Нова можност за финансирање на македонските стартапи: Почна да функционира crowdfunding платформата Funderbeam во земјава  
Објавено на од во Компании
Од денес во Македонија постои нова можност за финансирање на стартапи и компании во рана фаза на развој, преку crowdfunding платформата Funderbeam, којашто станува оперативна откако Македонска берза и компанијата Funderbeam SEE потпишаа договор за стратешко партнерство и ги завршија сите потребни подготовки.
IMG_20190605_152113
Пред голем број заинтересирани претприемачи, актуелнии  потенцијални инвеститори, како и сите останати инволвирани во домашниот стартап екосистем, Funderbeam беше претставена вчера во Скопје од страна на менаџментот на Македонска берза, Funderbeam SEE, како и Загрепска берза, институција којашто прва во регионов ги препозна можностите на Funderbeam.
„Со оглед дека во земјава нема функционални crowdfunding платформи, решивме да го примениме искуството од Хрватска, каде што Загрепската берза пред неколку години почна да соработува со иновативната меѓународна платформа Funderbeam, со цел да идентификуваме стартапи, но и позрели компании, што би можеле да приберат свеж капитал преку crowdfunding концептот, а потоа инвеститорите во нив да се стекнат со евентуални добивки во зависност од нивните перформанси.Поради овие причини Берзата потпиша договор и ја формализира соработката со друштвото Funderbeam SEE, регистрирано во Хрватска.Ова друштво е членка на групацијата Funderbeam Market Limited лиценцирана за давање на инвестициски услуги од соодветниот регулатор во Велика Британија. Иницијално почетоците на Funderbeam се во Естонија, a досега во регионов е оперативна во Словенија и Хрватска“, рече Инван Штериев, извршен директор на Македонска берза. Тој додаде дека има неколку главни придобивки што ги очекуваат од функционирањето на Funderbeam.
„Прво, сакаме да придонесеме кон зголемување на културата на овој тип вложувања, односно небанкарско финансирање на развојот на компаниите. Со тоа што ќе им помагаме на малите домашни фирми да пораснат преку полесно финансирање, се надеваме  дека со тек на време некои од нив ќе станат природни кандидати за котација на берза, како акционерски друштва. И на крајот, секако, отвораме и некоја дополнителна линија на приходи за нас, како берза.“, истакна Штериев.
Ивана Гажиќ, претседател на Управата на Загрепска берза раскажа за искуството на Хрватска со Funderbeam, којашто функционира од 2016 година на нивниот пазар. Досега 9 компании направиле кампања за прибирање средства преку оваа платформа, прибрани се вкупно 4,5 милиони евра од вкупно 1.500 инвеститори од цел свет.
Презентацијата на стартапите што бараат финансиери преку Funderberam, како што објасни Гажиќ, односно нивните кампањи, изгледаат како мали IPO-a, односно доколку компанијата смета дека има добра идеја, бизнис модел, продукт или услуга наоѓа т.н. водечки инвеститор, обично искусен претприемач којшто и самиот верува во проектот и веќе инвестирал во него, којшто им помага на претприемачите да се презентираат преку онлајн платформата.
Првата кампања во Хрватска била на стартапот Include, којшто се прочу во регионот и пошироко со своите паметни клупи, а преку Funderbream успеа да собере над 400 илјади евра.
“Иван е 22 годишен претприемач од едно мало место крај Сплит којшто на првиот состанок со нас дојде со автобус во Загреб, кога имаше едвај 19 години. Сега неговата компанија извезува во преку 40 земји во светот, и тоа чувство дека можете некому истовремено да му пружите финансирање алтернативно од банкарското и да го образувате како да разговара со инвеститори е навистина уникатно. Include за околу еден месец ќе ја прибира својата втора рунда инвестиции, сега целта се три милиони евра. Овој стартап за отприлика две години од сега би можел да излезе и на берза. Ако од сите овие стартапи за некоја година успееме да направиме 2-3 да излезат на берза, мислам дека сме ја оствариле нашата цел“, рече директорката на Загрепска берза, Гажиќ.
Како изгледа процесот на пласирање на компаниите на Funderbeam
Директорот на Funderbeam SEE со седиште во Загреб, Дамир Бичаниќ, ја објасни технологијата на функционирање на Funderbeam:
„Во принцип, Funderbeam има сопствен процес на филтрирање која компанија може да пристапи на платформата и да се обиде да прибере капитал. Ние не ја ставаме која било компанија на платформата, туку ќе има првична проценка дали фирмата има развиено прототип за својот производ, односно до која фаза во развојот на бизнисот е стигнато. Битно е дека не се финансираат идеи, туку треба да постои регистриран фирма. Ако се оцени дека фирмата има потенцијал да се стави на платформата, тогаш претприемачите во содејство со некој што Funderbeam го нарекува водечки инвеститор, своевиден ментор, човек со успешни деловни проекти или бизнис background зад себе, заедно ја претставуваат идејата пред сите инвеститори на Funderbeam, односно почнуваат т.н. инвестициска кампања. Тоа е проследено со соодветно промо видео со кое се објаснува т.н. business case. Инвеститорите индицираат дали имаат интерес и потоа Funderbeam им пристапува и ги прашува дали се дефинитивно заинтересирани, па во тој случај уплаќаат средства на сметка на специјална компанија (SPV – Special Purpose Vehicle) што се формира во државата во која работи Funderbeam и која би станала ко – сопственик во македонската компанија што сака да прибере парични средства. Tој SPV практично претставува единствен нов сопственик којшто настапува пред сите инвеститори кои вложиле во македонската компанија. Со тоа стартапот што е во потрага по финансиери нема да треба да комуницира со десетици или стотици нови инвеститори, туку со еден кој ќе ги застапува нивните интереси и ќе му помага преку менторство на стартапот. Минималното вложување за поединечен мал инвеститор во еден стартап преку платформата изнесува 100 евра. Платформата користи blockchain технологија, а вложувањата на инвеститорите претставуваат дигитални записи, односно токени. На пример, за 100 евра вложени се добиваат 100 токени, со коишто потоа може и да се тргува преку Funderbeam, односно иницијалните вложувачи може слободно да ги продаваат своите инвестиции (токени), доколку сакаат и доколку има заинтересирани купувачи.“, објасни Бичаниќ пред присутните.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×