
Никица Кусиникова
Извршна директорка на Конект
Компаниите се клучен двигател во градењето на општество со силни и просперитетни заедници. Нивната улога се огледува во обезбедувањето добра и услуги, отворањето работни места и создавањето економска вредност што ја зајакнува локалната заедница.
Денес, општествената одговорност и одржливиот бизнис не се повеќе теми на маргините, туку стануваат и „лиценца“ за работа на компаниите. Компаниите се свесни дека мора да ги минимизираат негативните влијанија врз животната средина и луѓето, а истовремено да го зголемат позитивниот придонес.
Одржливоста е начин на водење бизнис што го поставува прашањето како се прави профитот и ги согледува потребите на идните генерации од кои позајмуваме за да создадеме тековна вредност.
Се користат различни рамки и методологии: општествена одговорност на претпријатија, ESG, ESG 2.0 и низа матрици за нефинансиско известување кои преку Директивата на ЕУ (CSRD) и кај нас ќе станат законска обврска.
Најважно е поттикнувањето на одржливиот развој да не стане листа за проверка и усогласеност на хартија, туку реална бизнис вредност што се негува преку транспарентно и етичко однесување, се интегрира во сите деловни процеси – од снабдувачки синџири и производи, до односите со клиентите и заедницата. Тоа е многу повеќе од мерење на загадувањето, политики и донации. Одржливоста е најдобрата стратегија за справување со ризици и градење отпорен и стабилен бизнис преку заштита од корупција, енергетска и ресурсна ефикасност, здрава и лојална работна сила и просперитетна заедница и опкружување.
Преку корпоративна филантропија и одговорни практики, компаниите создаваат заедничка вредност и постигнуваат долгорочни општествени промени. Тие градат лојалност кај вработените и купувачите, особено меѓу новите генерации, што им овозможува полесно да се справат со кризи и предизвици.
Клубот на одговорни бизниси на Конект претставува уникатна платформа што им овозможува на компаниите да работат заедно со граѓанскиот сектор и институциите на заедничко креирање практични решенија на најголемите општествени предизвици.
Основан во 2017 година, Клубот нуди платформа за колективно дејствување на компании посветени на етички и одговорен бизнис и им овозможува да креираат стратегии што поттикнуваат позитивни општествени промени, градејќи долгорочен одржлив развој и заедничка вредност. Клубот на одговорни бизниси е поддржан од 36 извршни директор(к)и на најактивните компании кои разбираат дека одговорноста и одржливоста е составен дел на бизнисот.
Простор за напредок има многу, нашата дијагностика на членството покажа дека клучните предизвици се: реткото нефинансиското известување и мерење на влијанијата, проценка на ризиците од корупција и проактивен приод кон интегритетот, реални мерки за заштита на човековите права и соработката со чинителите во заедницата.
Затоа, работиме на поединечно ниво каде компаниите членки добиваат експертска поддршка од Конект во осмислувањето, реализацијата и мерењето на ефектите од одржливите практики. Но, со вложувањето на наши 12 членки спроведуваме и стручни едукации, како и заеднички програми во областа на заштита на животната средина, бизнисот и човековите права, интегритетот и корпоративното волонтирање за вложување на заедницата.
Соработката со другите чинители е важна. Во партнерство со Министерството за економија течат проверките на апликациите на наградите „Предводниици на одржливиот развој“ со коишто го покачуваме националниот стандард за што се тоа влијателни практики за одржливост и ги препознаваме. Соработуваме со Европската Унија на вклучување на компаниите во процесите на пристапни преговори, како и на прашањата за животна средина за што подготвуваме и кампања преку проектот „Еко дијалог кон ЕУ“. Наша специјалност е поврзувањето со граѓанските организации кои за одговорните бизниси треба да се клучен посакуван партнер за соработка, бидејќи работат на развојни прашања дирекно во заедниците и со граѓаните.




















