Од 2008 до 2015 година “истурени” 623 милиони евра земјоделски субвенции
Објавено на од во COVER STORY

Strumica otkup-Kuzmanovska 910 WEBРезултат: Земјоделското производство паѓа, увозот на храна двојно зголемен

Од 2008 до 2015 година, вкупно за субвенции во земјоделството биле предвидени вкупно 750 милиони евра, но се исплатиле 623 милиони евра, покажуваат податоците од завршните сметки на буџетите. Анализата покажува дека во последните неколку години, никогаш парите наменети за субвенции на земјоделството не биле исплатени во целост. Исплатата најмногу потфрлила во 2011 година, кога уделот на реализација е само 62%, односно од планирани 101,7 милиони евра, исплатени биле 63 милиони евра. Но иако субвенциите од државата во земјоделството се зголемени речиси три пати во последните десет години, податоците за земјоделското производство и увозот на храна покажуваат дека оваа аграрна политика на државата не ги даде очекуваните резултати. Статистиката бележи намалување на производството кај најголем дел од земјоделските култури, а увозот на храна за десет години е зголемен двојно.

 

Субвенциите од државата во земјоделството се зголемени речиси три пати во последните десет години. Ако во 2008 година, за субвенции преку програмата за финансиска поддршка на земјоделството (без субвенциите за рурален развој) биле планирани 41 милиони евра, во буџетот за годинава, властите предвидоа исплата на 107,4 милиони евра за оваа намена.

Меѓутоа, податоците од завршните сметки на буџетите покажуваат дека речиси никогаш парите наменети за субвенции на земјоделството не биле исплатени во целост. Исплатата најмногу потфрлила во 2011 година, кога уделот на реализација е само 62%, односно од планирани 101,7 милиони евра, исплатени биле 63 милиони евра.

Cover 910 tabela 03

Најголема исплатена сума на земјоделски субвенции, е исплатена во 2014 и 2015 годна, по 107 милиони евра.

Од 2008 до 2015 година, пак вкупно (бидејќи завршната сметка на буџетот за лани се уште не е усвоена), за субвенции во земјоделството биле предвидени вкупно 750 милиони евра, но се исплатиле 623 милиони евра.

Анализата на податоците за земјоделското производство и увозот на храна покажуваат дека оваа аграрна политика на државата не ги даде очекуваните резултати.

Државниот завод за статистика пред неколку дена објави дека лани е евидентирано намалување на производството кај најголем дел од земјоделските култури. На пример, производството на јаболка се намалило за дури 26,2% на годишно ниво, за исто толку е намалено и производството на сончоглед. Земјоделците лани произвеле 20,3% помала количина на краставици, 20,1% помалку круши, 18,8% помалку сливи, 6,6% е намалено производството на домати. Зголемување на производството има само кај неколку култури, и тоа тутунот, компирот, крмната пченка и праските.

Cover 910 tabela 01Од добиточното производство, минатата година е забележано поголемо производство на млеко, меѓутоа се намалило производството на јајца и на сите видови месо, освен свинско.

Во исто време, намаленото производство на храна во земјава се надоместува се повеќе со увоз. Најновите податоци на Народната банка, покажуваат дека само лани, увозот на храна и тутун, во кој што се вклучени живи животни, месо и преработки од месо, млечни производи и јајца, жита, овошје, зеленчук, достигна 592,8 милиони евра, што е двојно повеќе споредено со 2006 година.

Дел од земјоделците и агро – експертите сметаат дека субвенциите не ги дале очекуваните резултати поради нивна погрешна распределба, недоволна едукација на земјоделците и слаба реализација на планираните суми, но и партиска распределба на субвенциите.

Професорот Јован Аждерски од Катедрата за агроекономика при Факултетот за земјоделски науки и храна вели дека ефектот од земјоделските субвенции е многу мал и поради тоа според него, мора да се променат неколку работи во моделот на субвенционирање.

„Намалувањето на земјоделското производство кај повеќе култури и значителното зголемување на увозот на храна се индикатори што покажуваат дека нешто во моделот на субвенционирање не штима. Прво, сметам дека намената на парите од субвенциите е погрешна, односно тие пари малку се вложуваат во модернизирање на земјоделското производство со што тоа ќе стане поконкурентно, туку најчесто се користат за социјални потреби. Освен тоа, земјоделците не ги добиваат субвенциите во сезоните кога им требаат, што е многу важно. Мора да се направи анализа кои се носечките земјоделски гранки и тие најмногу да се субвенционираат, особено онаа храна што најмногу се увезува“, вели професорот Аждерски, и додава дека за да се мотивираат земјоделците да остваруваат подобри приноси, субвенциите треба да се делат врз основа на произведена количина а не по засадена површина.

Околу дефектот на моделот на субвенции неодамна се изјасни и академик Абдулменаф Беџети кој што го илустрираше тоа со примерот на млекото.

“Даваме над сто милиони евра годишно субвенции, а увезуваме млеко што е поевтино од домашното. Се дава субвенција на површина, на број на грла добиток, а не на учинок. Само ние даваме субвенции на нешто што е инпут во земјоделско производство, а не на самото производство. Тоа е апсурд“, рече Беџети.

Деканот на Земјоделскиот факултет, Драги Димитриевски, пак, вели дека ефектите од земјоделските субвенции треба да се анализираат од повеќе аспекти. Според него, субвенционирањето сепак дало резултат во одредени земјоделски култури каде што имало негативна тенденција на намалување на засеаните површини па дури и до спречување на целосно напуштање на некои култури.

„Политиката на субвенционирање на земјоделството даде повеќе резултати иако можеби делумно овие потрошени пари имаа и социјален импакт. Сепак, се запреа негативните трендови во повеќе земјоделски култури, како на пример во лозовите насади кои што се намалуваа, или пак во производството на тутун кое што веројатно ќе запреше целосно доколку не беше субвенционирано“, вели професорот Димитриевски.

Според него, ефектите допрва ќе се зголемуваат откако и со новата Национална стратегија за земјоделство и рурален развој е превидено третина од буџетската поддршка за земјоделството да биде наменета за рурален развој. Тој вели дека моделот на субвенционирање врз основа на засадени површини не треба да се замени со субвенции по произведени количини бидејќи тоа ќе создадело ценовни дисторзии на пазарот.

Земјоделците сметаат дека субвенциите се добредојдени за развојот на земјоделството, но причината за лошите ефекти ја лоцираат во пласманот и во откупните цени.

Властите зголемувањето на увозот, пак, го објаснија со зголемените потреби на граѓаните, недоволното производство на дел од прехранбените производи, но и климатските услови во земјава кои не се погодни за производство на одредени производи.

Cover 910 tabela 02Земјоделските субвенции во партиските програми

Двете најголеми политички партии во земјава, ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ во своите последни изборни програми предвидоа прилично големи суми за субвенционирање на земјоделството во следните четири години. Во програмата на ВМРО – ДПМНЕ  пишуваше дека во целиот мандат субвенциите за земјоделството ќе изнесуваат вкупно 600 милиони евра, додека пак СДСМ за оваа намена вети по 160 милиони евра годишно, што е 640 милиони евра за четири годишен мандат.

Меѓутоа, она што повеќе ги разликува двете партии, е моделот на субвенционирање.

Од СДСМ велат дека во земјоделството, партијата предвидува насочување на земјоделските субвенции кон вистинските земјоделци и промена на моделот на субвенционирање.

„Во периодот од 2007-2015 година од предвидени над 800 милиони евра за субвенционирање на земјоделството и руралниот развој, исплатени се само 60-70%. Овој факт е појдовна точка за поправање на состојбите во земјоделските политики“, истакнаа од СДСМ.

Пратеникот на СДСМ, Љупчо Николовски, кој што беше дополнителен заменик министер за земјоделство во преодната влада, во интервју за Капитал објасни дека моделот на доделување на субвенциите е суштинската промена која е неопходна за да може земјоделството да има вистински развој бидејќи Македонија е аграрна земја, а сепак резултатите се поразителни, поради „погрешните и криминални политики во целиот сектор“.

„Исплатата на субвенциите ќе биде редовна, целосна и неселективна. Ова е појдовна точка за поправање на состојбите во овој дел од земјоделските политики. Промената започнува оттаму што ќе ја зголемуваме сумата наменета за субвенции, и која ќе изнесува 160 милиони евра годишно. И сите пари ќе се исплаќаат во целост, а не како досега кога се исплаќаа само 60% до 70% од она што беше планирано. Но, уште поважно е што субвенциите ќе завршуваат кај вистинските земјоделци, односно нема да се делат по партиски клуч. И, трето и подеднакво важно е земјоделците ќе ги добиваат субвенциите во време кога им се најпотребни, односно кога имаат најголеми вложувања во процесот“, изјави Николовски.

Тој вели дека во поглед на оцената за постапката за доделување на субвенциите што ја практикуваше претходната власт, е креиран модел што ја зема предвид партиската припадност

„Субвенциите ќе ги добиваат оние производители што ги исполнуваат утврдените критериуми независно од партиската припадност. Ќе се знае, кој и колку субвенции добил – и по која основа. Транспарентноста во доделувањето на субвенциите и постапките ќе бидат врвен приоритет за надлежните институции. Но, и одговорност за секоја една констатирана злоупотреба мора да има. Субвенциите кои моментално ги добиваат земјоделците воопшто немаат развојна стратегија затоа што во нивниот концепт постои обратно пропорционален принцип, односно со зголемување на засадената површина или поголема продукција се намалува субвенцијата. Доколку вистински се сака развој на земјоделство потребно е субвенционирањето да биде право пропорционално односно колку поголема продукција, толку поголема субвенција“, истакна Николовски.

Тој рече дека и во самата изборна кампања неговата партија најавила дека Министерството за земјоделство пред да започне со доделување субвенции на земјоделците ќе направи соодветна компаративна анализа на досега дадените средства во земјоделството и ќе се утврди што е приоритет како производство.

„Јасно е дека досегашниот пристап во распределба на субвенциите има многу недостатоци и затоа е потребна детална анализа на секој исплатен денар за субвенции. Политиките за субвенционирање ги креира Министерството, но за нивната имплементација и исплата одговорна и надлежна е Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделство и рурален развој. А во периодот додека бев дополнителен заменик министер за земјоделство, се повеќе стана јасно дека токму оваа Агенција е најнетранспарентната и најмистериозна институција во овој ресор. Оваа Aгенција е најодговорна за лошото и селективно исплаќање на субвенциите. Можам да кажам дека токму во периодот кога бев во Министерството, многубројни земјоделци ми се обратија со докази за селективниот пристап на Агенцијата“, истакна Николовски.

Cover 910 tabela 04Како да се зголемат приносите?!

Структурата на македонското земјоделство во најголем дел денес ја сочинуваат семејните земјоделски стопанства со мал земјишен посед, дополнително расцепкан на по неколку парцели. Дополнително просечниот македонски земјоделец земјата ја работи со застарена техника и технологија и со многу мали приноси.

Во оваа насока мора да се земе предвид предупредувањето на експертите дека политиката на субвенционирање на мали земјоделски стопанства е обратно пропорционална и погубна за заложбите за окрупнување на земјоделските парцели кои ги форсираат властите.

Ваквите состојби попрактично ги објасни Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија.

„Проблем е и тоа што субвенционирање е скалесто, т,е, најголемите фирми добиваат најмалку. Тие се движечка машина,. локомотива и треба исто да добиваат како и малите. Впрочем тие секогаш се и поврзани со малите компании/производители(им откупуваат производство, преработуваат, преку нив се извезува и сл)“ изјави неодамна Ристовски.

Останатите експерти кои ги консултиравме предупредуваат дека Македонија со ваква раситнета структура на земјоделски стопанства и со ваков модел на субвенционирање кој наместо да одвраќа, поттикнува на дополнителни раситнувања, ќе доживее вистинска катастрофа на самиот старт на преговорите со Европската Унија.

„Брисел нема никакво разбирање за раситнети парцели и ситни земјоделци. Сите политики и напори на Европската унија во земјоделието се насочени кон окрупнување на земјоделството. Тоа значи дека неминовно ќе ни биде наложено да субвенционираме само парцели и земјоделци кои произведуваат на површини над пет или повеќе хектари. Тоа значи дека автоматски 80% од нашите земјоделци ќе останат без субвенции. Затоа Македонија во моментов наместо само декларативно треба и практично да се залага за окрупнување, а тоа да го стимулира преку поинаков модел на субвенции“ велат тие.

Дополнителен проблем е што македонското полјоделство и општо земјоделство има најниски просечни приноси во регионот.

Иако тоа многумина го поврзуваат со претежно ридскиот и планински релјеф на земјава, експертите и познавачите на состојбите коментираат дека со адекватен пристап кон земјоделството Македонија може сериозно да ги подобри перформансите во ова подрачје.

 

 

 

 


Почитувани за да продолжите со читањето треба да бидете претплатник

Доколку сте претплатник на kapital.mk, само логирајте се.

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×