Новинарството не умира, само доаѓа времето на вистинските истражувачи!
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

 „Капитал“ имаше можност да престојува речиси цел месец низ повеќе американски градови и низ сите нив преку обуките за истражувачко новинарство да се запознае со аспектите коишто го сместуваат американското новинарство меѓу водечките во светот. Каква е иднината на медиумскиот бизнис? Што со финансиската криза којашто ги тресе и најголемите светски медиумски организации? Има ли печатот иднина? Дали радиото навистина е мртво? Како социјалните мрежи го менуваат поимот за новинарство во овие денови? На сите овие прашања „Капитал“ разговараше со главни уредници на највлијателните американски весници, професори по новинарство и колеги од САД, но и од сите останати континети, на образовната програма финансирана од Стејт Департментот за „ѕвезди во подем“ во новинарството низ светот.

 

„Aко првиот амандман значи нешто, тоа е дека државата не смее да му кажува на граѓанинот кој седи во својот дом какви книги да чита, каква телевизија да гледа и како да размислува“.

Со овие зборови поранешниот судија во Врховниот Суд на Соединетите Американски Држави Тургуд Маршал го има опишано првиот амандман на американскиот Устав, според којшто се гарантира човековата слобода на говор, на религија и слободата на печатот.

Не мора да сте новинар, за уште при првата посета на САД токму слободата да биде зборот којшто ќе ви помине низ глава. Оваа држава и пред се ова општество едноставно почива врз слободи. Далеку од САД, ова можеби и изгледа како клише, но само неколку посети на американски медиуми, неколку разговори со американски функционери (актуелни и поранешни) и неколку предавања од професорите на врвните американски универзитети се доволни за да сфатите дека тука слободата има највисоко место на хиерахријата на вредности и дека ниту еден американски интелектуалец нема да прифати да му биде наметнато мислење или став сосила.

„Капитал“ имаше можност да престојува речиси цел месец низ повеќе американски градови (Вашингтон, Денвер, Сан Франциско и Сиетл) и низ сите нив преку обуките за истражувачко новинарство да се запознае со аспектите коишто го сместуваат американското новинарство меѓу водечките во светот. Каква е иднината на медиумскиот бизнис? Што со финансиската криза којашто ги тресе и најголемите светски медиумски организации? Има ли печатот иднина? Дали радиото навистина е мртво? Како социјалните мрежи го менуваат поимот за новинарство во овие денови? На сите овие прашања „Капитал“ разговараше со главни уредници на највлијателните американски весници, професори по новинарство и колеги од САД, но и од сите останати континети, на образовната програма финансирана од Стејт Департментот за „ѕвезди во подем“ во новинарството низ светот.

 

Нема политички, но и тоа како има притисок од бизнисот

„Ако Владата одлучи што треба медиумот да објави, тоа е цензура! Ако медиумот одлучи, тоа е уредувачка политика. Се додека владата ги држи настрана рацете од уредниците, можеме да зборуваме за уредувачка. Се друго е владина политика“. Вака поранешниот главен уредник на „Сиетл Тајмс“ Мајк Фенчер ја дефинира разликата помеѓу она што е слободна мисла на медиумот и она што е наметнат став од некаде погоре главно од владините центри на моќ. Со г. Фенчер разговаравме во Сиетл, на состанок на којшто токму главната тема ни беше слободата на говор. Заедно со него беа и многу други новинари од овој град, претставници на невладини организации и професори. Што значи независно, а што професионално новинарство, го прашуваме г. Фенчер, а тој го одговара:

„Независно новинарство практикуваат само фриленсерите. Да не се залажуваме дека вработен во медиумска корпорација може да сонува за независност. Независноста е поврзана секогаш со финансиите и изворите на приходи. Она што загрижува е кога условно речено „зависните новинари“ стануваат и непрофесионални, па ставот на редакциите којшто го презентираат го презентираат преку класична пропаганда. Светските стандарди на пишување едноставно мора да се почитуваат и тука нема компромис без разлика дали сте финансиски зависен или самостоен новинар“ вели тој.

Во Вашингтон на оваа тема разговаравме со еден од најпознатите американски истражувачки новинари, легендата на американското современо новинарство Чарлс Луис, којшто после успешната кариера во „Вашингтон пост“, се одлучува да основа еден сопствен проект – го формира „Центарот за јавен интегритет“, што е новинарска организација која се занимава исклучиво со истражувачко новинарство и објавува случаи на корупција и криминал низ светот. Луис е познат и како одличен автор, а неговата книга „Орвел се превртува во гроб“ од 2005-та стана бест-селер во рекордно време. Оваа година тој ја објави својата нова книга „935 лаги – Иднината на вистината и падот на американскиот морален интегритет“ којашто ја промовираше токму додека ние бевме таму. Луис, од кого навистина многу може да се научи ги посочува проблемите во американскиот „новинарски рај“. Од него, но и воопшто буквално од сите наши соговорници во САД можевме да заклучиме дека нашите американски колеги тешко успеваат да сфатат што е тоа политички притисок. Во држава во која има две главни партии и медиуми со строго дефинирана уредувачка политика, новинарите ретко или никогаш не се соочуваат со повици од партија, со закани од политички функционери, а најмалку со тужби.

„Не, не… Сигурно не станува збор за политички притисок од тој тип којшто се забележува во некои други земји. Но, не заборавајте ова е капитализам. Притисокот којшто нашите новинари го трпат е економски и пред се доаѓа од финансиерите. Доаѓа не од партиите, туку од големите бизниси, компании кои даваат пари за реклами, фирми… Притисокот е ист, можеби изворот е различен. Иако секако, се случува, особено кога има кампања да има и политички притисоци.“ вели тој.

 

Не доаѓа крај, туку рај за истражувачкото новинарство

Интересно е што Луис отвора и една нова димензија – за состојбата со истражувачкото новинарство во светот и неговата иднина, виза ви ваквите притисоци, но пред се и виза ви падот на квалитетот на медиумските производи:

„Без разлика во која држава сте, сведочиме за еден општ пад на новинарските стандарди. Текстови напишани без душа, без никаква содржина, слепо копирање, брзи и неточни информации, небитни вести и сензационализам, се тоа на сметка на објективното информирања за она што е навистина важно. Скептик сум. Не знам како оваа ситуација ќе се развива. Но факт е дека се повеќе се удира по она што е вистинско новинарство и информирање. Истражувачки стории се помалку, редакциите се кратат, платите исто така. Ова стана „фаст-фуд“ бизнис. Нула квалитет и голем квантитет на небитни информации“ вели тој.
Уредникот на „Денвер пост“ за истражувачко новинарство Грег Грифин вели дека и неговата редакција се соочува со овој проблем:
„Да, околу 100 колеги од мојот медиум во последните години изгубија работа. Едноставно се кратат трошоци. Тоа не може да не се одрази на квалитетот на работа. Во Денвер, освен „Денвер Пост“ до пред три години имаше уште еден весник „Колорадо“, но тие не издржаа под притисокот на кризата и пропаднаа. Нивната пропаст многу лично ја доживеавме и ние. Тие ни беа конкуренција, но и поттик. Мислам дека кога тие постоеја и ние бевме подобри. Новинарството е мрежа, не можеш да си добар ако си изолиран“ вели тој.

Но, за разлика од овие песимистички согледувања, долгогодишниот професор по новинарство на Метрополитен Стејт Универзитет во Денвер, Кип Воткинс има сосема друга теорија. Тој е согласен дека ова се тешки времиња за новинарството, но дека токму во црнила се гледа и најголемата светлина:

„Не се согласувам дека иднината е мрачна. Ова е најдобро време да се биде истражувачки новинар. Затоа што тоа е реткост. А се што е ретко е богатство само по себе. Во ова море на неквалитет, ваше е да се наметнете. Токму сега се петте минути за секој добар медиум. Сега лесно ќе ве препознаат“ вели тој.

На прашањето дали има иднина во бизнисот со печатено новинарство и дали воопшто на весниците им се заканува крај со се поактуелните социјални медиуми и интернетот, тој презентира една интересна паралела:

„Никако. Па 50 години сите го умираат радиото,од кога се појави телевизијата. Погледнете дали радиото е мртво? Не е. Нема теорија да пропадне печатот. Секогаш ќе има луѓе кои сакаат квалитетно четиво и тоа во хард копи верзија. Има убавина во тоа. Секогаш ќе има луѓе кои нема да сакаат да голтаат евтини, брзи и кратки информации само од интернет. Ќе бараат анализа, коментар, истражувачка сторија. Нив да им се обраќате“ вели тој.

 

 Новинарство со ефект – кога има злосторство има и казна

Она што е импресивно во американското новинарство и покрај сите негови проблеми е ефектот којшто го предизвикува во општеството. Сите новинари велат дека аферата „Вотергејт“ којашто резултираше со пад на претседателот Никсон е пресврт во истражувачкото новинарство. Од тогаш па се до денеска милион се примерите во којшто после објавена сторија во медиум за корупција или скандал во работата на даден функционер имало сериозни импликации врз неговата понатамошна кариера. Тој или бидува сменет од функцијата, или не добива следен мандат (гласачите го казнуваат) или оди во затвор доколку се докаже дека сторил и кривично дело (најчесто злоупотреба на државните пари за лични или партиски цели). Така, во Денвер на состанок со една невладина организација „Етик Вач“ којашто работи на сузбивање на корупцијата, ни беше презентиран еден ваков случај. Функционер од Денвер на крај на годината имал 12 илајди долари вишок во касата и му наредил на сметководителот да му напише чек на негово лично име, што значи 12 илјади долари потрошил за лични цели. Следната година на истиот гувернер му останале 900 долари повеќе во касата и со тие пари тој купил авионски билет за да присуствува на конференција на Републиканската партија (чијшто член бил) во Њујорк. Значи ги потрошил за партиски цели. Се на се – проневерил околу 13 илјади долари. Организацијата „Етик Вач“ го отвора случајот и според законот истиот го разгледува комисија од 5 члена. Двајца републиканци, двајца демократи и еден независен член.

„Што мислите како гласаа?“ не прашува Пег Перл, претседател Организацијата.

„Три спрема два дека е виновен“ велиме како од пушка сите.

„Не, пет спрема нула и тој мораше да одговара“ вели таа и на сите ни станува јасно дека вистинската вредност на овој систем е тоа што законот е над се и над секого, а правдата далеку од селективна. Во вакви услови, Перл вели, лесно им е на новинарите:

„Тие соработуваат со нас, ни даваат и ние ним им даваме информации, до информациите лесно се стасува оти има закон за слободен пристап до нив. Се е јавно, а особено е јавно секое трошење на народните пари. Затоа и не може да има тужби за новинарите. Тие имаат документи. Ако некоја институција не сака да даде документи, Судот ќе и нареди и крај – мора да ги даде“ вели таа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×