Обама во годишното обраќање: Приказните за економскиот пад на Америка се политички измислици
Објавено на од во СВЕТ-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Во своето вчера одржано годишно обраќање, „За состојбата на Унијата“, претседателот на САД, Барак Обама, се обиде да ги успокои стравувањата на Американците за состојбата во економијата, за безбедноста, истовремено напаѓајќи некои од најострите тези во контекстот, што ги застапуваат републиканските кандидати за номинација за претседателските избори. Обама рече дека „една од малкуте работи за кои жали“, сумирајќи го досега постигнатото откако е претседател, е што американската политика дошла во состојба на длабока поделба и како таква не успевала да одговори на очекувањата на граѓаните. Одговарајќи му на Доналд Трамп, Обама рече дека САД ја почитува својата политика на толеранција: „Треба да ја отфрлиме секоја политика што ги напаѓа луѓето само поради расата или нивната религија. Тука не станува збор за политичка коректност, туку за тоа да сфатиме што нѐ прави силни“.

Говорејќи, во контекстот, за безбедносните закани, Обама рече дека одговорот на Америка треба да е „нешто повеќе од силни зборови и повици за бомби против цивили“. „Не можеме да си дозволиме да одиме по тој пат што нема да ни ја подобри економијата или безбедноста, и што противречи на сѐ она за што светот ни завидува“, рече претседателот на САД. За надворешната политика Обама ја повтори неговата позната позиција дека САД не може да се изолира од случувањата во светот, но оти учеството во нив треба да биде преку градење широки сојузи и со фокус на проблемите во ерата после студената војна, како трговијата, борбата со епидемии, со тероризмот, ограничувањето на климатските промени.

„Мисијата на Америка е да го направи светот побезбеден, но без да се претвора во светски полицаец. САД не можат да се обидуваат да ја подигнат секоја држава што е во криза, зашто тоа не е однесување на лидер, туку рецепт за хаос, за пролевање американска крв, што во крајна линија ќе нѐ ослаби, за што имаме поуки од Виетнам и од Ирак што досега требаше да ги научиме“, рече Обама.

Цели на надворешната политика што ги најави за 2016 се тргнување на трговското ембарго против Куба, барање од Конгресот да дозволи употреба на воена сила против Исламската држава, а на внатрешен план претседателот ќе се залага за раширување на опфатот на даночните олеснувања за личните доходи, за подостапни колеџи, за зголемување на минималната плата, за ремонт на имигрантскиот систем.

„Сите приказни за економскиот пад на Америка се политички измислици. Истото важи за ставовите дека непријателите ни стануваат посилни, а ние послаби. САД се најсилната држава во светот. Точка“, рече Обама.

Една од најамбициозните потфати што ги најави американскиот претседател во годишното обраќање е намерата да биде победен ракот со јавни и приватни ресурси, и со капацитетот на САД за иновации. Овој проект Обама по големина го спореди со американската вселенска програма за летови до Месечината, и на потпретседателот Џо Бајден му наложи да „раководи со мисијата“.  (на Бајден лани му почина синот кој беше болен од рак на мозокот).

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×