Нема притвор за Никола Груевски, ниту за неговите најблиски соработници обвинети во случајот „Титаник“ по обвинението што до судот го поднесе Специјалното јавно обвинителство.
Основниот суд Скопје 1 – Скопје денеска соопшти дека е одбиено барањето за притвор за лицата обвинети во предметот „Титаник“, а определени се мерки за претпазливост, вклучително и одземање на нивните пасоши.
„По разгледување на предлозите и ценење на фактите и доказите, Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје донесе решенија со кои предлогот за определување мерка притвор против Н.Г., М.П., К.Б., М.Ј. и Г.Ј. се одбива како неоснован. По службена должност им се определуваат мерки за претпазливост и тоа обврска обвинетите да се јавуваат кај надлежно службено лице во суд еднаш неделно, привремено одземање на патна исправа и забрана за издавање нова и привремено одземање на дипломатска патна исправа“, стои во соопштението од судот.
Против овие решенија е дозволено право на жалба во рок од три дена до Апелацискиот суд, што СЈО ќе го искористи.