Образовна де(ре)конструкција
Објавено на од во Колумни

Имате елементарно неписмени основци, невиден хаос во средните училишта, универзитети претворени во фабрики за дипломи, што не може да се рангираат ниту во 500 светски најдобри, и конечно сериозен пакет образовни реформи со Стратегија што почна да се спроведува. Што правите во ваков случај? Многу јасно – сменете ја министерката! Нека почне се’ од почеток… до следната реконструкција. 

Катерина Синадиновска

„Образованието е најевтина, а најсилна одбрана на една земја“ Едмунд Берк, политичар и филозоф

Sinadinovska

 

 

 

 

 

 

 

Списокот со просечните оценки на сите средни училишта на ниво на Македонија, што вчера го објави „Факултети.мк“, покажува дека лани само во едно училиште, скопската гимназија „Орце Николов“, таа оценка е над четворка –  4,18. Сите други средни училишта во земјава не можат да стасаат ни до средна четворка, а за петка да не зборуваме, но она што е далеку попоразително е дека тешко стасуваат и до тројка. Повеќе од половина училишта во Скопје имаат средна оценка под тројка, иста е состојбата и со другите градови, а во Тетово, каде што  ситуацијата е најалармантна просекот го вадат само средното музичко училиште и гимназијата, додека оценките на учениците од сите останати училишта, вредат нешто повеќе од два.

За сликата да биде поцелосна, тука се и стравотните резултати од ПИСА тестовите (Меѓународна програма за оценка на учениците) за основните училишта. Новото тестирање е во тек, а последното покажа дека во цела Македонија само 25 проценти од учениците се способни да читаат и да ги разберат училишните текстови. Овој процент значи дека децата во основното образование не го поминуваат ниту просечното пропишано ниво од страна на Организацијата за економска соработка и развој или поинаку кажано значи дека дури три четвртини од децата ни се елементарно неписмени. Елементарно неписмени.

Овие деца, со вакви перформанси, понатаму одат на факултет (каков парадокс, паралелно со оваа функционална неписменост расте бројот на запишани по универзитетите), а ако ја цитираме министерката за образование, Рената Дескоска, таму во тие „фабрики за дипломи“ за какви што важат македонските универзитети, овие деца тие парчиња хартија и ги добиваат.  Потоа, така полни со хартија, а празни со знаење, тие се вработуваат и ќе треба да ги водат државата и општеството, јавниот и приватниот сектор.

Дескоска во своето последно интервју за „Независен“ најави дека следува силен бран на реформи. Се стопираше „Кембриџ програмата“, најавени се измени на Законот за средно образование, се менуваат наставните програми и учебниците, ќе се воведува т.н „дуално стручно образование“ (за да се поврзат стручните училишта со стопанството)… Дополнително, Дескоска не застана тука. Најави и комплетна трансформација на високото образование, процес што главно треба да се одвива преку една нова Агенција на квалитет, институција, што, како што вели министерката, ќе им стави крај на незаслужените дипломи што не’ преплавија после катастрофалните политики за универзитет во секое селце.

„Мора да ставиме крај на корпоративниот пристап во образованието. Мора да оцениме дали она што факултетите го имаат на хартија – го имаат во своите предавални пред студентите. Околу поефикасното спречување и заштитата од корупција, универзитетскиот Сенат од редот на редовните професори ќе избира овластено лице за прием на пријави за корупција. Секако, механизмите се предвидени, но предизвикот што е пред нас е имплементацијата на законот.“ најавува Дескоска.

Стратегијата на министерството за образование всушност се однесува на период до 2025 година и кога ќе се фрли само еден поглед на моменталната состојба во образованието од една страна и на плановите и најавите од Дескоска од друга, се наметнува едно логично прашање – зошто токму оваа министерка мора да ја напушти функцијата сега? Рената Дескоска како што јавуваат медиумите е опфатена од „бранот на реконструкција“ иако со нејзината работа немаше поврзано никакви скандали карактеристични за нејзините претходници во ресорот. Напротив. Се чинеше дека конечно во образованието имаме човек кој системски и систематски, со визија и со знаење планира чекор по чекор да ја средува областа. Од неа лично и од нејзините политички и менаџерски, министерски перформанси се очигледно задоволни и во партискиот врв, таа не добива „клоца“ туку само друга фотелја – ја преместуваат во правда. Изгледа планот е и таму да почне да средува, пред да биде опфатена од некој следен нов реконструкциски бран. На местото на Дескоска доаѓа Абер Адеми, професор на Правниот факултет од Универзитетот од Тетово (токму еден од оние со репутација на фабрика). Адеми беше и вицепремиер за европски прашања (2016 – 2017), а според биографијата учествувал на научни конференции низ регионов и објавил трудови главно во македонски научни списанија.

Во услови во коишто ситуацијата во македонското образование е една огромна катастрофа, ваквите политички, партиски и разно – разни игри со ресорот навистина не влеваат доверба. Не можете да зборувате за држава со стратегија, ако истата значи менување на концептите на неколку години, малку Кембриџ, малку нешто сосема друго. Токму калкулативниот пристап кон целиот овој сектор низ годиниве се покажа како поразителен – кога воведувате проекти коишто пропаѓаат во првата дупка, делумни и неразработени докрај процеси, на пола прекинати текови. Образованието е поле каде што за да се видат први резултати и промени потребно е време и најбитно – потребна е една конзистентност, стабилност и јасна цел, не само во идеите и визијата, туку и во нивната имплементација. Сериозни и добро осмислени реформи во образованието се најсилна инвестиција во иднината на државата.

Дескоска вели дека со неа или без неа, реформите мора да течат. Дека не е битно дали таа или некој друг ќе ги спроведува. И така и е  – министерот Адеми може да се покаже како одличен наследник. Може целосно, дури и уште подобро да ја спроведе владината стратегија, може да додаде и некоја нова вредност, конечно може да биде најдобриот министер што сме го имале. Но, сосема е можно и да не биде така. И затоа не е јасно што ќе му е на образованието еден таков ризик, ако веќе нештата почнале да се движат и зошто би се поместувале коцки во нешто олку важно  – како процесот на елементарно описменување  на неписмената нација и чистење од сите партиски експерти коишто добија професорски титули и ги јавнаа образованите институции? Сигурно е многу погрешно целиот реформски пакет да се врзе за една личност, во случајов министерката, но не може да не биде точно и дека токму од неа, од личните квалитети како прв човек во менаџирањето на процесите зависи и целокупноста на проектот. Оваа политика на префрлање на луѓе од еден во друг ресор веќе ни беше презентирана на големо, особено во образованието – на овој ресор со години и години се гледаше како на дел од партиските коалициски пазари. Какви се министри не се изнагледавме – „дечки за се’, министри за секој ресор“. И резултатите се овие – јасно мерливи. Македонија се тегне на дното на сите листи по сите параметри за квалитет. Да не зборуваме што сите забораваме дека ова е држава во којашто додека се купуваше компјутер за секое дете, децата пешачеа и се уште пешачат по десетици километри (буквално низ шуми, се среќаваат со диви ѕверови) за да стасаат на школо. И потоа, кога ќе стасаат, учат во згради во распаѓање, без основни услови, небаре сме 19-ти век. Без вода, без греење, без елементарни просторни услови и наставен материјал. Дечиња пешачат и во други држави, во Косово на пример, преминуваат граница оти во нивните села нема училишта. И потоа ние чекаме овие наши деца да пораснат и донесат промени, да бидат конкурентни на домашниот и светски пазар на труд, да донесат победи, да ја прослават Македонија… Каква срамота за сите нас. Односот кон образованието е слика за целото општество. Исто и односот кон културата (а и таму приказната наликува на оваа).

А кај нас, еве дотука се проблемите –  елементарно неписмени основци, невиден хаос во средните училишта и еден срамен факт што ниту еден македонски универзитет го нема во 500-те светски најдобри (Шангајска листа). Почитуваниот унгарски интелектуалец и писател Ѓерѓ Конрад, во интервју за „Капитал“ изјави дека револуцијата може да ја симне, но само образованието може да ја порази лошата власт. Ваквите потези кога партиските и коалициски игри се ставаат пред сериозноста во пристапот за образовни реформи кај нас говорат дека целта не била суштински пораз. А без таков еден пораз на се’ што таа лоша власт значеше, (на долг рок САМО преку образование) промени никогаш нема да видиме. Само смени – на власт, „реформи“ и министерски кадар.

… Нека ни е честит 24 Мај!

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×