ВИКТОР ПАПАКОНСТАНТИНОУ, главен извршен директор на ОКТА
Објавено на од во Интервју

Од рафинерија загубар ОКТА стана профитабилна трговска компанија

Трансформацијата на ОКТА во изминатата година и половина беше голем успех, редок пример на проект од ваков вид во регионот. Додека обезбедувавме непрекинато и сигурно снабдување со гориво на земјава, успеавме да се трансформираме од нефлексибилна и неефикасна тешка индустрија во брзорастечка и ориентирана кон клиентот, логистичка и трговска компанија. Целосните резултати од процесот на трансформација може да се видат од константно зголемување на нашиот пазарен удел, од значителното подобрување на профитабилноста во работењето и од генерираните приходи. Целосниот позитивен резултат ќе се покаже во финансиските резултати следната година.

***

Недостатокот на правилни контроли значи дека несоодветно гориво што е надвор од регулативите може да го најде својот пат на пазарот. Ова има три негативни последици. Прво, потрошувачите ставени во искушение за пониска цена добиваат гориво со квалитет под стандардите, што е потенцијално штетно за нив, како и за околината. Второ, државата не може да се осигура дека сите даноци и давачки се платени. И трето, нелојалната конкуренција значи дека компаниите што го почитуваат законот на овој начин се ставени во незавидна положба, што им наметнува финансиски тешкотии со негативни ефекти по економијата и вработеноста во државата.

***

Во првото полугодие од годинава, но и лани, приходите од продажба на ОКТА се намалуваат и компанијата работи со загуба. На што се должи овој финансиски резултат? Колку сте задоволни од работењето?

Трансформацијата на ОКТА во изминатата година и половина беше голем успех, редок пример на проект од ваков вид во регионот. Додека обезбедувавме непрекинато и сигурно снабдување со гориво на земјава, успеавме да се трансформираме од нефлексибилна и неефикасна тешка индустрија во брзорастечка и ориентирана кон клиентот, логистичка и трговска компанија. Целосните резултати од процесот на трансформација може да се видат од константно зголемување на нашиот пазарен удел, од значителното подобрување на профитабилноста во работењето и од генерираните приходи. Целосниот позитивен резултат ќе се покаже во финансиските резултати следната година, во 2015, бидејќи годинава е привремено отежната со издатокот за програмата за доброволно пензионирање која им ја понудивме на нашите вработени.

Зошто рафинеријата ОКТА престана да преработува нафта и од производител се претвори во трговец со нафтени деривати?

Последните неколку години беа доста неповолни за сите европски рафинерии. Бидете свесни дека голем број на европски рафинерии беа затворени, а многу од нив и целосно деактивирани. Само изминатиот месец беше најавено дека четири италијански рафинерии ќе бидат затворени во наредниот период. Причините се поврзани со економијата за снабдувањето со горива во нашиот регион. Како резултат на прекинот на извозот на сурова нафта од Иран, Ирак и Либија од пред неколку години, како и зголемувањето на побарувачката на сурова нафта од Далечниот Исток, се намали пристапот до конкурентни извори на сурова нафта во Медитеранскиот регион. Истовремено, голем број на рафинирани производи (дизел, бензини итн.) станаа достапни во Европа како резултат на отворањето на нови рафинерии блиску до нашите пазари, намалувањето на побарувачка од европските пазари кои беа во економска рецесија, како и фактот дека САД прекинаа да увезуваат бензин од Европа, откако развија свое домашно производство.
Овие фактори ги истиснаа европските рафинерии во делот на понудата и побарувачката. Ќе преживеат само технолошки понапредните рафинерии и оние со пристап до море или до поевтини извори на сурова нафта. ОКТА немајќи пристап до море, изградена одамна и со застарена технологија, произведувајќи многу мазут што не може веќе да биде искористен целосно во нашиот регион, се најде себеси во незавидна положба. Веднаш штом нашите пазари се отворија кон конкуренцијата од надвор, ОКТА започна да го губи пазарниот удел и стана целосно неекономична. Во јануари 2013 година, последниот месец од производството, ОКТА губеше повеќе од 70 американски долари за секој тон произведено гориво.
Најважно, оваа ситуација ја стави целата земја во незавидна положба. Повеќе од половина од испораката на горива, сржта на индустриската и економската моќ, зависеше од рафинерија која работеше со загуби, која беше зависна од понуда на сурова нафта од се повеќе и повеќе недостапни извори. Признавам дека на ОКТА и требаше повеќе време да состави нов бизнис модел и да реагира. Но, откако го направивме тоа, бенефитите станаа очигледни веднаш. Во моментов снабдувањето во државата е на највисоко ниво по цена која е доста конкурентна. Инфраструктурата на ОКТА со 350 милиони литри капацитет за складирање дава сигурност дека ќе има доволно гориво за економијата да се движи, дури и во случаи на непредвидливи прекини во испораката. Развивме високотехнолшки логистички систем што ни овозможува во секое време да располагаме со 100 камиони и неколку вагони на пат, со постојани проверки на квалитетот, како и контролата во секоја фаза од транспортот, истоварот и складирањето.
Сето ова беше возможно благодарение на вештините и експертизата на вработените во ОКТА, со поддршка на стручноста на Групацијата Хеленик Петролеум. Навистина сум горд колку брзо нашите вработени се прилагодија на новиот бизнис модел, како и на нивната желба за постојано подобрување во нашата секојдневна работа.

Дали тоа значи дека трансформацијата создаде технолошки вишок и што ќе се случи со вработените?

За време на трансформацијата се одлучивме да излеземе во пресрет на барањето на дел од нашите вработени кои беа близу до возраста за пензионирање и да им понудиме програма за доброволно пензионирање. За оваа програма за предвремено пензионирање на нашите вработени планирано е да се потрошат повеќе од 4 милиони евра оваа година. Всушност, програмата стана толку популарна кај нашите вработени, што моравме да го ограничиме бројот на луѓе што ќе влезат во неа за да избегнеме да изгубиме луѓе со клучни квалификации кои ни се потребни и во иднина. Оваа програма ни овозможи да започнеме да вработуваме помлади кадри со неопходни квалификации што ќе придонесат за иднината на ОКТА.

Засега нема рестарирање на производството

Каква е иднината на рафинеријата ОКТА? Планирате ли да го рестартирате производството или ќе продолжите да увезувате преработени нафтени деривати? Какви се плановите за работењето во Македонија?

Нашата моментална оперативна состојба ќе остане се додека условите на меѓународниот пазар на нафтени деривати не се променат. ОКТА ќе продолжи да инвестира во зголемување на својот капацитет, со цел да обезбеди квалитетно гориво на своите потрошувачи, на брз и сигурен начин. Нашиот пазар се состои од најголема мрежа на бензински пумпи, индустриски корисници и трговци со нафтени деривати, а очекуваме и дополнително да го зголемиме нашиот пазарен удел во наредните години.

Колкава е побарувачката на нафта и нафтени деривати оваа година?

Вкупната побарувачка на нафтени деривати беше стабилна во изминатите две години. Постои замена помеѓу самите производи, се зголемува побарувачката на дизел и ТНГ, заменувајќи ги бензинот и мазутот. Побарувачката на нафтени деривати е тесно поврзана со реалниот економски раст. Се очекува нашиот пазар да започне со проширување штом повторно ќе почнат да растат индустриското производство, градежната индустрија и побарувачката за нови возила.

Нафтоводот ќе стане продуктовод за дизел

Како би го оцениле пазарот на нафтени деривати во Македонија? Со кои проблеми најчесто се соочувате во вашата работа?

Нашиот пазар е конкурентен и отворен, што е добро за економијата и за потрошувачите, бидејќи ја гарантира достапноста на соодветна понуда со конкурентна цена. Сепак, недостатокот на правилни контроли значи дека несоодветно гориво што е надвор од регулативите може да го најде својот пат на пазарот. Ова има три негативни последици. Прво, потрошувачите се ставени во искушение за пониска цена да добиваат гориво со квалитет под стандардите, што е потенцијално штетно за нив, како и за околината. Второ, државата не може да се осигура дека сите даноци и давачки се платени. И трето, нелојалната конкуренција значи дека компаниите што го почитуваат законот на овој начин се ставени во незавидна положба, што им наметнува финансиски тешкотии со негативни ефекти по економијата и вработеноста во државата.

Ова, за жал е ситуација со која ОКТА и уште неколку други компании на нашиот пазар мора да се соочуваат секој ден. Се надевам дека Владата ќе продолжи и ќе успее во своите постојани напори да ги зајакне постоечките правила што треба да важат за сите играчи на пазарот и ќе ги засили контролите, особено за време на увоз.

Колку ОКТА го користи нафтоводот Вардакс? Каква ќе биде сега неговата судбина со оглед дека рафинеријата престаува со производство?

Нафтоводот во моментов се чисти, со цел да биде пренасочен од нафтовод за сурова нафта во продуктовод за дизел. Ова е многу интересен, но тежок проект, еден од првите во светот од ваков вид! Кога ќе биде завршен, ќе биде единствениот прекуграничен продуктовод во нашиот регион со огромна стратешка важност. Продуктоводот ќе ја гарантира континуираната испорака на дизел во земјава и на Косово, независно од условите на патот, тесните грла на граничните премини, временските услови како и други непредвидливи фактори кои можат да го попречат патниот транспорт.

Се разбира, истиот може преку ноќ да биде пренаменет за транспорт на сурова нафта.

Сметате ли дека методологијата за пресметување на цените на нафтените деривати треба да се промени? Дали преговаравте со Владата во врска со ова прашање?

Ова не е нешто што го имаме дискутирано со Владата. Во моментов, методологијата на цените не е многу релевантна за нас. ОКТА е трговец на големо со горива и нашите цени за нашите клиенти ги следат меѓународните цени на горивата во регионов, додека цените по методологија најмногу се применуваат кај крајните потрошувачи.

Како ќе се движат цените на нафтените деривати во наредниот период?

Кога би го знаел тоа би бил многу богат човек и не би зборувал со Вас сега.

Како ОКТА ќе се развива во следниот период? Дали планирате да го зголемите бројот на бензински пумпи низ Македонија?

Во моментов ја разгледуваме нашата стратегија за малопродажба и ефектите од нашата мрежа на бензински пумпи. Хеленик Петролеум управува со повеќе од 2000 бензински пумпи на меѓународно ниво и поседува значајно искуство во снабдување со горива и обезбедување на соодветни услуги преку бензинските пумпи. Оваа експертиза наскоро ќе биде имплементирана и во ОКТА.

Последните податоци за извозот на Косово покажуваат намалување на продажбата на нафтени деривати на овој пазар. Дали тоа значи дека ОКТА го губи косовскиот пазар?

Косово е многу конкурентен пазар и стана уште покомпетитивен со отворањето на автопатот што ги поврзува Приштина и брегот на Албанија. Транспортот на горива на овој автопат нуди пониски цени, поради непостоењето на патарини, како и поопуштени гранични контроли. ОКТА успеа значително да ја зголеми профитабилноста на својот извоз на Косово преку фокусирање на испорака на најголемите трговци со горива во оваа соседна земја. Ќе продолжиме да се фокусираме на овој пазарен сегмент на Косово, каде имаме предност со логистиката и цената.

ОКТА се повеќе се промовира како општествено одговорна компанија. Зошто кампањите иницирани од ОКТА се важни и што добива компанијата од нив?

За ОКТА, но и мое лично убедување е дека големите компании мора да му вратат на општеството, особено кога има потреба за таква активност. Релативно лесно е за големите компании да ја користат организационата поставеност, работната сила и ресурсите за да им помогнат на другите или да организираат активности со голем ефект.

Одлучивме да инвестираме време, труд и ресурси во поддржување на проекти поврзани со образованието, здравјето и децата – три области особено важни денес. Не очекувам да добиеме ништо за возврат од овие активности како компанија, освен задоволството кое доаѓа од знаењето дека можеби сте помогнале во подобрувањето на животот на другите. Тоа задоволство исто така го делат и нашите вработени кои знаат дека нивните напори и работа имаат поголемо, позитивно влијание на општеството во кое живеат.
Имајќи го ова предвид, оваа година ја започнавме кампања на национално ниво наречена Шанса за живот. Нејзината цел е ОКТА да донира на Одделението за Интензивна нега на Детската клиника во Скопје, но истовремено и да ја покрене свеста и кај другите компании, организации и граѓаните за донирање во оваа цел. Одделот за Интензивна нега има потреба од опрема за да обезбеди нега на се поголемиот број примени бебиња и деца. Ситуацијата е прилично алармантна и поради тоа ОКТА заедно со Детската клиника дојде до идеја за реализација на ваква кампања. Многу сме среќни што успеавме да иницираме голем одѕив на граѓаните. Има високо ниво на вклученост на граѓаните преку социјалните медиуми, многу познати личности јавно ги поддржаа активностите, а во исто време и одредени компании ја препознаа потребата да се вклучат во кампањата. Се надеваме дека собраните средствата ќе направат вистинска разлика за бебињата кои чекаат на нас да им дадеме шанса за живот.

Колку е голем интересот за Програмата за практиканти која ја започнавте?

Нашата Програма за практиканти во својата сегашна форма започна оваа година и низ компанијата поминаа две групи на студенти. На двата круга се пријавија голем број на кандидати, кои поминуваат преку организирани тестови и интервјуа пред да бидат избрани да работат за нас во период од три или повеќе месеци. Ова е многу успешна програма и добивме многу позитивен ефект од учесниците. Ова е многу ефективен начин за нас да им понудиме на студентите и дипломираните, можност за обука и развој, но во исто време ни овозможува да идентификуваме соодветни кандидати кои може да се приклучат на нашиот тим кога ќе се јави потреба за нови вработувања во ОКТА.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×