Она што е Uber во превозот, Kiimo сака да биде во т.н. urban delivery сегмент
Објавено на од во Компании

44Запознајте го стартапот со амбиција да направи револуција во испораката на пратки

Kiimo ltd., регистриран во Лондон, а со тим за развој во Скопје, развива апликација којашто ќе помогне буквално секој од нас да може да биде доставувач на некаква пратка до одредена адреса. Потенцијалот за овој нов концепт во бизнисот со достава е огромен, вели Давид Павловски, ко-основач и директор на Kiimo.

 

Светските информативни портали пред околу месец дена беа преплавени со вести за непријатностите што Amazon и останатите онлајн трговци низ светот им ги приредија на илјадници свои клиенти, доцнејќи со испораката на божиќно – новогодишните подароци на крајните адреси. Amazon како светски гигант во бизнисот со онлајн нарачкии покрај сета своја супериорност во логистичката организација и изобилноста на ресурси со коишто располага, не може до крај ефикасно да одговори на сепоголемите барања и очекувања на потрошувачите: сите сакаат да нарачаат сеи сештои сакаат да стигне ако може сега и веднаш! Компанијата покрај партнерите доставувачи на пратки, како DHL, Fedex, UPS, итн. што традиционално ги користи, создаде и сопствена шема на испорака, Amazon Flex, но сепак останаа проблемите со тесните грла во доставата до крајната точка, оној сегмент што курирските компании го нарекуваат „последната милја“ (last mile).

„Како што се зголемува густината на населеност во урбаните подрачја, како што градовите растат во висина преку бројните облакодери, а не само во широчина, ќе има сe повеќе нестрпливи чекачи на некаква пратка – дали е тоа кафе, пица, некакви документи или пак парче облека што сте го нарачале од некоја онлајн продавница, сеедно. Тоа значи дека за оној што треба да ви ја достави вашата нарачка с$ поголем проблем ќе биде тоа да го направи брзо и ефикасно.“, вели Давид Павловски, ко –основачи директор на стартапот Kiimo, чија мисија е, како што вели, да го реши овој проблем.

Kiimo ltd., регистриран во Лондон, а со тим за развој во Скопје, каде што живее и работи и Павловски, развива апликација којашто ќе помогне буквално секој од нас да може да биде доставувач на некаква пратка до одредена адреса. Апликацијата е софтвер којшто на едно место ќе ја спои побарувачката и понудата за испорака на било што, односно, некој што сака да испрати пратка до некого ќе може да види кој може тоа да го стори најбрзо и најсигурно.

45Било кој може да стане доставувач на било што

Едно од сценаријата коишто ќе се случуваат со помош на платформата на Kiimo, како што ни објасни Павловски, е следново: вие сте, да речеме, човек којшто секојдневно патува со автобус, автомобил, со велосипед или пешки, сеедно, од точка А до точка Б во некое одредено време. Се пријавувате на апликацијата, креирате свој профил, и станувате потенцијален доставувач на некаква пратка. Кога некој што сака да испрати кутија од омилените колачи купени во слаткарница што е лоцирана во близина на точката А на својата најмила која што живее во реонот на точка Б, тој ќе постави барање за достава преку апликацијата, а вие, којшто сте онлајн, добивате нотификација дека има потреба за достава на пратка токму во вашиот правец на движење. Софтверскиот алгоритам веќе утврдил дека според одредени параметри вие сте најсоодветниот доставувач на пратката и затоа ве избира токму вас. Ако вие во рок од 10 секунди не ја прифатите понудата, таа се испраќа до следниот најсоодветен доставувач што софтверот ќе го одреди. Тој што ќе ја испорача пратката, ќе добие соодветен надомест за услугата, а процент од таа сума останува за Kiimo.

„Софтверот по принципот на машинско учење (machine learning) постојано ќе се надградува со податоци за самите на апликацијата – на пример, за нивните дневни рутини на движење, навики за купување и сл., со цел да прави колку што е можно поквалитетно спојување на побарувачката и понудата за брза испорака на пратки“, вели Павловски.

Тој додава и дека апликацијата ќе ги рангира доставувачите според рејтингот, односно, секој што ќе се покаже како несигурен доставувач, ќе доцни и сл., ќе биде исфрлен од системот.

„Целта ни е да го искористиме моментот што сите ние секојдневно се движиме некаде со празни раце, празен багажник од кола и сл. Зошто да не ги искористиме тие слободни ‘ресурси’ и да не пренесеме нешто за некого, за што би заработиле некој екстра денар. А, сето тоа да биде брзо, ефикасно и безбедно. Во т.н. sharing economy Uber направи револуција во начинот на такси превозот, Airbnb во начинот на којшто наоѓаме соби за престој, а ние сакаме да го промениме сосема начинот на којшто се вршат испораките на било каква пратка. Ако секој што има возило може да биде потенцијален возач за Uber, ако секој со вишок соба или апартман да понуди сместување на Airbnb, тогаш Kiimo ќе овозможи секој што се движи некаде да биде потенцијален курир за пратки“, вели Павловски.

Во потрага по инвеститори

Нашиот соговорник вели дека Kiimo во моментов ја има развиено апликацијата до фаза на т.н. Minimum Viable Product – MVP, каде се развиени основните функционалности на апликацијата, но нема поврзаност со база на податоци. Треба да следи т.н. алфа тестирање, кога потенцијални корисници со помош на развивачите на апликацијата можат да ги пробаат нејзините функционалности, а потоа и бета тестирањето кога случајни најзаинтересирани корисници, без никакви инструкции, ќе можат да видат како сето ова всушност функционира во пракса. Павловски и тимот на Kiimo планираат првото тестирање во урбана средина да го направат во Минхен, Германија, којшто не е случајно избран град за оваа проба.

„Минхен е идеална средина којашто треба да покаже дека нашиот концепт е оправдан. Тоа е средина со многу студенти и многу имигранти, популација на која секогаш ѝ треба екстра заработка и коишто би биле потенцијални доставувачи на пратки. На страната пак на испраќачите на пратки таму имате голем број на ситуирани луѓе, мајки што остануваат дома да ги чуваат своите деца заради високиот приход на нивните семејства, бизнис професионалци, итн. Слични по демографија се и Амстердам, Виена, итн. “, објаснува Павловски.

Но, претходно стартапот мора да собере доволно средства, околу 200 илјади евра, сума што им е потребна за усовршување на апликацијата и нејзино доведување до конечна верзија што ќе може да се пушти во оптек и да се добијат првите повратни реакции од пазарот.

„Не е само програмирањето на софтверот она што е предизвик во приказнава на Kiimo. Ние сите што сме во стартапот се бавиме со нешто друго во меѓувреме, за да може да преживееме, ситуација со којашто се соочуваат најголем дел од сите стартапи во светот. Но, еве и да се снајдете за своите плати и сл., имате трошоци за патување по настани – разни стартап и технолошки конференции во Европа и пошироко, каде што мора да бидете присутни за да видите какви се шансите на вашата идеја, колку се вклопувате во светските трендови, да ја претставите вашата идеја пред потенцијални инвеститори и сл. “, вели Павловски.

Kiimo бил дел од словенечкиот стартап акцелератор ABC, којшто пак е прв стартап од МК да е дел од европската дигитална иницијатива EITDigital.eu, од каде што имаат добиено грант за поддршка во раната фаза од развојот на апликацијата. Павловски вели дека тие се добредојдени пари во моментов, но дека мора да се погрижат за посериозна инвестиција со која што ќе го финишираат својот проект.

“Јас имам мнозински удел во стартапот, потоа следи програмерот којшто е одговорен за технолошкиот развој на платформата, којшто инаку веќе 15 години живее и работи во Нирнберг, Германија во ИТ секторот, и удел има и човекот којшто е одговорен за маркетинг и продажба, додека 7% има EITdigital. Сега сме во преговори со бизнис ангели во Германија коишто го препознаа потенцијалот на апликацијата, и очекуваме дека во брзо време ќе ja добиеме потребната инвестиција за целосен развој на Kiimo.“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×