Олигарси предлагаат државата да им плати за да си ги вратат девизите во Русија
Објавено на од во СВЕТ БИЗНИС И ФИНАНСИИ

s1.reutersmedia 947 WEBПод закана од „досега невидени“ санкции од САД:

Во руските бизнис кругови расте напнатоста од веројатноста средства на олигарсите, на нивните брачни партнери или на нивните деца, да бидат погодени од Вашингтон поради блискоста со Кремљ. Неодамна Ројтерс објави дека некои од олигарсите почнале да се прашуваат дали нивната блискост со Путин веќе не се претвора во минус за нивните бизниси во странство

Руски олигарси, кои очекуваат да бидат санкционирани во новиот бран санкции на САД околу 1 февруари 2018 година, им предложиле идеја на властите во Москва државата да емитира специјални девизни обврзници со висок принос и тие анонимно да си купат од неа. Така тие ќе можат да инвестираат дел од милионите кои на Запад им се под закана за блокирање, при тоа со надеж дека еден ден ќе си ги добијат назад, и тоа со принос повисок од вообичаениот, што ќе им ги исплати рускиот буџет.

Министерството за финансии, како и трговските банки не се многу воодушевени.

Причината, според Ројтерс, е тоа што во руските бизнис кругови расте напнатоста од веројатноста средства на богатите, на нивните брачни партнери или на нивните деца, да бидат погодени од Вашингтон поради блискост со Кремљ. Пред неколку дена Ројтерс објави дека некои од олигарсите почнале да се прашуваат дали нивната блискост со претседателот Владимир Путин веќе не се претвора во минус за нивните бизниси во странство.

Ројтерс се повикува на три извори (тројца луѓе) запознаени со идејата за новата шема. Според нив, емисијата на државни обврзници во странска валута требало да биде со принос повисок од каматите на депозити во банките и со поголема ликвидност од еврообврзниците.

Приносот треба да е над 5%

Приносот од депозити во рубљи во руските банки е релативно висок – 7-8%, но богатите Руси ги преферираат пониските камати – во рамките на 0% и 2% – на девизните сметки, пред ризикот да се урне девизниот курс на националната валута.

Приносот од еврообврзниците е повисок – 30-годишната емисија од оваа година, на пример, носи 5%, но пазарот има проблем со ликвидноста; вклучително и зошто ретко се пуштаат нови емисии, а сопствениците на веќе емитираните не сакаат да ги продаваат своите обврзници.

Дополнително, руските банки се должни да бараат информации ако физичко лице сака да депонира кај нив значителни суми – особено ако неговото име е во списокот на санкционираните од САД. Таквата информација им се доставува на даночните власти, а претприемачите велат дека не сакаат државата да добива доверливи информации за нивниот бизнис.

„Има информации дека извесен број луѓе сакаат да си ги вратат девизите тука“, вели раководител на голема државна руска компанија, кој сака да остане анонимен.

„Идејата е да отвориш некаква сметка со која ќе купуваш специјални обврзници емитирани од Министерството за финансии“. Но, нема сигнали некој во Владата да размислува сериозно за слична шема, пишува Ројтерс, а двајца од изворите велат дека ставот на Министерството за финансии е негативен.

Високопозициониран директор во руска државна банка дополнува дека ваков потег би го забрзал процесот што е веќе почнат – богати членови на опкружувањето на Путин да депонираат скромни суми девизи во руски банки.

„Но, каматите на девизни депозити се ниски, додека инвестирањето во девизни инструменти на Министерството за финансии може да им обезбеди добар поврат. Од тоа може да се направат пари“.

Извор од руските финансиски пазари вели дека, исто така, слушнал од луѓе кои работат во компании за управување со активи, оти зборуваат за идејата за нови парични приливи од странство. „Ги прибираат парите во Русија“, додава тој.

Барем 200 милијарди долари контролираат Руси преку границата

Инструментот за кој се сетиле олигарсите не е нов и непознат. Во Русија сличните обврзници ги нарекуваат „вебовки“, според скратеното име на државната Внешэкономбанк (ВЭБ).

„Сега санкциите се дополнителен аргумент“ да се прибегне кон овој инструмент, вели друг извор на Ројтерс, претставен како близок до Путин и до олигарсите околу Кремљ. Според него, така и државата ќе има корист, зашто ќе може да собира средства во случај американските санкции да забранат странски инвеститори да го купуваат рускиот државен долг.

Путин уште во 2014 година почна кампања за „национализирање и деофшоризација на елитата“, во која со различни средства ги мотивира богатите Руси да си ги приберат парите во државата и да се воздржат од праќање на децата и блиските да учат и да живеат преку границата. Тој вели дека таквото однесување на бизнисот е „непатриотско“. Но, ефектот засега е ограничен, а кај некои олигарси и спротивен, зашто ги натера да се регистрираат како даночни резиденти на други места.

По анектирањето на Крим и серијата санкции од САД и од Западна Европа, ситуацијата на руските милијардери и мултимилионери се усложни. На крајот на јануари 2018 година се очекува Вашингтон да претстави нови, „досега невидени“ ограничувања, по список со конкретни луѓе блиски до Путин, напиша неодамна весникот Независимаја газета.

Ројтерс тврди дека засега изгледа оти присуството на списокот нема автоматски да води до персонални санкции, замрзнување на активи и забрана за патување, но мнозина руски бизнисмени сметаат оти ќе се случи токму тоа. Тие се меѓу чеканот и наковалната, пишува Ројтерс, односно, меѓу тоа да паднат во мрежата на санкциите и да си ги вратат парите дома, но да бидат под истрага за непријавување на приходите, за избегнување даноци или да се дојде до економски колапс на Русија.

Нема доволно уверливи податоци колку пари изнеле Русите во странство. Според пресметките на економистот од Универзитетот на Калифорнија во Беркли, Гejбриел Зукман, во 2014 година руски граѓани контролирале преку границата финансиски активи од околу 200 милијарди долари. Ова е околу 10% од БДП на Русија во споменатата година.

Агенцијата Ројтерс не успеала да утврди кој лобира, какви дејства се преземени и со кого од власта се обидуваат да зборуваат.

„Идејата постои, но засега нема одлука за неа“, вели директор во државна банка.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×