, можеби ќе значи избегнување на најцрните сценарија што ги најави масакрот, или чиј катализатор некои сакаат да биде застанувањето зад „Јас сум Шарли“ и на неофашистите.

Меркел го погреба, па, ќе го оживува мултикултурализмот?

Германската канцеларка, Ангела Меркел, уште во 2010 прогласи фијаско на мултикултурниот концепт според кој се очекуваше дека „луѓето можат да живеат среќни едни покрај други“. Ваквиот нејзин став тогаш се надоврза на расправата што во германското општество се поведе за улогата на имигрантите предизвикана од изјавата на поранешниот член на управата на Бундесбанката,Тило Саразин, дека „муслиманите го подриваат германското општество“. Во Германија живеат четири милиони муслимани (воглавно Турци) и 16 милиони луѓе со емигрантско потекло.

Тогаш можеше многу да се прочита меѓу редови кога канцеларката која претходно велеше дека „џамиите стануваат составен дел од германскиот пејзаж“, изјави оти „барањето доселениците да го научат што подобро германскиот јазик за на пазарот на труд да имаат повеќе можности, е потполно правилно и оправдано“. Во истата пригода таа побара одомаќените (во Германија) гастарбајтери да ги прифатат христијанските вредности и да ги почитуваат германските закони и култура. Во истиот период, пак, фондацијата Фридрих Еберт објави резултати од истражување според кои ксенофобијата во Германија е силно порасната, односно, над третина од испитаниците одговориле дека во моментот кога ќе почне да снемува работни места, имигрантите треба да се вратат во земјите од коишто дошле. Истото истражување покажа дека скоро 60% од Германците сметаат оти на муслиманите треба да им се ограничи дури и верската служба. Со свој коментар по поводот тогаш се огласи основачот на американската агенција за стратешки анализи „Стратфор“, Џорџ Фридман, кој истакна дека мултикултурализмот за Европјаните очигледно не претставувал либерален и хуман респект кон другите култури, како што се прикажувал.

„Понудата на мултикултурализмот беше големо условување кое значеше обезбедување на лојалноста на имигрантите во замена за зачувувањето на нивната култура. Затоа мултикултурализмот резултираше со постојано отуѓување на имигрантите. Тие сѐ повеќе се идентификуваа со земјата од која доаѓаат, отколку со Германија. На пример, Турција беше дом. Германија беше погодност. Затоа му беа лојални на својот дом (на Турција), а не на Германија“.

Дека е на висината на задачата, чија тежина ја одреди парискиот масакр, Меркел (заедно со претседателот на Германија, Јоаким Гаук) покажа на собирот во Берлин, организиран од муслиманските здруженија поради промоција на толеранцијата и верските слободи во земјата (како одговор на антиисламските протести на Пегида). Во реториката на канцеларката и претседателот очигледен беше притисокот на париското крвопролевање, па, последниот во пригодата изјави дека „сите сме Германија“. Гаук истакна дека „Германија стана поразнолика благодарение на имиграцијата – религиски, културно и по менталитет, и оти таквата различност ја направи земјата богата, интересна и допадлива“.

Меркел се надоврза со изјава дека „за омразата, расизмот и екстремизмот нема место во Германија, која е држава заснована на демократија, толеранција и отвореност кон светот“. Јасно е дека Европската унија, ако сака да ги отелотвори споменатите заложби, треба во соодветна мера да го примени американското поимање на нацијата (САД во поголем дел од својата историја, разбирливо, се доживуваа како нација на имигранти), каде што прифаќањето на американските вредности и култура секого може да го направи Американец. Таму се стимулира негувањето на идентитетот поврзан со потеклото, но, само ако некои вредности се делат во име на припадноста на американската нација. За разлика од Европа, кадешто нацијата се дефинира преку националната припадност, што, пак, го прави невозможен мултикултурализмот, од кој германската канцеларка се откажа, водена од општествени, следствено и политички причини, а, не дај Боже, и историски.

Недозволив е, како ксенофобично запалив, апелот на германскиот министер за внатрешни работи, Томас Де Мезие, до Германците, дека треба да бидат крајно внимателни „бидејќи во Германија се активни повеќе од кога и да е, поединци и организации кои се подготвени да ја загрозат нејзината безбедност“. Со вакви изјави само се создава паника кај населението (и поддршка за Пегида), а ако некој треба да биде крајно внимателен, тоа треба да бидат безбедносните служби. Зашто станува збор за граѓани (Европјани) кои не поради имигрантите (чиј раст на бројноста е резултат на кризата што ја создаде Западот), со 60% сметаат дека нивните деца нема да живеат во истата благосостојба како нив, како родителите. Јасно е каде води поддржувањето на тезата дека за оваа негативна перспектива се виновни оние кои по подобар живот отишле на Запад.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×