Утре е последна шанса за договор, оти од вторник на полноќ започнува да важи одлуката за распуштање на Собранието, 60 дена пред првично договорениот датум за избори на 24 април, преку Твитер соопшти евроамбасадорот Аиво Орав.
„Амбасадорите на земјите членки на ЕУ разговараа за ситуацијата. Партиите треба да најдат решение; утре, е последна шанса со европратениците Вајгл, Ховит и Кукан“.
Преку неговиот твит станува јасно дека утре во земјава доаѓа бриселската тројка Ричард Ховит, Иво Вајгл и Едвард Кукан со цел да помогнат да се елиминираат партиските разлики и да се најде решение за моменталната политичка ситуација во земјава.
Само за потсетување ЕУ и САД вчера дадоа заедничка оценка дека не постојат услови за одржување избори на 24 април.
Од ВМРО-ДПМНЕ, денес реагираа дека САД и ЕУ немаат аргументи за тоа и тврдат дека условите се исполнети за изборите да се одржат според датумот одреден во Договорот од Пржино.
Од СДСМ, пак, по оваа изјава на ВМРО-ДПМНЕ, рекоа дека било какво инсистирање за избори на 24 април само заради спас на власта ќе ја втурне Македонија во уште подлабока, драматична криза со несогледливи последици.